Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Следи го царскиот образец

Следи го царскиот образец

Следи го царскиот образец

„Нека го препише за себе на свиток овој Закон . . . Нека го држи покрај себе; нека го чита во секое време на својот живот“ (ВТОРОЗАКОНИЕ 17:18, 19).

1. Како кого би можел да сака да биде еден христијанин?

 ТЕШКО би можел да се замислиш себеси како цар или царица. Кој верен христијанин и библиски студент би се замислил себеси да постапува со царски авторитет, како добрите цареви Давид, Јосија, Езекија или Јосафат? Сепак, можеш и треба да бидеш како нив најмалку на еден посебен начин. Кој е тој начин? И зошто треба да сакаш да бидеш како нив во тој поглед?

2, 3. Што предвидел Јехова во врска со човечки цар, и што требало да прави еден таков цар?

2 Во времето на Мојсеј, долго пред да им одобри на Израелците човечки цар, Бог предвидел дека Неговиот народ ќе посака да има цар. Затоа го инспирирал Мојсеј да вклучи важни упатства во сојузот на Законот. Тоа биле царски упатства, насочници за еден цар.

3 Бог рекол: „Кога ќе стигнеш во земјата, која ти ја дава Господ, твојот Бог . . . па тогаш ќе речеш: ‚Сакам да поставам цар над себе, како што имаат сите други народи околу мене, тогаш ќе си го поставиш за цар оној, кого ќе го избере Господ, твојот Бог . . . А кога ќе седне на царскиот престол, нека го препише за себе на свиток овој Закон . . . Нека го држи покрај себе; нека го чита во секое време на својот живот, за да научи да се бои од Господа, својот Бог, за да ги пази сите зборови на овој Закон и да ги врши овие одредби“ ( Второзаконие 17:14—19).

4. Што вклучувале Божјите упатства за царевите?

4 Да, царот што Јехова би им го избрал на своите обожаватели требало да направи личен препис на записите што можеш да ги најдеш во твојата Библија. Потоа, царот требало да го чита тој препис секојдневно, секогаш одново. Тоа не било вежба за помнење. Тоа било проучување, и имало корисна цел. Царот што ќе имал Јеховино одобрување требало да се стреми кон такво проучување за да развие и да задржи исправен став на срцето. Исто така, тој требало да ги проучува тие инспирирани записи за да биде успешен, прониклив цар (2. Цареви 22:8—13; Пословици 1:1—4).

Учи како цар

5. Кои делови од Библијата ги имал да ги препише и да ги чита цар Давид, и какви чувства имал во врска со тоа?

5 Што мислиш, што се барало од Давид кога станал цар на Израел? Па, морал да направи препис од книгите на Пентатеухот (Битие, Излез, Левит, Броеви, Второзаконие). Помисли само каков впечаток оставило врз умот и срцето на Давид тоа што ги користел своите очи и раце за да направи препис од Законот. Веројатно Мојсеј ја напишал и книгата Јов, како и Псалми 90 и 91. Дали Давид ги препишал и нив? Можеби. Исто така, веројатно ги имал на располагање книгите Исус Навин, Судии и Рута. Така, можеш да видиш дека цар Давид имал да чита и да впие еден добар дел од Библијата. А имаш причина и да веруваш дека токму тоа и го сторил, што може да се види по неговите коментари во врска со Божјиот закон, кои сега се наоѓаат во Псалм 19:7—11.

6. Зошто можеме да бидеме сигурни дека Исус, исто како својот прататко Давид, имал интерес за Писмото?

6 Поголемиот Давид — Исус, Синот Давидов — следел сличен образец. Исус имал обичај секоја седмица да оди во локалната синагога. Таму слушал како се чита Писмото и се коментира за него. Освен тоа, повремено и самиот тој јавно читал од Божјата реч на глас и ја објаснувал нејзината примена (Лука 4:16—21). Лесно можеш да увидиш дека тој го познавал Писмото. Прочитај ги само евангелските извештаи, и забележи колку често Исус рекол „напишано е“ или на други начини укажал на конкретни пасуси од Писмото. Само во неговата Проповед на гората, која ја запишал Матеј, Исус 21 пат цитирал од Хебрејските списи (Матеј 4:4—10; 7:29; 11:10; 21:13; 26:24, 31; Јован 6:31, 45; 8:17).

7. Како Исус се разликувал од верските водачи?

