Феноменалниот пораст налага брза експанзија
„Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“
Феноменалниот пораст налага брза експанзија
„ДОЈДЕТЕ кај мене . . . и јас ќе ве освежам“, рекол Исус Христос (Матеј 11:28). Каква само љубезна покана од Главата на христијанското собрание! (Ефешаните 5:23). Кога размислуваме за тие зборови, не можеме а да не го цениме виталниот извор на освежување — дружењето со нашите духовни браќа и сестри на христијанските состаноци. Сигурно се сложуваме со псалмистот, кој пеел: „Колку е добро и колку е мило кога браќата живеат заедно“ (Псалм 133:1).
Навистина, нашите другари на тие состаноци за обожавање се најдобрите што постојат, а духовната атмосфера е безбедна и пријатна. Затоа, една млада христијанка со добра причина рекла: „По цел ден сум на училиште, и тоа ме растргнува. Но, состаноците се како оаза во пустина, каде што сум освежена да го издржам следниот училишен ден“. Една младинка од Нигерија забележала: „Открив дека блиското дружење со другите што го љубат Јехова ми помага да останам блиска со него“.
Локалната Сала на Царството на Јеховините сведоци, како центар на вистинското обожавање во средината, задоволува една голема потреба. На повеќето места, состаноците во Салата на Царството се одржуваат двапати седмично, а библиските студенти се охрабрени да почнат да присуствуваат колку што е можно поскоро за да извлечат корист од тамошното освежувачко друштво (Евреите 10:24, 25).
Итна потреба
Меѓутоа, вредно е да се забележи дека сите Јеховини сведоци немаат пригодна Сала на Царството. Феноменалниот пораст во редовите на објавителите на Царството низ целиот свет наметна итна потреба. Потребни се уште илјадници Сали на Царството, особено во земјите во развој (Исаија 54:2; 60:22).
Да илустрираме: Во главниот град на Демократска Република Конго имаше само десет Сали на Царството за 290 собранија. Во таа земја постоеше итна потреба од многу Сали на Царството. Во Ангола, повеќето собранија се состануваат на отворено, бидејќи има ограничен број Сали на Царството. Слични потреби постојат во многу други земји.
Затоа, од 1999 се вложуваат организирани напори да се помогне во изградбата на Сали на Царството во земјите со ограничени парични средства. За да помогнат во грижата за градежните проекти во тие земји, искусни Сведоци доброволно ги нудат своите услуги. Кога таквите напори се комбинираат со спремниот дух и со постоењето на локални доброволци, резултатите се многу охрабрувачки. Локалните Сведоци пак, од своја страна, извлекуваат корист од обуката што ја добиваат. Сето ова помага да се задоволат потребите од изградба на Сали на Царството во поединечни земји.
На тој начин се обезбедува практична помош за да се добие еден флексибилен пристап кон изградбата на Сали на Царството, што ги вклучува локалните методи и материјали. Целта не е само да се задоволи огромната потреба од Сали на Царството туку и да се развие една програма за нивно одржување, приспособена кон локалните околности (2. Коринќаните 8:14, 15).
Освежувачки развој
Каков е ефектот од ваквите напори да се обезбедат места за обожавање? Во почетокот на 2001, во еден извештај од Малави стоеше: „Она што беше постигнато во оваа земја е навистина импресивно. Во следните два месеца ќе довршиме уште повеќе Сали на Царството“ (слики 1 и 2). Во Того, во изминатите месеци доброволците можеа да изградат неколку скромни Сали на Царството (слика 3). Добрата работа на спремните доброволци помага да се обезбедат пригодни Сали на Царството и во Мексико, Бразил и во други земји.
