Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Да извлечеме корист од Јеховината оддадена љубезност

Да извлечеме корист од Јеховината оддадена љубезност

Да извлечеме корист од Јеховината оддадена љубезност

„Кој е мудар? Тој ќе . . . внимава на Јеховините дела на оддадена љубезност“ (ПСАЛМ 107:43NW).

1. Кога во Библијата бил првпат употребен изразот „оддадена љубезност“, и кои прашања во врска со таа особина ќе ги разгледаме?

 ПРЕД околу 4.000 години, Авраамовиот внук Лот му рекол на Јехова: „Веќе ми искажа толкава милост [оддадена љубезност, NW]“ (Битие 19:19). Овде за првпат во Библијата се појавува изразот „оддадена љубезност“. Јаков, Ноемина, Давид и други Божји слуги исто така зборувале за оваа Јеховина особина (Битие 32:10; Рута 1:8; 2. Самоил 2:6) a. Всушност, овој хебрејски израз се појавува околу 250 пати во оригиналниот текст на Хебрејските списи. Но, што е Јеховината оддадена љубезност? Кон кого била покажана во минатото? И како извлекуваме корист од неа денес?

2. Зошто е толку тешко да се дефинира хебрејскиот збор преведен со „оддадена љубезност“, и како може да се преведе?

2 Во Писмото, „оддадена љубезност“ е превод на еден хебрејски термин со толку богато значење што повеќето јазици немаат само еден збор што точно ја пренесува неговата целосна смисла. Така, преводите како што се „љубов“, „милост“ и „верност“ не ја опфаќаат целосната ширина на неговото значење. Меѓутоа, преводот „оддадена љубезност е посеопфатен и покрива голем дел од значењето на зборот“ забележува еден речник (Theological Wordbook of the Old Testament). Но, New World Translation of the Holy Scriptures—With References (Превод Нов свет на Светото писмо — со референции) соодветно го дава „лојална љубов“ како алтернативен превод на хебрејскиот збор преведен со „оддадена љубезност“ (Излез 15:13; Псалм 5:7).

Се разликува од љубов и од лојалност

3. На кој начин оддадената љубезност се разликува од љубовта?

3 Оддадената љубезност, или лојална љубов, е тесно поврзана со особините љубов и лојалност. Сепак, таа се разликува од нив на некои важни начини. Разгледај како се разликуваат оддадената љубезност и љубовта. Љубовта може да се однесува на работи и на поими. Библијата зборува за ‚сакање на вино и мирисливо масло‘ и за ‚љубење на мудроста‘ (Пословици 21:17; 29:3). Но, оддадената љубезност е поврзана со луѓе, а не со поими или со неживи работи. На пример, кога во Излез 20:6 (NW) се вели дека Јехова ‚покажува оддадена љубезност кон илјадитата генерација‘, се работи за луѓе.

4. На кој начин оддадената љубезност се разликува од лојалноста?

4 Хебрејскиот збор преведен со „оддадена љубезност“ има пошироко значење и од зборот „лојалност“. На некои јазици, „лојалност“ често се користи за ставот што некој подреден треба да го покажува кон некој претпоставен. Но, како што забележува еден истражувач, од библиска гледна точка оддадената љубезност „почесто укажува токму на спротивната насока во тој однос: моќниот е лојален кон слабиот, или кон оној што е во оскудица или кон оној што е зависен од него“. Затоа цар Давид можел да го моли Јехова: „Нека светне Твоето лице на Твојот слуга, спаси ме со Твојата милост [оддадена љубезност, NW]“ (Псалм 31:16). Јехова, моќниот, е замолен да покаже оддадена љубезност кон оној што имал потреба, Давид. Со оглед на тоа што оној кој е во оскудица не поседува никаков авторитет над моќниот, оддадената љубезност во таков случај е покажана доброволно, не под присила.

5. а) Кои карактеристики на Божјата оддадена љубезност се истакнати во неговата Реч? б) Кои изрази на Јеховината оддадена љубезност ќе ги разгледаме?

5 „Кој е мудар?“ — прашал псалмистот. „Тој ќе внимава на Јеховините дела на оддадена љубезност“ (Псалм 107:43). Јеховината оддадена љубезност може да избави и да сочува (Псалм 6:4; 119:88, 159). Таа е заштита и фактор што донесува олеснување од неволјите (Псалм 31:16, 21; 40:11; 143:12). Поради оваа особина возможно е закрепнување од гревот (Псалм 25:7). Ако разгледаме извесни библиски раскази и ако обрнеме внимание и на други библиски стихови, ќе видиме дека Јеховината оддадена љубезност 1) е изразена со конкретни постапки и 2) ја доживуваат неговите верни слуги.

