Парадоксот на Тертулијан
Парадоксот на Тертулијан
‚ВО ШТО е сличноста меѓу христијанинот и филозофот? Меѓу оној што ја расипува вистината и оној што ја обновува и поучува за неа? Каква согласност постои меѓу академијата и црквата?‘ Овие смели прашања ги покренал Тертулијан, писател од вториот и третиот век н.е. Тој станал познат како „еден од најплодните извори на историјата на црквата и на доктрините за кои било поучувано во негово време“. Речиси ниеден аспект од религиозниот живот не го избегнал неговото внимание.
Тертулијан можеби бил најпознат по неговите парадоксални, или навидум противречни изјави, како што се следниве: „Бог е особено голем тогаш кога е мал“. „Збор да нема дека треба да се верува [во смртта на Божјиот Син], бидејќи тоа е апсурд.“ „[Исус] бил погребан, и повторно подигнат; тој факт е сигурен, бидејќи е невозможен.“
Парадоксот на Тертулијан не се состои само во неговите изјави. Иако имал намера неговите записи да ја бранат вистината и да го поддржат интегритетот на црквата и нејзините доктрини, тој всушност ги загадил вистинските учења. Неговиот клучен придонес за христијанскиот свет се претворил во една теорија врз која подоцнежните писатели ја изградиле доктрината за тројство. За да добиеме увид како се случило тоа, најпрвин да видиме накратко нешто за самиот Тертулијан.
„Не може да биде здодевен“
За животот на Тертулијан се знае многу малку. Повеќето изучувачи се сложуваат дека тој е роден околу 160 н.е. во Картагина (Северна Африка). Изгледа бил добро образован и темелно запознат со главните филозофски школи од негово време. Се чини дека кон христијанството го привлекла спремноста на оние што се исповедувале како христијани да умрат за својата вера. Во врска со христијанското мачеништво, тој прашал: „Зашто кој, од оние што размислуваат за него, не е поттикнат да се распраша во што се состои неговата суштина? Кој, откако ќе се распраша, не ги прифаќа нашите доктрини?“
По своето преобраќање во номиналното христијанство, Тертулијан станал креативен писател со вештина за концизни и досетливи изјави. „[Тој] поседувал способност која била ретка меѓу теолозите“, забележува книгата The Fathers of the Church (Црковните отци). „Тој не може да биде здодевен.“ Еден изучувач рекол: „Тертулијан [имал] дар за зборови, а не за реченици и полесно е да се разберат неговите досетки отколку да се следат неговите аргументи. Можеби затоа е толку често цитиран а толку ретко цитиран надолго и нашироко“.
Во одбрана на христијанството
Најпознатото дело на Тертулијан е Апологија, кое се смета за една од најсилните литературни одбрани на номиналното христијанство. Напишана е во времето кога христијаните биле чести жртви на суеверните толпи. Тертулијан стапил во одбрана на овие христијани и протестирал против неразумното постапување со нив. Тој рекол: „[Противниците] сметаат дека христијаните се причина за секоја јавна неволја и
за секоја несреќа на луѓето . . . Ако Нил не се прелее во нивите, ако времето не се смени, ако има земјотрес, глад, чума — веднаш се слуша извикот: ‚Фрлете ги христијаните на лавот!‘“Иако христијаните честопати биле обвинувани за нелојалност кон државата, Тертулијан настојувал да покаже дека тие биле, всушност, најдоверливите граѓани во тоа царство. Откако свртел внимание кон неколку обиди што биле направени да се собори владата, тој ги потсетил своите противници дека овие заговорници произлегле од редовите на паганите, а не на христијаните. Тертулијан истакнал дека кога биле погубувани христијани, вистинска загуба доживувала државата.
Други дела на Тертулијан се занимаваат со христијанскиот живот. На пример, во своето толкување На претставите, Тертулијан советувал да не се присуствува на извесни места на забава, на пагански игри и театарски настани. Изгледа имало некои нови преобратеници кои сметале дека нема никаква недоследност ако присуствуваат на библиската поука и ако, потоа, одат на паганските игри. Обидувајќи се да ја побуди нивната способност за размислување, Тертулијан напишал: „Колку е само грозно да се оди од Божјата црква во ѓаволската — од небо во кочина“. Тој рекол: „Она што го отфрлаш на дело, не би требало да го прифатиш со збор“.
