Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Ако некој изврши самоубиство, дали е во ред еден христијански министер да го одржи погребниот говор?

Секој христијански министер ќе мора сам да одлучи дали со чиста совест би можел да одржи погребен говор за некој што се чини дека извршил самоубиство. При донесувањето на одлуката, треба да размисли за следниве прашања: Како гледа Јехова на самоубиството? Дали смртта навистина била самоубиство? Дали самоубиството било предизвикано од некое ментално или емоционално нарушување? Како гледа локалната заедница на самоубиството?

Како христијани, ние сме заинтересирани за тоа како гледа Јехова на самоубиството. За Јехова човечкиот живот е скапоцен и свет (Битие 9:5; Псалм 36:9). Ако некој самиот намерно се убие тоа е самоубиство, и затоа не е допадливо во Божји очи (Излез 20:13; 1. Јованово 3:15). Дали тој факт исклучува да се одржи погребен говор за некоја жртва на самоубиство?

Разгледај го примерот на израелскиот цар Саул. Кога сфатил дека нема да ја преживее својата последна битка против Филистејците, наместо да дозволи непријателите да постапуваат навредливо со него ‚Саул го зел мечот и се фрлил на него‘. Кога Филистејците го нашле неговото тело, го приковале врз ѕидот на Вет Сан. Кога дознале што направиле Филистејците, жителите на Јавис Галадски го тргнале телото и го изгореле. Потоа ги зеле коските и ги закопале. Дури и седум дена постеле, традиционален обред на тагување кај Израелците (1. Самоил 31:4, 8—13; Битие 50:10). Кога Давид, помазаниот од Јехова, дознал што направиле жителите на Јавис Галадски, рекол: „Бидете благословени од Господа зашто го направивте тоа дело на љубов кон својот господар Саул и зашто го закопавте! Затоа Господ нека ви ги искаже Својата милост и добрина“ (2. Самоил 2:5, 6). Божествениот извештај не укажува дека жителите на Јавис Галадски биле осудени затоа што за цар Саул извршиле нешто што може да се смета како погребен обред. Спореди го ова со случајот на оние што биле лишени од погреб заради нивните престапи (Еремија 25:32, 33). Еден христијански министер може да го земе предвид извештајот за Саул при донесувањето одлука дали може да одржи погребен говор за некоја жртва на самоубиство.

Министерот можеби ќе сака да размисли и за целта на погребниот говор. За разлика од луѓето што веруваат во бесмртност на душата, Јеховините сведоци не прават погреби со погрешната идеја за испраќање на починатиот во некој друг свет. Наместо да му донесе корист на мртвиот, главната цел на комеморативната служба е да ги утеши ужалените и да им даде на присутните сведоштво во врска со состојбата на мртвите (Проповедник 9:5, 10; 2. Коринќаните 1:3—5). Друга важна причина за да се одржи погребен говор е да им се помогне на сите присутни да размислат за минливоста на животот (Проповедник 7:2). Дали овие цели ќе се задоволат со одржувањето комеморативна служба за жртва на самоубиство?

Се разбира, некои можеби мислат дека лицето си го одзело животот намерно, потполно свесно дека греши против Јехова. Но, дали може секогаш да се поткрепи таквото мислење? Можно ли е тоа да бил еден импулсивен чин? Некои што се обидуваат да извршат самоубиство се предомислуваат и не одат до крај. Едно лице не може после смртта да се покае за она што го направило.

Друг важен фактор се менталните и емоционалните нарушувања што се вклучени во многу самоубиства. Овие лица навистина можат да се наречат жртви на самоубиство. Според некои статистики, 90 проценти од оние што извршуваат самоубиство имаат некој ментален, емоционален или проблем на зависност. Дали Јехова ќе прости самоубиство извршено од луѓе во таква ментална состојба? Ние не сме во состојба да судиме дали починатиот извршил непростлив грев во очите на Јехова. Кога размислува дали да одржи погребен говор за жртвата на самоубиство, еден христијански министер може да ги земе во обѕир околностите и медицинската историја на починатиот.

Има уште еден аспект што треба да се разгледа: Како луѓето во заедницата гледаат на самоубиството и смртта на таа личност? Ова е од особен интерес за старешините, кои се заинтересирани за угледот на локалното собрание на Јеховините сведоци. Во зависност од општиот став на локалната заедница кон самоубиството, а особено во врска со конкретниот случај, старешините можеби ќе претпочитаат да не одржат таков погреб јавно или, пак, да го одржат во Салата на Царството.

Сепак, ако еден христијански министер е замолен да биде одговорен за погребот, можеби ќе смета дека може да го стори тоа како приватно лице. Ако реши така, треба да биде дискретен да не дава конкретни изјави за тоа дали е возможно воскресение. Сите идни изгледи за мртвиот се во рацете на Јехова и никој не е во состојба да каже дали мртвиот ќе биде воскреснат или не. Министерот може да се сосредоточи на библиските вистини за смртта и да им понуди утеха на ужалените.