Живот под контрола на суеверието
Живот под контрола на суеверието
НАЛЕТУВАШ на некого додека излегуваш од дома. Си го удираш прстот на ногата од некој камен. Некој одреден вид птица испушта крици во ноќта. Постојано сонуваш еден ист сон. За многумина ова се едноставни, безопасни случки. Но, некои луѓе во западна Африка може да гледаат на нив како на знаци, лоши предзнаци или пораки од духовниот свет. Во зависност од знакот и неговото толкување се верува дека ги чека или успех или несреќа.
Се разбира, суеверието опстојува и надвор од Африка. И покрај тоа што со години живееја под официјален атеизам, зачудувачки голем број луѓе во Кина и во републиките на поранешниот Советски Сојуз сѐ уште цврсто се држат за суеверието. Во западниот свет, многумина консултираат хороскоп, се плашат од петок 13-ти и избегнуваат црни мачки. Некои народи од далечниот север ја сметаат поларната светлина како лош предзнак за војна и чума. Во Индија, СИДА-та се шири од камионџиите кои веруваат дека треба да имаат сексуални односи за да ги разладуваат своите тела во жешките денови. Во Јапонија, работниците во тунелите веруваат дека ако жена влезе во тунелот пред да биде завршен, тоа носи несреќа. Суеверието цвета и во професионалниот спорт. Еден одбојкар дури ја припишал низата победи на тоа што носел црни наместо бели чорапи. Списокот нема крај.
Како е со тебе? Дали можеби имаш некој таен, необјаснив страв? Дали си под влијание на некое „верување, полуверување или некој обичај за кој изгледа дека нема разумно објаснување?“ Твојот одговор може да открие многу во врска со тоа, зашто токму вака еден прирачник го објаснува зборот „суеверие“.
Лицето што допушта суеверието да влијае врз неговите одлуки и врз неговата секојдневна рутина дозволува со него да владее нешто што всушност не го ни разбира. Дали тоа е мудро? Треба ли да се подложиме на таквото нејасно, а можеби и злокобно влијание? Дали суеверието е безначајна слабост или, пак, е опасна закана?