Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Лекција од римската историја

Лекција од римската историја

Лекција од римската историја

„АКО, слично на луѓето сум се борел со ѕверови во Ефес.“ Некои мислат дека овие зборови, запишани во 1. Коринќаните 15:32, значат дека апостол Павле бил осуден да се бори во некоја римска арена. Сеедно дали било така или не, во тоа време борбите до смрт во арените биле вообичаени. Што ни кажува историјата за арената и за настаните што се случувале таму?

Како христијани, сакаме да ја обликуваме нашата совест според Јеховиното размислување, кое може да ни помогне да донесуваме одлуки во врска со денешната забава. На пример, разгледај го Божјето размислување за насилството, кое се гледа во зборовите: „Не завидувај му на насилникот, ниту следи ги неговите патишта“ (Пословици 3:31). На раните христијани им бил достапен тој совет за да ги води кога многумина околу нив се возбудувале од римските гладијаторски натпревари. Додека разгледуваме што се случувало на таквите настани, да видиме која лекција е јасна за христијаните денес.

Двајца вооружени гладијатори се соочуваат во една римска арена. На првиот удар на мечот врз штитот, разбеснетото мноштво извикува храбрејќи го својот миленик. Борбата е очајничка. Наскоро, ранет и неспособен да продолжи, едниот го фрла оружјето и паѓа на колена, признавајќи го на тој начин поразот и молејќи за милост. Вревата достигнува кулминација. Некои од мноштвото извикуваат барајќи милост, а други ја бараат неговата смрт. Сите очи се вперени во императорот. Тој, за да им удоволи на масите, може или да го ослободи победениот борец или со палецот свртен надолу да нареди негова смрт.

Гладијаторските спектакли им биле страст на Римјаните. Можеби ќе се изненадиш кога ќе дознаеш дека во почетокот такви борби се одржувале на погребите на важни личности. Се смета дека натпреварите водат потекло од жртвувањето на луѓе кај народите Оскани или Самнити во денешна централна Италија. Жртвите биле принесувани за да се смират духовите на мртвите. Таквата борба била наречена мунус, односно „дар“ (множина мунера). Првите игри во Рим за кои постои извештај биле одржани во 264 пр.н.е. кога три пара гладијатори се бореле на еден сточен пазар. На погребот на Марко Емилиј Лепид имало 22 дуела. На погребот на Публиј Лициниј се соочиле 60 пара. Во 65 пр.н.е., Јулиј Цезар испратил во арената 320 пара.

„Аристократските погреби биле политички чинови,“ вели историчарот Кит Хопкинс, „а погребните игри имале политички призвуци . . . поради нивната популарност кај граѓанските избирачи. Навистина, зголемувањето на раскошот на гладијаторските претстави било во голема мера потхранувано од политичкото соперништво меѓу амбициозните аристократи.“ До владеењето на Август (27 пр.н.е. — 14 н.е.), мунера станале великодушни дарови — за забава на масите — кои богатите службеници на државата ги давале за да ја унапредуваат својата политичка кариера.

Учесници и обука

Можеби се прашуваш: ‚Кои биле гладијаторите?‘ Па, можеби биле робови, криминалци осудени на смрт, воени затвореници или слободни луѓе привлечени од возбудувањето или од надежта за слава и богатство. Сите биле обучувани во школи слични на затвори. Книгата Giochi e spettacoli (Игри и спектакли) известува дека гладијаторите при обуката „секогаш биле надгледувани од чувари и подложени на строга дисциплина, на најсурови правила и на особено сурови казни . . . Ваквиот третман често водел до самоубиство, побуна и востание“. Најголемата римска гладијаторска школа имала ќелии за најмалку илјада затвореници. Секој човек си имал своја специјалност. Некои се бореле со оклоп, штит и меч, други со мрежи и трозабец. Трети, пак, биле обучени да се соочуваат со диви ѕверови во еден друг популарен вид претстава — хајка. Дали можеби Павле укажувал токму на еден таков настан?

Организаторите на претставите можеле да се обратат кај претприемачите, кои регрутирале и обучувале за гладијатори 17 или 18-годишници. Трговијата со човечки животи била голем бизнис. Во една извонредна претстава што ја приредил Трајан, за да прослави една воена победа, биле користени 10.000 гладијатори и 11.000 животни.

Еден ден во арената

Утрата во арената биле посветени на хајките. Во арената можеле да бидат насилно внесени секакви диви ѕверови. Публиката особено уживала кога имало пар од бик и мечка. Честопати двете животни биле врзувани заедно за да се борат додека едното не умрело, а потоа преживеаното животно го убивал ловец. Во други популарни натпревари биле ставани лавови против тигри, или слонови против мечки. Ловците ја покажувале својата вештина така што убивале егзотични животни донесени од сите страни на империјата без да се штедат пари — леопарди, носорози, нилски коњи, жирафи, хиени, камили, волци, диви свињи и антилопи.

Сценските ефекти ги правеле хајките незаборавни. Како имитација на шуми, биле користени карпи, вештачки езера, и дрвја. Во некои арени, ѕверовите се појавувале како со магија, донесени со подземни лифтови и врати на подот. Непредвидливото однесување на животното го зголемувало интересот, но она што ги правело хајките особено фасцинантни била суровоста.

