Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој е Бог?

Кој е Бог?

Кој е Бог?

„БОГ е името што обично му се дава на најголемиот извор и најголемата моќ на универзумот и на оној којшто е предмет на оддаденост“, вели The Encyclopedia Americana. Еден речник го дефинира изразот „Бог“ како врховна или крајна реалност. Каква е природата на една таква реалност што влева страхопочит?

Дали е Бог една безлична сила или, пак, е вистинска личност? Има ли име? Дали е тој троедно битие, тројство, како што веруваат многумина? Како можеме да го запознаеме Бог? Библијата дава вистинити и задоволувачки одговори на овие прашања. Всушност, таа нѐ охрабрува да го бараме Бог, велејќи: „Тој не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:27).

Безлична сила или вистинска личност?

Мнозина што веруваат во Бог, гледаат на него како на сила, а не како на личност. Во одредени култури, на пример, боговите се поистоветуваат со природните сили. Некои што ги испитале доказите од научните истражувања за структурата на универзумот и природата на животот на Земјата, заклучиле дека мора да постои Прв Причинител. Меѓутоа, се двоумат овој Причинител да го дефинираат како личност.

Сепак, зарем сложеноста на творештвото не укажува дека Првиот Причинител мора да имал огромна интелигенција? Интелигенцијата бара ум. Големиот ум одговорен за сето творештво му припаѓа на Бог кој е личност. Да, Бог има тело, не физичко, како нашето, туку духовно. „Ако постои физичко тело“, вели Библијата, „постои и духовно“ (1. Коринќаните 15:44). Објаснувајќи ја природата на Бог, Библијата јасно изјавува: „Бог е Дух“ (Јован 4:24). Духот е форма на живот која многу се разликува од нашата и е невидлива за човечки очи (Јован 1:18). Постојат и невидливи духовни суштества. Тие се ангели — ‚Божји синови‘ (Јов 1:6; 2:1).

Бидејќи Бог е личност со духовно тело што не е создадена од никого, логично е дека има место каде што живее. Укажувајќи на духовното подрачје, Библијата ни кажува дека небото е Божјето место ‚каде што престојува‘ (1. Цареви 8:43). Исто така, библискиот писател Павле изјавува: „Христос влезе во самото небо, за да се појави пред Божјето лице за нас“ (Евреите 9:24).

Зборот „дух“ е употребен во Библијата и во друга смисла. Обраќајќи му се на Бог во молитва, псалмистот рекол: „Го испраќаш Својот Дух, се создаваат“ (Псалм 104:30). Овој дух не е самиот Бог туку сила што Бог ја испраќа или ја користи за да изврши сѐ што сака. Со неа Бог го создал физичкото небо, Земјата и сите живи суштества (Битие 1:2; Псалм 33:6). Неговиот дух е наречен свет дух. Бог го употребил својот свет дух за да ги инспирира мажите што ја напишале Библијата (2. Петрово 1:20, 21). Според тоа, светиот дух е невидливата активна сила што Бог ја користи за да ги исполни своите намери.

Бог има единствено име

Библискиот писател Агур прашал: „Кој го фати ветерот во своите грсти? Кој ги собра водите во својата наметка? Кој ги постави земските краишта? Како се вика и како му се вика синот?“ (Пословици 30:4). Всушност, Агур прашувал: ‚Го знаеш ли името или семејната лоза на некој човек што ги направил овие работи?‘ Само Бог ја има моќта да ги контролира природните сили. Иако творештвото дава моќен доказ дека постои Бог, тоа молчи во врска со името на Бог. Всушност, ние никогаш не би го знаеле Божјето име ако самиот Бог не ни го открил. Тој го сторил токму тоа. „А Господ е Бог Саваот“, вели Творецот, „Јехова е името Негово“ (Осија 12:5ПСП).

Божјето единствено име, Јехова, се појавува речиси 7.000 пати само во Хебрејските списи. Исус Христос го објавил тоа име на другите и го фалел пред нив (Јован 17:6, 26). Тоа име се наоѓа во последната книга од Библијата како дел од изразот „Алелуја“, што значи „фалете го Јах“. „Јах“, пак, е скратена форма од „Јехова“ (Откровение 19:1—6ДХК). Сепак, многу современи Библии ретко го користат ова име. Тие често ги употребуваат зборовите „ГОСПОД“ или „БОГ“, кои во некои јазици се напишани со големи букви за да се разликуваат од вообичаените титули „Господ“ и „Бог“. Некои изучувачи наведуваат дека божественото име можеби се изговара Јахве.

Зошто толку различни гледишта во врска со името на најголемата Личност во универзумот? Проблемот почнал пред повеќе векови, кога Евреите од суеверие престанале да го изговараат божественото име и почнале да го заменуваат со хебрејскиот збор за „Суверен Господ“ секогаш кога ќе наишле на божественото име додека го читале Писмото. Бидејќи библискиот хебрејски јазик се пишувал без самогласки, не може точно да се знае како Мојсеј, Давид и други луѓе од древни времиња ги изговарале буквите што го сочинуваат божественото име. Меѓутоа, македонскиот изговор, Јехова, е долго во употреба, а неговиот еквивалент во многу јазици е нашироко прифатен денес (Судии 6:24; Излез 17:15, двата ПСП).

