Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Лојално подложувај му се на божествениот авторитет

Лојално подложувај му се на божествениот авторитет

Лојално подложувај му се на божествениот авторитет

„Господ е наш Судија, Господ е наш Законодавец, Господ е наш Цар“ (ИСАИЈА 33:22).

1. Кои фактори го направиле древниот Израел единствен меѓу нациите?

ВО 1513 пр.н.е. била основана нацијата Израел. Во тоа време таа немала главен град, немала татковина и немала видлив цар. Нејзините поданици биле поранешни робови. Меѓутоа, таа нова нација била единствена и на еден друг начин. Јехова Бог бил нејзин невидлив Судија, Законодавец и Цар (Излез 19:5, 6; Исаија 33:22). Тоа не можела да го тврди за себе ниедна друга нација!

2. Кое прашање се поставува во врска со начинот на кој бил организиран Израел, и зошто одговорот е важен за нас?

2 Со оглед на тоа што Јехова е Бог на ред, како и Бог на мир, би очекувале секоја нација со која владее тој да биде добро организирана (1. Коринќаните 14:33). Тоа сигурно било случај со Израел. Но, како може една земна, видлива организација да биде управувана од невидлив Бог? Ќе биде добро да го разгледаме начинот на кој Јехова владеел со таа древна нација, а особено да забележиме како неговите постапки со Израел истакнуваат колку е важно лојално да му се подложуваме на божествениот авторитет.

Како се владеело со древниот Израел

3. Какви практични подготовки направил Јехова како водство за својот народ?

3 Иако бил невидлив Цар на Израел, Јехова наименувал верни мажи за свои видливи претставници. Имало главатари, поглавари на татковските домови, и постари мажи што им служеле на луѓето како советници и судии (Излез 18:25, 26; Второзаконие 1:15). Меѓутоа, не смееме да заклучиме дека тие одговорни мажи можеле да ги судат работите со беспрекорна проникливост и разбирање ако немале божествено водство. Тие не биле совршени, и не можеле да ги читаат срцата на сообожавателите. Сепак, богобојазливите судии можеле на соверниците да им дадат корисни совети, бидејќи тие совети се темелеле на Јеховиниот закон (Второзаконие 19:15; Псалм 119:97—100).

4. Кои склоности спремно сакале да ги избегнуваат верните судии на Израел, и зошто?

4 Меѓутоа, да се биде судија вклучувало повеќе отколку само да се познава Законот. Затоа што биле несовршени, постарите мажи морале да внимаваат да ја држат под контрола која и да било лична самоволна склоност — како што се себичноста, пристрасноста и лакомоста — која можела да го искриви нивниот суд. Мојсеј им рекол: „Немојте да бидете пристрасни во судењето; сослушувајте го малиот како и големиот. Не бојте се од никого! Па судот е Божји!“ Да, судиите на Израел суделе за Бог. Каква само предност што влева страхопочит било тоа! (Второзаконие 1:16, 17).

5. Освен што поставил судии, кои други подготовки ги направил Јехова во грижата за својот народ?

5 Јехова направил и други подготовки во грижата за духовните потреби на својот народ. Уште пред да стигнат во Ветената земја, тој им заповедал да го изградат шаторот, центарот на вистинското обожавање. Исто така, вовел свештенство кое требало да поучува за Законот, да принесува животински жртви и да пали темјан наутро и навечер. Бог го поставил Арон, постариот брат на Мојсеј, за прв првосвештеник на Израел, а Ароновите синови ги назначил да му помагаат на својот татко во неговите должности (Излез 28:1; Броеви 3:10; 2. Летописи 13:10, 11).

6, 7. а) Каков бил односот меѓу свештениците и несвештеничките Левити? б) Каква поука можеме да извлечеме од фактот што Левитите извршувале различни задачи? (Колошаните 3:23).

6 Грижата за духовните потреби на неколку милиони луѓе била огромна задача, а свештениците ги имало релативно малку на број. Затоа била направена подготовка да им помагаат други членови од племето на Левиј. Јехова му рекол на Мојсеј: „Дај им ги левитите на Арона и на неговите синови. Израелците нека му ги подарат целосно“ (Броеви 3:9, 39).

7 Левитите биле добро организирани. Тие биле поделени според трите семејства — Гирсоновци, Каатовци и Мерариевци — и тоа секое со своја работна задача (Броеви 3:14—17, 23—37). Некои задачи можеби изгледале поважни од други, но сите биле неопходни. Работата ги доведувала Левитите од семејството на Каат многу близу до светиот ковчег на сојузот и до опремата во шаторот. Меѓутоа, секој Левит, сеедно дали бил Каатовец или не, уживал прекрасни предности (Броеви 1:51, 53). За жал, некои не ги ценеле своите предности. Наместо лојално да му се подложат на божествениот авторитет, тие станале незадоволни и им попуштиле на гордоста, амбицијата и љубомората. Меѓу нив бил и еден Левит по име Кореј.