Избавување — израз на оддадена љубезност

6, 7. а) На кој начин Јехова ја искажал својата оддадена љубезност во случајот со Лот? б) Кога ја спомнал Лот Јеховината оддадена љубезност?

6 Можеби најдобриот начин да ја одредиме опсежноста на Јеховината оддадена љубезност е да испитаме некои библиски извештаи во кои станува збор за оваа особина. Од Битие 14:1—16 дознаваме дека Лот, внукот на Авраам, бил грабнат од непријателски сили. Но, Авраам го спасил Лот. Животот на Лот повторно се нашол во опасност кога Јехова одлучил да го уништи злобниот град Содом, каде што Лот живеел со своето семејство (Битие 18:20—22; 19:12, 13).

7 Токму пред уништувањето на Содом, Јеховините ангели ги спровеле Лот и неговото семејство надвор од градот. Во таа прилика, Лот рекол: „Твојот слуга најде милост во твоите очи — а веќе ми искажа толкава милост [оддадена љубезност, NW], спасувајќи ми го животот“ (Битие 19:16, 19). Со овие зборови Лот признал дека Јехова покажал исклучителна оддадена љубезност со тоа што го спасил. Во овој случај, Божјата оддадена љубезност била изразена преку избавување и сочувување (2. Петрово 2:7).

Јеховината оддадена љубезност и неговото водство

8, 9. а) Каков налог добил Авраамовиот слуга? б) Зошто слугата се молел за Божја оддадена љубезност, и што се случило додека се молел?

8 Во Битие 24. поглавје читаме за еден друг израз на божествената оддадена љубезност. Извештајот вели дека Авраам му дал налог на еден свој слуга да отпатува во земјата каде што биле роднините на Авраам за да најде сопруга за син му Исак (стихови 2—4). Мисијата била тешка, но на слугата му било дадено уверување дека Јеховиниот ангел ќе го води (стих 7). На крајот, слугата дошол до еден бунар надвор од „Нахоровиот град“ (Харан или некое место во близина) токму кога жените доаѓале да налеат вода (стихови 10, 11). Кога видел како жените се приближуваат, тој знаел дека дошол пресудниот момент во неговата мисија. Но, како можел воопшто да ја препознае вистинската жена?

9 Свесен дека му е потребна божествена помош, Авраамовиот слуга се помолил: „О, Господи, Боже на мојот господар Авраам, Те молам, излези ми денес во пресрет и искажи му милост [оддадена љубезност, NW] на мојот господар Авраам!“ (стих 12). Како ќе ја изрази Јехова својата оддадена љубезност? Слугата замолил за некој конкретен знак по кој ќе можел да ја препознае младата жена што Бог ја избрал (стихови 13, 14). Една жена постапила токму како што тој побарал од Јехова. Дури изгледало како таа да ја начула неговата молитва! (стихови 15—20). Зачуден, слугата ‚ја гледал со восхит‘ (ПСП). Сепак, требало да се одредат и некои битни факти. Дали оваа убава жена била од Авраамовите роднини? И дали сѐ уште била немажена? Затоа, слугата ‚молчел, не би ли сознал дали Господ го привел успешно кон крај неговиот пат или не‘ (стихови 16, 21).

10. Зошто слугата на Авраам заклучил дека Јехова изразил оддадена љубезност кон неговиот господар?

10 Кратко потоа, младата жена се претставила како „ќерка на Ватуил, кого Мелха му го родила на [Авраамовиот брат] Нахор“ (Битие 11:26; 24:24). Во тој момент слугата сфатил дека Јехова одговорил на неговата молитва. Пресреќен, тој се поклонил и рекол: „Благословен да биде Господ, Бог на мојот господар Авраам, што не го лиши мојот Господар од Својата љубов [оддадена љубезност, NW] и од Својата верност. Господ ме водеше мене по прав пат, во куќата на братот на мојот господар“ (стих 27). Со тоа што дал водство, Бог покажал оддадена љубезност кон Авраам, господарот на тој слуга.

Божјата оддадена љубезност донесува олеснување и заштита

11, 12. а) Во кои испити Јосиф ја вкусил Јеховината оддадена љубезност? б) На кој начин била изразена Божјата оддадена љубезност во случајот со Јосиф?

