Прашања од читателите
Прашања од читателите
Дали Авел знаел дека била потребна животинска жртва за да се добие Божјата милост?
Библискиот извештај во врска со приносите на Каин и Авел е доста краток. Во Битие 4:3—5 читаме: „И еден ден Каин Му принесе на Господа жртва од плодовите на земјата. А и Авел принесе од првородените на својот добиток, и од мрсното. Господ погледна милостиво на Авела и на неговата жртва, а ни поглед не сврти кон Каина и неговата жртва“.
Во Библијата никаде не е спомнато дека пред овој настан Јехова им дал некакви конкретни информации во врска со жртвите или за тоа каков вид жртви би биле прифатливи за него. Според тоа, Каин и Авел очигледно ги дале своите приноси единствено по своја волја. Ним им бил забранет пристап до првобитниот рајски дом на нивните родители; почнале да ги чувствуваат последиците од гревот; и биле отуѓени од Бог. Во својата грешна и бедна состојба, сигурно чувствувале силна потреба да му се обратат на Бог за помош. Принесувањето дар на Бог веројатно било доброволен чин од нивна страна за да добијат Божја милост.
Се покажало дека Бог го прифатил приносот на Авел, а на Каин не. Зошто? Дали затоа што Авел го принел вистинското нешто а Каин не? Не можеме да бидеме сигурни дека видот на приносот немал значење, зашто на ниеден од нив не му било кажано што е прифатливо а што не. Меѓутоа, веројатно и двата вида биле прифатливи. Во Законот што Јехова на крај ѝ го дал на нацијата Израел, прифатливите жртви не вклучувале само животни или делови од животни туку и печени зрна, снопови јачмен, чисто брашно, печени производи и вино (Левит 6:19—23; 7:11—13; 23:10—13). Изгледа дека, она што го навело Бог да ја прифати едната а да ја одбие другата жртва не бил самиот состав на жртвите на Каин и на Авел (Исаија 1:11; Амос 5:22).
Со векови подоцна, апостол Павле изјавил: „Со вера Авел му принесе на Бог жртва со поголема вредност отколку Каин, и со вера доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи за неговите дарови“ (Евреите 11:4). Значи, Бог го признал Авел како праведен поради верата. Но, верата во што? Верата во Јеховиното ветување дека ќе обезбеди Семе, кое ќе ‚ѝ ја сотре главата на змијата‘ и повторно ќе го врати мирот и совршенството во кои човекот порано уживал. Од изјавата дека Семето ќе биде ‚сотрено во петицата‘, Авел можеби дошол до заклучок дека била потребна жртва што вклучувала пролевање на крв (Битие 3:15). Сепак, останува фактот дека изразот на вера на Авел е она што ја направило неговата ‚жртва со поголема вредност од Каиновата‘.
На сличен начин, жртвата на Каин не била отфрлена затоа што тој понудил погрешен вид жртва туку затоа што му недостигала вера, како што покажал и со своите постапки. Јехова јасно му кажал на Каин: „Ако се обратиш да правиш добро, нема ли да има возвишување?“ (Битие 4:7, NW). Бог не го одбил Каин затоа што поради нешто бил незадоволен од неговата жртва. Всушност, Бог го отфрлил Каин ‚затоа што неговите дела биле зли‘ — обележани со љубомора, омраза, а на крајот и со убиство (1. Јованово 3:12).