Потоа, на програмата следеле погубувања. Се вложувале напори тие да се извршуваат на оригинален начин. Биле презентирани митолошки драми во кои актерите навистина умирале.

Во текот на попладнињата се бореле различни класи на гладијатори, вооружени на засебни начини и обучени да се борат со спротивни техники. Некои од оние што ги отстранувале лешевите биле облечени како богот на подземниот свет.

Ефект врз гледачите

Страста на мноштвата за борба била незаситна, па затоа колебливите борци биле подбуцнувани со камшици и со железа за жигосување. Мноштвата извикувале: „Зошто тој се соочува со мечот на таков кукавички начин? Зошто удира толку слабо? Зошто не умре [спремно]? Камшикувај го за да се пушти во борба! За секој удар нека добива по удар, а градите нека му бидат голи и изложени на ударот од мечот!“ Римскиот државник Сенека пишува дека на паузата имало известување: „Во меѓувреме малку убивање, за да не биде досадно!“

Не е за изненадување тоа што Сенека признава дека се вратил дома „посуров и понечовечен“. Отвореното признание на овој гледач заслужува сериозно да размислиме. Можно ли е некои од денешните спортски настани на сличен начин да влијаат врз гледачите правејќи ги ‚посурови и понечовечни‘?

Некои можеле да се сметаат за среќни што воопшто се вратиле дома. Кога еден гледач дал некоја духовита забелешка на сметка на Домицијан, тој император наредил да го одвлечкаат човекот од неговото седиште и да го фрлат на кучињата. Тоа што немало доволно криминалци за погубување го навело Калигула да нареди дел од гледачите да бидат фатени и фрлени на ѕверовите. А кога машинеријата на сцената не работела како што сакал тој, Клаудиј наредил одговорните механичари да се борат во арената.

Фанатизмот на гледачите исто така водел до несреќи и метежи. Еден амфитеатар северно од Рим се срушил и, како што се известува, умреле илјадници луѓе. Во 59 н.е. избил метеж за време на еден спектакл во Помпеја. Тацит известува дека меѓу мноштвото-домаќини и ривалите од некој соседен град почнале судири со размена на навреди, потоа со камења и, на крајот, завршиле со меч. Неколкумина биле осакатени или повредени, а мнозина биле убиени.

Јасна лекција

Една неодамнешна изложба (Sangue e arena — „Крв и песок“) во Колосеумот во Рим потсетила на современите паралели на мунера. Значајно е тоа што таму биле прикажани видеоисечоци од борби со бикови, професионален бокс, стравотни судири во автомобилски и мотоциклистички трки, диви борби на атлетичари во игри и разбеснети тепачки на гледачи. Презентацијата завршила со поглед на Колосеумот одозгора. Што мислиш, до каков заклучок требало да дојдат посетителите? Колкумина ќе ја научат лекцијата?

Во некои земји денес се вообичаени борби на кучиња, на петли, на бикови и насилни спортови. За да се возбудат огромните мноштва во автомобилистичките и мотоциклистичките спортови, се ризикуваат животи. И помисли само на секојдневните телевизиски програми. Студиите во една западна земја покажале дека до десетгодишна возраст, просечно дете што гледа телевизија би можело да биде сведок на 10.000 убиства и 100.000 чинови на агресија.

Задоволствата на спектаклите „не биле во согласност со вистинската религија и со вистинската послушност на вистинскиот Бог“, рекол Тертулијан, писател од третиот век. Оние што оделе на нив тој ги сметал за соучесници на оние што убивале. Како е денес? Некој би можел да се праша: ‚Дали се забавувам со спектакли на крв, смрт или насилство на телевизија или на Интернет?‘ Вредно е да се забележи дека Псалм 11:5 вели: „Господ ги испитува: праведниот и неправедниот, од дното на душата го мрази силникот“.

[Рамка на страница 28]

Борби за да се „умират мртвите“

За потеклото на гладијаторските борби, Тертулијан, писател од третиот век, вели: „Луѓето од старо време мислеле дека со ваквиот спектакл им принесуваат служба на мртвите, откако го ублажиле со покултурен облик на суровост. Во старо време, верувајќи дека душите на мртвите се умируваат со човечка крв, тие на погребите жртвувале заробеници или купени робови со многу мала вредност. Потоа сакале да ја прикријат својата безбожност така што ја претвориле оваа практика во задоволство. Па така, откако луѓето што си ги прибавиле ги обучувале да се борат со оружјето што го имале тогаш и колку што можеле најдобро — а нивната обука била да научат да бидат убиени! — потоа и ги убивале на гробовите на денот одреден за погреб. На тој начин, во убивањето наоѓале утеха за смртта. Оттаму потекнува мунус. Но, набрзо во рафинираноста напредувале до истото ниво како и во суровоста; затоа што на задоволството на празникот му недостигало нешто, ако и диви ѕверови немале свој удел во распарчувањето на човечки тела. Она што било принесувано за да се смират мртвите било сметано за погребен обред“.

[Слика на страница 27]

Древен гладијаторски шлем и штит за потколеница

[Слики на страница 29]

За древните христијани насилничката забава била неприфатлива. А за тебе?

[Извори на слики]

Бокс: Dave Kingdon/Index Stock Photography; автомобилска несреќа: AP Photo/Martin Seppala

[Извор на слика на страница 26]

Phoenix Art Museum, Arizona/Bridgeman Art Library