Ја загадува вистината додека ја брани
Својот есеј со наслов Против Праксеј, Тертулијан го започнал со зборовите: „Ѓаволот на различни начини се натпреварувал со вистината и ѝ се спротивставувал. Понекогаш целта му била да ја уништи вистината бранејќи ја“. Човекот по име Праксеј во овој есеј не е јасно идентификуван, но Тертулијан ги оспорил неговите учења во врска со Бог и со Христос. На Праксеј гледал како на Сатанов пион кој прикриено се обидувал да го расипе христијанството.
Пресудно спорно прашање меѓу номиналните христијани во тоа време било односот меѓу Бог и Христос. Некои од нив, особено оние со грчко потекло, сметале дека е тешко да се усогласи верувањето во еден Бог со улогата на Исус како Спасител и Откупител. Праксеј се обидел да ја реши нивната дилема учејќи дека Исус бил само еден поинаков модел на Таткото и дека не постои разлика меѓу Таткото и Синот. Оваа теорија, позната како модализам, тврди дека Бог се открил себеси „како Татко во Созданието и давајќи го Законот, како Син во Исус Христос и како свет дух по Христовото вознесение“.
Тертулијан покажал дека Писмото прави јасна разлика меѓу Таткото и Синот. Откако го навел 1. Коринќаните 15:27, 28, тој резонирал: „Оној, што ги подложил (сите работи), и Оној кому тие му биле подложени — мора да се две различни Битија“. Тертулијан свртел внимание кон Исусовите зборови: „Таткото е поголем од мене“ (Јован 14:28). Користејќи делови од Хебрејските списи, како што е Псалм 8:5, тој покажал дека Библијата ја опишува „инфериорноста“ на Синот. „Значи, Таткото се разликува од Синот, тој е поголем од Синот“, заклучил Тертулијан. „Како што оној кој зачнува е еден, а Оној што е роден е друг; исто така и Оној што испраќа е еден, а Оној што е испратен е друг; и пак, Оној што создава е еден, а Оној преку кого е нешто создадено е друг“.
Тертулијан го сметал Синот за подреден на Таткото. Меѓутоа, во својот обид да го побие модализмот, тој отишол „преку она што е напишано“ (1. Коринќаните 4:6). Додека погрешно настојувал да го докаже божеството на Исус преку една друга теорија, Тертулијан ја сковал формулата „една суштина во три лица“. Користејќи го овој концепт, тој се обидел да покаже дека Бог, неговиот Син и светиот дух биле три различни личности што постоеле во една божествена суштина. На тој начин Тертулијан станал првиот што го применил латинскиот облик на зборот „тројство“ на Таткото, Синот и светиот дух.
Пази се од световната филозофија
Како можел Тертулијан да ја измисли теоријата за „една суштина во три лица?“ Одговорот лежи во еден друг парадокс во врска со тој човек — неговото гледиште кон филозофијата. Тертулијан ја нарекол филозофијата „,доктрини‘ на луѓето и ‚на демоните‘“. Тој отворено ја критизирал праксата да се користи филозофијата за да се поддржат христијанските вистини. „Избегнувај ги сите обиди за создавање некакво христијанство загадено со стоичка, платонска и дијалектичка композиција“, навел тој. Сепак, самиот Тертулијан обилно ја користел световната филозофија кога таа била во склад со неговите лични идеи (Колошаните 2:8).
Едно референтно дело вели: „Тринитаријанската теологија побарала помош од хеленистичките концепти и категории за нејзиниот развој и израз“. А книгата The Theology of Tertullian (Теологијата на Тертулијан) забележува: „[Тоа било] една необична смеса од правни и филозофски идеи и термини, кои му овозможиле на Тертулијан да ја презентира тринитаријанската доктрина со една формула која, и покрај нејзините ограничувања и несовршености, ја дала рамката за подоцнежната презентација на таа доктрина на концилот во Никеја“. Според тоа, формулата на Тертулијан — три лица во една божествена суштина — одиграла голема улога во ширењето на религиозна заблуда низ целиот христијански свет.
Тертулијан ги обвинил другите дека ја уништувале вистината додека се обидувале да ја бранат. Меѓутоа, иронично е тоа што помешувајќи ја божествено инспирираната библиска вистина со човечката филозофија, и тој паднал во истата замка. Затоа, да го земеме при срце библиското предупредување да не ‚обрнуваме внимание на заведувачки инспирирани изрази и учења на демоните‘ (1. Тимотеј 4:1).
[Слики на страници 29 и 30]
Тертулијан ја критизирал филозофијата, но ја користел за да ги унапредува своите лични идеи
[Извор на слика]
Страници 29 и 30: © Clichè Bibliothèque nationale de France, Париз
[Слика на страница 31]
Вистинските христијани избегнуваат да ја мешаат библиската вистина со човечката филозофија