Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Управувај ги своите чекори според побожните начела

Управувај ги своите чекори според побожните начела

Управувај ги своите чекори според побожните начела

‚[Јехова] те учи за твое добро‘ (ИСАИЈА 48:17).

1. На кој начин Творецот ги води луѓето?

 ДОДЕКА се трудат да ги откријат тајните на универзумот, научниците се зачудени од огромната енергија што е складирана во вселената околу нас. Нашето Сонце — ѕвезда со средна големина — создава енергија еднаква на енергијата на „100 милијарди хидрогенски бомби што експлодираат секоја секунда“. Творецот може да ги контролира и управува тие огромни небесни тела со својата неограничена моќ (Јов 38:32; Исаија 40:26). А како е со нас луѓето, надарени со слободна волја, морална способност, разум и потенцијал за духовност? На кој начин нашиот Создател смета дека е погодно да нѐ води? Тој со љубов нѐ води преку своите совршени закони и возвишени начела, во поврзаност со нашата добро школувана совест (2. Самоил 22:31; Римјаните 2:14, 15).

2, 3. На каква послушност се радува Бог?

2 Бог им се радува на интелигентните суштества што избираат да му бидат послушни (Пословици 27:11). Наместо да нѐ програмира слепо да се подложуваме како безумни роботи, Јехова нѐ надарил со слободна волја за да можеме да донесуваме информирани одлуки да го правиме она што е исправно (Евреите 5:14).

3 Исус, кој совршено го одразувал својот Татко, на своите ученици им рекол: „Вие сте мои пријатели ако го вршите она што ви го заповедам. Не ве нарекувам веќе робови“ (Јован 15:14, 15). Во древни времиња, робот немал друг избор освен да им биде послушен на наредбите на својот господар. Од друга страна, едно пријателство се гради со покажување особини што апелираат на срцето. Ние можеме да станеме Јеховини пријатели (Јаков 2:23). Ова пријателство се зајакнува со заемна љубов. Исус ја поврзал послушноста кон Бог со љубовта кога рекол: „Ако некој ме љуби, ќе ја држи мојата реч, и мојот Татко ќе го љуби“ (Јован 14:23). За таа цел — и за безбедно да нѐ води — Јехова нѐ повикува да живееме според неговите начела.

Побожни начела

4. Како би ги опишал начелата?

4 Што се начела? Начело се дефинира како „општа или фундаментална вистина: сеопфатен и фундаментален закон, доктрина или претпоставка на која се темелат или од која се изведени другите“ (Webster’s Third New International Dictionary). Внимателното проучување на Библијата открива дека нашиот небесен Татко дава фундаментални упатства кои опфаќаат најразлични ситуации и аспекти од животот. Тоа го прави имајќи ја на ум нашата вечна корист. Ова е во склад со она што го напишал мудриот цар Соломон: „Послушај, сине мој, прими ги моите зборови и ќе се умножат годините на твојот живот. Те поучив на патот на мудроста, те вратив на правите патеки“ (Пословици 4:10, 11). Клучните начела што ги дал Јехова влијаат врз нашиот однос со него и со другите луѓе, врз нашето обожавање и врз секојдневниот живот (Псалм 1:1). Да разгледаме некои од тие фундаментални начела.

5. Наведи примери за некои фундаментални начела.

5 Во врска со нашиот однос со Јехова, Исус рекол: „Љуби го Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум“ (Матеј 22:37). Освен тоа, Бог обезбедува начела што се однесуваат на нашите постапки со другите луѓе, како што е Златното правило: „Сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“ (Матеј 7:12; Галатите 6:10; Тит 3:2). Во врска со обожавањето сме опоменати: „Да обрнуваме внимание едни на други за да се поттикнуваме кон љубов и кон извонредни дела, не оставајќи го нашето заедничко собирање“ (Евреите 10:24, 25). Во врска со секојдневните аспекти од нашиот живот, апостол Павле вели: „Јадете ли, пиете ли или правите што и да е друго, сѐ правете за Божја слава“ (1. Коринќаните 10:31). Во Божјата реч постојат безброј други начела.

6. На кој начин начелата се разликуваат од законите?

