Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имитирај го Големиот Учител

Имитирај го Големиот Учител

Имитирај го Големиот Учител

„Затоа одете и правете ученици од луѓето . . . учејќи ги да држат сѐ што ви заповедав“ (МАТЕЈ 28:19, 20).

1, 2. а) На кој начин, во извесна смисла, сите ние сме учители? б) Кога станува збор за поучувањето, која посебна одговорност ја имаат вистинските христијани?

ДАЛИ си ти учител? Во некоја смисла, сите сме учители. Секојпат кога му даваш упатства на некој залутан патник, кога му покажуваш на некој колега како да изврши одредена задача или кога му објаснуваш на едно дете како да си ги врзе чевлите, ти поучуваш. Кога им помагаме на другите на такви начини, чувствуваме извесна мера задоволство, зарем не?

2 Кога станува збор за поучувањето, вистинските христијани имаат една посебна одговорност. Нам ни е даден налог да ‚правиме ученици од луѓето . . . учејќи ги‘ (Матеј 28:19, 20). И во рамките на собранието имаме прилика да поучуваме. Квалификувани мажи се наименувани да служат како „пастири и учители“ со цел да го изградуваат собранието (Ефешаните 4:11—13). Во своите секојдневни христијански активности, зрелите жени треба да им бидат „учителки за она што е добро“ на помладите жени (Тит 2:3—5). Сите ние сме поттикнати да ги храбриме соверниците и можеме да внимаваме на таа опомена така што ќе ја користиме Библијата за да ги изградуваме другите (1. Солуњаните 5:11). Колкава само предност е да се биде учител на Божјата реч и да се споделуваат духовни вредности што можат да имаат долготрајни користи!

3. Како можеме да ја подобриме нашата делотворност како учители?

3 Но, како можеме да ја подобриме нашата делотворност како учители? Пред сѐ, така што ќе го имитираме Големиот Учител, Исус. ‚Но, како можеме да го имитираме Исус?‘ — можеби ќе се прашаат некои. ‚Тој бил совршен.‘ Секако, ние не можеме да бидеме совршени учители. Сепак, без оглед на нашите способности, можеме да го дадеме нашето најдобро за да го имитираме начинот на кој поучувал Исус. Да подискутираме за тоа како можеме да користиме четири негови методи — едноставност, делотворни прашања, логично резонирање и соодветни илустрации.

Биди едноставен

4, 5. а) Зошто едноставноста е клучно обележје на библиската вистина? б) За да поучуваме со едноставност, зошто е важно да внимаваме на својот речник?

4 Основните вистини од Божјата реч не се комплицирани. Во молитва, Исус рекол: „Јавно те фалам Татко . . . зашто си ги скрил овие работи од мудрите и умните, а си ги открил на бебињата“ (Матеј 11:25). Јехова предизвикал неговите намери да им бидат откриени на оние што имаат искрени и понизни срца (1. Коринќаните 1:26—28). Според тоа, едноставноста е клучно обележје на библиската вистина.

5 Како можеш да поучуваш со едноставност кога водиш домашна библиска студија или кога правиш повторни посети кај заинтересираните? Па, што научивме од Големиот Учител? За да ги достигне своите слушатели, од кои многумина биле „неуки и обични“, Исус користел обичен јазик што тие можеле да го разберат (Дела 4:13). Според тоа, за да поучуваме со едноставност, прв услов е да внимаваме на нашиот речник. Нема потреба да користиме високозвучни зборови или изрази за да им ја направиме Божјата реч поуверлива на другите. Таквата „претераност во говорот“ би можела да ги заплаши другите, особено оние што имаат ограничено образование или способност (1. Коринќаните 2:1, 2). Исусовиот пример покажува дека едноставните зборови што се внимателно избрани можат да ја пренесат вистината со голема моќ.

6. Како можеме да избегнеме да го преоптовариме библискиот студент со премногу информации?

