Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажувај оддадена љубезност кон оние што имаат потреба

Покажувај оддадена љубезност кон оние што имаат потреба

Покажувај оддадена љубезност кон оние што имаат потреба

„Покажувајте и понатаму оддадена љубезност еден кон друг“ (ЗАХАРИЈА 7:9NW).

1, 2. а) Зошто треба да покажуваме оддадена љубезност? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

 РЕЧТА на Јехова Бог нѐ поттикнува да го љубиме „милосрдието [оддадената љубезност, NW]“ (Михеј 6:8). Исто така, таа ни дава причини зошто треба да го правиме тоа. Како прво, „милостивиот човек [човекот со оддадена љубезност, NW] сам си прави добро“ (Пословици 11:17). Колку вистинито! Покажувањето оддадена љубезност гради срдечни и трајни врски со другите. Како резултат на тоа, ќе имаме лојални пријатели — навистина скапоцена награда! (Пословици 18:24).

2 Освен тоа, Писмото ни кажува: „Кој се стреми кон правдата и милоста [оддадената љубезност, NW], наоѓа живот“ (Пословици 21:21). Да, ако се стремиме кон оддадена љубезност ќе му станеме мили на Бог и ќе добиеме изглед за идни благослови, вклучувајќи и вечен живот. Но, како можеме да покажуваме оддадена љубезност? Кон кого треба да ја покажуваме? И, дали оддадената љубезност се разликува од нормалната човечка љубезност или од љубезноста воопшто?

Човечката љубезност и оддадената љубезност

3. На кој начин оддадената љубезност се разликува од човечката љубезност?

3 Нормалната човечка љубезност и оддадената љубезност се разликуваат на неколку начини. На пример, оние што покажуваат човечка љубезност честопати го прават тоа без да имаат некоја длабока и лична приврзаност, или однос, кон поединците со кои постапуваат љубезно. Меѓутоа, ако кон некого покажуваме оддадена љубезност, ние со љубов се приврзуваме кон таа личност. Во Библијата, изразите на оддадена љубезност меѓу луѓето можат да се темелат на односи што веќе постојат (Битие 20:13; 2. Самоил 3:8; 16:17). Или, може да се темелат на односи што се резултат на претходни дела на љубезност (Исус Навин 2:1, 12—14; 1. Самоил 15:6; 2. Самоил 10:1, 2). За да ја илустрираме оваа разлика, да споредиме два библиски примера, пример на љубезност и пример на оддадена љубезност изразени меѓу луѓето.

4, 5. На кој начин двата библиски примера наведени овде ја илустрираат разликата меѓу човечката љубезност и оддадената љубезност ?

4 Едниот пример на човечка љубезност е поврзан со група луѓе што доживеале бродолом, меѓу кои бил и апостол Павле. Тие биле исфрлени на брегот на островот Малта (Дела 27:37—28:1). Иако Малтежаните немале никаква обврска кон заринканите патници ниту, пак, биле во некаков постоечки однос со нив, островјаните гостољубиво ги примиле странците, покажувајќи им „извонредна човекољубивост“ (Дела 28:2, 7). Нивната гостољубивост била љубезна, но била случајна и покажана кон странци. Значи, тоа било човечка љубезност.

5 За споредба, размисли за гостољубивоста што цар Давид му ја покажал на Мефивостеј, синот на неговиот пријател Јонатан. Давид му рекол на Мефивостеј: „Ти секогаш ќе јадеш леб на мојот стол“. Објаснувајќи зошто направил таква подготовка, Давид му рекол: „Сакам да ти искажам милост [оддадена љубезност, NW] заради твојот татко Јонатан“ (2. Самоил 9:6, 7, 13). Давидовата трајна гостољубивост е со право наречена израз на оддадена љубезност, а не само на љубезност, зашто била доказ за неговата лојалност кон еден веќе воспоставен однос (1. Самоил 18:3; 20:15, 42). На сличен начин и денес, Божјите слуги покажуваат човечка љубезност кон човештвото во целина. Сепак, тие изразуваат трајна оддадена љубезност, односно лојална љубов, кон оние со кои поседуваат однос одобрен од Бог (Матеј 5:45; Галатите 6:10).

6. Кои карактеристики на оддадената љубезност изразена меѓу луѓето се истакнуваат во Божјата реч?

6 За да откриеме некои додатни карактеристики на оддадената љубезност, кратко ќе разгледаме три библиски извештаи во кои е прикажана оваа особина. Од нив ќе забележиме дека оддадената љубезност што ја покажуваат луѓето 1) се изразува со конкретни постапки, 2) се искажува доброволно и 3) се покажува особено кон оние што имаат потреба. Освен тоа, овие извештаи илустрираат како можеме ние денес да практикуваме оддадена љубезност.