Иако не се знае со сигурност како Божјето име се изговарало на древен хебрејски јазик, неговото значење не е целосна мистерија. Неговото име значи „Тој предизвикува да стане“. На тој начин Јехова Бог се идентификува себеси како Голем Наумител. Тој секогаш предизвикува неговите намери и ветувања да се обистинат. Само вистинскиот Бог, кој ја има моќта да го стори тоа, може со право да го носи тоа име (Исаија 55:11).

Неоспорно, името Јехова служи за да го разликува Семоќниот Бог од сите други богови. Затоа тоа име се појавува толку често во Библијата. Додека многу преводи пропуштаат да го користат божественото име, Излез 34:5 јасно вели: „Господ слезе во облак, а тој застана пред Него и Го повика Името: ‚Јахве—Господ‘“. Во текот на неговата служба Исус Христос ги поучувал своите ученици: „Туку, молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое‘“ (Матеј 6:9). Затоа, ние треба да го користиме Божјето име кога се молиме, кога зборуваме за него и кога го фалиме пред другите.

Дали Исус е Бог?

Самиот Јехова Бог не остава место за сомневање во врска со идентитетот на својот Син. Извештајот од евангелието на Матеј кажува дека откако Исус се крстил ‚глас од небесата рекол: „Ова е мојот Син, љубениот, кого го одобрив“‘ (Матеј 3:16, 17). Исус Христос е Божјиот Син.

Сепак, некои религиозни луѓе велат дека Исус е Бог. Други велат дека Бог е тројство. Според ова учење „Таткото е Бог, Синот е Бог и Светиот дух е Бог, а сепак нема три Бога туку еден Бог“. Се верува дека сите тројца се „еднакво вечни и еднакво рамноправни“ (The Catholic Encyclopedia). Дали ваквите гледишта се точни?

Во врска со Јехова инспирираното Писмо вели: „Од век до век, Боже, Ти си“ (Псалм 90:2). Тој е „Царот на вечноста“ — без почеток или крај (1. Тимотеј 1:17). Од друга страна, пак, Исус е „првороден од сето создание“, „почеток на Божјето создавање“ (Колошаните 1:13—15; Откровение 3:14). Укажувајќи на Бог како на негов Татко, Исус рекол: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28). Исус, исто така, објаснил дека имало работи што не ги знаел ниту тој ниту ангелите, туку само Бог (Марко 13:32). Освен тоа, Исус му се молел на својот Татко со зборовите: „Нека не биде мојата волја, туку твојата“ (Лука 22:42). На кого се молел ако не на Личност супериорна во однос на него? И, Бог бил тој што го воскреснал од смрт, не се воскреснал Исус самиот себеси (Дела 2:32).

Значи, според Библијата, Јехова е Семоќен Бог, а Исус е негов Син. Тие двајцата не биле еднакви пред Исус да дојде на Земјата, не биле еднакви ни за време на неговиот земски живот; ниту, пак, Исус станал еднаков на неговиот Татко откако бил воскреснат на небото (1. Коринќаните 11:3; 15:28). Како што видовме, таканаречената трета личност од тројството, светиот дух, не е личност. Напротив, тоа е сила што Бог ја користи за да изврши сѐ што ќе посака. Според тоа, тројството не е Библиско учење. a „Господ [Јехова, NW] е наш Бог, Господ [Јехова, NW] е Еден“, вели Библијата (Второзаконие 6:4).

Запознај го Бог подобро

За да го љубиме Бог и да му ја покажеме исклучителната оддаденост што тој ја заслужува, треба да го запознаеме таков како што навистина е. Како можеме подобро да го запознаеме Бог? „Зашто неговите невидливи својства, дури и неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму“, вели Библијата, „бидејќи се согледуваат по она што е направено“ (Римјаните 1:20). Еден начин за подобро да го запознаеме Бог е да набљудуваме и да размислуваме со ценење за она што го создал.

Меѓутоа, творештвото не ни кажува сѐ што треба да знаеме за Бог. На пример, за да разбереме дека тој е вистинска духовна Личност со единствено име, мораме да го испитаме тоа во Библијата. Проучувањето на Библијата е, всушност, најдобриот начин подобро да го запознаеме Бог. Во Светото писмо Јехова ни кажува многу повеќе за тоа каков Бог е тој. Исто така, тој ни ги открива своите намери и нѐ школува за своите патишта (Амос 3:7; 2. Тимотеј 3:16, 17). Колку само можеме да бидеме радосни што Бог сака да ‚дојдеме до точно спознание‘ за да извлечеме корист од неговите подготовки полни со љубов! (1. Тимотеј 2:4). Затоа, да го вложиме сиот потребен напор да научиме сѐ што можеме за Јехова.

[Фуснота]

a За подетално разгледување на оваа тема види ја брошурата Дали треба да се верува во тројство?, издадена од Јеховините сведоци.

[Слики на страница 5]

Бог го употребил својот свет дух за да ја создаде Земјата и за да ги инспирира луѓето да ја напишат Библијата

[Слика на страница 5]

Глас од небото рекол: „Ова е мојот Син“

[Слика на страница 7]

Исус се молел на Бог — Личност што е супериорна во однос на него

[Слика на страница 7]

Исус им го објавил Божјето име на другите

[Слики на страница 7]

Можеме подобро да го запознаеме Бог