7 Исус го следел советот од Псалм 1:1—3: „Блажен е човекот кој не оди по советот на нечесните . . . туку волјата му е во Господовиот [Јеховиниот, NW] Закон и за Неговиот Закон размислува дење и ноќе . . . сѐ што прави, во сѐ успева“. Во колкава спротивност било тоа со верските водачи од негово време, кои ‚седеле на Мојсеевата столица‘ но го игнорирале „Јеховиниот Закон“! (Матеј 23:2—4).

8. Зошто било залудно тоа што еврејските верски водачи, ја читале и ја проучувале Библијата?

8 Меѓутоа, некои можеби ќе се збунат од еден пасус што би можел да се протолкува како Исус да ги одвраќал луѓето од проучување на Библијата. Во Јован 5:39, 40 читаме што им рекол Исус на некои во негово време: „Вие го истражувате Писмото, зашто мислите дека со негова помош ќе имате вечен живот; и токму тоа сведочи за мене. А сепак не сакате да дојдете кај мене за да имате живот“. Со тој коментар Исус не ги одвраќал своите еврејски слушатели од проучување на Писмото. Напротив, ја покажал нивната неискреност односно недоследност. Тие сфаќале дека Писмото можело да ги доведе до вечен живот, но токму тоа Писмо што го истражувале требало да ги води и до Месијата, Исус. Сепак, одбиле да го прифатат. Според тоа, проучувањето било бескорисно затоа што тие не биле искрени, поучливи (Второзаконие 18:15; Лука 11:52; Јован 7:47, 48).

9. Каков убав пример дале апостолите и раните пророци?

9 Колку само била поинаква сликата со Исусовите ученици, вклучувајќи ги и апостолите! Тие ги проучувале ‚светите списи, кои можат да направат [некого] мудар за спасение‘ (2. Тимотеј 3:15). Во тој поглед биле како раните пророци што ‚марливо испитувале и внимателно истражувале‘. Тие пророци не го сметале тоа истражување само за еден ревносен порив за проучување што ќе трае неколку месеци или една година. Апостол Петар вели дека тие ‚постојано истражувале‘, особено за Христос и за славата што била вклучена во неговата спасувачка улога за човештвото. Во своето прво писмо, Петар цитирал 34 пати од десет библиски книги (1. Петрово 1:10, 11).

10. Зошто треба секој од нас да биде заинтересиран да ја проучува Библијата?

10 Значи, јасно е дека внимателното проучување на Божјата реч било царска задача за царевите во древниот Израел. Исус го следел овој образец. А нејзиното проучување било потфат и за оние што требало да владеат со Христос како цареви на небото (Лука 22:28—30; Римјаните 8:17; 2. Тимотеј 2:12; Откровение 5:10; 20:6). Овој царски образец е исто толку неопходен и за сите денес што со нетрпение ги очекуваат благословите на Земјата под владеењето на Царството (Матеј 25:34, 46).

Потфат за царевите и за тебе

11. а) Каква опасност постои за христијаните во врска со проучувањето? б) Кои прашања би било добро да си ги поставиме?

11 Можеме категорично и искрено да речеме дека секој вистински христијанин би требало самиот лично да ја испитува Библијата. Тоа не е нешто што требало да се прави само кога за првпат си ја проучувал Библијата со Јеховините сведоци. Секој од нас треба да биде решен да избегнува да биде како некои во времето на апостол Павле, кои со текот на времето го занемариле личното проучување. Тие ги научиле „елементарните работи на светите Божји објави“, како што се „основната наука за Христос“. Сепак, не продолжиле да проучуваат и на тој начин не ‚се напрегале кон зрелост‘ (Евреите 5:12—6:3). Во согласност со тоа, можеме да се прашаме: „Сеедно дали кратко време или со децении сум поврзан со христијанското собрание, што мислам за личното проучување на Божјата реч? Павле се молел за христијаните во негово време да продолжат да ‚растат во точното спознание за Бог‘. Дали и јас покажувам дека ја имам истата желба?“ (Колошаните 1:9, 10).

12. Зошто е важно да се има сѐ поголема наклоност кон Божјата реч?

12 Клуч за да имаш добри навики на проучување е да развиеш наклоност кон Божјата реч. Псалм 119:14—16 укажува на редовното, смисловно размислување за Божјата реч како на средство преку кое ќе почнеш да уживаш во неа. Повторно, ова важи без оглед на тоа колку долго си христијанин. За да си го нагласиш овој факт, сети се на примерот на Тимотеј. Иако овој христијански старешина веќе служел како „добар војник на Христос Исус“, Павле го поттикнал да даде сѐ од себе за ‚исправно да ракува со речта на вистината‘ (2. Тимотеј 2:3, 15; 1. Тимотеј 4:15). Јасно, да дадеш „сѐ од себе“ вклучува да имаш добри навики на проучување.