6 Начелата се живи, суштествени вистини, и мудрите христијани учат да ги сакаат. Јехова го инспирирал Соломон да напише: „Внимавај на моите зборови, наведни го своето уво кон моите беседи; не ги губи никогаш од пред очите, пази ги среде своето срце; зашто се живот за оние кои ги наоѓаат и исцелување на сето нивно тело“ (Пословици 4:20—22). Како начелата се разликуваат од законите? Начелата се темелот на законите. Правилата, кои имаат тенденција да бидат конкретни, можат да важат за одредено време или за одредена ситуација, но начелата се временски неограничени (Псалм 119:111). Божествените начела не застаруваат и не исчезнуваат. Се покажуваат вистинити инспирираните зборови на пророкот Исаија: „Тревата се суши, цветот овенува, но Словото на нашиот Бог останува довека“ (Исаија 40:8).

Размислувај и постапувај врз основа на начелата

7. На кој начин Божјата реч нѐ охрабрува да размислуваме и да постапуваме врз основа на начелата?

7 Секогаш одново „Словото на нашиот Бог“ нѐ охрабрува да размислуваме и да постапуваме врз основа на начелата. Кога бил замолен да го резимира Законот, Исус дал две концизни изјави — едната ја нагласувала љубовта кон Јехова, а другата ја потенцирала љубовта кон ближниот (Матеј 22:37—40). Притоа, Исус делумно цитирал од едно претходно кратко резиме на основните принципи на Мојсеевиот закон, наведено во Второзаконие 6:4, 5: „Господ [Јехова, NW] е наш Бог, Господ е Еден! Затоа љуби Го Господа, својот Бог, со сето свое срце, со сета своја душа и со сета своја сила“. Изгледа Исус го имал на ум и Божјето упатство што се наоѓа во Левит 19:18. Со јасна, концизна и силна завршница на книгата Проповедник, зборовите на цар Соломон сумираат мноштво божествени закони: „Да го чуеме завршниот збор за сѐ: ‚Бој се од Бога, исполнувај ги Неговите заповеди, зашто во тоа е сѐ за човекот‘. Зашто сите скриени дела, било добри или зли, Бог ќе ги изведе на суд“ (Проповедник 12:13, 14; Михеј 6:8).

8. Зошто е заштита да се има јасно сфаќање на основните библиски начела?

8 Јасното сфаќање на тие основни начела може да ни помогне да разбереме и да примениме поконкретни упатства. Освен тоа, ако не ги разбираме темелно и не ги прифаќаме основните начела, може да не бидеме во состојба да донесуваме мудри одлуки и нашата вера може лесно да биде разнишана (Ефешаните 4:14). Ако таквите начела ги имаме утврдено во умот и срцето, ќе бидеме спремни да ги користиме при донесувањето одлуки. Кога ги применуваме со разбирање, тие донесуваат успех (Исус Навин 1:8; Пословици 4:1—9).

9. Зошто не е секогаш лесно да се проникнат и да се применат библиските начела?

9 Не е толку лесно да се проникнат и да се применат библиските начела колку што е лесно да се следи некоја збирка закони. Како несовршени луѓе можеби го избегнуваме напорот што е потребен да се резонира на темел на начела. Кога се соочуваме со некоја одлука или дилема, можеби повеќе сакаме да имаме некое конкретно правило. Понекогаш ќе побараме упатство од некој зрел христијанин — можеби од собраниски старешина — очекувајќи да добиеме конкретно правило што важи за нашата ситуација. Сепак, во Библијата или во публикациите темелени на неа можеби нема некое конкретно правило, па дури и ако има, можеби тоа не важи за секое време и под секакви околности. Можеби се сеќаваш дека некој човек го прашал Исус: „Учителе, кажи му на брат ми да го подели наследството со мене“. Наместо брзо да каже некое правило за да ги реши расправиите меѓу браќата, Исус му дал едно поопшто начело: „Држете ги очите отворени и чувајте се од секаков вид лакомост“. На тој начин Исус дал упатство кое било корисно тогаш, а корисно е и денес (Лука 12:13—15).

10. На кој начин нашето однесување во согласност со начелата ги открива мотивите на нашето срце?

10 Веројатно си видел луѓе што се склони да бидат послушни на закони нерадо, поради страв од казна. Почитувањето на начелата го исклучува таквиот став. Самата природа на начелата ги поттикнува оние што се управуваат според нив да се одѕвијат од срце. Всушност, повеќето начела не вклучуваат брза казна за оние што не им се повинуваат. Ова ни дава прилика да откриеме зошто сме му послушни на Јехова, каква е мотивацијата на нашето срце. Пример за тоа наоѓаме кај Јосиф во неговото одбивање на неморалните додворувања на Петефриевата жена. Иако Јехова сѐ уште немал дадено пишан закон против прељубата и сѐ уште не била пропишана божествена казна за односи со жената на друг маж, Јосиф бил свесен за начелата за брачна верност одредена од Бог (Битие 2:24; 12:18—20). Од неговата реакција можеме да видиме дека тие начела силно влијаеле врз него: „Како би можел да направам толку големо зло и да згрешам против Бога!“ (Битие 39:9).

