Јехова ги благословува и ги заштитува оние што се послушни
Јехова ги благословува и ги заштитува оние што се послушни
„Кој ме слуша мене, останува безгрижен и живее спокојно без страв од зло“ (ПОСЛОВИЦИ 1:33).
1, 2. Зошто е важна послушноста на Бог? Илустрирај.
МЕКИТЕ, жолти новоизведени пиленца живо колваат храна во ниската трева, сосема несвесни за соколот што надлетува во височината. Одеднаш, квачката испушта плашлив, гласен предупредувачки крик и ги раширува крилјата. Пиленцата дотрчуваат кај неа и за неколку секунди тие се безбедно скриени под нејзините крилја. Соколот се откажува од својот напад. a Каква лекција учиме од ова? Послушноста спасува животи!
2 Оваа поука е особено важна за христијаните денес, бидејќи Сатана вложува целосен напор да го фати Божјиот народ како плен (Откровение 12:9, 12, 17). Негова цел е да ни ја уништи духовноста за да ја изгубиме Јеховината наклоност и изгледот за вечен живот (1. Петрово 5:8). Меѓутоа, ако останеме блиску до Бог и брзо реагираме на водството што го добиваме преку неговата Реч и организација, можеме да бидеме уверени во неговата заштитничка грижа. „Ќе те заштити со Своите крила, и ќе се засолниш под Неговите крила“, напишал псалмистот (Псалм 91:4).
Една непослушна нација станува плен
3. Што произлегло од постојаната непослушност на Израел?
3 Кога нацијата Израел му била послушна на Јехова, таа редовно имала корист од неговата будна грижа. Сепак, премногу често народот го напуштал својот Творец и се свртувал кон богови од дрво и камен — ‚кипови, кои не користат ништо, не помагаат ништо‘ (1. Самоил 12:21). По векови таква побуна, нацијата како целина толку заглавила во отпадништво што ѝ немало спас. Затоа, Исус оплакувал: „Ерусалиме, Ерусалиме, ти кој ги убиваш пророците и ги каменуваш оние кои се испратени кај тебе — колкупати сакав да ги соберам твоите деца како што квачка ги собира своите пилиња под крилјата! Но вие не сакавте. Ете, вашата куќа ви се остава запустена“ (Матеј 23:37, 38).
4. На кој начин во 70 н.е. станало очигледно дека Јехова го напуштил Ерусалим?
4 Фактот дека Јехова го напуштил отпадничкиот Израел станал болно очигледен во 70 н.е. Таа година, римските војски, кои ги држеле високо своите бајраци украсени со лик на орел, се нафрлиле врз Ерусалим за да извршат страшен колеж. Тогаш градот бил преполн со луѓе што ја прославувале Пасхата. Со нивните бројни жртви не успеале да придобијат Божја наклоност. Тоа било трагично потсетување на зборовите што му ги кажал Самоил на непослушниот цар Саул: „Дали Му се на Господа помили палениците и приносите од послушноста кон Неговиот глас? Знај, послушноста е поскапоцена од најдобрата жртва, покорноста подобра од овни“ (1. Самоил 15:22).
5. Каква послушност бара Јехова и од каде знаеме дека е возможна таква послушност?
5 И покрај тоа што инсистира на послушност, Јехова е сосема свесен за ограничувањата на несовршените луѓе (Псалм 130:3, 4). Тој бара искрено срце и послушност темелена на вера, љубов и здрав страв да не не му угодиме (Второзаконие 10:12, 13; Пословици 16:6; Исаија 43:10; Михеј 6:8; Римјаните 6:17). Еден ‚голем облак од претхристијански сведоци‘ што го задржале својот интегритет кога биле соочени со многу тешки испити, па дури и со смрт, покажал дека е возможна таква послушност (Евреите 11:36, 37; 12:1). Колку ли само тие го радувале Јеховиното срце! (Пословици 27:11). Меѓутоа, други во почетокот биле верни, но не останале на патот на послушноста. Еден од нив бил царот Јоас од древната Јуда.
Цар уништен од лошото друштво
6, 7. Каков цар бил Јоас додека бил жив Јодај?
6 Цар Јоас за влакно избегнал да биде убиен кога бил доенче. Потоа го криеле, но кога наполнил седум години, првосвештеникот Јодај храбро им го покажал на луѓето и го направил цар. Бидејќи богобојазливиот Јодај бил во улога на татко и советник на Јоас, младиот владетел ‚правел што е право во Господовите очи додека бил жив свештеникот Јодај‘ (2. Летописи 22:10—23:1, 11; 24:1, 2).