Татко што покажува оддадена љубезност

7. Што им кажал Авраамовиот слуга на Ватуил и на Лаван, и кое прашање го покренал слугата?

7 Во Битие 24:28—67 е раскажан останатиот дел од приказната за Авраамовиот слуга, спомната во претходната статија. Откако ја сретнал Ревека, тој бил поканет во домот на нејзиниот татко Ватуил (стихови 28—32). Таму слугата во детаљи раскажал за својата потрага со цел да најде жена за Авраамовиот син (стихови 33—47). Нагласил дека дотогашниот негов успех го сметал за знак од Јехова, ‚кој го водел по прав пат, за да ја земе ќерката на братот на господарот за неговиот син‘ (стих 48). Слугата несомнено се надевал дека ова искрено раскажување на случајот ќе ги увери Ватуил и неговиот син Лаван дека зад оваа мисија стои Јехова. На крајот, слугата рекол: „Ако сакате да искажете љубов [оддадена љубезност, NW] и верност кон мојот господар, речете ми; ако ли не, кажете ми го тоа, така да можам да тргнам или надесно или налево“ (стих 49).

8. Каква била реакцијата на Ватуил во врска со работите во кои била вклучена Ревека?

8 Јехова веќе имал покажано оддадена љубезност кон Авраам (Битие 24:12, 14, 27). Дали Ватуил ќе биде спремен да го стори истото дозволувајќи ѝ на Ревека да оди со Авраамовиот слуга? Дали божествената оддадена љубезност ќе биде надополнета со човечка оддадена љубезност? Или, пак, долгото патување на слугата ќе се покаже залудно? За Авраамовиот слуга сигурно било многу утешно кога чул како Лаван и Ватуил рекле: „Тоа доаѓа од Господа“ (стих 50). Тие ја увиделе Јеховината рака во работите и без колебање ја прифатиле неговата одлука. Потоа, Ватуил ја изразил својата оддадена љубезност, додавајќи: „Ете, Ревека е пред тебе: земи ја и оди си, нека му биде жена на синот на твојот господар, како што рекол Господ“ (стих 51). Ревека доброволно му се придружила на Авраамовиот слуга, и наскоро му станала сакана сопруга на Исак (стихови 49, 52—58, 67).

Оддадена љубезност покажана од еден син

9, 10. а) Што побарал Јаков од својот син Јосиф? б) Како покажал Јосиф оддадена љубезност кон својот татко?

9 На Авраамовиот внук Јаков исто така му била покажана оддадена љубезност. Како што се раскажува во Битие 47. поглавје, Јаков тогаш живеел во Египет, и ‚му наближило времето да умре‘ (стихови 27—29). Тој бил загрижен бидејќи требало да умре надвор од земјата што Бог му ја ветил на Авраам (Битие 15:18; 35:10, 12; 49:29—32). Меѓутоа, Јаков не сакал да биде погребан во Египет, па затоа направил подготовки неговите останки да бидат однесени во земјата Ханаан. Кој би бил во подобра положба да ја исполни неговата желба отколку неговиот влијателен син Јосиф?

10 Извештајот раскажува: „[Јаков] го повика сина си Јосифа и му рече: ‚Ако најдов милост во твоите очи . . . пројави милост [оддадена љубезност, NW] и правда кон мене: Не ме погребувај во Египет. За да легнам долу, со своите татковци, пренеси ме од Египет горе и погреби ме во нивната гробница!‘“ (Битие 47:29, 30). Јосиф ветил дека ќе го исполни ова барање и, кратко потоа, Јаков умрел. Јосиф и другите синови на Јаков го однеле неговото тело ‚во Ханаанската Земја и го погребале во пештерата во нивата Махпела, кај Мамвриј, во полето што Авраам го купил‘ (Битие 50:5—8, 12—14). На тој начин Јосиф покажал оддадена љубезност кон својот татко.

Оддадена љубезност од една снаа

11, 12. а) На кој начин покажала Рута оддадена љубезност кон Ноемина? б) На кој начин ‚последниот‘ случај на оддадена љубезност на Рута бил подобар од ‚првиот‘?

11 Книгата Рута раскажува како на вдовицата Ноемина ѝ била покажана оддадена љубезност од Рута, нејзината снаа Моавка, која исто така била вдовица. Кога Ноемина решила да се врати во Витлеем во Јуда, Рута покажала оддадена љубезност и одлучност со зборовите: „Каде ќе одиш ти, ќе одам и јас, и каде ќе живееш ти, ќе живеам и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог — мој Бог“ (Рута 1:16). Подоцна Рута ја изразила својата оддадена љубезност кога покажала спремност да се омажи за Воз, остарениот роднина на Ноемина a (Второзаконие 25:5, 6; Рута 3:6—9). Тој на Рута ѝ рекол: „Таа своја последна милост [оддадена љубезност, NW] ти ја изврши подобро од првата, кога не отиде да бараш момци, бедни или богати“ (Рута 3:10ПСП).

