Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Нешто поголемо од египетските блага

Нешто поголемо од египетските блага

Нешто поголемо од египетските блага

МОЈСЕЈ е една од најголемите историски личности. Четири библиски книги — од Излез до Второзаконие — раскажуваат речиси само за Божјите постапки со Израел под водството на Мојсеј. Тој раководел со нивното излегување од Египет, бил посредник на сојузот на Законот и го водел Израел до границата на Ветената земја. Мојсеј бил одгледан во домаќинството на фараонот, но станал овластен заповедник на Божјиот народ, како и пророк, судија и божествено инспириран писател. Сепак бил ‚најскромниот човек‘ (Броеви 12:3).

Поголемиот дел од она што Библијата детално го кажува за Мојсеј ги вклучува последните 40 години од неговиот живот, опфаќајќи го периодот од ослободувањето на Израел од ропство до смртта на Мојсеј, на 120-годишна возраст. Од својата 40-та до 80-тата година тој бил пастир во Мадијам. Но, еден извор вели дека „можеби најфасцинантниот дел од неговиот живот, а и најнејасниот“ се неговите први 40 години, од раѓањето до неговото бегство од Египет. Што точно можеме да откриеме за овој период? Како можеле околностите во кои Мојсеј бил воспитуван да влијаат врз тоа каков човек станал тој? На какви влијанија бил изложен? Со какви предизвици морал да се соочува? И, што можеме да научиме од сето тоа?

Ропство во Египет

Книгата Излез раскажува дека еден фараон почнал да стравува поради тоа што израелските доселеници во Египет многу се намножиле. Уверен дека постапува „мудро“, тој се обидел да го намали нивниот број подложувајќи ги на тиранска ропска работа под камшикот на надзорниците — да носат товар, да прават малтер од глина и секојдневно да прават одредена квота цигли (Излез 1:8—14; 5:6—18).

Оваа слика на оној Египет во кој бил роден Мојсеј точно одговара на историските докази. Древните папируси и сликата на најмалку еден гроб го опишуваат производството на цигли од кал од страна на робовите во вториот милениум пр.н.е. или пред тоа. Службениците одговорни за производство на цигли организирале стотици робови групирани во бригади од по 6 до 18 луѓе под надзор на еден претпоставен или водач на група. Глината за цигли морала да се ископа а сламата да се префрли до цигларницата. Работници од различни националности носеле вода, која со помош на мотики ја мешале со глината и сламата. Со помош на правоаголни калапи се правеле цели редови цигли. Потоа работниците носеле јарем натоварен со цигли сушени на сонце до градилиштето, до кое понекогаш се качувале по еден кос приод. Египетските надзорници, вооружени со палки, седеле или шетале будно надгледувајќи ја работата.

Еден древен запис укажува дека 602 физички работника направиле 39.118 цигли, што значи дека еден човек во просек правел по 65 цигли во една смена. А еден документ од 13 век пр.н.е. вели: „Луѓето ја прават . . . својата квота од цигли секој ден“. Сето ова многу потсетува на тешката работа што се барала од Израелците, како што е опишано во книгата Излез.

Угнетувањето не го намалило еврејското население. Напротив, ‚колку повеќе [Египќаните] ги измачувале, тие уште повеќе се размножувале . . . така што Египќаните се плашеле од Израелците‘ (Излез 1:10, 12). Затоа фараонот им наредил најпрвин на еврејските бабици, а потоа на целиот свој народ, да го убијат секое новородено машко Израелче. Под вакви ужасни околности, на Јохаведа и на Амрам им се родило прекрасно машко бебе, Мојсеј (Излез 1:15—22; 6:20; Дела 7:20).

Криен, пронајден и усвоен

Родителите на Мојсеј се спротивставиле на фараоновата убиствена заповед и го скриле своето бебе. Дали го сториле тоа и покрај шпионите и пребарувачите што оделе наоколу за да бараат доенчиња? Не можеме да бидеме сигурни. Во секој случај, по три месеци родителите не можеле повеќе да го кријат Мојсеј. Затоа, неговата очајна мајка направила кошница од папирус, ја премачкала со смола за да биде водоотпорна, и го положила своето дете во неа. Во некоја смисла, Јохаведа била послушна на словото, ако не на духот, на фараоновата заповед да се фрли секое новородено машко Еврејче во Нил. Потоа Мирјам, постарата сестра на Мојсеј, застанала во близина за да набљудува (Излез 1:22—2:4).