11. На кои подрачја сакаат христијаните да бидат водени од Јеховините начела?

11 Денес, кога станува збор за лични работи како што се избор на другари, забава, музика и материјал за читање христијаните сакаат да бидат водени од Јеховините начела (1. Коринќаните 15:33; Филипјаните 4:8). Додека растеме во спознанието, разбирањето и ценењето на Јехова и на неговите мерила, нашата совест, нашето морално чувство, ќе ни помогне да ги применуваме божествените начела под секакви околности со кои ќе се соочиме, па дури и во многу лични работи. Водени од библиските начела, ние нема да бараме „дупки“ во Божјите закони ниту, пак, ќе ги имитираме оние што се обидуваат да видат до каде можат да отидат без да прекршат извесен закон. Увидуваме дека таквото размислување е контрапродуктивно и штетно (Јаков 1:22—25).

12. Кој е клучот за да се биде воден од побожните начела?

12 Зрелите христијани сфаќаат дека клучот за следење на побожните начела е желбата да знаат какви се Јеховините чувства за извесна работа. „Вие, кои Го сакате Господа“, поттикнува псалмистот, „мразете го злото!“ (Псалм 97:10). Набројувајќи некои работи што Бог ги класифицирал како зли, Пословици 6:16—19 вели: „Шест нешта мрази Господ, а седум се гнасни на Неговата душа: Горделиви очи, лажлив јазик, раце што пролеваат невина крв, срце што замислува грешни мисли, нозе што итаат на зло, лажен сведок, кој шири лага, и човек кој сее раздори меѓу браќата“. Кога во животот сме водени од желбата да ги одразуваме чувствата на Јехова за таквите основни работи, тогаш живеењето во согласност со начелата ќе ни стане постојана пракса (Еремија 22:16).

Потребен е добар мотив

13. Какво размислување нагласил Исус во својата Проповед на гората?

13 Познавањето и применувањето на начелата ќе нѐ заштити и од замката на празното формално обожавање. Постои разлика меѓу следењето на начела и легалистичката послушност на правила. Исус јасно го покажал тоа во Проповедта на гората (Матеј 5:17—48). Сети се дека Исусовите слушатели биле Евреи, па затоа нивното однесување требало да биде управувано од Мојсеевиот закон. Но, всушност, тие имале искривено гледиште за Законот. Почнале повеќе да го нагласуваат словото на Законот отколку неговиот дух. Ги нагласувале и своите традиции, кои ги ставале пред Божјето учење (Матеј 12:9—12; 15:1—9). Како последица од тоа луѓето, општо земено, не биле поучени да размислуваат на темел на начелата.

14. Како им помогнал Исус на своите слушатели да размислуваат врз основа на начелата?

14 За разлика од тоа, во Проповедта на гората Исус вклучил начела за пет подрачја на моралот: гнев, брак и развод, ветувања, одмазда, и љубов и омраза. На секое од нив Исус покажал каква е користа ако се следи начело. На тој начин тој го издигнал моралното мерило за своите следбеници. На пример, во врска со прељубата, тој ни дал начело кое не ги води само нашите постапки туку и нашите мисли и желби: „Секој кој постојано гледа на жена на таков начин што чувствува страст кон неа, веќе извршил прељуба со неа во своето срце“ (Матеј 5:28).

15. Како можеме да ја избегнеме секоја склоност да бидеме легалисти?

15 Овој пример илустрира дека никогаш не треба да ги изгубиме од вид целта и духот на Јеховините начела. Секако, не треба да се обидуваме да ја стекнеме Божјата наклоност преку морален формализам. Исус ја разоткрил заблудата на таквиот став така што ја истакнал Божјата милост и љубов (Матеј 12:7; Лука 6:1—11). Следејќи ги библиските начела, ќе избегнеме да се обидуваме да живееме (или да бараме од другите да живеат) според некоја опширна и строга листа на „смееш и не смееш“ кои се надвор од учењата на Библијата. Повеќе ќе се грижиме за начелата на љубов и послушност кон Бог отколку за надворешниот изглед на обожавањето (Лука 11:42).