12 ,Првиот‘ случај на оддадената љубезност на Рута укажува на времето кога таа го напуштила својот народ и останала покрај Ноемина (Рута 1:14; 2:11). Дури и тој чин бил надминат од ‚последниот‘ случај на оддадена љубезност — спремноста на Рута да се омажи за Воз. Сега Рута била во можност да ѝ даде наследник на Ноемина, која била во години кога веќе не можела да раѓа. Бракот бил склучен и, кога подоцна Рута родила дете, жените од Витлеем извикале: „Ѝ се роди син на Ноемина“ (Рута 4:14, 17). Рута била навистина „чесна [извонредна, NW] жена“, па затоа Јехова ја наградил со прекрасната предност да стане предок на Исус Христос (Рута 2:12; 3:11; 4:18—22; Матеј 1:1, 5, 6).

Се изразува со постапки

13. На кој начин Ватуил, Јосиф и Рута ја покажале својата оддадена љубезност?

13 Дали забележа како Ватуил, Јосиф и Рута ја изразиле својата оддадена љубезност? Тоа го сториле не само со љубезни зборови туку и со конкретни постапки. Ватуил не само што рекол: ‚Ете ја Ревека‘, туку и ‚ја испратил Ревека‘ (Битие 24:51, 59). Јосиф не само што рекол: „Ќе сторам според твоите зборови“ туку тој и неговите браќа за Јаков ‚направиле како што им наредил таткото‘ (Битие 47:30; 50:12, 13). Рута не само што рекла: „Каде одиш ти, ќе одам и јас“ туку и го напуштила својот народ и ѝ се придружила на Ноемина, така што ‚заедно оделе додека не дошле во Витлеем‘ (Рута 1:16, 19). Во Јуда, Рута повторно постапила ‚[во сѐ, NW] како што ѝ повелала свекрвата‘ (Рута 3:6). Да, оддадената љубезност на Рута, како и на другите, била изразена со дела.

14. а) На кој начин Божјите денешни слуги покажуваат оддадена љубезност со дела? б) За какви дела на оддадена љубезност знаеш меѓу христијаните во твоето подрачје?

14 Пријатно е да се види како Божјите слуги денес продолжуваат да изразуваат оддадена љубезност со дела. На пример, помисли на оние што им даваат постојана емоционална поддршка на немоќните, депримираните или ожалостените соверници (Пословици 12:25). Или, размисли за многуте Сведоци на Јехова што верно ги возат остарените до Салата на Царството за да присуствуваат на седмичните собраниски состаноци. Ана, која има 82 години и се мачи со артритис, ги изразува чувствата на многумина други кога вели: „Да те возат на состаноците е благослов од Јехова. Од длабочината на срцето му благодарам за тоа што ми дава такви љубезни браќа и сестри“. Дали учествуваш во такви дела во твоето собрание? (1. Јованово 3:17, 18). Ако да, биди уверен дека таквата оддадена љубезност длабоко се цени.

Се практикува доброволно

15. Уште која друга карактеристика на оддадената љубезност е истакната со трите библиски извештаи што ги разгледавме?

15 Од библиските раскази што ги разгледавме се гледа исто така дека оддадената љубезност се покажува доброволно и спремно, не под притисок. Ватуил доброволно соработувал со Авраамовиот слуга, а тоа било случај и со Ревека (Битие 24:51, 58). Јосиф ја покажал својата оддадена љубезност без да биде натеран на тоа однадвор (Битие 50:4, 5). Рута „цврсто наумила да оди со [Ноемина]“ (Рута 1:18). Кога Ноемина ѝ предложила на Рута да му пристапи на Воз, оддадената љубезност ја поттикнала Моавката да изјави: „Ќе направам сѐ како што ми велиш“ (Рута 3:1—5).

16, 17. Што ја прави особено значајна оддадената љубезност на Ватуил, Јосиф и Рута, и што ги поттикнало да ја покажат таа особина?

16 Оддадената љубезност што ја покажале Ватуил, Јосиф и Рута е особено значајна затоа што Авраам, Јаков и Ноемина не биле во положба да извршат надворешен притисок врз нив. Впрочем, Ватуил немал законска обврска да се раздели од својата ќерка. Тој можел лесно на Авраамовиот слуга да му каже: ‚Не, јас не сакам да ја пуштам мојата работлива ќерка толку далеку‘ (Битие 24:18—20). На сличен начин, Јосиф бил слободен да одлучи дали да го исполни барањето на својот татко или да не го исполни, зашто Јаков ќе бил мртов и не ќе можел да го натера да си го одржи зборот. И самата Ноемина покажала дека Рута била слободна да остане во Моав (Рута 1:8). А Рута била слободна и да се омажи за некој од ‚момците‘ наместо за остарениот Воз.