„А вие уште барате и свештенство!“

8. а) Кој бил Кореј? б) Што можеби го навело Кореј да почне да гледа на свештениците чисто од човечка гледна точка?

8 Кореј не бил поглавар на татковскиот дом на Левиј ниту, пак, бил поглавар на семејствата на Каатовците (Броеви 3:30, 32). Сепак, тој бил почитуван главатар во Израел. Должностите можеби го доведувале Кореј во близок контакт со Арон и неговите синови (Броеви 4:18, 19). Гледајќи ги од прва рака несовршеностите на овие мажи, можеби Кореј резонирал: ‚Овие свештеници се дефинитивно несовршени, а сепак, се очекува јас да им бидам подложен! Неодамна Арон направи златно теле. Обожавањето на тоа теле беше причина што нашиот народ западна во идолопоклонство. А сега Арон, брат му на Мојсеј, служи како првосвештеник! Каква пристрасност! А што е со Надав и Авиуд, синовите на Арон? Па, тие покажаа толку големо непочитување кон своите предности на службата, што Јехова мораше да ги погуби!‘ * (Излез 32:1—5; Левит 10:1, 2). Сеедно како можеби резонирал Кореј, јасно е дека тој почнал да гледа на свештенството од човечка гледна точка. Ова водело до тоа да се побуни против Мојсеј и Арон и, на крајот, против Јехова (1. Самоил 15:23; Јаков 1:14, 15).

9, 10. Какво обвинение подигнале Кореј и останатите бунтовници против Мојсеј, и зошто тие требало добро да знаат дека не треба да постапуваат на таков начин?

9 Како влијателен човек, на Кореј не му било тешко да собере со себе и други што размислувале како него. Тој, заедно со Датан и Авирон, нашол 250 симпатизери — сите главатари во заедницата. Заедно им пристапиле на Мојсеј и на Арон и им рекле: „Сета заедница, сите нејзини членови, се свети, Господ е и среде нас. Зошто тогаш се возвишувате над Господовото општество!“ (Броеви 16:1—3).

10 Бунтовниците требало добро да знаат дека не треба да го оспоруваат авторитетот на Мојсеј. Недолго пред тоа, Арон и Мирјам го сториле токму тоа. Всушност, тие дури употребиле и резонирање слично на резонирањето на Кореј! Според Броеви 12:1, 2 (NW), прашале: „Зар само преку Мојсеј зборуваше Јехова? Зар не зборуваше и преку нас?“ Јехова слушал. Тој им заповедал на Мојсеј, Арон и на Мирјам да се соберат пред влезот на шаторот на средбата за да им покаже кој е водачот што Тој го избрал. Потоа, Јехова со недвосмислени зборови рекол: „Ако се најде пророк среде вас, Јас му се јавувам нему во видение, му говорам на сон. Но не е така со Мојот слуга Мојсеј. Од сите во Мојата куќа тој е најверен“. Потоа, Јехова привремено ја погодил Мирјам со лепра (Броеви 12:4—7, 10).

11. Како се справил Мојсеј со ситуацијата во која бил вклучен и Кореј?

11 Кореј и оние што се ставиле на негова страна мора да знаеле за тој настан. За нивната побуна немало оправдување. Сепак, Мојсеј стрпливо се обидел да резонира со нив. Ги поттикнал да имаат поголемо ценење за своите предности, со зборовите: „Зар ви е малку што Израелевиот Бог ве издвои од Израеловото општество, за да ве приближи кон Себе?“ Не, тоа не било „малку“! Левитите веќе имале добиено многу. Што друго би можеле да посакуваат? Понатамошните зборови на Мојсеј го разоткриле резонирањето на нивните срца: „А вие уште барате и свештенство!“ * (Броеви 12:3; 16:9, 10). Но, како реагирал Јехова на оваа побуна против божествениот авторитет?

Судијата на Израел интервенира

12. Од што зависел понатамошниот добар однос на Израел со Бог?

12 Кога му го дал Законот на Израел, Јехова му кажал на народот дека ако е послушен, ќе стане „света нација“ (NW) и дека таа нација можела да остане света сѐ додека го прифаќала Јеховиното уредување (Излез 19:5, 6). Сега, кога била во тек отворена побуна, дошло време оној што бил Судија и Законодавец на Израел да интервенира! Мојсеј му рекол на Кореј: „Ти и сета твоја дружина истапете утре пред Господа; ти и тие, и Арон. Секој нека ја земе својата кадилница, нека стави темјан во неа и секој нека ја донесе својата кадилница пред Господа — двеста и педесет кадилници. А и ти и Арон донесете ја секој својата кадилница“ (Броеви 16:16, 17).