7 Добрите дела на Јоас вклучувале обнова на Јеховиниот храм — постапка што Јоас ‚ја наумил во срцето‘. Тој го потсетил првосвештеникот Јодај дека е потребно да се собере данок за храмот од Јуда и Ерусалим, како што ‚одредил Мојсеј‘, за да се финансира работата за поправките. Изгледа дека Јодај успеал да го охрабри младиот цар да го проучува и да му биде послушен на Божјиот закон. Како резултат на тоа, работата на храмот и на храмскиот инвентар брзо била завршена (2. Летописи 24:4, 6, 13, 14; Второзаконие 17:18).
8. а) Првенствено што придонело за духовниот пад на Јоас? б) Што сторил на крајот царот поради својата непослушност?
8 За жал, послушноста на Јоас кон Јехова не потрајала. Зошто? Божјата реч ни кажува: „По Јодаевата смрт дојдоа Јудините кнезови и му се поклонија на царот. Тогаш царот почна да ги слуша. Јудејците беа го оставиле Господа, Бога на татковците, и почнаа да им служат на ашерите и на ликовите; Божјиот гнев дојде на Јудејците и на Ерусалимците за таа кривица“. Исто така, нездравото влијание на кнезовите на Јуда го навело царот да не ги послуша Божјите пророци, од кои еден бил Јодаевиот син Захариј, кој храбро ги прекорил Јоас и народот за нивната непослушност. Наместо да се покае, Јоас дал Захарија да се каменува до смрт. Колку само бездушен, непослушен човек станал Јоас — сѐ затоа што подлегнал на влијанието на лошите друштва! (2. Летописи 24:17—22; 1. Коринќаните 15:33).
9. На кој начин конечниот исход на Јосија и на кнезовите подвлекува колку е лудо да се биде непослушен?
9 Бидејќи го напуштиле Јехова, што се случило со Јоас и со неговите злобни другари, кнезовите? Воената сила на Сиријците — само „мала по луѓе“ — ја нападнала Јуда и ‚ги погубила сите кнезови во народот‘. Напаѓачите исто така го присилиле царот да ги отстапи своите поседи, како и златото и среброто од светилиштето. Иако Јоас преживеал, тој станал скршен и оболен човек. Кратко потоа го убиле завереници од редовите на неговите сопствени слуги (2. Летописи 24:23—25; 2. Цареви 12:17, 18). Колку само се покажале вистинити Јеховините зборови до Израел: „Ако не го слушаш гласот на Господа, својот Бог, не пазејќи и не извршувајќи ги Неговите заповеди и сите Негови закони . . . сите овие проклетства ќе дојдат врз тебе и ќе те стигнат“ (Второзаконие 28:15).
Послушноста спасува еден писар
10, 11. а) Зошто е корисно да се размислува за Јеховиниот совет на Варух? б) Каков совет му дал Јехова на Варух?
10 Дали понекогаш се чувствуваш уморен затоа што малку луѓе што ги сретнуваш во христијанската служба покажуваат интерес за добрата вест? Дали понекогаш малку им завидуваш на богатите и на нивниот самопопустлив начин на живот? Ако е така, размисли за Варух, писарот на Еремија, и за советот полн со љубов што му го дал Јехова.
11 Варух запишувал една пророчка порака кога и самиот се нашол во центарот на Јеховиното внимание. Зошто? Затоа што Варух почнал да се жали на својата судба во животот и да посакува нешто подобро од посебната предност во службата на Бог. Забележувајќи ја оваа промена во ставот на Варух, Јехова му дал јасен но љубезен совет, велејќи: „Ти бараш чудеса [големи работи, NW] за себе! Не барај го тоа! Зашто, ете, ќе навалам зло врз сѐ живо . . . а тебе како плен ќе ти го подарам твојот живот во сите места каде ќе дојдеш“ (Еремија 36:4; 45:5).
12. Зошто треба да избегнуваме да бараме „големи работи“ за себе во сегашниов систем на работи?
12 Можеш ли да ја почувствуваш во Јеховините зборови до Варух Неговата длабока загриженост за овој добар човек, кој му служел толку верно и храбро заедно со Еремија? Исто и денес, Јехова е длабоко загрижен за оние што се на искушение да бараат нешто што тие си мислат дека е подобро во овој систем на работи. За среќа, исто како Варух, многу такви одговориле на љубезните исправки што ги добиле од одговорните духовни браќа (Лука 15:4—7). Да, сите да сфатиме дека нема иднина за оние што бараат „големи работи“ за себе во овој систем. Не само што таквите не успеваат да најдат вистинска среќа туку, што е уште полошо, наскоро ќе поминат со овој свет и со сите негови себични желби (Матеј 6:19, 20; 1. Јованово 2:15—17).
13. Кои поуки за понизноста ни ги дава извештајот за Варух?
