Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

На пат е помош за гладните!

На пат е помош за гладните!

На пат е помош за гладните!

‚КАКОВ глад?‘ би можел да прашаш. Глад во поглед на духовна храна! Еден древен еврејски пророк го претскажал овој глад: „Еве, доаѓаат денови — говори Господ Бог — кога ќе испратам глад на земјата, не глад за леб ни жед за вода, туку за слушање на зборовите на Господа“ (Амос 8:11). За да помогнат во ублажувањето на духовниот глад, 48-те членови на 112. клас на Библиската школа Гилеад на Watchtower, сместена во Патерсон (Њујорк), заминуваат во 19 различни земји на 5 континенти и морски острови.

Заминуваат опремени, не со буквално месо и жито, туку со спознание, искуство и обука. Тие пет месеци беа ангажирани во интензивно проучување на Библијата наменето да ја зајакне нивната вера за мисионерска служба во странски земји. На 9 март 2002, програмата за промоција со воодушевување ја слушаа 5.554 присутни.

Програмата одушевено ја отвори Стивен Лет, кој служи како член на Водечкото тело на Јеховините сведоци. Тој им изрази посебно добредојде на многуте гости што пристигнаа од различни делови на светот. Потоа продолжи, применувајќи ги на делото на идните мисионери Исусовите зборови „Вие сте светлина на светот“ (Матеј 5:14). Тој објасни: ‚На вашите задачи ќе „осветлувате“ различни аспекти од Јеховините прекрасни дела, овозможувајќи им на луѓето со искрени срца да ја видат убавината на Јехова и на неговите намери‘. Брат Лет ги охрабри мисионерите да ја користат светлината од Божјата реч за да ја разоткријат темнината на лажните доктрини и да им дадат водство на оние што трагаат по вистината.

Исправниот став многу битен за успех

По уводните забелешки на претседавачот, Валтазар Перла, член на Одборот на подружницата на Соединетите Држави, го одржа првиот од серијата говори наменети да им се помогне на дипломците да бидат успешни мисионери. Тој ја обработи темата: „Биди храбар и јак, и дејствувај“ (1. Летописи 28:20NW). Цар Соломон од древниот Израел добил една предизвикувачка задача да стори нешто што го немал направено никогаш порано — да изгради храм во Ерусалим. Соломон дејствувал, и со Јеховина поддршка храмот бил завршен. Применувајќи ја таа лекција на класот, брат Перла рече: ‚Ти добиваш една нова задача, да станеш мисионер, и треба да бидеш храбар и јак‘. Студентите сигурно најдоа утеха во уверувањето дека Јехова нема да ги напушти ниту да ги остави сѐ додека остануваат блиски со него. Брат Перла ги трогна срцата на присутните заклучувајќи со личната забелешка: ‚Како мисионери можете да постигнете многу добра. Мисионерите беа тие што ја донесоа вистината до моето семејство и до мене!‘

„Потпирај се на Јехова за успех“ беше темата на говорот што го одржа Семјуел Херд, еден друг член на Водечкото тело. Студентите започнуваат една кариера во мисионерското дело, а нивниот успех многу зависи од нивниот однос со Јехова. Брат Херд ги опомена: ‚Вие насобравте големо спознание за Библијата преку вашите студии на Гилеад. Го добивте радосно. Но, сега, за да постигнете вистински успех, ќе морате да почнете да го делите она што го научивте‘ (Дела 20:35). Мисионерите ќе имаат многу прилики да го прават тоа додека ‚се излеваат‘ во корист на другите (Филипјаните 2:17).

Каков проштален совет имаа инструкторите за студентите? Темата на Марк Нојмар се засноваше на Рута 3:18: „Биди спокоен додека не видиш што ќе биде“. Осврнувајќи се на примерот на Ноемина и Рута, говорникот ги охрабри дипломците да имаат целосна доверба во подготовките што ги утврдила Божјата земна организација и да го почитуваат теократскиот авторитет. Допирајќи до срцата на студентите, брат Нојмар рече: ‚Можеби ќе има периоди кога нема да разбереш зошто е донесена некоја одлука што се однесува на тебе или периоди кога можеби ќе имаш силни чувства дека нешто треба да се направи на поинаков начин. Што ќе сториш? Дали ќе станеш и ќе ги земеш работите во свои раце или ќе ‚бидеш спокоен ‘, имајќи доверба во Божјето водство, уверен дека, со текот на времето, тој ќе предизвика да произлезе само добро‘? (Римјаните 8:28). Советот да се ‚сосредоточат на унапредување на интересите на Царството, да го држат окото на она што го прави Јеховината организација а не на личностите‘ несомнено ќе се покаже корисен за идните мисионери на нивните странски доделби.

