Каде исчезнаа соседите?
Каде исчезнаа соседите?
„Современото општество не признава соседи“ (Бенџамин Дизраели, англиски државник од 19 век).
ОСТАРЕНИТЕ Кубанци унапредуваат благосостојба на необичен начин — со соседски мрежи сиркулос де авуелос, или како што ги нарекуваат, кружоци на баби и дедовци. Според еден извештај од 1997, околу 1 од 5 постари Кубанци ѝ припаѓа на таква група, во која наоѓа друштво, поддршка и практична помош за да задржи здрав животен стил. „Секогаш кога на семејните лекари во соседството им треба помош во некоја кампања за вакцинирање“, забележува списанието World-Health, „овие сиркулос де авуелос се местата кадешто наоѓаат спремни и способни извори.“
Меѓутоа, за жал, во многу делови во светот, соседствата веќе немаат такви грижливи заедници. Размисли, на пример, за трагичниот случај на Волфганг Диркс, кој живеел во една зграда во западна Европа. Пред неколку години, The Canberra Times извести дека иако 17-те семејства што живееле во истата зграда со Волфганг го приметиле неговото отсуство, „никој не помислил да заѕвони на неговата врата“. Кога сопственикот на зградата конечно дошол, „нашол скелет што седи пред телевизорот“. Во скутот на скелетот била отворена телевизиска програма со датум од 5 декември 1993. Волфганг бил мртов пет години. Колку жално сведоштво за неуспехот во покажувањето соседски интерес и грижа! Не зачудува тоа што еден есеист изјавил во The New York Times Magazine дека неговото соседство, како и многу други, станало „заедница на странци“. Дали е ова случај и со твоето соседство?
Вистина е дека некои рурални заедници сѐ уште уживаат чувство на искрено пријателство и дека некои урбани заедници се стремат кон поголема грижа за соседите. Сепак, многу жители на градовите се чувствуваат изолирани и ранливи во своето сопствено соседството. Тие венеат зад ѕидовите на анонимноста. Зошто?
Зад ѕидовите на анонимноста
Се разбира, повеќето од нас имаме соседи што живеат близу до нас. Растрепереното светло на телевизорот,
движењето на сенките на прозорецот, вклучувањето и исклучувањето на светлата, звуците на автомобили што доаѓаат и заминуваат, чекорите во ходникот, клучевите што отклучуваат и заклучуваат врати се знаци дека соседите се „живи“. Меѓутоа, секое чувство на пријателство исчезнува кога луѓето што живеат близу едни до други се скриени зад ѕидовите на анонимноста или ги губат од вид другите луѓе поради грозничаво брзиот животен стил. Луѓето можеби сметаат дека нема потреба да се мешаат со соседите или да имаат какви и да било обврски кон нив. Австралискиот весник Herald Sun признава: „Поединците се поанонимни во нивната непосредна околина, и на тој начин се помалку ограничени од врските на друштвената обврска. Сега е полесно да се игнорираат или да се исклучат луѓето што не се привлечни за дружење“.Овој развој на работите не изненадува. Во свет каде што луѓето се „себељубиви“, соседствата ги жнеат последиците од животниот стил на таквите луѓе што си мислат само за себе (2. Тимотеј 3:2). Резултатот е раширена осаменост и отуѓување. Отуѓувањето раѓа недоверба, особено кога насилството и криминалот го демнат соседството. Од своја страна, недовербата набрзо го умртвува човечкото сочувство.
Каква и да е ситуацијата во твоето соседство, сигурно ќе се согласиш дека добрите соседи се предност за заедницата. Многу се постигнува кога луѓето работат кон некоја заедничка цел. Добрите соседи можат да бидат и благослов. Следната статија ќе покаже на кој начин.