13 Извештајот за Варух ни дава и една добра лекција за понизноста. Забележи дека Јехова не го советувал Варух директно туку зборувал преку Еремија, чии несовршености и специфичности Варух веројатно сосема добро ги знаел (Еремија 45:1, 2). Сепак, Варух не бил совладан од гордост; тој понизно го согледал вистинскиот извор на советот — Јехова (2. Летописи 26:3, 4, 16; Пословици 18:12; 19:20). Затоа, ако ‚направиме некој погрешен чекор пред да бидеме свесни за тоа‘ и ако го добиеме потребниот совет од Божјата реч, да ја имитираме зрелоста на Варух, неговата духовна проникливост и неговата понизност (Галатите 6:1).
14. Зошто е добро да им бидеме послушни на оние што предводат меѓу нас?
14 Таквиот понизен став од наша страна им помага и на оние што го даваат советот. Во Евреите 13:17 стои: „Бидете им послушни на оние кои предводат меѓу вас и бидете подложни, зашто тие бдеат над вашите души како оние кои ќе положат сметка; тоа да го прават со радост, а не со воздивнување, зашто тоа би ви било на штета“. Колку ли само често старешините му го излеваат своето срце на Јехова, молејќи го за храброста, мудроста и тактичноста што се неопходни за да го исполнат овој тежок аспект од нивното дело на пастирење! Да ги ‚признаваме таквите луѓе‘ (1. Коринќаните 16:18).
15. а) Како Еремија ја покажал својата доверба во Варух? б) Како бил награден Варух за својата понизна послушност?
15 Очигледно е дека Варух го исправил своето размислување, бидејќи Еремија потоа му дал една многу предизвикувачка задача — да оди во храмот и да ја чита наглас токму пораката на суд што ја напишал според зборовите на Еремија. Дали Варух послушал? Да, тој направил ‚сѐ како што пророкот Еремија му заповедал‘. Всушност, тој им ја прочитал истата порака дури и на кнезовите на Ерусалим, за што несомнено била потребна прилична храброст (Еремија 36:1—6, 8, 14, 15). Кога градот бил освоен од Вавилонците околу 18 години подоцна, замисли си колку само мора да бил благодарен Варух затоа што бил поштеден поради тоа што го послушал Јеховиното предупредување и престанал да бара „големи работи“ за себе! (Еремија 39:1, 2, 11, 12; 43:6).
Послушноста за време на една опсада спасила животи
16. Како покажал Јехова сочувство кон Евреите во Ерусалим за време на опсадата на Вавилон во 607 пр.н.е.?
16 Кога дошол крајот на Ерусалим во 607 пр.н.е., повторно дошло до израз Божјето сочувство кон послушните. Во екот на опсадата, Јехова им рекол на Евреите: „Еве ги ставам пред вас патот на животот и патот на смртта. Кој ќе остане во овој град, ќе загине од меч, глад и помор. А кој ќе излезе, та им се предаде на Халдејците кои ве опсадуваат, ќе го спаси животот — животот ќе му остане како плен“ (Еремија 21:8, 9). Иако жителите на Ерусалим заслужувале уништување, Јехова покажал сочувство кон оние што го послушале, дури и во тие критични, последни моменти. b
17. а) На кои два начина била ставена на испит послушноста на Еремија кога Јехова му рекол да им каже на Евреите под опсада да ‚пребегаат кај Халдејците‘? б) Како можеме да извлечеме корист од примерот на Еремија за храбра послушност?
17 И послушноста на Еремија несомнено била испитана кога им кажувал на Евреите да се предадат. Како прво, тој бил ревносен за Божјето име. Не сакал да го прекоруваат непријатели што ќе ја припишат својата победа на безживотни идоли (Еремија 50:2, 11; Плач 2:16). Освен тоа, Еремија знаел дека, со тоа што ќе им каже на луѓето да се предадат, го ризикува сопствениот живот бидејќи мнозина би ги толкувале неговите зборови како бунтовни. Сепак, тој не се тресел од страв туку послушно ги кажувал Јеховините изјави (Еремија 38:4, 17, 18). Исто како Еремија, и ние носиме една неомилена порака. Тоа е истата порака поради која бил презрен Исус (Исаија 53:3; Матеј 24:9). Затоа, да не ‚трепериме пред луѓе‘ туку, како Еремија, храбро да му бидеме послушни на Јехова, имајќи целосна доверба во него (Пословици 29:25, NW).
Послушност пред нападот на Гог
18. Со кои идни испити на послушност ќе се соочат Јеховините слуги?