Валас Ливеранс, кој и самиот бил мисионер и кој сега служи како инструктор на Гилеад, го изнесе последниот од уводните серија говори. Темата на неговиот говор беше: „Остани сосредоточен, остани во Божјата служба“. Тој покажа дека од тоа што лично го видел паѓањето на Вавилон и од она што го претскажал Еремија, пророкот Даниел увидел дека ослободувањето на Израелците од заробеништво било близу (Еремија 25:11; Даниел 9:2). Даниел бил свесен за Јеховиниот временски распоред, и тоа му помогнало да остане сосредоточен на одвивањето на Божјата намера. Спротивно на ова, Израелците од времето на пророкот Агеј рекле: „Уште не е дојдено времето“ (Агеј 1:2). Тие го изгубиле од вид времето во кое живееле, се сосредоточиле на сопствените удобности и на личната исполнетост, и ја оставиле работата заради која биле ослободени од Вавилон, повторната изградба на храмот. Брат Ливеранс заклучи: „Затоа, остани сосредоточен на тој начин што во секое време ќе ја имаш на ум Јеховината намера“.

Потоа Лоренс Боуен, инструктор на Гилеад, служеше како водител на една точка на тема „Јехова ги благословува оние што ја користат живата Реч“ (Евреите 4:12). Во оваа точка беа обработени искуства што класот ги имаше на теренот, при што беше истакнато како Јехова ги благословува оние што ја користат Библијата кога проповедаат и поучуваат. Водителот истакна дека Исус Христос дал добар пример за сите Божји слуги: ‚Исус можел верно да каже дека она за кое поучувал не било од него, туку зборувал од Божјата реч‘. Лицата со искрени срца ја препознале вистината и реагирале позитивно на неа (Јован 7:16, 17). Истото е случај и денес.

Обуката на Гилеад опремува за секое добро дело

Потоа, долгогодишните членови на бетелската фамилија Ричард Абрахамсон и Патрик Лафранк интервјуираа шест дипломци на Гилеад, кои сега служат во различни облици на специјална полновремена служба. Дипломците на 112. клас беа охрабрени кога чуја дека по толку години тие шестмина, без оглед на нивната моментална задача, и понатаму ја користат обуката што ја добиле на Гилеад во врска со проучувањето на Библијата, проектите за истражување или сложувањето со луѓето.

Главното предавање во програмата го одржа Теодор Џерес, член на Водечкото тело. Тоа носеше наслов: „Што е постигнато со истрајување под сатанската омраза“. Во изминатите пет месеци, студентите живееја во една љубезна и теократска околина. Меѓутоа, како што беше истакнато во нивните студии во училницата, живееме во непријателски свет. Јеховиниот народ низ целиот свет е изложен на напад (Матеј 24:9). Користејќи неколку библиски извештаи, брат Џерес истакна дека ‚ние сме посебна мета на Ѓаволот. Мораме да го зацврстиме нашиот однос со Јехова и да бидеме зајакнати да се соочиме со испитите‘ (Јов 1:8; Даниел 6:4; Јован 15:20; Откровение 12:12, 17). Брат Џерес заклучи дека и покрај тоа што омразата против Божјиот народ продолжува, ‚не ќе успее оружјето исковано против нас, како што се вели во Исаија 54:17. Јехова ќе се погрижи да бидеме избавени во негово сопствено време и на негов сопствен начин‘.

„Целосно опремени“, дипломците на 112. клас на Гилеад несомнено ќе сторат многу за да го ублажат гладот за духовна храна во земјите каде што ќе служат (2. Тимотеј 3:16, 17). Ние желно ги очекуваме извештаите за тоа како им ја доставуваат хранливата порака на луѓето во тие земји.

[Рамка на страница 23]

ПОДАТОЦИ ЗА КЛАСОТ:

Број на застапени земји: 6

Број на земји во кои се доделени: 19

Број на студенти: 48

Просечна старост: 33,2

Просек на години во вистина: 15,7

Просек на години во полновремена служба: 12,2

[Слика на страница 24]

112. клас што дипломираше на Библиската школа Гилеад на Watchtower

Во долнава листа, редовите се нумерирани однапред наназад, а имињата се наведени одлево надесно во секој ред.

1) Перот М.; Хукер И.; Анаја Р.; Рејнолдс Џ.; Џезуалди К.; Гонзалез Џ. 2) Робинсон К.; Филипс Б.; Мејдмент К.; Мур И.; Ноукс Џ.; Барнет С. 3) Стајарс Т.; Палмер Б.; Јанг К.; Гротхуис С; Гроуп Т.; Бак К. 4) Анаја Р.; Сукореф Е.; Стјуарт К.; Симозраг Н.; Симотел К.; Бак Е. 5) Стјуарт Р.; Јанг Х.; Џилфетер А.; Харис Р.; Барнет Д.; Перот С. 6) Мејдмент Е.; Мур Џ.; Гротхуис К.; Џилфетер К.; Ноукс С.; Стајарс Т. 7) Џезуалди Д.; Гроуп Т.; Сукореф Б.; Палмер Г.; Филипс Н.; Симотел Џ. 8) Харис С.; Хукер П.; Гонзалез Ј.; Симозраг Д.; Рејнолдс Д.; Робинсон М.