6 За да поучуваме со едноставност, мораме да бидеме внимателни да избегнуваме да го преоптоваруваме библискиот студент со премногу информации. Исус бил обѕирен кон ограничувањата на своите ученици (Јован 16:12). И ние мораме да го земеме предвид студентот. На пример, кога водиме студија со книгата Спознание кое води до вечен живот, не мора да го објаснуваме секој детаљ. * Ниту, пак, треба набрзина да ги разгледаме информациите, како да е најважно да се обработи извесно количество материјал. Наместо тоа, мудро е да се остави потребите и способностите на студентот да го одредат темпото на студијата. Нашата цел е да му помогнеме на студентот да стане ученик на Христос и обожавател на Јехова. Треба да одвоиме колку што е потребно време за да му помогнеме на заинтересираниот студент јасно да го сфати она што го учи. Така вистината може да допре до неговото срце и да го поттикне на акција (Римјаните 12:2).

7. Кои предлози можат да ни помогнат да поучуваме со едноставност кога држиме говори во собранието?

7 Кога држиме говори во собранието, особено ако во публиката има некои што се нови, како можеме да зборуваме со „лесно разбирлив“ говор? (1. Коринќаните 14:9). Разгледај три предлози што можат да бидат од помош. Прво, објасни ги непознатите термини што мораш да ги користиш. Со нашето разбирање на Божјата реч ние имаме посебен речник. Ако користиме изрази како што се „верниот и разборит роб“, „други овци“ и „Големиот Вавилон“, ќе треба да ги објасниме со едноставни реченици што го појаснуваат нивното значење. Второ, избегнувај да зборуваш премногу опширно. Со премногу зборови кажани во детали, може да се изгуби вниманието на публиката. Кога ќе се отстранат непотребните зборови и реченици, се добива јасност. Трето, не обидувај се да обработуваш премногу материјал. Со нашето истражување можеме да дознаеме многу интересни детали. Но, најдобро е да се среди материјалот во неколку главни мисли, користејќи ги само оние информации што ги поткрепуваат тие мисли и што можат да бидат јасно разработени во доделеното време.

Делотворно користење на прашања

8, 9. Како можеме да избереме прашање што одговара на интересот на станарот? Дај примери.

8 Сети се дека Исус бил мајстор во користењето прашања за да ги наведе своите ученици да искажат што имаат во мислите и да ги поттикне и обучи да размислуваат. Со своите прашања, Исус нежно ги достигнал и допрел до нивните срца (Матеј 16:13, 15; Јован 11:26). Како можеме и ние, исто како Исус, делотворно да користиме прашања?

9 Кога проповедаме од куќа до куќа, можеме да користиме прашања за да го подбудиме интересот и со тоа да го подготвиме патот да зборуваме за Божјето Царство. Како можеме да избереме прашање што одговара токму на интересите на станарот? Набљудувај. Кога се приближуваш до некоја куќа, разгледај ја околината. Дали во дворот има играчки, што покажува дека во домот има деца? Ако е така, би можеле да прашаме: ‚Дали некогаш сте се прашале каков ќе биде светот кога ќе пораснат Вашите деца?‘ (Псалм 37:10, 11). Дали на влезната врата има повеќе брави и дали има аларм? Би можеле да прашаме: ‚Дали мислите дека некогаш ќе дојде време кога луѓето како Вас и мене ќе се чувствуваат безбедни во својот дом и на улица?‘ (Михеј 4:3, 4). Има ли приод за инвалидска количка? Би можеле да прашаме: ‚Ќе дојде ли некогаш време кога секој жив ќе ужива добро здравје?‘ (Исаија 33:24). Многу предлози можат да се најдат во книгата Расправљање на темељу Писма. *

10. Како можеме да користиме прашања за да ги ‚исцрпиме‘ мислите и чувствата од срцето на некој библиски студент, но што треба да имаме на ум?

10 Како можеме добро да користиме прашања кога водиме библиски студии? За разлика од Исус, ние не можеме да ги читаме срцата. Меѓутоа, тактичните но проникливи прашања можат да ни помогнат да ги ‚исцрпиме‘ мислите и чувствата од срцето на студентот (Пословици 20:5). На пример, да претпоставиме дека го проучуваме поглавјето „Зошто водењето побожен живот донесува среќа“, во книгата Спознание. Во него се дискутира за Божјето гледиште за нечесноста, блудот и други работи. Студентот можеби точно ќе одговори на отпечатените прашања, но дали се согласува со тоа што го учи? Би можеле да прашаме: ‚Дали Јеховиното гледиште за тие работи ти изгледа разумно?‘ ‚Како можеш да ги примениш овие библиски начела во својот живот?‘ Но, имај на ум дека е потребно да постапуваш со почит, внимавајќи на достоинството на студентот. Ние не би сакале да поставуваме прашања што ќе го посрамат или ќе го понижат библискиот студент (Пословици 12:18).

