Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Проблемите на човештвото наскоро ќе исчезнат!

Проблемите на човештвото наскоро ќе исчезнат!

Проблемите на човештвото наскоро ќе исчезнат!

„ХУМАНИТАРНАТА помош е со ограничена вредност доколку не претставува дел од една поширока стратегиска и политичка програма насочена кон тоа да се отстранат коренските причини на конфликтот. Искуството секогаш одново покажува дека само хуманитарната помош не може да ги реши проблемите кои во основа се од политичка природа“ (Состојбата на бегалците во светот — 2000).

И покрај големата хуманитарна помош, проблемите на човештвото неумоливо растат. Какви се шансите за трајно политичко решение? Всушност, многу мали. Но, каде на друго место можеме да бараме решение? Во еден значаен дел во почетокот на своето писмо до христијаните во Ефес, апостол Павле објаснува на кој начин Бог ќе им стави крај на сите проблеми на човештвото. Дури укажува и кое средство Бог ќе го употреби за да го направи тоа — средство што ќе обрне внимание на коренските причини на сите проблеми што нѐ измачуваат денес. Зошто да не разгледаме што вели Павле? Тој дел се наоѓа во Ефешаните 1:3—10.

„Повторно да се состави сѐ во Христос“

Божјата намера, вели апостолот, е за она што тој го нарекува „управување [или раководење] при потполно завршување . . . на одредените времиња“. Што значи ова? Тоа значи дека Бог има одредено време кога ќе дејствува за „повторно да состави сѐ во Христос, она што е на небесата и она што е на земјата“ (Ефешаните 1:10). Да, Бог започнал со една подготовка повторно да доведе во склад сѐ што е на небото и на Земјата под негова директна контрола. Интересно е тоа што во врска со изразот што овде е преведен со „повторно да состави сѐ“, библискиот изучувач Џ. Х. Тајер забележува: „Повторно да ги собере заедно за себе . . . сите работи и суштества (досега разединети поради гревот) во една обединета состојба на заедништво во Христос“.

Тоа укажува на потребата Бог да го направи ова земајќи го предвид фактот како воопшто се појавила разединетоста. Рано во човечката историја, нашите прародители Адам и Ева го следеле Сатана Ѓаволот во побуната против Бог. Тие сакале независност во форма на право самите да одлучуваат што е добро, а што лошо (Битие 3:1—5). Во согласност со божествената правда, биле истерани од Божјето семејство и го изгубиле заедништвото со него. Го втурнале човештвото во несовршенство со сите ужасни последици што денес ги доживуваме (Римјаните 5:12).

Привремено допуштање на зло

Некои можеби ќе прашаат: ‚Зошто Бог им дозволил да го направат тоа? Зошто едноставно не ја употребил својата врховна моќ и не ја спровел својата волја, спречувајќи ги на тој начин сета болка и страдање што сега ги доживуваме?‘ Можеби си во искушение да размислуваш така. Но, што навистина би докажала таквата употреба на огромна моќ? Дали се восхитуваш или одобруваш кога некој на првиот знак на несогласување едноставно го задушува секое противење затоа што има моќ да го стори тоа? Сигурно не.

Тие бунтовници всушност не ја оспориле Божјата семоќна сила. Тие попрво ја оспориле законитоста и исправноста на неговиот начин на владеење. За да ги реши еднаш засекогаш основните спорни прашања што биле покренати, Јехова им дозволил на неговите творби одредено време сами да ги водат своите работи без негова директна контрола (Проповедник 3:1; Лука 21:24). Кога тоа време ќе заврши, тој ќе интервенира за повторно да воспостави целосна контрола над Земјата. Дотогаш ќе биде сосем јасно дека неговиот начин на владеење е единствениот што гарантира траен мир, среќа и благосостојба за жителите на Земјата. Тогаш сите светски угнетувачи ќе бидат отстранети засекогаш (Псалм 72:12—14; Даниел 2:44).

„Пред основањето на светот“

Јехова уште одамна наумил да го стори сето ова. Павле спомнува „пред основањето на светот“ (Ефешаните 1:4). Тоа не било пред создавањето на Земјата или пред создавањето на Адам и Ева. Тој свет бил ‚многу добар‘ и немало побуна (Битие 1:31). Тогаш, на кој „свет“ мислел Павле? Светот на децата на Адам и Ева — грешен, несовршен свет од луѓе што имаат изглед да бидат искупени. Уште пред да се роди првото дете, Јехова веќе знаел како ќе се справи со работите за да им донесе ослободување на потомците на Адам што можеле да бидат откупени (Римјаните 8:20).

Се разбира, ова не укажува на тоа дека Суверенот на универзумот мора да се справи со работите како што луѓето се справуваат со нив. Увидувајќи дека може да се појави некоја итна потреба, луѓето планираат разни детални стратегии за да се справат со ситуацијата. Не, Семоќниот Бог едноставно ја изложува својата намера и ја исполнува. Сепак, Павле објаснува како Јехова решил да ги среди работите за да му донесе трајно олеснување на човештвото. Какви мерки презел?

Кој ќе донесе олеснување?

