Стара и задоволна со годините
Животна приказна
Стара и задоволна со годините
РАСКАЖАЛА МЈУРИЕЛ СМИТ
Гласно тропање ја затресе мојата врата. Штотуку се вратив дома за ручек после едно исполнето утро во делото на проповедање. Како и обично, ставив да се грее вода за чај и само што сакав да ги одморам нозете во паузата од половина час. Тропањето звучеше многу упорно и додека одев накај вратата се прашував кој ли би можел да биде во тоа време. Наскоро дознав. Двајцата мажи на мојот праг се претставија како полицајци. Рекоа дека се тука за да ја претресат куќата во потрага по литература произведена од Јеховините сведоци — забранета организација.
Зошто беа Јеховините сведоци под забрана во Австралија, и како станав јас една од нив? Сѐ почна со еден подарок од мајка ми во 1910 година, кога имав 10 години.
МОЕТО семејство живееше во една дрвена куќарка во предградието Кроус Нест во западен Сиднеј. Еден ден кога си дојдов од училиште ја најдов мајка ми како разговара со некој човек на вратата. Бев љубопитна за тоа кој беше тој непознат човек облечен во костум и со чанта полна со книги. Срамежливо се извинив и влегов во куќата. Меѓутоа, само неколку минути подоцна, мајка ми ме викна. Рече: „Овој човек има некои интересни книги и сите се за Библијата. Па, бидејќи наскоро ти е
роденден, може да ти купиме или нов фустан или овие книги. Што би сакала?“„О, мамо, ги сакам книгите, благодарам“, одговорив јас.
И така, на возраст од десет години, ги имав првите три тома од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото) од Чарлс Тејз Расел. Човекот на вратата ѝ објасни на мајка ми дека таа ќе треба да ми помогне да ги разберам книгите, зашто веројатно ќе бидат премногу тешки за мене. Мајка ми рече дека ќе ѝ биде мило да го направи тоа. За жал, мајка ми почина набрзо по овој настан. Татко ми марливо се грижеше за брат ми, за сестра ми и за мене, но сега јас имав додатни одговорности кои се чинеше дека ме совладаа. Сепак, на прагот беше уште една несреќа.
Првата светска војна изби во 1914, и само една година подоцна, нашиот сакан татко беше убиен. Бидејќи останавме сираци, брат ми и сестра ми беа испратени да живеат со роднини, а јас бев испратена во католичко интернатско училиште. Понекогаш ме измачуваше осаменост. Сепак, благодарна сум што ми беше дадена можност да ја следам мојата љубов кон музиката, особено кон пијаното. Годините поминаа, и дипломирав во интернатското училиште. Во 1919 се омажив за Рој Смит, продавач на музички инструменти. Во 1920 основавме семејство, и повторно бев окупирана со секојдневните животни грижи. Но, што стана со книгите?
Една сосетка ја споделува духовната вистина
Во текот на сите тие години, „библиските книги“ патуваа со мене. Иако всушност никогаш ги немав прочитано, длабоко во себе знаев дека пораката што ја содржат е многу важна. Тогаш, еден ден во доцните 1920-ти, Лил Бримсон, една наша сосетка, дојде на гости. Отидовме во дневната соба, седнавме и се напивме чај.
„О, ги имаш оние книги!“, одеднаш извика таа.
„Кои книги?“, ја прашав збунето.
Таа покажа на Студии на Писмото што стоеја на полиците за книги. Лил ги позајми и ги однесе дома тој ден, и желно ги прочита. Нејзината возбуда во врска со она што го прочита наскоро стана мошне очигледна. Лил набави уште литература од Библиските студенти, како што тогаш беа познати Јеховините сведоци. Освен тоа, не можеше да се воздржи а да не ни кажува за сите работи што ги дознаваше. Една од книгите што ги набави беше The Harp of God (Харфа Божја), и наскоро таа книга заврши и во нашата куќа. Мојата кариера во Јеховината служба конечно започна кога одвоив време да ја прочитам оваа библиски темелена публикација. Најпосле, ги најдов одговорите на основните прашања што мојата црква не можеше да ми ги даде.
На моја среќа, Рој обрна особено внимание на пораката од Библијата и ние двајцата станавме страсни Библиски студенти. Пред тоа, Рој беше член на масоните. Сега нашето семејство беше обединето во вистинско обожавање, и еден од браќата двапати неделно водеше библиска студија со целото семејство. Понатамошно охрабрување добивме кога почнавме да присуствуваме на состаноците што ги одржуваа Библиските студенти. Местото каде што се собираа во Сиднеј беше една мала изнајмена
сала во предградието Њутаун. Во тоа време имаше помалку од 400 Сведоци во целата земја, па така за повеќето браќа присуството на состаноците значеше да поминат прилично големи растојанија.За нашето семејство, присуството на состаноците значеше редовно да го преминуваме Сиднејското пристаниште. Пред да биде изграден мостот на Сиднејското пристаниште во 1932, секое преминување беше со траект за возила. И покрај времето и трошокот на ова патување, се трудевме да не пропуштиме ни еден од духовните оброци што Јехова ги обезбедуваше. Напорот цврсто да се втемелиме во вистината се исплати, зашто Втората светска војна се готвеше, и прашањето за неутралност директно го погоди нашето семејство.