13. а) Како би можело да се најде повеќе време за проучување на Библијата? б) Кои преиначувања можеш да ги направиш за да добиеш време за проучување?

13 Еден чекор кон добрите навики на проучување е редовно да се одвојува време за проучување на Библијата. Како ти оди во тој поглед? Каков и да е твојот искрен одговор, дали мислиш дека ќе извлечеш корист ако поминуваш уште повеќе време во личното проучување? Можеби се прашуваш: ‚Како би можел да најдам време за тоа?‘ Па, некои го зголемиле времето за делотворно проучување на Библијата на тој начин што наутро стануваат малку порано. Можеби ја читаат Библијата по 15 минути или работат на некој проект на лично проучување. Како друга можност, што мислиш за тоа да направиш мало преиначување во твојот седмичен распоред? На пример, ако имаш навика да читаш весник повеќето денови или да ги гледаш вечерните вести на телевизија, дали ќе биде можно да ги прескокнеш барем еден ден во седмицата? Времето тој ден би можел да го употребиш за подолго проучување на Библијата. Ако ги замениш вестите од еден ден и посветуваш по 30-тина минути на личното проучување, ќе добиеш повеќе од 25 часа годишно. Замисли си ги користите од 25 часа додатно читање или проучување на Библијата! Еве и една друга идеја: Во текот на претстојната седмица, на крајот од секој ден анализирај ги своите активности. Види дали ќе најдеш нешто што би можел да испуштиш или да намалиш за да добиеш време за додатно читање или проучување на Библијата (Ефешаните 5:15, 16).

14, 15. а) Зошто се важни целите кога станува збор за личното проучување? б) Кои цели се можни во врска со читањето на Библијата?

14 Што ќе ти го направи проучувањето полесно, попривлечно? Целите. Кои реалистични цели за проучување би можел да си ги поставиш? За многумина, една одлична прва цел е да ја прочитаат целата Библија. Можеби досега повремено си читал делови од Библијата и си имал корист од тоа. Би можел ли сега да бидеш решен да ја прочиташ целата Библија? Твојата почетна цел во тој поглед би можела да биде да ги прочиташ четирите евангелија, по што ќе следи една втора цел — да го прочиташ останатиот дел од Христијанските грчки списи. Откако ќе ги искусиш задоволството и резултатите што произлегуваат од тоа, твоја следна цел би можела да биде да ги читаш по ред Мојсеевите книги и историските книги сѐ до Естира. Откако ќе го постигнеш тоа, ќе увидиш дека е реалистично да завршиш со читање на останатиот дел од Библијата. Една жена, која кога станала христијанка имала околу 65 години, на внатрешната корица од својата Библија го напишала датумот кога почнала да ја чита, а подоцна и датумот кога завршила со читањето. Сега има пет пара датуми! (Второзаконие 32:45—47). И, наместо да чита од компјутерски екран или од отпечатена копија од компјутер, таа ја имала Библијата во своите раце.

15 Некои што веќе ја постигнале целта да ја прочитаат целата Библија преземаат други чекори за да го направат своето постојано проучување уште попродуктивно и наградувачко. Еден начин е, пред да се чита секоја наредна библиска книга, да се вклучи избран студиски материјал. Во „Све је Писмо од Бога надахнуто и корисно“ и Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), можат да се најдат извонредни информации во врска со историската рамка, стилот и потенцијалните користи од секоја библиска книга. a

16. Кој пример во врска со проучувањето на Библијата треба да го избегнуваме?

16 При твоето проучување, избегнувај го пристапот што е вообичаен за многу таканаречени библиски изучувачи. Тие претерано се сосредоточуваат на тоа да ги анализираат стиховите како Библијата да има човечко потекло. Некои од нив се обидуваат да ја поврзат секоја библиска книга со одредена читателска публика или си ја измислуваат целта и наводното гледиште што го имал на ум човечкиот автор на секоја книга. Ефектот од таквото човечко резонирање може да биде библиските книги да се сведат на чиста историја или на нив да се гледа како да одразуваат развојни пристапи кон религијата. Други изучувачи се оддаваат на студии на зборови, како што е филологијата на библиската литература. Тие повеќе се зафаќаат со проучување на потеклото на зборовите и со наведувањето на хебрејското и грчкото значење отколку со важноста на Божјата порака. Дали мислиш дека постои веројатност таквите пристапи да всадат длабока и мотивирачка вера? (1. Солуњаните 2:13).

17. Зошто на Библијата треба да гледаме како на книга што има порака за сите?

