Добрите соседи се предност
Добрите соседи се предност
„Подобар е соседот во близина, отколку братот далеку“ (Пословици 27:10).
ЕДЕН изучувач од првиот век н.е. го прашал Исус: „Кој е, всушност, мојот ближен?“ Во својот одговор Исус не му кажал кој му е ближен туку што е она што го прави некого вистински ближен. Веројатно ти е позната илустрацијата на Исус. За многумина е позната како параболата за ближниот Самарјанин и е запишана во евангелието на Лука. Еве како Исус ја раскажал приказната:
„Еден човек слегуваше од Ерусалим во Ерихон и падна меѓу разбојници кои го соблекоа и го претепаа, и си заминаа, оставајќи го полумртов. А по тој пат случајно слегуваше еден свештеник, но кога го виде, премина на другата страна. Исто така и еден Левит, кога дојде на тоа место и го виде, премина на другата страна. Но еден Самарјанин кој поминуваше по тој пат, наиде на него и, кога го виде, беше трогнат од сожалување. Затоа му пријде и му ги преврза раните, поливајќи ги со масло и вино. Потоа го качи на своето добиче и го однесе во една гостилница и се погрижи за него. И утредента извади два денарија, му ги даде на гостилничарот и рече: ‚Погрижи се за него, и што ќе потрошиш повеќе од ова, ќе ти платам кога ќе се вратам‘. Лука 10:29—36).
Што ти се чини, кој од овие тројца се покажа ближен на човекот кој падна меѓу разбојниците?“ (Изучувачот очигледно ја сфатил поентата. Без двоумење исправно го препознал тој што му бил ближен на повредениот човек: „Оној кој постапи милосрдно спрема него“. Исус тогаш му рекол: „Оди, па и ти прави така“ (Лука 10:37). Колку само моќна илустрација за тоа што значи да се биде вистински ближен! Исусовата парабола дури може и да нѐ поттикне да се прашаме: „Каков ближен сум јас? Дали моето расно или национално потекло влијае кога одредувам кои ми се ближни? Дали таквите фактори ја ограничуваат мојата обврска да му помагам на секој човек што гледам дека е во неволја? Дали се трудам повеќе од обично да бидам добар сосед?
Каде да се почне?
Ако чувствуваме дека треба да се подобриме на ова поле, мораме да почнеме од нашиот умствен став. Нашите грижи треба да се сосредоточат на тоа да бидеме добри соседи. Тоа ќе придонесе и да имаме добри соседи. Пред речиси две илјади години, Исус го нагласил ова важно начело за човечките односи во својата Проповед на гората. Тој рекол: „Според тоа, сѐ што сакате луѓето да ви прават вам, истото правете им го и вие“ (Матеј 7:12). Тоа што постапуваш со другите со почит, со достоинство и со љубезност ги охрабрува и тие да се однесуваат на ист начин со тебе.
Во статијата „Да се сака својот ближен“ во списанието The Nation Since 1865, новинарката и авторка Лиза Фундербург спомнала некои едноставни работи што може да се направат за да се поттикне добрососедство. Таа напишала: „Сакам . . . да се изразува близок однос преку безброј мали услуги што соседите ги прават еден за друг — . . . ги чуваат децата, купуваат нешто од продавница. Сакам ваква близина во еден сѐ поотуѓен свет, каде што заедниците стануваат кревки поради стравот и криминалот“. Потоа додава: „Некаде мора да се почне. Зошто да не биде на соседната врата“.
Списанието Canadian Geographic, исто така, дало корисна забелешка што може да им помогне на соседите во развивањето здрав став еден кон друг. Писателот Марни Џексон забележал: „Соседите, како и членовите на семејството, се луѓе што не можеш секогаш да ги избереш. Тој однос бара тактичност, одредена учтивост и толеранција“.
Добрите соседи — добри дарители
Навистина, на многумина од нас им е можеби непријатно да им пријдат на соседите. Може да изгледа многу полесно да се избегнува контакт и да се изолираме. Меѓутоа, Библијата вели дека „повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). Затоа еден добар сосед настојува да вложи напор за да се запознае со луѓето околу него. Иако тоа не значи дека сака да развие блиски пријателства, тој прави напори одвреме навреме да размени неколку зборови, можеби така што ќе почне само со пријателска насмевка или гест.
Како што е кажано погоре, тие „безброј мали услуги“ што соседите ги прават еден за друг се она што навистина е важно за да се воспостават и одржуваат добрососедски односи. Затоа, добро е да размислиш за мали изрази на љубезност што можеш да ги покажеш кон некој сосед, зашто ова често ќе унапредува дух на соработка и заемна почит. Освен тоа, на тој начин ќе го следиме библискиот налог: „Не крати им добротворство на оние што имаат потреба кога можеш да го направиш тоа“ (Пословици 3:27; Јаков 2:14—17).