Павле објаснува дека Исусовите духовно помазани ученици имаат посебна улога во отстранувањето на штетата предизвикана од адамскиот грев. Јехова „нѐ избра во обединетост со него [Христос]“, вели Павле, за да владеат со Исус во неговото небесно Царство. Објаснувајќи го ова понатаму, Павле вели дека Јехова „однапред нѐ предодреди за да нѐ усвои преку Исус Христос како синови за себе“ (Ефешаните 1:4, 5). Се разбира, Јехова не ги избрал, или предодредил, како поединци. Меѓутоа, предодредил класа на верни и оддадени луѓе што ќе служат со Христос во отстранувањето на штетата што Сатана Ѓаволот, заедно со Адам и Ева, му ја нанеле на човечкото семејство (Лука 12:32; Евреите 2:14—18).

Колку зачудувачки! Кога првобитно го оспорил Божјиот суверенитет, Сатана сугерирал дека Божјата човечка творба била грешна — дека под доволно силен притисок или поттик сите тие би се побуниле против Божјето владеење (Јов 1:7—12; 2:2—5). Во еден драматичен приказ на „својата славна незаслужена љубезност“, Јехова Бог со текот на времето ја покажал својата доверба во неговите земни творби така што усвоил некои од Адамовото грешно семејство да бидат негови духовни деца. Членовите на оваа мала група ќе бидат земени да служат на небото. Со која цел? (Ефешаните 1:3—6; Јован 14:2, 3; 1. Солуњаните 4:15—17; 1. Петрово 1:3, 4).

Овие усвоени Божји синови, вели апостол Павле, станале „сонаследници со Христос“ во неговото небесно Царство (Римјаните 8:14—17). Како цареви и свештеници тие ќе имаат удел во ослободувањето на човечкото семејство од болката и страдањето што сега ги доживува (Откровение 5:10). Навистина, „целото создание заедно воздивнува и заедно е во болка сѐ досега“. Меѓутоа, наскоро овие посебно избрани Божји синови ќе го следат Исус во акција и сите послушни луѓе повторно ‚ќе бидат ослободени од ропството на распадливоста и ќе ја имаат славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:18—22).

„Ослободување со откупнина“

Сето ова е овозможено преку, секако, најдраматичниот и највозвишениот израз на Божјата незаслужена љубезност кон овој свет од луѓе што можат да се откупат — а тоа е откупната жртва на Исус Христос. Павле пишува: „Преку него [Исус Христос] имаме ослободување со откупнина со посредство на неговата крв, да, простување на нашите престапи, според богатството на неговата незаслужена љубезност“ (Ефешаните 1:7).

Исус Христос е главниот лик во остварувањето на Божјата намера (Евреите 2:10). Неговата откупна жртва ја дава правната основа врз која Јехова може да усвои некои од Адамовите потомци во своето небесно семејство и да го ослободи човештвото од последиците од адамскиот грев, без да ја поткопа довербата во Неговите закони и начела (Матеј 20:28; 1. Тимотеј 2:6). Јехова ги извршил работите на начин што ја поддржува неговата праведност и ги задоволува барањата на совршената правда (Римјаните 3:22—26).

Божјата ‚света тајна‘

Со илјадници години Бог не открил како точно ќе ја исполни својата намера со Земјата. Во првиот век н.е., тој ‚им ја објавил [на христијаните] светата тајна на својата волја‘ (Ефешаните 1:9). Павле и другите помазани христијани јасно ја разбрале величествената улога што му била доделена на Исус Христос во остварувањето на Божјата намера. Исто така, почнале да ја сфаќаат и својата посебна улога како сонаследници со Христос во неговото небесно Царство (Ефешаните 3:5, 6, 8—11). Да, владата на Царството во рацете на Исус Христос и неговите придружни владетели е средството што Бог ќе го употреби за да донесе траен мир, не само на небото туку и на Земјата (Матеј 6:9, 10). Преку неа, Јехова ќе ја врати Земјата во онаа состојба која првобитно била негова намера (Исаија 45:18; 65:21—23; Дела 3:21).

Неговото одредено време за директна акција со цел да ја ослободи Земјата од сето угнетување и неправда лежи во блиска иднина. Но, Јехова всушност го започнал процесот на обновување на Пентекост 33 н.е. Како? Така што тогаш почнал да го собира „она што е на небесата“, оние што ќе владеат со Исус на небото. Тука биле вклучени и ефеските христијани (Ефешаните 2:4—7). Од понеодамна, во наше време, Јехова го собира „она што е на земјата“ (Ефешаните 1:10). Преку една глобална проповедничка кампања, им ја објавува на сите нации добрата вест за неговата влада на Царството во рацете на Исус Христос. Оние што се оѕвиваат се собираат уште сега во место на духовна заштита и духовно лекување (Јован 10:16). Наскоро, ќе доживеат целосно ослободување од сите неправди и страдања на исчистена рајска земја (2. Петрово 3:13; Откровение 11:18).

„Многу импресивни чекори напред“ се направени во хуманитарните напори да му се помогне на угнетеното човештво (Состојбата на децата во светот — 2000). Сепак, најимпресивниот чекор ќе биде претстојната интервенција на Исус Христос и неговите придружни владетели во небесната влада на Царството. Тие ќе обрнат целосно внимание на сите коренски причини за конфликти и сите други зла што нѐ притискаат. Тие ќе им стават крај на сите проблеми на човештвото (Откровение 21:1—4).

[Слики на страница 4]

Хуманитарната помош не ги решила проблемите на човештвото

[Слика на страница 6]

Христовата откупна жртва обезбедила ослободување за човештвото од адамскиот грев

[Слика на страница 7]

Можно е денес да се најде духовна заштита и духовно лекување

[Слики на страница 7]

Наскоро, преку месијанското Царство, ќе дојде до целосно ослободување од проблемите