11 Како следно, да го разгледаме Битие 39. поглавје. Тоа се сосредоточува на Авраамовиот правнук Јосиф, кој бил продаден во ропство во Египет. Сепак, ‚Господ бил со Јосиф‘ (стих 1, 2). Всушност, дури и Петефриј, египетскиот господар на Јосиф, заклучил дека Јехова бил со Јосиф (стих 3). Меѓутоа, Јосиф се соочил со еден многу сериозен испит. Бил лажно обвинет за сексуален напад врз Петефриевата жена и бил затворен (стихови 7—20). ‚Во затворот‘, му ги ‚стегнале во вериги нозете; железо ја измачувало душата негова‘ (Битие 40:15; Псалм 104:18, обата ПСП).

12 Што се случило во текот на тоа особено тешко искуство? „Господ беше со него, му покажа благодат [оддадена љубезност, NW] на Јосифа“ (стих 21а). Еден посебен чин на оддадена љубезност покренал низа настани, кои подоцна воделе до тоа на Јосиф да му бидат олеснети неволјите што ги доживувал. Јехова му дал на Јосиф да „најде милост во очите на управителот на темницата“ (стих 21б). Поради тоа, службеникот му дал на Јосиф одговорна положба (стих 22). Потоа, Јосиф го запознал човекот кој на крајот го спомнал пред фараонот, владетелот на Египет (Битие 40:1—4, 9—15; 41:9—14). Царот пак, од своја страна, го возвишил Јосиф на положба на втор владетел во Египет, што довело до тоа тој да извршува едно животоспасувачко дело во земјата Египет која била погодена од глад (Битие 41:37—55). Страдањето на Јосиф започнало кога имал 17 години и траело повеќе од дванаесет години! (Битие 37:2, 4; 41:46). Но, низ сите тие години на неволји и маки, Јехова Бог ја покажувал својата оддадена љубезност кон Јосиф така што го штител од потполни несреќи и го сочувал за една привилегирана улога во божествената намера.

Божјата оддадена љубезност никогаш не затајува

13. а) Кои изрази на Јеховината оддадена љубезност се наоѓаат во Псалм 136? б) Каква е природата на оддадената љубезност?

13 Јехова секогаш одново ја изразувал својата оддадена љубезност кон Израелците како народ. Псалм 136 (NW) раскажува дека во својата оддадена љубезност, тој им дал избавување (стихови 10—15), водство (стих 16) и заштита (стихови 17—20). Исто така, Бог ја покажал својата оддадена љубезност кон поединци. Човек што покажува оддадена љубезност кон другите го прави тоа со доброволни дела за да задоволи некоја многу важна потреба. Во врска со оддадената љубезност, еден библиски прирачник вели: „Тоа е чин што го сочувува или го подобрува животот. Тоа е интервенција во корист на некој што доживува несреќа или неволја“. Еден изучувач ја опишува како „љубов претворена во дело“.

14, 15. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Лот бил одобрен Божји слуга?

14 Извештаите од Битие што ги разгледавме ни покажуваат дека Јехова никогаш не затајува во покажувањето оддадена љубезност кон оние што го љубат. Лот, Авраам и Јосиф живееле под различни околности и се соочиле со поинакви испити. Тие биле несовршени луѓе, но биле одобрени Јеховини слуги и имале потреба од божествена помош. Можеме да се утешиме од фактот дека нашиот љубезен небесен Татко покажува оддадена љубезност кон таквите поединци.

15 Лот донел некои немудри одлуки што воделе до тешкотии (Битие 13:12, 13; 14:11, 12). Сепак, тој покажал и пофални особини. Кога двајца Божји ангели стигнале во Содом, Лот им укажал гостољубивост (Битие 19:1—3). Тој со вера ги предупредил своите зетови на претстојното уништување на Содом (Битие 19:14). Божјето гледиште кон Лот се наоѓа во 2. Петрово 2:7—9, каде што читаме: „[Јехова] го избави праведниот Лот, кого тешко го измачуваше распуштеноста на која ѝ се препуштаа луѓето кои му пркосеа на законот — оти тој праведник, поради она што го гледаше и слушаше додека живееше меѓу нив, од ден на ден ја мачеше својата праведна душа поради нивните беззаконски дела — знае Јехова како да ги избави од искушение луѓето со побожна оддаденост“. Да, Лот бил праведен човек, а начинот на изразување овде подразбира дека тој бил човек со побожна оддаденост. Како него, ние ја уживаме Божјата оддадена љубезност додека сме зафатени во „делата на свето однесување и на побожна оддаденост“ (2. Петрово 3:11, 12).