17 Дали се воопшто важечки заклучоците на изучувачите? Точно ли е дека секоја библиска книга има само една клучна поента или дека е наменета исклучително за една читателска публика? (1. Коринќаните 1:19—21). Факт е дека книгите од Божјата реч имаат трајна вредност за луѓето од сите возрасти и со секакви заднини. Дури и ако една книга во почетокот му била упатена на еден човек, на пример на Тимотеј или на Тит, или на една одредена група, можеби на Галатите или на Филипјаните, сите ние можеме и треба да ги проучуваме тие книги. Тие се важни за секого од нас, и секоја книга може да обработува многу теми и да им користи на многу видови читатели. Да, пораката на Библијата е универзална, а тоа ни помага да разбереме зошто таа е преведена на јазиците на луѓето низ целата Земјина топка (Римјаните 15:4).

Корист за тебе и за другите

18. За што треба да размислуваш додека ја читаш Божјата реч?

18 Додека проучуваш, ќе увидиш колку е корисно да бараш разбирање за Библијата и да се обидуваш да ги видиш деталите во нивниот вистински сооднос (Пословици 2:3—5; 4:7). Она што Јехова го открил преку својата Реч е тесно поврзано со неговата намера. Затоа, додека читаш, поврзувај ги фактите и советите со неа. Би можел да размислуваш како некоја случка, идеја или пророштво е поврзано со Јеховината намера. Запрашај се: ‚Што ми кажува ова за Јехова? Како ова се однесува на исполнувањето на Божјата намера преку неговото Царство?‘ Би можел и да размислуваш: ‚Како да ги употребам овие информации? Можам ли да ги искористам додека ги поучувам или советувам другите на темел на Писмото?‘ (Исус Навин 1:8).

19. Кој има корист кога им го раскажуваш на другите она што си го научил? Објасни.

19 Размислувањето за другите е корисно и од еден друг аспект. Во текот на твоето читање и проучување на Библијата, ќе научиш нови работи и ќе стекнеш нов увид. Пробај да ги вклучиш тие работи во изградувачки разговор со членовите на твоето семејство или со другите. Ако го правиш тоа во пригодни прилики и на скромен начин, несомнено таквите дискусии ќе бидат наградувачки. Твоето искрено, одушевено раскажување на она што си го научил или на аспектите што ти биле интересни веројатно ќе придонесе тие да остават посилен впечаток кај другите. Освен тоа, ќе ти биде од корист и тебе лично. На кој начин? Експертите забележале дека човек подолго го помни она што го научил или прочитал ако, додека му е свежо во умот, го користи или го повторува како, на пример, кога им го раскажува на другите. b

20. Зошто е корисно да се чита Библијата секогаш одново?

20 Секојпат кога читаш некоја библиска книга, сигурно ќе дознаеш нови информации. Ќе ти остават впечаток некои стихови што претходно не ти значеле толку многу. Тие ќе попримат ново значење. Ова треба да го нагласи фактот дека библиските книги не се само човечка литература, туку богатство погодно за секогаш одново да го проучуваш и да извлекуваш корист од него. Запомни, еден цар, како што бил Давид, требало да „го чита во секое време на својот живот“.

21. Која награда можеш да ја очекуваш ако подлабоко ја проучуваш Божјата реч?

21 Да, оние што одвојуваат време за длабоко проучување на Библијата извлекуваат огромна корист. Тие добиваат духовни скапоцени камења и увид. Нивниот однос со Бог станува појак, побогат. Исто така, тие стануваат сѐ повредни за членовите на семејството, за браќата и сестрите во христијанското собрание и за оние што допрва ќе станат обожаватели на Јехова (Римјаните 10:9—14; 1. Тимотеј 4:16).

[Фусноти]

a Овие помагала за проучување се издадени од Јеховините сведоци и се достапни на многу јазици.

b Види Стражарска кула од 15 август 1993, страници 13, 14.

Се сеќаваш ли?

• Што требало да прават царевите во Израел?

• Каков пример во врска со проучувањето на Библијата дале Исус и апостолите?

• Какви преиначувања можеш да направиш за да имаш повеќе време за лично проучување?

• Со каков умствен став треба да му пристапуваш на проучувањето на Божјата реч?

[Прашања]

[Рамка на страница 15]

„Во наши раце“

„Ако сакаме . . . конкорданција на Библијата, не можеме да најдеме подобар медиум од Интернет. Но, ако сакаме да ја читаме Библијата, да ја проучуваме, да размислуваме за неа, треба да ја имаме во нашите раце, зашто тоа е единствениот начин да ја всадиме во нашите умови и срца“ (Гертруд Химелфарб, прочуена почесна професорка, City University, Њујорк).