11. На кој начин можат јавните говорници делотворно да користат прашања?

11 Јавните говорници можат исто така делотворно да користат прашања. Реторичните прашања — оние на кои не очекуваме нашите слушатели да одговорат гласно — можат да им помогнат на присутните да размислуваат и да резонираат. Исус повремено користел такви прашања (Матеј 11:7—9). Освен тоа, по воведните забелешки, говорникот може да употреби прашања за да ги изнесе главните мисли што ќе се дискутираат. Би можел да рече: „Во нашата денешна дискусија ќе ги разгледаме одговорите на следниве прашања . . .“ Потоа, во заклучокот може да се осврне на тие прашања за да ги разгледа главните мисли.

12. Дај пример што покажува како христијанските старешини можат да користат прашања за да му помогнат на некој соверник да се утеши од Божјата реч.

12 Во своето дело на пастирење, христијанските старешини можат да користат прашања за да ѝ помогнат на некоја ‚депримирана душа‘ да се утеши од Јеховината реч (1. Солуњаните 5:14). На пример, за да му помогне на некого што се чувствува потиштен, еден старешина би можел да го насочи вниманието на Псалм 34:18. Таму пишува: „Господ е близу до оние што се со скрушени срца, и ги спасува оние, што се со покајнички дух“. За да се увери дали обесхрабрениот сфаќа како ова се однесува на него лично, старешината би можел да праша: ‚До кого е близу Јехова? Дали понекогаш се чувствуваш како да си со ‚скрушено срце‘ и со ‚покајнички дух‘? Ако е Јехова близу до таквите, како што вели Библијата, зарем тоа не значи дека е близу и до тебе?‘ Таквото нежно уверување може да го обнови духот на потиштениот (Исаија 57:15).

Логично резонирање

13, 14. а) Како би можеле да резонираме со некого што вели дека не верува во Бог што не може да го види? б) Зошто не треба да очекуваме дека секој ќе биде уверен?

13 Во нашата служба сакаме да ги достигнеме срцата со здраво, убедливо резонирање (Дела 19:8; 28:23, 24). Дали тоа значи дека мораме да научиме да користиме софистицирана логика за да ги увериме другите во вистината од Божјата реч? Воопшто не. Здравото резонирање не мора да биде комплицирано. Логичните аргументи што се изнесени на едноставен начин честопати се најделотворни. Да разгледаме еден пример.

14 Како би можеле да одговориме кога некој ќе рече дека не верува во Бог што не може да го види? Би можеле да резонираме за природниот закон за причина и последица. Кога ја гледаме последицата, ние прифаќаме дека мора да постои и причина. Би можеле да речеме: ‚Ако се наоѓате на некое оддалечено место и наидете на некоја добро изградена куќа снабдена со храна (последица), веднаш ќе прифатите дека некој (причина) ја изградил таа куќа и ги наполнил нејзините ормари. И ние, кога ќе го видиме дизајнот што е очигледен во природата и изобилството храна во „шпајзот“ на земјата (последица), зарем не е логично да прифатиме дека Некој (причина) стои зад тоа?‘ Ова најдобро е изразено со библискиот едноставен аргумент: „Секако, секоја куќа некој ја изградил, а оној кој изградил сѐ е Бог“ (Евреите 3:4). Меѓутоа, колку и да е здраво нашето резонирање, нема сите да бидат уверени. Библијата нѐ потсетува дека само оние што се „исправно наклонети“ ќе станат верници (Дела 13:48; 2. Солуњаните 3:2).

15. Каква метода на резонирање можеме да употребиме за да ги истакнеме Јеховините особини и патишта и кои два примера покажуваат како можеме да користиме такво резонирање?