Дали Јохаведа имала намера фараоновата ќерка да го пронајде Мојсеј кога таа ќе дојде да се капе во реката, не знаеме, но се случило токму тоа. Принцезата сфатила дека тоа дете е на Евреи. Што ќе стори? Дали, од послушност кон својот татко, ќе нареди да биде погубено? Не, таа реагирала како што обично би реагирале повеќето жени. Постапила сочувствително.

Набрзо Мирјам се нашла покрај неа. „Сакаш ли да побарам доилка меѓу Еврејките, да ти го дои детето?“ — ја прашала. Некои сметаат дека во овој пасус има голема иронија. Сестрата на Мојсеј стои како контраст на фараонот, кој направил сплетка со своите советници да постапи „мудро“ со Евреите. Се разбира, доброто на Мојсеј било потврдено дури кога принцезата се сложила со планот на сестра му. „Оди!“ — одговорила ќерката на фараонот, и Мирјам веднаш ја повикала својата мајка. Потоа, во еден извонреден договор, Јохаведа била најмена да го подига сопственото дете со кралска заштита (Излез 2:5—9).

Сочувството на принцезата е навистина во спротивност со суровоста на нејзиниот татко. Таа не била во незнаење ниту, пак, била измамена во врска со детето. Сожалувањето од срце ја поттикнало да го усвои, а тоа што се сложила да го дои Еврејка открива дека не ги делела предрасудите на нејзиниот татко.

Воспитување и образование

Јохаведа ‚го зела детето и го доела. А кога детето пораснало, го одвела кај ќерката Фараонова, и таа го посинила‘ (Излез 2:9, 10ПСП). Библијата не кажува колку време Мојсеј живеел со своите биолошки родители. Некои мислат дека тоа било барем до времето кога престанал да цица — две или три години — но можеби и подолго. Излез едноставно вели дека тој ‚пораснал‘ со своите родители, што може да значи дека бил на која и да било возраст. Како и да е, Амрам и Јохаведа несомнено го искористиле времето за да му помогнат на својот син да биде свесен за своето еврејско потекло и за да го поучат за Јехова. Колку добро успеале во срцето на Мојсеј да всадат вера и љубов кон праведноста, само времето требало да покаже.

Кога ѝ бил вратен на фараоновата ќерка, Мојсеј бил школуван „за сета мудрост на Египќаните“ (Дела 7:22). Тоа вклучувало обучување наменето да го оспособи Мојсеј за владина служба. Во огромната ученост на Египет спаѓале математика, геометрија, архитектура, градба и други уметности и науки. Веројатно кралската фамилија сакала тој да добие и поука за египетската религија.

Можеби Мојсеј го стекнал своето привилегирано образование заедно со другите кралски потомци. Меѓу оние што извлекувале корист од таквото елитно образование биле „децата на странски владетели што биле испратени или земени како заложници во Египет за да станат ‚цивилизирани‘ и потоа да бидат вратени да владеат како вазали“, верни на фараонот (The Reign of Thutmose IV — Владеењето на Тутмос IV, од Бетси М. Брајан). Забавиштата во склоп на кралските палати изгледа ги подготвувале младите да служат како дворски службеници. a Натписи што датираат од периодите на египетското Средно и Ново Царство откриваат дека неколку лични прислужници на фараонот и владини службеници од висок ранг ја носеле почесната титула „Дете на забавиштето“ дури и како возрасни.

Животот на дворот би го ставил Мојсеј на испит. Тој нудел богатство, луксуз и моќ. Исто така, наметнувал и морални опасности. Како ќе реагира Мојсеј? Кон кого ќе биде насочена неговата лојалност? Дали во душата бил обожавател на Јехова, брат на угнетуваните Евреи, или повеќе го сакал сето она што можел да го понуди паганскиот Египет?