Време на испити и награди
Раните 1930-ти беа возбудливо време за мене и за моето семејство. Се крстив во 1930, а во 1931 присуствував на незаборавниот конгрес кога сите станавме и се сложивме да го прифатиме прекрасното име Јеховини сведоци. Рој и јас се трудевме да живееме во склад со тоа име така што учествувавме во сите проповеднички методи и кампањи на кои организацијата охрабруваше. На пример, во 1932 учествувавме во кампањата со една специјална џебна брошура наменета да ги достигне мноштвата луѓе што дојдоа да го видат отворањето на мостот на Сиднејското пристаниште. Посебен врвен настан за нас беше користењето автомобили со озвучување, и ја имавме таа предност нашиот семеен автомобил да биде опремен со разгласен систем. Со оваа технологија, направивме улиците на Сиднеј да одекнуваат од снимените библиски предавања изнесени од брат Ратерфорд.
Меѓутоа, времињата повторно се менуваа и стануваа сѐ потешки. До 1932, Големата депресија силно ја притисна Австралија, па затоа Рој и јас решивме да си го поедноставиме животот. Еден начин на кој го сторивме тоа беше така што се преселивме поблиску до собранието, со што многу ги намаливме трошоците за патување. Меѓутоа, значењето на економските притисоци избледна кога ужасот на Втората светска војна ја зафати Земјата.
Затоа што беа послушни на Исусовата заповед да не бидат дел од светот, Јеховините сведоци низ целиот свет станаа мета на прогонство, а Австралија не беше исклучок. Испровоцирани од воената хистерија, некои нѐ означија како комунисти. Овие противници лажно тврдеа дека Јеховините сведоци ги користат четирите радиостаници што ги поседуваа во Австралија за да испраќаат пораки до јапонската армија.
Младите браќа што беа повикани да служат во армијата се соочија со голем притисок да направат компромис. Мило ми е да кажам дека сите наши три сина зазедоа став за своите верувања и ја задржаа својата неутралност. Нашиот најстар син, Ричард, доби затворска казна од 18 месеци. Вториот син, Кевин, успеа да биде регистриран како лице со приговор на совеста. За жал, нашиот најмлад син, Стјуарт, загина во сообраќајна несреќа на пат да ја заврши својата судска одбрана во врска со прашањето за неутралност. Оваа трагедија беше вистински стрес. Сепак, тоа што го задржавме нашиот фокус на Царството и на Јеховиното ветување за воскресение ни помогна да истраеме.
Ја пропуштија вистинската премија
Во јануари 1941, Јеховините сведоци во Австралија беа забранети. Но, како и апостолите на Исус, Рој и јас го слушавме Бог како владетел наместо луѓето, и две и пол години продолживме да работиме тајно. Токму во овој период двајцата полицајци во цивилна облека што ги спомнав во почетокот затропаа на мојата врата. Што се случи?
Па, ги поканив внатре. Кога влегоа во куќата, ги прашав: „Ќе ви пречи ли ако си го допијам чајот пред да ја претресете куќата?“ За чудо, се сложија и јас отидов во кујната да му се помолам на Јехова и малку да си ги средам мислите. Кога се вратив, еден од полицајците отиде до местото каде што проучувавме и зеде сѐ на што можеше да се види знакот на Watchtower,
вклучувајќи ја и литературата во мојата чанта за сведочење и мојата Библија.„Сигурно немате друга литература скриена во пакети?“, ме праша потоа. „Имаме информации дека одите на состанок секоја седмица во сала на крајот од оваа улица и дека таму носите многу литература.“
„Тоа е вистина“, одговорив, „но сега не е таму.“
„Да, знаеме г-ѓо Смит“, рече тој. „Исто така знаеме дека литературата е складирана во домовите на луѓето во оваа област.“
Во собата на нашиот син најдоа пет кутии литература што содржеа примероци од џебната брошура Freedom or Romanism (Слобода или римокатолицизам).
„Сигурно немате ништо друго во гаражата?“, праша тој.
„Не, таму нема ништо“, реков.
Потоа отвори еден плакар во трпезаријата. Најде празни формулари што се користеа за собраниски извештај. Ги зеде и потоа инсистираше да погледне во гаражата.
„Добро, дојдете наваму“, реков.
Ме следеа до гаражата и откако ја прегледаа, конечно си заминаа.
Па, полицајците мислеа дека добиле одлична премија со тие пет кутии! Меѓутоа, ја оставија вистинската примија. Знаете, во тоа време служев како секретар во собранието, и дома го имав собранискиот список на објавители и други важни информации. За среќа, браќата нѐ предупредија да бидеме подготвени за такви претреси, и внимателно ги имав скриено документите. Ги пикнав во пликови и ги ставив на дното од кутиите со чај, шеќер и брашно. Исто така, некои ги имав складирано во птичарникот што беше близу до гаражата. Полицајците поминаа токму покрај информациите што ги бараа.
