Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Простувајте си спремно еден на друг“

„Простувајте си спремно еден на друг“

„Простувајте си спремно еден на друг“

ВЕРУВАШ ли дека Бог ти ги простил гревовите? Се чини дека во Соединетите Држави повеќето возрасни луѓе веруваат во тоа. Д-р Лорен Тусен, прв автор на една студија што била спроведена од Институтот за социјални истражувања при Универзитетот во Мичиген, известува дека од 1.423 анкетирани Американци, околу 80 проценти од возрасните над 45-годишна старост рекле дека Бог им ги простил гревовите.

Меѓутоа, интересно е тоа што само 57 проценти од анкетираните рекле дека тие им простиле на другите. Оваа статистика нѐ потсетува на Исусовите зборови од Проповедта на гората: „Ако вие им ги простите на луѓето нивните прекршоци, вашиот небесен Татко ќе ви ги прости и вам; но ако не им ги простите на луѓето нивните прекршоци, ниту вашиот Татко нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6:14, 15). Да, Божјето простување на нашите гревови е условно, делумно зависи од нашата спремност да им простуваме на другите.

Апостол Павле ги потсетил христијаните во Колоси за ова начело. Тој ги поттикнал: „Поднесувајте се еден со друг и простувајте си спремно еден на друг, ако некој има причина за поплака против друг. Токму како што Јехова доброволно ви прости вам, така правете и вие“ (Колошаните 3:13). Точно е дека не е секогаш лесно да се прави тоа. На пример, кога некој кажува непромислени или нељубезни зборови за тебе, може да биде тешко да оставиш да поминат туку така.

Сепак, користите од простувањето се многубројни. Д-р Дејвид Р. Вилијамс, социолог, во врска со своето истражување рекол: „Најдовме особено јака врска помеѓу простувањето на другите и менталното здравје на средовечните и постарите Американци“. Тоа е во склад со зборовите на мудриот цар Соломон, кој пред околу 3.000 години напишал: „Тивкото срце е живот на телото“ (Пословици 14:30). Бидејќи духот на простување унапредува добри односи со Бог и со ближните, имаме добра причина да бидеме настроени спремно да си простуваме еден на друг од срце (Матеј 18:35).