Собранијата увидуваат дека кога ќе се изгради Сала на Царството, мештаните сфаќаат дека Јеховините сведоци ќе останат таму. Многу луѓе биле навидум колебливи да им се придружат на Сведоците сѐ додека не било на располагање пригодно место. Собранието Нафиси во Малави
известува: „Сега кога имаме пригодна Сала на Царството таа е убаво сведоштво. Затоа, лесно е да се започнат библиски студии“.Членовите на собранието Крејк во Бенин порано трпеле големо исмејување бидејќи претходната Сала на Царството била примитивна во споредба со некои цркви (слика 4). Сега собранието има убава нова Сала на Царството која го претставува вистинското обожавање на скромен, но сепак на достоинствен начин (слика 5). Ова собрание имало 34 објавители на Царството, а на состаноците во недела просечно биле присутни 73 луѓе, но на свеченото отворање на Салата на Царството биле присутни 651 лице. Повеќето од нив биле граѓани што биле поволно импресионирани кога виделе
дека Сведоците можеле да изградат сала за толку кратко време. Размислувајќи за минатиот развој во тој поглед, подружницата во Зимбабве напишала: „Во рок од еден месец од изградбата на некоја нова Сала на Царството, присутноста обично се удвојува“ (слики 6 и 7).Без сомнение, многуте нови Сали на Царството помагаат да се обезбедат места за духовно освежување и за предадените христијани и за заинтересираните луѓе. „Чувствуваме голема радост“, рекол еден Сведок во Украина, откако локалното собрание почнало да ја користи својата нова Сала на Царството. „Со свои очи видовме како Јехова му помага на својот народ. Сега сме зајакнати во својата доверба дека Јехова и понатаму ќе ни помага.“
[Рамка/слики на страници 10 и 11]
Великодушната поддршка се цени
Јеховините сведоци се восхитени кога го гледаат брзиот напредок што се постигнува за да се задоволи итната потреба од нови Сали на Царството низ целата Земјина топка. Рамномерниот пораст во бројот на Јеховини обожаватели во различни земји изискува во иднина да бидат изградени многу нови Сали на Царството. Па, во просек, во текот на 2001 службена година, секоја седмица се формираа по 32 нови собранија! На тие собранија им се потребни места за состанување и обожавање.
Може да се појави прашањето: ‚Како ги финансираме проектите, како што е изградбата на нови Сали на Царството, особено во земјите каде што браќата имаат ограничени финансиски средства?‘ Одговорот е: божествена поддршка и човечка великодушност.
Верно на своето ветување, Јехова го излева светиот дух врз своите слуги, овозможувајќи им „да го прават она што е добро, да бидат богати во добри дела, да бидат дарежливи, спремни да делат“ (1. Тимотеј 6:18). Божјиот дух ги наведува Јеховините сведоци да го поддржуваат делото на проповедање на Царството на секој начин — посветувајќи време, енергија, личен труд и други средства во христијанските активности.
Духот на великодушно давање ги мотивира Сведоците и другите што ги помагаат со финансиски средства експанзијата и делото на изградба. Освен што помагаат да се покријат редовните трошоци на локалното собрание, тие придонесуваат и за градежното дело во другите делови од Земјата.
Во секое собрание има кутии со јасен натпис „Прилози за светското дело — Матеј 24:14“. Во нив поединците можат, доколку сакаат, да стават доброволни донации (2. Цареви 12:9). Се ценат сите донации, големи и мали (Марко 12:42—44). Овие средства се користат на различни начини според потребите, вклучувајќи ја и изградбата на Сали на Царството. Тие средства не се користат за исплата на платени вршители на функции, бидејќи кај Јеховините сведоци такви нема.
Дали прилозите за светското дело ја постигнуваат својата цел? Да, секако. Подружницата во Либерија — земја растргната од граѓанска војна — известува дека поголемиот дел од локалните Сведоци се соочуваат со невработеност и со сериозни финансиски проблеми. Како би можел Јеховиниот народ во оваа земја да си обезбеди пригодни места за обожавање? „За да се финансира тоа дело“, забележува канцеларијата на подружницата, „ќе се употребат великодушните прилози на браќата од другите земји. Каква само мудра и љубезна подготовка!“
Локалните браќа исто така приложуваат, и покрај своите ограничени можности. Африканската земја Сиера Леоне известува: „Локалните браќа ги поддржуваат напорите и среќни се што можат да го дадат својот труд и колку што можат финансиски прилози за да ја поддржат изградбата на Сали на Царството“.
На крајот, овие градежни напори му донесуваат фалба на Јехова. Браќата од Либерија одушевено велат: „Изградбата на пригодни места за обожавање низ целата земја ќе им покаже на луѓето дека вистинското обожавање ќе остане и ќе го велича и украсува големото име на нашиот Бог“.