18 Наскоро, целиот злобен систем на Сатана ќе биде уништен во една „голема неволја“ без преседан (Матеј 24:21). Несомнено, пред и за време на тој период, Божјиот народ ќе доживее големи испити на верата и послушноста. На пример, Библијата ни кажува дека Сатана, во својата улога на ‚Гог од Магог‘, ќе тргне во еден тотален напад против Јеховините слуги, мобилизирајќи орди што се опишани како „голема војска . . . како облак кога ја покрива земјата“ (Езекиел 38:2, 14—16). Малуброен и невооружен, Божјиот народ ќе побара засолниште под Јеховините „крилја“ што тој ги раширува за да ги заштити послушните.
19, 20. а) Зошто послушноста на Израел била од пресудна важност кога биле кај Црвеното Море? б) Како може молитвеното размислување за извештајот за Црвеното Море да ни користи нам денес?
19 Оваа ситуација нѐ потсетува на излезот на Израел од Египет. Откако Јехова го погодил Египет со десет разорни неволји, тој го повел својот народ не по најкусиот пат до Ветената земја туку кон Црвеното Море, каде што лесно можел да биде притеснет и нападнат. Од воена гледна точка, тоа личело на катастрофален потег. Да беше ти таму, дали ќе ја послушаше Јеховината реч преку Мојсеј и дали ќе зачекореше кон Црвеното Море со целосна доверба, знаејќи дека Ветената земја лежи во еден малку поинаков правец? (Излез 14:1—4).
20 Како што прочитавме во Излез 14. поглавје, гледаме како Јехова го избавил својот народ во еден израз на моќ што влева страв и восхит. Како само можат таквите извештаи да ја зајакнат нашата вера кога одвојуваме време да проучуваме и да размислуваме за нив! (2. Петрово 2:9). Цврстата вера, пак, нѐ зајакнува да му бидеме послушни на Јехова, дури и кога неговите барања се чинат спротивни на човечкото резонирање (Пословици 3:5, 6). Затоа прашај се: ‚Дали настојувам да ја изградам мојата вера со марлива библиска студија, со молитва и со медитирање, како и со редовно дружење со Божјиот народ?‘ (Евреите 10:24, 25; 12:1—3).
Послушноста влева надеж
21. Какви благослови, сегашни и идни, ќе дојдат врз оние што му се послушни на Јехова?
21 Оние што ја прават послушноста на Јехова свој начин на живот уште сега го доживуваат исполнувањето на Пословици 1:33, каде што стои: „Кој [послушно] ме слуша мене, останува безгрижен и живее спокојно без страв од зло“. Колку само чудесна примена ќе имаат овие утешни зборови во текот на претстојниот Јеховин ден на одмазда! Всушност, Исус им рекол на своите ученици: „Кога ќе почнат да се случуваат овие работи, исправете се и подигнете ги своите глави, бидејќи се приближува вашето избавување“ (Лука 21:28). Јасно, само оние што му се послушни на Бог ќе имаат доверба да обрнат внимание на тие зборови (Матеј 7:21).
22. а) Каква причина за доверба има Јеховиниот народ? б) За кои работи ќе се дискутира во следната статија?
22 Друга причина за доверба е тоа што „Господ Бог не прави ништо а да не им ги открие Своите намери на Своите слуги — пророците“ (Амос 3:7). Денес, Јехова не инспирира пророци како во минатото; наместо тоа, тој овластил една класа на верен роб за да му обезбедува навремена духовна храна на неговото домаќинство (Матеј 24:45—47). Според тоа, колку само е важно да имаме послушен став кон тој „роб“! Како што ќе покаже следната статија, таквата послушност го одразува и нашиот став кон Исус, господарот на ‚робот‘. Тој е Оној кому „му припаѓа послушноста на народите“ (Битие 49:10, NW).
[Фусноти]
a Иако честопати е прикажана како плашлива, „квачката ќе се бори до смрт за да ги заштити своите пиленца од лошо“, вели една публикација на едно Здружение за заштита на животните.
b Еремија 38:19 открива дека извесен број Евреи ‚пребегале‘ кај Халдејците и биле поштедени од смрт, но не и од изгнанство. Дали се предале како одговор на зборовите на Еремија не ни е кажано. Сепак, нивното преживување ги потврдило зборовите на пророкот.
Се сеќаваш ли?
• Каков бил резултатот од постојаната непослушност на Израел?
• Како влијаело врз цар Јоас неговото друштво, и во почетокот и подоцна во неговиот живот?
• Какви поуки можеме да научиме од Варух?
• Зошто Јеховиниот послушен народ нема причина за страв додека сегашниов систем се приближува кон својот крај?
[Прашања]
[Слика на страница 13]
Под водство на Јодај, младиот Јоас му бил послушен на Јехова
[Слика на страница 15]
Лошото друштво влијаело врз Јоас да дозволи да биде убиен еден Божји пророк
[Слика на страница 16]
Дали ќе го послушаше Јехова и ќе беше сведок на неговата спасувачка моќ што влева страв?