15 Во нашето поучување, сеедно дали во службата на теренот или во собранието, можеме да користиме логично резонирање за да ги истакнеме Јеховините особини и патишта. Особено делотворна е методата на резонирање ‚колку повеќе‘ што повремено ја користел Исус (Лука 11:13; 12:24). Ваквото резонирање може да остави длабок впечаток бидејќи се заснова на контраст. За да ја разоткриеме апсурдноста на доктрината за пеколен оган, би можеле да речеме: ‚Ниеден татко полн со љубов не би го казнил своето дете држејќи ја неговата рака во оган. Колку повеќе самата помисла на пеколен оган му е одбивна на нашиот небесен Татко полн со љубов!‘ (Еремија 7:31). За да поучиме дека Јехова се грижи за секој свој слуга како поединец, би можеле да речеме: ‚Ако Јехова ја знае по име секоја од милијардите ѕвезди, колку повеќе мора да се грижи за луѓето што го сакаат и што биле купени со скапоцената крв на неговиот Син!‘ (Исаија 40:26; Дела 20:28). Таквото силно резонирање може да ни помогне да ги достигнеме срцата на другите.

Соодветни илустрации

16. Зошто илустрациите се скапоцени во поучувањето?

16 Делотворните илустрации се зачин што може да го направи нашето поучување повкусно за другите. Зошто илустрациите се скапоцени во поучувањето? Еден просветен работник забележал: „Способноста за апстрактно размислување е едно од најтешките човечки достигнувања“. Илустрациите врежуваат смисловни слики во нашиот ум, помагајќи ни поцелосно да сфатиме нови идеи. Исус бил извонреден во употребата на илустрации (Марко 4:33, 34). Да разгледаме како можеме да ја користиме оваа метода на поучување.

17. Кои четири фактори прават една илустрација да биде делотворна?

17 Што прави една илустрација да биде делотворна? Прво, треба да одговара на нашата публика, во неа да се користат околности во кои нашите слушатели лесно можат да се најдат. Се сеќаваме дека Исус зел многу илустрации од секојдневниот живот на своите слушатели. Второ, една илустрација би требало разумно да се совпаѓа со мислата што се изнесува. Ако споредбата нема врска со темата, илустрацијата може само да им го одвлече вниманието на слушателите. Трето, илустрацијата не треба да биде пренатрупана со непотребни детали. Сети се дека Исус ги давал потребните поединости, но ги пропуштал небитните работи. Четврто, кога користиме некоја илустрација, треба да се погрижиме примената да биде јасна. Инаку, некои можеби нема да ја сфатат смислата.

18. Како можеме да смислуваме соодветни илустрации?

18 Како можеме да смислиме соодветна илустрација? Не мора да измислуваме долги, детални приказни. Кратките илустрации можат да бидат многу делотворни. Едноставно обиди се да се сетиш на примери во врска со мислата за која се дискутира. На пример, да претпоставиме дека дискутираме за Божјето простување и сакаме да ја илустрираме мислата од Дела 3:19, каде што се вели дека Јехова ги ‚брише‘, односно ги отстранува нашите грешки. Самото тоа е силна стилска фигура, но кој конкретен пример можеме да го употребиме за да ја илустрираме таа мисла — гума? сунѓер? Би можеле да речеме: ‚Кога Јехова ги простува нашите гревови, тој ги брише како да користи сунѓер (или гума)‘. Тешко е да се пропушти смислата на ваква едноставна илустрација.

19, 20. а) Каде можеме да најдеме добри илустрации? б) Кои се некои примери на делотворни илустрации што биле објавени во нашата литература? (Види ја и рамката.)

19 Каде можеш да најдеш соодветни илустрации, вклучувајќи и примери од вистинскиот живот? Побарај ги во својот живот или во најразличните заднини и искуства на соверниците. Илустрациите можат да се изберат од многу други извори, вклучувајќи живи и неживи објекти, предмети од домаќинството или некој актуелен настан што е добро познат во околината. Клуч за да најдеме добри илустрации е да бидеме будни, „внимателно набљудувајќи“ ги секојдневните околности околу нас (Дела 17:22, 23). Еден прирачник за јавното говорништво објаснува: „Говорникот што го набљудува човечкиот живот и неговите различни професии, разговара со најразлични луѓе, отворено гледа на работите и поставува прашања сѐ додека не ги разбере, ќе собере многу материјал за илустрации што добро ќе му послужат кога ќе му затреба“.