Значајна одлука

На 40-годишна возраст, времето до кое можел да стане прав Египќанин, Мојсеј ‚дошол меѓу своите браќа и ги видел нивните маки‘. Неговите постапки што следеле потоа покажале дека тоа не било само љубопитност; тој копнеел да им помогне. Кога видел како некој Египќанин тепа Евреин, се вмешал и го убил угнетувачот. Тој чин покажал дека срцето на Мојсеј било со неговите браќа. Мртвиот човек веројатно бил службеник, убиен додека ги извршувал своите должности. Во очите на Египќаните, Мојсеј ја имал секоја причина да му биде лојален на фараонот. Сепак, Мојсеј бил поттикнат и од љубовта кон правдата, особина што понатаму ја покажал кога следниот ден му приговорил на еден Евреин кој неправедно го тепал својот другар. Мојсеј посакувал да ги ослободи Евреите од суровото ропство, но кога фараонот дознал за неговото дезертерство и се обидел да го убие, Мојсеј бил принуден да побегне во Мадијам (Излез 2:11—15; Дела 7:23—29). b

Времето во кое Мојсеј сакал да го ослободи Божјиот народ не одговарало на Јеховиното. Сепак, неговите постапки откриле вера. Во Евреите 11:24—26 се вели: „Со вера Мојсеј, кога порасна, одби да биде наречен син на фараоновата ќерка, избирајќи да биде малтретиран заедно со Божјиот народ наместо да го има привременото уживање на гревот“. Зошто? „Затоа што Христовиот срам го сметаше за поголемо богатство отколку египетските блага; зашто внимателно гледаше на добивањето на наградата.“ Оваа необична употреба на изразот ‚Христос‘, што значи „помазаник“, одговара на Мојсеј во смисла што тој подоцна добил посебен налог директно од Јехова.

Помисли само! Мојсеј стекнал воспитание што можел да го добие само еден египетски аристократ. Неговата положба му нудела брилијантна кариера и секакво можно задоволство, па сепак, го отфрлил сето тоа. Не можел животот на дворот на фараонот, угнетувачот, да го усогласи со љубовта кон Јехова и кон правдата. Спознанието и медитирањето за Божјите ветувања дадени на неговите прататковци Авраам, Исак и Јаков воделе до тоа на Мојсеј да му биде подрага божествената наклоност. Како резултат на тоа, Јехова можел да го употреби Мојсеј за најпривилегираната улога — да ги изврши Неговите намери.

Сите ние се соочуваме со избори во врска со тоа кои работи ни се најважни. Исто како Мојсеј, можеби и ти се соочуваш со некоја тешка одлука. Треба ли да се откажеш од некои практики или видливи користи, сеедно која е цената? Ако стоиш пред таков избор, сети се дека Јеховиното пријателство било повредно за Мојсеј од сите египетски блага, и не зажалил за тоа.

[Фусноти]

a Ваквото образование можеби било слично на она што го добиле Даниел и неговите другари за да служат како државни функционери во Вавилон (Даниел 1:3—7). Спореди со Поглавје 3 од книгата Обрни внимание на Даниеловото пророштво!, издадена од Јеховините сведоци.

b Понатамошен показател на ревноста на Мојсеј за правдата се гледа во тоа што ги одбранил беспомошните пастирки од малтретирање во Мадијам, каде што бил бегалец (Излез 2:16, 17).

[Рамка на страница 11]

Договори за „доење“

Мајките обично ги доеле своите сопствени бебиња. Меѓутоа, изучувачот Бревард Чајлдс во Journal of Biblical Literature вели: „Во некои случаи, кај аристократските [блискоисточни] семејства била најмувана доилка. Оваа практика била вообичаена и кога мајката не била во можност да го дои своето дете или кога не се знаело која е мајката. Доилката прифаќала одговорност да го подига детето, како и да го дои во пропишаниот период“. Од блискоисточните старини преживеале неколку папирусни договори за доилки. Овие документи сведочат за нешто што било распространета практика од сумерскиот период сѐ до доцниот хеленистички период во Египет. Заеднички обележја на овие документи се изјава на поединците што биле вклучени, времето за кое важел договорот, условите за работа, конкретни упатства во врска со исхраната, казните за прекршување на договорот, платата и начинот на кој таа ќе се исплатува. Типично е тоа што „доењето се протегало низ период од две до три години“, објаснува Чајлдс. „Доилката го подигала детето во својот дом, но понекогаш се барало да го враќа детето кај сопственикот заради проверка.“

[Слики на страница 9]

Горе: Pictorial Archive (Near Eastern History) Est.; долу: Erich Lessing/Art Resource, NY

[Извори на слики]

Правењето цигли во Египет не се сменило многу од времето на Мојсеј, како што се гледа од една древна слика