Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поттикнати од „величествените Божји работи“

Поттикнати од „величествените Божји работи“

Поттикнати од „величествените Божји работи“

„Ги слушаме како зборуваат на нашите јазици за величествените Божји работи“ (ДЕЛА 2:11).

1, 2. Каков зачудувачки настан се случил во Ерусалим на Пентекост 33 н.е.?

ЕДНО утро, во доцна пролет во 33 н.е., на група мажи и жени, ученици на Исус Христос што се собрале во еден приватен дом во Ерусалим, им се случило нешто зачудувачко. „Одеднаш од небото настана шум како при налет на силен ветрец, и ја исполни целата куќа во која седеа. И им се покажаа јазици како од оган . . . и сите се исполнија со свет дух и почнаа да зборуваат на различни јазици“ (Дела 2:2—4, 15).

2 Пред куќата се собрало едно големо мноштво. Во него имало Евреи родени во странство, „богобојазливи луѓе“, кои дошле во Ерусалим за да го прослават празникот Пентекост. Тие се зачудиле бидејќи секој од нив слушал како учениците зборуваат на неговиот мајчин јазик „за величествените Божји работи“. Како било можно тоа кога сите што зборувале биле Галилејци? (Дела 2:5—8, 11).

3. Каква порака му пренел апостол Петар на мноштвото на Пентекост?

3 Еден од тие Галилејци бил и апостол Петар. Тој објаснил дека неколку седмици претходно, Исус Христос бил убиен од неправедни луѓе. Меѓутоа, Бог го подигнал својот Син од мртвите. Потоа Исус им се појавил на многу свои ученици, вклучувајќи ги Петар и други, кои биле присутни во оваа прилика. А пред само десет дена, Исус се вознел на небото. Всушност, тој бил оној што го излеал светиот дух врз своите ученици. Дали ова имало некакво значење за оние што го славеле Пентекост? Да. Смртта на Исус го положила темелот за тие да добијат простување на своите гревови и да го примат „бесплатниот дар на светиот дух“ ако практикуваат вера во Исус (Дела 2:22—24, 32, 33, 38). Како реагирале тие набљудувачи на „величествените Божји работи“ што ги чуле? И како може овој извештај да ни помогне да ја оцениме нашата служба за Јехова?

Поттикнати на акција!

4. Кое пророштво на Јоил се исполнило на Пентекост 33 н.е.?

4 Откако го примиле светиот дух, учениците во Ерусалим веднаш почнале да ја споделуваат добрата вест за спасение со другите, почнувајќи од мноштвото што било собрано тоа утро. Со нивното проповедање се исполнило едно извонредно пророштво, кое осум века пред тоа го запишал Јоил, синот на Фатуил: „Ќе го излеам Мојот Дух на секое тело, и вашите синови и ќерки ќе пророкуваат, вашите старци ќе сонуваат соништа, а вашите момчиња ќе гледаат виденија. Па и на слугите и на слугинките ќе го излеам Мојот Дух во оние денови . . . пред да настапи Господовиот [Јеховиниот, NW] Ден, голем и страшен“ (Јоил 1:1; 3:1, 2, 4; Дела 2:17, 18, 20).

5. Во која смисла пророкувале христијаните во првиот век? (Види ја фуснотата.)

5 Дали ова значело дека Бог имал намера да подигне цела генерација од пророци, и мажи и жени, какви што биле Давид, Јоил и Девора, и дека ќе ги користи за да ги претскаже идните настани? Не. Христијанските ‚синови и ќерки, слуги и слугинки‘ требало да пророкуваат во таа смисла што ќе биле подбудени од Јеховиниот дух да ги објавуваат ‚величествените работи‘ што Јехова ги направил и допрва требало да ги направи. Значи, тие требало да служат како говорници на Највишиот. * Но, како реагирало мноштвото? (Евреите 1:1, 2).

6. Откако го чуле говорот на Петар, на што биле поттикнати многумина од мноштвото?

6 Откако мноштвото го чуло објаснувањето на Петар, многумина биле поттикнати на акција. Тие ‚со срце ја прегрнале неговата реч‘ и ‚се крстиле, и тој ден биле придодадени околу три илјади луѓе‘ (Дела 2:41). Како природни Евреи и еврејски прозелити, тие веќе имале основно спознание за Писмото. Тоа, заедно со верата во она што го научиле од Петар, го поставило темелот да бидат крстени „во името на Таткото и на Синот и на светиот дух“ (Матеј 28:19). По своето крштавање, ‚тие и понатаму се посветувале на учењето на апостолите‘. Истовремено, почнале да ја споделуваат својата новопронајдена вера со другите. Навистина, ‚од ден на ден постојано биле присутни еднодушно во храмот . . . фалејќи го Бог и наоѓајќи наклоност кај сите луѓе‘. Како резултат на оваа активност на сведочење, ‚Јехова секојдневно им ги придодавал оние кои се спасувале‘ (Дела 2:42, 46, 47). Во многу од земјите во кои живееле овие нови верници никнале христијански собранија. Несомнено, овој пораст, барем делумно, се должел на нивните ревносни напори да ја проповедаат ‚добрата вест‘ кога се вратиле дома (Колошаните 1:23).