20 Има уште еден богат извор на делотворни илустрации — Стражарска кула, Разбудете се! и другата литература што ја издаваат Јеховините сведоци. Можеш да научиш многу ако забележиш како овие публикации ги користат илустрациите. * Да ја земеме за пример илустрацијата што е употребена во 11. пасус од 17. поглавје од книгата Спознание. Таму, разликите во личностите во собранието се споредени со различни возила што патуваат покрај тебе на патот. Што е делотворно во неа? Забележи дека таа се темели на секојдневни околности, многу се совпаѓа со мислата што се изнесува и примената е јасна. Можеме да ги користиме објавените илустрации во нашето поучување, можеби така што ќе ги приспособиме на потребите на библискиот студент или ќе ги прилагодиме за да ги употребиме во некој говор.

21. Кои се наградите од тоа што ќе бидеш делотворен учител на Божјата реч?

21 Наградите од тоа што ќе бидеш делотворен учител се големи. Кога поучуваме, споделуваме нешто со другите; даваме дел од себеси за да им помогнеме. Таквото давање усреќува, бидејќи Библијата вели: „Повеќе среќа има во давањето, отколку во примањето“ (Дела 20:35). За учителите на Божјата реч, таа среќа е радоста од спознанието дека пренесуваме нешто што има вистинска и трајна вредност — вистината за Јехова. Исто така, го имаме задоволството што произлегува од спознанието дека го имитираме Големиот Учител, Исус Христос.

[Фусноти]

^ пас. 6 Издадена од Јеховините сведоци.

^ пас. 9 Види го делот „Уводи за користење во служба на проповедање“ на страници 9—15. (Издадена од Јеховините сведоци.)

^ пас. 20 За да најдеш примери, види Watch Tower Publications Index 1986-2000, под „Илустрации“. (Издаден на повеќе јазици од Јеховините сведоци.)

Дали се сеќаваш?

• Како можеме да поучуваме со едноставност кога водиме домашна библиска студија? Кога изнесуваме говор во собранието?

• Како можеме делотворно да користиме прашања кога проповедаме од куќа до куќа?

• Како можеме да користиме логично резонирање за да ги истакнеме Јеховините особини и патишта?

• Каде можеме да најдеме соодветни илустрации?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 23]

Се сеќаваш ли на овие илустрации?

Ова се само неколку делотворни илустрации. Зошто не ги побараш наведените публикации и не забележиш како помогнале да се нагласи мислата за која се дискутира?

• Како акробати на трапез или како пар лизгачи на мраз, напорите на оние што сакаат да изградат успешен брак многу зависат од добар партнер (Стражарска кула од 15 мај 2001, 16. страница).

• Изразувањето чувства е како фрлање топка. Може да ја подадеш нежно или да ја фрлиш толку силно што тоа ќе предизвика повреда (Разбудете се! од 8 април 2001, 10. страница).

• Учењето да се изразува љубов е слично на учењето нов јазик (Стражарска кула од 15 февруари 1999, страници 18, 22, 23).

• Наследниот грев може да се спореди со она што се случува кога фајловите на еден компјутер ќе се расипат поради некој вирус (Постои ли Творец кој се грижи за тебе?, 156. страница).

• За демоните спиритизмот го прави она што мамката го прави за ловците. Го привлекува пленот (Спознание кое води до вечен живот, 111. страница).

• Начинот на кој Исус ги спасува потомците на Адам може да се спореди со тоа како еден богат добротвор ги исплаќа долговите на една фабрика (што ги направил нечесниот директор) и повторно ја отвора фабриката, што е од корист за многуте вработени (Стражарска кула од 15 февруари 1991, 13. страница).

• Како што вљубениците во уметноста вложуваат голем труд за да ги поправат тешко оштетените ремек дела, Јехова може да гледа зад нашите несовршености, да го види доброто во нас и на крај да нѐ обнови до совршената положба што ја изгубил Адам (Приближи му се на Јехова, 246. страница).

[Слики на страница 20]

Вистинските христијани се учители на Божјата реч

[Слика на страница 21]

Старешините можат да користат прашања за да им помогнат на соверниците да најдат утеха во Божјата реч