17 Ватуил, Јосиф и Рута доброволно покажале оддадена љубезност; однатре биле поттикнати на тоа. Тие чувствувале морална одговорност да ја покажат оваа особина кон оние со кои биле во однос, исто како што цар Давид подоцна бил обврзан да ја покаже во врска со Мефивостеј.

18. а) Со каков став христијанските старешини го ‚пасат стадото‘? б) Како еден старешина ги изразил своите чувства во врска со помагањето на соверниците?

18 Оддадената љубезност сѐ уште е обележје на Божјиот народ, вклучувајќи ги и мажите што го пасат Божјето стадо (Псалм 110:3; 1. Солуњаните 5:12). Тие старешини, односно надгледници, чувствуваат одговорност да живеат според довербата што им е дадена со нивното наименување (Дела 20:28). Сепак, своето дело на пастирење и другите дела на оддадена љубезност во корист на собранието ги извршуваат, „не под принуда, туку доброволно“ (1. Петрово 5:2). Старешините го пасат стадото поради тоа што имаат одговорност и желба да го прават тоа. Тие изразуваат оддадена љубезност кон Христовите овци бидејќи треба и сакаат да го прават тоа (Јован 21:15—17). „Сакам да ги посетувам браќата во нивните домови или да им телефонирам само за да им покажам дека мислам на нив“, вели еден христијански старешина. „Помагањето на браќата за мене е извор на голема радост и задоволство!“ Грижливите старешини насекаде со цело срце се сложуваат со тоа.

Покажувај оддадена љубезност кон оние што имаат потреба

19. Кој факт во врска со оддадената љубезност го подвлекуваат библиските извештаи за кои беше дискутирано во оваа статија?

19 Библиските извештаи за кои дискутиравме го подвлекуваат и фактот дека оддадена љубезност треба да се покажува кон оние што имаат потреба и не можат самите да си ја задоволат. За да ја продолжи својата семејна лоза, на Авраам му била потребна соработката на Ватуил. За да му бидат останките однесени во Ханаан, на Јаков му била потребна помошта од Јосиф. А, за да добие наследник, на Ноемина ѝ била потребна помошта од Рута. Ниту Авраам, ниту Јаков ниту Ноемина не можеле да ги задоволат тие потреби без помош. Слично и денес, оддадената љубезност треба да се покаже особено кон оние што имаат потреба (Пословици 19:17). Ние треба да го имитираме патријархот Јов, кој обрнувал внимание на ‚страдалникот што викал и беспомошниот сирак‘, како и на ‚оној што пропаѓал‘ (ПСП). Исто така, Јов ‚ја враќал веселбата на срцето на вдовицата‘ и му станувал ‚очи на слепиот и нозе на хромиот‘ (Јов 29:12—15).

20, 21. Кој сѐ има потреба од нашите изрази на оддадена љубезност, и на што треба да биде решен секој од нас?

20 Всушност, во секое христијанско собрание има ‚страдалници што викаат за помош‘. Ова може да биде резултат на фактори како што се осаменост, обесхрабрување, чувства на безвредност, разочарување од другите, сериозна болест или смрт на некој сакан. Сеедно која е причината, сите тие драги личности имаат потреби што можеме и треба да ги задоволиме со нашите спремни и постојани дела на оддадена љубезност (1. Солуњаните 5:14).

21 Затоа, да продолжиме да го имитираме Јехова Бог, кој „изобилува со оддадена љубезност“ (Излез 34:6NW; Ефешаните 5:1). Тоа можеме да го правиме ако доброволно преземеме некоја конкретна постапка, особено во корист на оние што имаат потреба. И сигурно ќе му донесеме чест на Јехова и ќе доживееме голема радост додека ‚покажуваме и понатаму оддадена љубезност еден кон друг‘ (Захарија 7:9).

[Фуснота]

a За детали во врска со тоа за каков брак се работи овде, види Том 1, 370. страница од Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издаден од Јеховините сведоци.

Како би одговорил?

• На кој начин оддадената љубезност се разликува од човечката љубезност?

• На кои начини Ватуил, Јосиф и Рута практикувале оддадена љубезност?

• Со каков став треба да покажуваме оддадена љубезност?

• Кој има потреба од нашите изрази на оддадена љубезност?

[Прашања]

[Слика на страница 18]

Како Ватуил покажал оддадена љубезност?

[Слика на страница 21]

Лојалната љубов на Рута била благослов за Ноемина

[Слики на страница 23]

Човечката оддадена љубезност се изразува доброволно, се искажува со конкретна постапка и се покажува кон оние што имаат потреба