Среќни резултати

16. Наведи примери за начелата што стојат зад некои библиски директиви.

16 Додека настојуваме да му бидеме послушни на Јехова, важно е да увидиме дека неговите закони се темелат на клучни начела. На пример, христијаните треба да избегнуваат идолопоклонство, сексуален неморал и злоупотреба на крв (Дела 15:28, 29). Што стои зад христијанскиот став кон тие спорни прашања? Бог ја заслужува нашата исклучителна оддаденост; треба да му бидеме верни на брачниот другар; и Јехова е Животодавец (Битие 2:24; Излез 20:5; Псалм 36:9). Разбирањето на овие основни начела олеснува да се прифатат и да се следат законите што се поврзани со нив.

17. Кои добри резултати можат да произлезат од сфаќањето и применувањето на библиските начела?

17 Како што проникнуваме во основните начела и ги применуваме, увидуваме дека тие се за наше добро. Духовните благослови што ги ужива Божјиот народ се честопати придружени со опипливи користи. На пример, оние што се воздржуваат од пушење, што живеат морален живот и имаат почит кон светоста на крвта избегнуваат да паднат како жртви на некои болести. На сличен начин, живеењето во согласност со божествената вистина може да ни користи во економски, социјален или во семеен поглед. Сите тие опипливи користи ја потврдуваат вредноста на Јеховините мерила, дека тие се навистина практични. Но, добивањето такви практични користи само по себе не е главната причина за применувањето на Божјите начела. Вистинските христијани му се послушни на Јехова затоа што го љубат, затоа што тој го заслужува нивното обожавање и затоа што тоа е исправно (Откровение 4:11).

18. Ако сакаме да бидеме успешни христијани, од што треба да биде воден нашиот живот?

18 Ако дозволиме нашиот живот да биде воден од библиските начела, тоа води до повозвишен начин на живот, кој сам по себе може да ги привлече другите кон Божјиот пат. Што е најважно, нашиот начин на живот му донесува чест на Јехова. Увидуваме дека Јехова е навистина љубезен Бог кој ни го посакува најдоброто. Кога донесуваме одлуки во согласност со библиските начела и гледаме како Јехова нѐ благословува, се чувствуваме уште поблиски со него. Да, и понатаму развиваме љубезен однос со нашиот небесен Татко.

Се сеќаваш ли?

• Што е начело?

• Како начелата се разликуваат од законите?

• Зошто е корисно да размислуваме и да постапуваме врз основа на начелата?

[Прашања]

[Рамка на страница 20]

Вилсон, христијанин од Гана, бил известен дека за неколку дена ќе биде отпуштен од работа. Последниот работен ден му било дадено да го измие приватниот автомобил на генералниот директор на фирмата. Кога Вилсон нашол одредена сума пари во автомобилот, еден негов претпоставен му рекол дека Бог му ги испратил парите бидејќи тој ден Вилсон требало да си замине. Меѓутоа, применувајќи ги библиските начела за чесност, Вилсон му ги вратил парите на директорот. Изненаден и импресиониран, директорот не само што му понудил на Вилсон постојано вработување туку и го унапредил да биде повисок член на персоналот на фирмата (Ефешаните 4:28).

[Рамка на страница 21]

Рукија е Албанка во своите 60-ти години. Поради семејна неслога, таа повеќе од 17 години не разговарала со својот брат. Почнала да ја проучува Библијата со Јеховините сведоци и научила дека вистинските христијани мораат да бидат во мир со другите, без да држат огорченост. Цела ноќ се молела, и додека срцето силно ѝ чукало, отишла во куќата на својот брат. Отворила внука ѝ. Изненадена, таа ја прашала Рукија: „Кој умрел? Што бараш овде?“ Рукија замолила да го види својот брат. Смирено објаснила дека она што го научила за библиските начела и за Јехова ја мотивирало да се смири со својот брат. По многу солзи и прегратки, тие го прославиле ова посебно повторно обединување! (Римјаните 12:17, 18).

[Слика на страница 23]

Матеј 5:27, 28

[Слика на страница 23]

Матеј 5:3

[Слика на страница 23]

Матеј 5:24

[Слика на страница 23]

„Кога ги виде мноштвата, се качи на планината; и, откако седна, му пристапија неговите ученици; а тој ја отвори устата и почна да ги поучува“ (МАТЕЈ 5:1, 2).