13. а) Зошто било дрско од страна на бунтовниците да принесуваат темјан пред Јехова? б) Како се справил Јехова со бунтовниците?

13 Според Божјиот закон, само свештениците можеле да принесуваат темјан. Самата помисла некој несвештенички Левит да принесе темјан пред Јехова требало да ги освести тие бунтовници (Излез 30:7; Броеви 4:16). Но, со Кореј и со оние што го поддржувале не било така! Следниот ден, тој ‚го собрал против [Мојсеј и Арон] целото општество при влезот во Шаторот на средбата‘. Извештајот ни кажува: „Господ им рече на Мојсеја и Арона: ‚Одделете се од заедницата за да ја сотрам веднаш!‘“ Но, Мојсеј и Арон преколнувале да бидат поштедени животите на луѓето. Јехова се согласил на нивните преколнувања. А што се однесува до Кореј и до неговото мноштво, ‚оган избувнал од Господа и ги голтнал двеста и педесетте луѓе кои принесувале темјан‘ (Броеви 16:19—22, 35). *

14. Зошто Јехова презел одлучна акција против општеството на Израел?

14 Многу е чудно тоа што Израелците кои виделе како Јехова се справил со бунтовниците сѐ уште не ја научиле лекцијата. „Утреден целото општество на Израелевите синови возропта против Мојсеја и Арона: ‚Го истепавте Господовиот народ‘“. Израелците застанале на страната на заговорниците! На крајот, на стрпливоста на Јехова ѝ дошол крај. Сега никој — дури ни Мојсеј ни Арон — не можел да посредува за народот. Јехова предизвикал непослушните да бидат погодени со помор, и ‚изумреле од поморот четиринаесет илјади и седумстотини души, освен умрените по делото на Кореј‘ (Броеви 16:41—49, ПСП).

15. а) Од кои причини требало Израелците без колебање да го прифатат водството на Мојсеј и на Арон? б) Што научи ти за Јехова од овој извештај?

15 Немало баш никаква потреба сите тие луѓе да ги изгубат животите. Само да резонирале за работите! Тие можеле да си ги постават следниве прашања: ‚Кој се појави пред фараонот по цена на својот живот? Кој бараше да бидат ослободени Израелците? Само кој беше повикан да се качи на гората Хорив по избавувањето на Израел за да зборува лице в лице со Божјиот ангел?‘ Сигурно дека извонредното досие на Мојсеј и на Арон давало доказ за нивната лојалност кон Јехова и за нивната љубов кон народот (Излез 10:28; 19:24; 24:12—15). На Јехова не му било драго да ги погуби бунтовниците. Сепак, кога станало очигледно дека луѓето ќе истраат во побуната, тој презел решителна акција (Езекиел 33:11). Сето ова има големо значење за нас денес? Зошто?

Да се идентификува каналот денес

16. а) Кој доказ требало да ги увери Евреите од првиот век дека Исус бил Јеховин претставник? б) Зошто го заменил Јехова левитското свештенство, и со што?

16 Денес постои една нова „нација“, чиј невидлив Судија, Законодавец и Цар е Јехова (Матеј 21:43). Таа „нација“ настанала во првиот век н.е. Во тоа време, шаторот од времето на Мојсеј веќе бил заменет со еден прекрасен храм во Ерусалим, каде што сѐ уште на должност биле Левити (Лука 1:5, 8, 9). Меѓутоа, во 29 н.е. настанал еден друг, духовен храм, чиј Првосвештеник е Исус Христос (Евреите 9:9, 11). Уште еднаш се појавило прашањето за божествениот авторитет. Кого ќе употреби Јехова за да ја води оваа нова „нација“? Исус се покажал безусловно лојален на Бог. Тој ги љубел луѓето. Направил и многу чудесни знаци. Меѓутоа, како и нивните тврдоглави предци, мнозинството од Левитите одбиле да го прифатат Исус (Матеј 26:63—68; Дела 4:5, 6, 18; 5:17). На крајот, Јехова го заменил левитското свештенство со едно многу поинакво — царско свештенство. Тоа царско свештенство постои сѐ до ден-денес.

17. а) Која група го сочинува царското свештенство денес? б) На кој начин Јехова го користи царското свештенство?

17 Кој го сочинува ова царско свештенство денес? Апостол Петар одговара на тоа прашање во своето прво инспирирано писмо. На помазаните членови од телото на Христос, Петар им напишал: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, света нација, народ за посебна сопственост, за да ги објавите надалеку извонредностите‘ на оној кој ве повикал од темнината во својата чудесна светлина“ (1. Петрово 2:9). Од овие зборови јасно се гледа дека, како група, помазаните следбеници на Исус го сочинуваат ова „царско свештенство“ кое Петар го нарекол и „света нација“. Тие го претставуваат каналот што Јехова го користи за да му даде на својот народ поука и духовно водство (Матеј 24:45—47).

