Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Лекција од штркот

Лекција од штркот

Лекција од штркот

„ПА И штркот под небото го знае своето време . . . А Мојот народ не го познава Господовиот суд“ (Еремија 8:7). Со овие зборови, пророкот Еремија го објавил Јеховиниот суд против отпадниците на Јуда, кои го оставиле Јехова, својот Бог, и почнале да обожаваат туѓи божества (Еремија 7:18, 31). Зошто го избрал Еремија штркот како лекција за неверните Евреи?

За Израелците, штркот, а особено белиот штрк, бил позната глетка додека мигрирал низ библиските земји. Хебрејското име за оваа голема, долгонога водна птица е формата за женски род од зборот што значи „лојален; некој со оддадена љубезност“. Ова одговара, зашто за разлика од повеќето други птици, мажјакот и женката штрк остануваат заедно цел живот. Откако ќе ја поминат зимата во потоплите предели, повеќето штркови се враќаат година по година, честопати во истото гнездо што пред тоа го користеле.

Инстинктивното однесување на штркот ја илустрира лојалноста и на други извонредни начини. И мажјакот и женката лежат на јајцата и ги хранат пиленцата. Книгата Our Magnificent Wildlife (Нашите величествени диви животни) објаснува: „Како родители, штрковите се особено верни. Еден штрк мажјак во Германија влетал во жици со висок напон и умрел од електричен удар. Неговата партнерка продолжила 3 дена сама да лежи на јајцата, напуштајќи го само еднаш гнездото на кратко за да побара храна . . . Во друг случај, кога женката била убиена, таткото ги одгледувал младите“.

Навистина, со тоа што инстинктивно покажува верност кон својот доживотен партнер и нежна грижа за своите млади, штркот живее во склад со значењето на своето име — „лојален“. Според тоа, штрковите добро послужиле како силна лекција за неверните и своеглави Израелци.

За многу луѓе денес, лојалноста и верноста се идеи со старинска привлечност — вредни за восхит но не и практични. Сѐ поголемиот број на разводи, напуштања, проневери и други облици на измама покажува дека лојалноста веќе не се цени. Спротивно на тоа, Библијата ѝ придава голема вредност на лојалноста што е мотивирана од љубов и љубезност. Таа ги поттикнува христијаните да ‚ја облечат новата личност која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и лојалност‘ (Ефешаните 4:24). Да, новата личност ни помага да бидеме лојални, но лекција за лојалноста можеме да научиме и од штркот.