Почнуваме со полновремена служба
До 1947, нашите деца си имаа основано свои семејства. Тогаш, Рој и јас увидовме дека беше во рамките на нашите можности да започнеме со полновремена служба. Имаше потреба на подрачјето на јужна Австралија, па така ја продадовме куќата и купивме караван, или приколка, на која ѝ дадовме име Миспа, што значи „Стражарска кула“. Таквиот стил на живеење ни овозможи да проповедаме на оддалечени предели. Честопати работевме на недоделени селски подрачја. Имам многу драги спомени од тоа време. Една од студиите што ги водев беше со една млада жена која се викаше Беверли. Пред да напредува до крштавање, таа си замина од тоа подрачје. Замислете си ја мојата радост кога со години подоцна, на конгрес ми пријде една сестра и се претстави како Беверли! Колкава среќа ми причини тоа што после сите тие години ја видов како му служи на Јехова заедно со нејзиниот сопруг и децата!
Во 1979 имав предност да присуствувам на Школата за пионерска служба. Една од работите што беа нагласени на школата беше дека за да се истрае во пионерската служба мора да се има добра рутина на лична студија. Јас лично се уверив во тоа. Проучувањето, состаноците и службата се целиот мој живот. Го сметам за предност тоа што како општ пионер служев повеќе од 50 години.
Се справуваме со здравствени проблеми
Меѓутоа, последните неколку децении ми донесоа некои посебни предизвици. Во 1962
кај мене беше дијагностициран глауком. Во тоа време, лекувањето што беше достапно беше доста ограничено, и видот ми се влошуваше доста брзо. Ослабна и здравјето на Рој и во 1983 доживеа многу сериозен мозочен удар по што остана делумно парализиран и не можеше да зборува. Почина во 1986. Тој ми пружи голема практична поддршка во текот на мојата полновремена служба, и навистина ми недостига.И покрај тие препреки, се трудев да задржам добра духовна рутина. Купив издржлив автомобил, кој одговараше за службата на нашето полуселско подрачје, и продолжив со пионерската служба со помош на ќерка ми Џојс. Видот постепено ми се влошуваше сѐ додека сосем не го изгубив на едното око. Докторите го заменија со стаклено око. Сепак, со помош на лупа и литература со големи букви, можев да поминувам од три до пет часа дневно во проучување користејќи го тој каков-таков вид што го имав на другото око.
Времето за проучување отсекогаш ми било скапоцено. Затоа, можете да замислите каков ужасен шок беше за мене кога едно попладне додека проучував, сосем одеднаш, не можев да гледам ништо. Како некој да го изгасна светлото. Потполно го изгубив видот. Како продолжив да проучувам? Па, иако сега сум прилично глува, се потпирам на аудиокасетите и љубезната поддршка од моето семејство за да останам духовно јака.
Да се истрае до крај
Сега, како стогодишник, уште некои работи тргнаа наопаку во моето здравје и морав значително да забавам. Понекогаш се чувствувам малку изгубена. Всушност, сега кога не гледам воопшто, понекогаш вистински сум изгубена! Би сакала пак да имам некои библиски студии, но заради мојата здравствена состојба, не можам веќе да излегувам и да ги барам. Во почетокот, бев во депресија заради тоа. Морав да научам да ги прифатам моите ограничувања и да работам во рамките на тие граници. Тоа не беше лесно. Сепак, каква само предност е што секој месец можам да известам барем малку време поминато во разговор за нашиот величествен Бог, Јехова. Штом ќе ми се укаже прилика да зборувам за Библијата како, на пример, кога медицински сестри, продавачи или некој друг доаѓаат кај мене, веднаш ја зграпчувам — тактично, се разбира.
Еден од благословите што најмногу ме радуваат е тоа што гледам како четири генерации од моето семејство верно го обожаваат Јехова. Некои од нив се даваат себеси да служат како пионери во места каде што има поголема потреба, како старешини или слуги помошници и во Бетел. Се разбира, како и многу други од мојата генерација, очекував дека крајот на овој систем ќе дојде многу порано. Но, каков само пораст видов во текот на моите седум децении служба! Ми причинува задоволство што бев вклучена во нешто толку величествено.
Медицинските сестри што ме посетуваат коментираат дека она што ме одржува мора да е мојата вера. Се согласувам со нив. Активноста во Јеховината служба придонесува да се живее најдобриот можен живот. Како цар Давид, можам навистина да кажам дека сум стара и задоволна со годините (1. Летописи 29:28).
(Сестра Мјуриел Смит почина на 1 април 2002, додека се привршуваше оваа статија. Со 102 години без еден месец, таа беше вистински пример на вера и истрајност.)
[Слики на страница 24]
Кога имав околу пет години и на 19-годишна возраст, кога го запознав мојот сопруг, Рој
[Слика на страница 26]
Нашиот автомобил и караванот на кој му дадовме име Миспа
[Слика на страница 27]
Со мојот сопруг, Рој, во 1971