16. Со какви поволни термини зборува Библијата за Авраам и за Јосиф?

16 Извештајот во Битие 24. поглавје не остава никакво сомнение што се однесува до односот што го имал Авраам со Јехова. Првиот стих вели дека ‚Господ го благословил Авраама во сѐ‘. Авраамовиот слуга го нарекол Јехова „Бог на мојот господар Авраам“ (стихови 12, 27). А ученикот Јаков вели дека Авраам бил „прогласен за праведен“ и бил „наречен ‚пријател на Јехова‘“ (Јаков 2:21—23). Истото е случај и со Јосиф. Блискиот однос меѓу Јехова и Јосиф е нагласуван низ целото 39. поглавје од Битие (стихови 2, 3, 21, 23). Освен тоа, во врска со Јосиф, ученикот Стефан рекол: „Бог беше со него“ (Дела 7:9).

17. Што можеме да научиме од примерите на Лот, Авраам и Јосиф?

17 Оние што ја примиле божествената оддадена љубезност, а кои штотуку ги разгледавме, биле поединци што имале добар однос со Јехова Бог и на извесни начини послужиле во божествената намера. Тие се соочувале со препреки кои не можеле самите да ги совладаат. На коцка било сочувувањето на животот на Лот, продолжувањето на семејната лоза на Авраам и засигурувањето на улогата на Јосиф. Само Јехова можел да ги задоволи потребите на овие побожни мажи, а тоа и го сторил интервенирајќи со дела на оддадена љубезност. За да ја уживаме оддадената љубезност на Јехова Бог засекогаш, и ние мораме да имаме близок личен однос со него, и мораме да продолжиме да ја вршиме неговата волја (Езра 7:28; Псалм 18:50).

Божјите слуги се повластени

18. Што покажуваат различни библиски стихови во врска со Јеховината оддадена љубезност?

18 „Земјата е полна“ со Јеховината оддадена љубезност, и колку само ја цениме таа особина на Бог! (Псалм 119:64). Ние со цело срце се оѕвиваме на рефренот на псалмистот: „Нека Го слават Господа за Неговата милост [оддадена љубезност, NW], за Неговите чудеса кон човечките синови“ (Псалм 107:8, 15, 21, 31). Се радуваме што Јехова ја покажува својата оддадена љубезност кон своите одобрени слуги — било како поединци било како група. Во молитва, пророкот Даниел му се обратил на Јехова како на ‚велик и страшен Бог, Кој им го пази Сојузот и наклонетоста [оддадената љубезност, NW] на оние кои го љубат него и кои ги пазат Неговите заповеди‘ (Даниел 9:4). Цар Давид се молел: „Закрили ги со Својата милост [оддадена љубезност, NW] сите, кои Те почитуваат“ (Псалм 36:10). Колку сме само благодарни што Јехова изразува оддадена љубезност кон своите слуги! (1. Цареви 8:23; 1. Летописи 17:13).

19. Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?

19 Навистина, ние како Јеховин народ сме повластени! Освен што извлекуваме корист од љубовта што Бог ја покажува кон човештвото во целина, уживаме посебни благослови што произлегуваат од оддадената љубезност на нашиот небесен Татко (Јован 3:16). Особено во време на потреба извлекуваме корист од оваа скапоцена особина на Јехова (Псалм 36:7). Но, како можеме да ја имитираме оддадената љубезност на Јехова Бог? Дали поединечно ја покажуваме оваа извонредна особина? Овие и сродни прашања ќе бидат разгледани во следната статија.

[Фуснота]

a Со оглед на тоа што во преводот на Хебрејските списи што го користиме, на местото за „оддадена љубезност“ стојат други зборови, сите стихови од Хебрејските списи што не се цитирани, а се наведени во загради во оваа и во следната статија се земени од Превод Нов свет.

Се сеќаваш ли?

• Што научивме во врска со хебрејскиот збор преведен со „оддадена љубезност“?

• На кој начин оддадената љубезност се разликува од љубовта и од лојалноста?

• На кои начини покажал Јехова оддадена љубезност кон Лот, Авраам и Јосиф?

• Каква гаранција ни даваат Јеховините изрази на оддадена љубезност во минатото?

[Прашања]

[Слика на страница 13]

Знаеш ли како Бог покажал оддадена љубезност кон Лот?

[Слики на страница 15]

Во својата оддадена љубезност, Јехова го водел слугата на Авраам

[Слики на страница 16]

Јехова изразил оддадена љубезност со тоа што го заштитил Јосиф