Божјата реч врши силно влијание

7. а) Што ги привлекува денес луѓето од сите нации кон Јеховината организација? б) Каков потенцијал за понатамошен пораст гледаш на светското поле и на локално ниво? (Види фуснота.)

7 Како е со оние што имаат желба да станат Божји слуги денес? И тие треба внимателно да ја проучуваат Божјата реч. Притоа го запознаваат Јехова како Бог што е „дарежлив и милостив, долготрпелив на гнев, многумилостив и вистински“ (Излез 34:6; Дела 13:48). Тие учат за Јеховината љубезна подготовка за откупнина преку Исус Христос, чија пролеана крв може да ги исчисти од секаков грев (1. Јованово 1:7). Исто така, почнуваат да ја ценат Божјата намера за „воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Љубовта кон Изворот на овие ‚величествени работи‘ се прелева во нив и тие се поттикнати да ги проповедаат овие скапоцени вистини. Потоа, стануваат предадени, крстени Божји слуги и продолжуваат да ‚растат во точното спознание за Бог‘ * (Колошаните 1:10б; 2. Коринќаните 5:14).

8-10. а) На кој начин искуството на една христијанка покажува дека Божјата реч „врши силно влијание“? б) Што учиш за Јехова и за неговите постапки со неговите слуги од ова искуство? (Излез 4:12).

8 Спознанието што го стекнуваат Божјите слуги преку своето проучување на Библијата не е површно. Тоа спознание го поттикнува нивното срце, го менува нивниот начин на размислување и станува дел од нив (Евреите 4:12). На пример, една жена по име Камила била вработена како негувателка на стари лица. Меѓу нејзините клиенти била Марта, Јеховин сведок. Со оглед на тоа што Марта страдала од тешка деменција, имала потреба од постојано надгледување. Морала да биде потсетувана да јаде — па дури и да ја голтне храната. Меѓутоа, една работа била неизбришливо врежана во умот на Марта, како што ќе видиме.

9 Еден ден Марта ја видела Камила како плаче поради тоа што ја измачувале некои лични проблеми. Марта ја прегрнала Камила и ѝ понудила да ја проучува Библијата со неа. Но, можно ли е некој што се наоѓа во таква состојба како Марта да води библиска студија? Да, таа можела! Иако имала изгубено голем дел од своето памтење, Марта не го заборавила својот величествен Бог; ниту, пак, ги заборавила скапоцените вистини што ги научила од Библијата. Во текот на студијата, Марта ја замолила Камила да го прочита секој пасус, да ги побара наведените стихови, да го прочита прашањето на дното од страницата, и потоа да одговори. Ова траело некое време, така што и покрај ограничувањата на Марта, Камила напредувала во спознанието за Библијата. Марта била свесна дека на Камила ѝ е потребно дружење со другите што биле заинтересирани да му служат на Бог. Имајќи го тоа на ум, ѝ дала на својата библиска студентка еден фустан и пар чевли, за Камила да има да облече нешто пригодно кога ќе оди на својот прв состанок во Салата на Царството.

10 Камила била трогната од љубезниот интерес, примерот и увереноста на Марта. Таа заклучила дека она за кое Марта се обидувала да ја поучи од Библијата било многу важно, со оглед на тоа што Марта заборавила речиси сѐ друго освен она што го научила од Писмото. Подоцна, кога Камила била преместена во некој друг објект, сфатила дека е време да преземе некои чекори. Првата прилика отишла во една Сала на Царството, го облекла фустанот и ги обула чевлите што ѝ ги дала Марта, и побарала библиска студија. Камила добро напредувала и се крстила.

Поттикнати да ги одразуваме Јеховините мерила

11. Освен тоа што ќе бидеме ревносни во делото на проповедање, како можеме да покажеме дека сме поттикнати од пораката за Царството?