Добрите соседи — благодарни приматели
Би било идеално кога би можеле да речеме дека секој прима помош и подароци со благодарност. За жал, не е секогаш така. Многу понуди за помош и доброномерни подароци биле примени толку неблагодарно што искрениот дарител може
да си помисли: „Ова го правам последен пат!“ Понекогаш, сите твои напори за пријателско поздравување и мавтање на соседите може за возврат да изнуди само неволно кимање со глава.Сепак, во многу случаи примателот, всушност, не е неблагодарен, иако од надвор можеби се чини таков. Можеби неговото културно потекло го прави да биде колеблив или срамежлив и го тера да постапува рамнодушно, на навидум непријателски начин. Од друга страна, пак, во овој неблагодарен свет, некои луѓе можеби сметаат дека твоето пријателско однесување е невообичаено, или дури може да се сомневаат во твоите мотиви. Можеби ќе им треба разуверување. Затоа, за да се воспостават пријателски односи можеби ќе треба време и стрпливост. Меѓутоа, соседите што учат да бидат добри дарители и благодарни приматели ќе придонесат за мирољубив и среќен добрососедски дух.
Кога ќе погодат неволјите
Еден добар сосед е особено скапоцена предност кога ќе погодат несреќи. Вистинскиот дух на добрососедство се гледа во време на неволји. Има многу извештаи за несебични дела од соседите во такви времиња. Заедничката трагедија изгледа прави соседите спонтано да соработуваат и да се даваат себеси во корист на другите. Дури и оние што имаат спротивни гледишта честопати работат заедно.
На пример, The New York Times извести дека кога еден разорен земјотрес ја погоди Турција во 1999, традиционалните непријатели покажаа добрососедска солидарност. „Со години бевме поучувани да ги мразиме Турците“, напишала во еден атински весник грчката колумнистка Ана Стергиу. „Но, нивната неизмерна болка не ни причинува радост. Бевме трогнати, плачевме, и како прастарата омраза да исчезнуваше кога ги гледавме мртвите бебиња.“ Кога спасувачките акции беа официјално прекинати, грчките спасувачки екипи одбија да се откажат од потрагата по преживеани.
Учеството во спасувачкото дело откако ќе погодат несреќите, секако е благородно и херојско добрососедско дело. Сепак, да се спаси животот на ближниот така што ќе го предупредиш пред неволјата, сигурно може да се смета за уште повредно добрососедско дело. За жал, историјата открива дека оние што ги предупредуваат ближните за несреќите што доаѓаат честопати не се добредојдени, зашто во времето на предупредувањето, претстојната несреќа сѐ уште не може лесно да се види. Оние што го објавуваат предупредувањето честопати наидуваат на неверување. Тоа бара многу упорност и самопожртвуваност од сите што се обидуваат да им помогнат на поединци кои не се свесни за опасната ситуација.
Најголемото добрососедско дело
Денес, на човештвото му се приближува нешто многу поголемо од природна катастрофа. Тоа е прореченото дело на Семоќниот Бог што ќе ја ослободи Земјата од криминал, злоба и сличните проблеми (Откровение 16:16; 21:3, 4). Овој значаен настан не е некоја слаба веројатност туку сигурен факт! Јеховините сведоци се желни да го споделат со што е можно повеќе луѓе спознанието што е потребно за да се преживее тој неизбежен настан што ќе го потресе светот. Тоа е причината зошто толку упорно учествуваат во нивната добро позната проповедничка активност насекаде во светот (Матеј 24:14). Тие го прават тоа доброволно, од љубов кон Бог и кон ближните.
Затоа, не дозволувај предрасудите или тоа што си изнервиран да те спречи да слушаш кога Сведоците ќе дојдат на твојата врата или кога ќе ти пријдат на некое друго место. Тие се трудат да бидат добри соседи. Прифати ја нивната понуда да ја проучуваат Библијата со тебе. Дознај како Божјата реч нѐ уверува дека на дофат е иднина на радосен соживот помеѓу соседите. Во тоа време, расната, религиозната или класната дискриминација нема веќе да го нарушуваат срдечниот однос што повеќето од нас навистина го посакуваат.
[Слики на страници 6 и 7]
Добро е да правиш љубезни дела во твоето соседство
[Извор на слика]
Земјина топка: Mountain High Maps® Copyright © 1997 Digital Wisdom, Inc.