18. Каква врска постои меѓу наименуваните старешини и царското свештенство?

18 Царското свештенство го застапуваат наименуваните старешини, кои служат на положби на одговорност во собранијата на Јеховиниот народ низ целата Земја. Овие мажи ја заслужуваат нашата почит и поддршка со цело срце, сеедно дали се помазани или не. Зошто? Затоа што постарите мажи на нивните положби ги наименувал Јехова со својот свет дух (Евреите 13:7, 17). Како е можно тоа?

19. На кој начин се старешините наименувани со светиот дух?

19 Овие постари мажи ги исполнуваат барањата изложени во Божјата реч, која е производ на Божјиот дух (1. Тимотеј 3:1—7; Тит 1:5—9). Според тоа, може да се рече дека нивното наименување е со свет дух (Дела 20:28). Постарите мажи, односно старешините, мораат да бидат темелно запознати со Божјата реч. Како и Врховниот Судија кој ги наименувал, старешините исто така мораат да мразат сѐ што личи на пристрасност во судењето (Второзаконие 10:17, 18).

20. Што цениш ти кај марливите старешини?

20 Наместо да го оспоруваме нивниот авторитет, ние навистина ги цениме нашите марливи старешини! Нивниот запис на верна служба, честопати низ многу децении, ни влева доверба. Тие верно се подготвуваат за собраниските состаноци и ги водат, работејќи рамо до рамо со нас во проповедањето на ‚добрата вест за царството‘ и давајќи библиски совет кога ни е потребен (Матеј 24:14; Евреите 10:23, 25; 1. Петрово 5:2). Нѐ посетуваат кога сме болни и нѐ тешат кога сме ужалени. Тие лојално и несебично ги поддржуваат интересите на Царството. Јеховиниот дух е врз нив; тие го имаат неговото одобрување (Галатите 5:22, 23).

21. За што мораат да бидат свесни старешините, и зошто?

21 Се разбира, постарите мажи не се совршени. Затоа што се свесни за своите ограничувања, тие не се обидуваат да господарат над стадото, ‚Божјето наследство‘. Наместо тоа, се сметаат себеси за ‚соработници на радоста на своите браќа‘ (1. Петрово 5:3; 2. Коринќаните 1:24). Понизните, марливи старешини го љубат Јехова, и знаат дека колку потесно го имитираат него толку поголемо добро можат да направат во собранието. Имајќи го ова на ум, тие постојано настојуваат да негуваат побожни особини, како што се љубов, сочувство и стрпливост.

22. Како разгледувањето на извештајот за Кореј ја зајакна твојата вера во Јеховината видлива организација?

22 Колку сме само среќни што го имаме Јехова за наш невидлив Владетел, Исус Христос за наш Првосвештеник, членовите на помазаното царско свештенство за наши учители, и верните христијански постари мажи за наши советници! Иако ниедна организација водена од луѓе не може да биде совршена, ние сме радосни што можеме да му служиме на Бог во друштво на верни соверници, кои спремно се подложуваат на божествениот авторитет!

[Фусноти]

^ пас. 8 Другите два сина на Арон, Елеазар и Итамар, биле примерни во својата служба на Јехова (Левит 10:6).

^ пас. 11 Датан и Авирон, другите заговорници со Кореј, биле Рувимовци. Како такви, очигледно не сакале да го добијат свештенството. Кај нив се работело за тоа што се огорчиле на водството на Мојсеј и на фактот што до тоа време сѐ уште не било исполнето нивното очекување да стигнат до Ветената земја (Броеви 16:12—14).

^ пас. 13 Во времето на патријарсите, секој семеен поглавар ги претставувал сопругата и децата пред Бог, па дури и принесувал жртви за нив (Битие 8:20; 46:1; Јов 1:5). Меѓутоа, кога бил воведен Законот, Јехова ги наименувал машките членови на Ароновото семејство за свештеници преку кои требало да се принесуваат жртви. Тие 250 бунтовници изгледа не биле спремни да соработуваат со ова преиначување на постапката.

Што научи?

• Кои љубезни подготовки ги направил Јехова во грижата за Израелците?

• Зошто немало оправдување за побуната на Кореј против Мојсеј и Арон?

• Која поука за нас се наоѓа во начинот на кој Јехова се справил со бунтовниците?

• Како можеме да покажеме дека ги цениме Јеховините подготовки денес?

[Прашања]

[Слика на страница 9]

Ја сметаш ли за предност секоја доделба во Јеховината служба?

[Слика на страница 10]

„Зошто тогаш се возвишувате над Господовото општество!“

[Слика на страница 13]

Наименуваните старешини го застапуваат царското свештенство