11 Денес има повеќе од шест милиони Сведоци на Јехова кои, како Марта и Камила, ја проповедаат ‚добрата вест за царството‘ низ целиот свет (Матеј 24:14; 28:19, 20). Како и христијаните од првиот век, тие се длабоко трогнати од „величествените Божји работи“. Сфаќаат дека се привилегирани што го носат Јеховиното име и дека тој го излеал врз нив својот дух. Затоа вложуваат секаков напор ‚да одат достојно на Јехова, за потполно да му угодат‘, применувајќи ги неговите мерила во секој аспект од својот живот. Меѓу другото, ова вклучува да се почитуваат Божјите мерила за облекување и дотерување (Колошаните 1:10а; Тит 2:10).

12. Кој конкретен совет во врска со облекувањето и дотерувањето го наоѓаме запишан во 1. Тимотеј 2:9, 10?

12 Да, Јехова поставил мерила во врска со нашиот личен изглед. Апостол Павле изнел некои Божји барања во тој поглед. „Сакам жените да се украсуваат со уредна облека, со скромност и здрави мисли, а не со посебно плетење на косата и со злато или бисери или со многу скапа облека, туку онака како што им прилега на жени кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог, имено со добри дела“ *. Што учиме од овие зборови? (1. Тимотеј 2:9, 10).

13. а) Што се мисли со „уредна облека“? б) Зошто можеме да речеме дека Јеховините мерила се разумни?

13 Зборовите на Павле покажуваат дека христијаните треба „да се украсуваат со уредна облека“. Тие не треба да имаат немарен, неуреден или запуштен изглед. Речиси секој, па дури и оние со скромни средства, можат да ги задоволат овие разумни мерила така што ќе се погрижат нивната облека да биде уредна, чиста и претставителна. На пример, секоја година Сведоците во една јужноамериканска земја пешачат многу километри низ џунглата и потоа со часови патуваат со кану за да присуствуваат на својот обласен конгрес. Не е невообичаено при патувањето некој да падне во реката или на некого да му се закачи облеката за некоја грмушка. Така, кога делегатите стигнуваат на местото каде што треба да се одржи конгресот, изгледаат малку несредено. Затоа, си одвојуваат време да си ги сошијат копчињата, да ги поправат патентите и да си ја исперат и испеглаат облеката што ќе ја носат на конгресот. Тие ја ценат поканата да се хранат на Јеховината трпеза и сакаат да се облечат во склад со таа прилика.

14. а) Што значи тоа да се облекуваме со „скромност и здрави мисли“? б) Што значи за нас да се облекуваме ‚како луѓе што тврдат дека длабоко го почитуваат Бог‘?

14 Понатаму Павле покажал дека треба да се облекуваме „со скромност и здрави мисли“. Ова значи дека не треба да изгледаме нападно, чудно, провокативно, разголено или премногу помодно. Освен тоа, треба да се облекуваме на начин што одразува ‚длабока почит кон Бог‘. Ова е нешто за што треба да се размисли, зарем не? Не се работи само за тоа да се облекуваме пригодно кога одиме на собраниски состаноци, а во другите прилики воопшто да не водиме сметка. Нашиот личен изглед треба секогаш да одразува побожен став полн со почит бидејќи ние сме христијани и министри 24 часа на ден. Јасно е дека облеката што ја носиме на работа и на училиште треба да одговара на видот на задачите што ќе ги извршуваме. Сепак, треба да се облекуваме скромно и достоинствено. Ако нашата облека секогаш го одразува нашето верување во Бог, нема никогаш да се чувствуваме принудени да се воздржуваме да сведочиме неформално затоа што се срамиме од нашиот изглед (1. Петрово 3:15).

‚Да не го љубиме светот‘

15, 16. а) Зошто е важно да избегнуваме да го имитираме светот во поглед на облекувањето и дотерувањето? (1. Јованово 5:19). б) Од која практична причина треба да ги избегнуваме модните лудила во облекувањето и дотерувањето?

15 Советот запишан во 1. Јованово 2:15, 16 исто така дава водство во нашиот избор на облекување и дотерување. Читаме: „Немојте да го љубите ниту светот ниту она што е во светот. Ако некој го љуби светот, љубовта кон Таткото не е во него; бидејќи сѐ што е во светот — желбата на телото и желбата на очите и нападното истакнување на своите средства за живот — не потекнува од Таткото, туку потекнува од светот“.

16 Колку е само навремен овој совет! Во време кога притисокот од околината никогаш не бил посилен, не смееме да дозволиме светот да ни диктира како да се облекуваме. Во последниве години, стиловите во облекувањето и дотерувањето се расипале. Дури и нормите за облекување на деловните луѓе и на професионалците не даваат секогаш веродостојно мерило за она што е соодветно за христијаните. Ова е уште една причина зошто треба секогаш да бидеме свесни за потребата ‚да престанеме да се обликуваме според овој систем на работи‘ за да живееме во склад со Божјите мерила и со тоа ‚да го украсуваме учењето на нашиот Спасител, Бог, во сѐ‘ (Римјаните 12:2; Тит 2:10).

