Треба да знаеме кој е Бог
Треба да знаеме кој е Бог
ЗАРЕМ не си воодушевен кога во јасна ноќ ќе видиш небо начичкано со ѕвезди? Зарем не е прекрасен мирисот на разнобојните цвеќиња? Зарем не уживаш слушајќи ја песната на птиците и шумолењето на лисјата раздвижени од нежниот ветрец? И колку само е фасцинантна силата на китовите и другите суштества што го населуваат морето! Освен тоа, тука се и луѓето обдарени со совест и зачудувачки сложен мозок. Како го објаснуваш постоењето на сите овие прекрасни работи што нѐ опкружуваат?
Некои веруваат дека сето ова е производ на слепа случајност. Но, ако е така, тогаш зошто се луѓето свесни за постоењето на Бог? Зошто една случајна комбинација од различни хемиски супстанции би произвела суштества со духовни потреби?
„Религијата е длабоко вкоренета во човечката природа и се среќава на секое ниво од економскиот статус и образовна заднина.“ Оваа изјава го резимира истражувањето што професор Алистер Харди го изложил во својата книга The Spiritual Nature of Man (Духовната природа на човекот). Неодамнешните експерименти извршени на мозокот навеле некои невролози да укажат на тоа дека луѓето се можеби „програмирани“ со способноста за религија. Книгата со наслов Is God the Only Reality? (Дали е Бог единствената реалност?) забележува: „Религиозната потрага по смислата . . . е заедничко искуство во секоја култура и во секој век уште од појавата на човечкиот род“.
Разгледај што заклучил еден образован човек пред околу 2.000 години. Тој напишал: „Секоја куќа некој ја изградил, а оној кој изградил сѐ е Бог“ (Евреите 3:4). Всушност, токму првиот стих од Библијата вели: „Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата“ (Битие 1:1).
Но, кој е Бог? Човештвото е поделено во врска со тоа прашање. Кога бил запрашан кој е Бог, еден јапонски тинејџер по име Јоши одговорил: „Не сум сигурен. Јас сум будист, и не ми е многу важно да знам кој е Бог“. Но, Јоши признал дека мнозина го обоготворуваат и самиот Буда. Ник, бизнисмен во своите 60-ти години, верува во Бог и го смета за семоќна сила. Кога бил замолен да објасни што знае за Бог, Ник, после долга пауза, рекол: „Е, тоа е многу
тешко прашање, пријателе. Сѐ што можам да кажам е дека Бог е тука. Тој постои“.Некои луѓе ‚му се поклонуваат и му служат на созданието место на Создателот‘ (Римјаните 1:25, ДХК). Милиони луѓе ги обожаваат мртвите предци, верувајќи дека Бог е премногу далеку за да му се приближат. Во хиндуистичката религија има многу богови и божици. Разни божества, како што се Зевс и Хермес, биле обожавани во времето на апостолите на Исус Христос (Дела 14:11, 12). Многу цркви на христијанскиот свет учат дека Бог е тројство, составено од Бог Таткото, Бог Синот и Бог Светиот дух.
Навистина, „има многу ‚богови‘ и многу ‚господи‘“, вели Библијата. Меѓутоа, таа додава: „За нас, всушност, има еден Бог, Таткото, од кого е сѐ“ (1. Коринќаните 8:5, 6). Да, има само еден вистински Бог. Но, кој е тој? Каков е? За нас е важно да ги знаеме одговорите на овие прашања. Самиот Исус во молитва му рекол Нему: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Имаме причина да веруваме дека нашето вечно добро зависи од познавањето на вистината за Бог.
[Слика на страница 3]
Како се објаснува нивното постоење?
[Извор на слика]
Кит: Со љубезна дозвола на Tourism Queensland
[Извор на слика на страница 2]
НАСЛОВНА СТРАНИЦА: Index Stock Photography © 2002