17. а) За кои прашања треба да размислиме кога купуваме облека или избираме некој стил? б) Зошто семејните поглавари треба да се заинтересираат за личниот изглед на членовите на семејството?

17 Пред да решиш дали да купиш некоја облека, мудро е да се прашаш: ‚Зошто ми се допаѓа овој стил? Дали се поистоветува со некој добро познат забавувач — некој кому јас му се восхитувам? Дали тој стил е прифатен од членовите на некоја улична банда или од група што унапредува независен, бунтовен дух?‘ Исто така, треба одблизу да ја погледнеме и самата облека. Ако е фустан или сукња, што е со должината? Кројката? Дали облеката е скромна, пригодна и достоинствена, или е припиена, провокативна или немарна? Прашај се: ‚Дали тоа што ја носам оваа облека ќе даде повод за спрепнување?‘ (2. Коринќаните 6:3, 4). Зошто треба тоа да нѐ интересира? Затоа што Библијата вели: „Ниту Христос не си угодуваше себеси“ (Римјаните 15:3). Христијанските семејни поглавари мора да се заинтересираат за тоа како изгледаат членовите на нивните семејства. Од почит кон славниот Бог што го обожаваат, семејните поглавари не треба да се колебаат да дадат цврст, љубезен совет кога е тоа потребно (Јаков 3:13).

18. Што те мотивира да обрнеш грижливо внимание на твоето облекување и дотерување?

18 Пораката што ја носиме доаѓа од Јехова, кој е самото олицетворение на достоинство и светост (Исаија 6:3). Библијата нѐ поттикнува да го имитираме „како љубени деца“ (Ефешаните 5:1). Нашето облекување и дотерување може да се одрази на нашиот небесен Татко или позитивно или негативно. Ние сигурно сакаме да го израдуваме неговото срце! (Пословици 27:11).

19. Какви користи произлегуваат од тоа што им ги објавуваме на другите „величествените Божји работи“?

19 Што мислиш ти за „величествените Божји работи“ што ги научи? Навистина, колку сме само привилегирани што сме ја дознале вистината! Затоа што практикуваме вера во пролеаната крв на Исус Христос, нашите гревови се простени (Дела 2:38). Како резултат на тоа, имаме пред Бог слобода на говор. Не се плашиме од смртта како оние што немаат надеж. Наместо тоа, ја имаме Исусовата гаранција дека еден ден „сите оние што се во спомен-гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Колку само милостив е Јехова што ни ги открил сите овие работи. Освен тоа, тој го излева врз нас својот дух. Затоа, благодарноста за сите овие добри дарови треба да нѐ поттикне да ги почитуваме неговите возвишени мерила и да го фалиме со ревност, објавувајќи им ги на другите овие ‚величествени работи‘.

[Фусноти]

^ пас. 5 Кога ги назначил Мојсеј и Арон да зборуваат со фараонот во корист на неговиот народ, Јехова му рекол на Мојсеј: „Ќе те наметнам како Бог на фараонот; твојот брат Арон ќе биде твој пророк“ (Излез 7:1). Арон не служел како пророк во смисла дека претскажувал некои идни настани туку на тој начин што станал говорник, односно гласноговорник на Мојсеј.

^ пас. 7 Од големото мноштво народ што присуствуваше на годишната прослава на Господовата вечера, која се одржа на 28 март 2002, милиони сѐ уште не му служат активно на Јехова. Ние се молиме срцата на многу од овие заинтересирани лица наскоро да бидат поттикнати да посегнат по предноста да бидат објавители на добрата вест.

^ пас. 12 Иако зборовите на Павле биле упатени до христијанските жени, истите мерила важат и за христијанските мажи и за младите.

Како би одговорил?

• За кои ‚величествени работи‘ чуле луѓето на Пентекост 33 н.е., и како реагирале?

• Како се станува ученик на Исус Христос, и што вклучува учеништвото?

• Зошто е важно да обрнеме внимание на нашето облекување и дотерување?

• Кои фактори треба да се земат предвид кога се одредува дали некоја облека или стил е во ред?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Петар изјавил дека Исус бил подигнат од мртвите

[Слики на страница 17]

Дали твојот личен изглед се одразува добро на Богот што го обожаваш?

[Слики на страница 18]

Христијанските родители мораат да се заинтересираат за изгледот на членовите на своето семејство