Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Вежбај се“

„Вежбај се“

„Вежбај се“

КИТИУС, алтиус, фортиус — побрзо, повисоко, посилно! Ова биле идеалите по кои тежнееле атлетичарите во древна Грција и Рим. Со векови, во Олимпија, Делфи и Нимеа и на коринтскиот Истам, се одржувале големи атлетски настани со „благослов“ од боговите, проследени од илјадници гледачи. Привилегијата да се учествува во овие игри била резултат на долгогодишна напорна работа. Победата би им донела слава на победниците и на нивните градови.

Не изненадува што во таква културна средина, писателите на Христијанските грчки списи ја споредиле духовната трка на христијаните со атлетски настани. За да пренесат силни поучни мисли, и апостол Петар и апостол Павле вешто употребиле илустрации темелени на игрите. Во наше време, продолжува истата таа напната христијанска трка. Христијаните од првиот век морале да се справат со еврејскиот систем на работи; ние денес мораме да се ‚натпреваруваме‘ во еден светски систем што е на работ на уништување (2. Тимотеј 2:5; 3:1—5). Некои можеби ќе сметаат дека нивната лична „трка на верата“ е непопустлива и дека исцрпува (1. Тимотеј 6:12, The New English Bible). Од голема корист ќе биде да испитаме некои од споредбите во Библијата поврзани со атлетски настани.

Врвен Тренер

Успехот на еден атлетичар во голема мера зависи од тренерот. Во врска со древните игри, Archaeologia Graeca вели: „Натпреварувачите морале да се заколнат дека поминале цели десет месеци во подготвителни вежби“. И на христијаните им треба таков строг тренинг. Павле го советувал Тимотеј, еден христијански старешина: „Вежбај се во побожна оддаденост како своја цел“ (1. Тимотеј 4:7). Кој е тренерот на еден христијански „атлетичар“? Никој друг туку самиот Јехова Бог! Апостол Петар напишал: „Богот на секоја незаслужена љубезност . . . самиот ќе го доврши вашето обучување, ќе ве зацврсти, ќе ве зајакне“ (1. Петрово 5:10).

Изразот ‚ќе го доврши вашето обучување‘ доаѓа од еден грчки глагол кој според Theological Lexicon of the New Testament (Теолошки лексикон на Новиот завет), во основа значи „да се направи некој предмет [или личност] погоден за неговата цел, да се подготви и да се прилагоди на неговата намена“. На сличен начин, Greek-English Lexicon (Грчко-англиски лексикон) на Лидел и Скот, коментира дека овој глагол може да се дефинира како „целосно подготвува, тренира или опремува“. На кој начин Јехова ‚целосно нѐ подготвува, тренира или опремува‘ за христијанската трка која изискува многу? За да ја разбереме споредбата, да разгледаме некои од методите што ги користеле тренерите.

Книгата The Olympic Games in Ancient Greece (Олимписките игри во древна Грција) вели: „Оние што биле вклучени во тренирањето на младите користеле два основни метода, од кои првиот имал цел да го охрабри ученикот да го вложи најголемиот можен физички напор за да постигне најдобри резултати, а вториот да ги подобри неговата техника и стил“.

На сличен начин, Јехова нѐ охрабрува и нѐ зајакнува за да го достигнеме нашиот највисок потенцијал и да ги подобриме нашите вештини во неговата служба. Нашиот Бог нѐ бодри преку Библијата, неговата земна организација и зрелите сохристијани. Понекогаш нѐ тренира со дисциплина (Евреите 12:6). Другпат, може да дозволи да ни се случат разни испити и неволји за да можеме да развиеме истрајност (Јаков 1:2—4). И, ни ја дава потребната сила. Пророкот Исаија вели: „На оние кои се надеваат на Господа, силата се обновува, им растат крилја како на орлите, трчаат и не постануваат, одат и не се уморуваат“ (Исаија 40:31).

Пред сѐ, Бог изобилно ни го дава својот свет дух кој нѐ зајакнува да продолжиме да му принесуваме прифатлива служба (Лука 11:13). Во многу случаи Божјите слуги издржале долги, тешки испити на верата. Оние што издржале се обични мажи и жени како сите ние. Но, нивната целосна доверба во Бог ги оспособила да истрајат. Навистина, ‚силата која ја надминува нормалната е од Бог, а не од нас‘ (2. Коринќаните 4:7).

Сочувствителен Тренер

Една од задачите на некој древен тренер била „да го процени видот и бројот на вежбите што биле потребни токму за тој атлетичар и за тој спорт“, забележува еден изучувач. Додека Бог нѐ тренира, тој ги зема предвид нашите лични околности, способности, градба и ограничувања. Доста често во текот на тренингот од Јехова, го преколнуваме како и Јов: „Спомни си, ме создаде како глина“ (Јов 10:9). Како одговара нашиот сочувствителен тренер? Давид напишал за Јехова: „Знае добро како сме создадени, си спомнува дека сме прав“ (Псалм 103:14).

Можеби имаш сериозен здравствен проблем што го ограничува она што можеш да го сториш во службата или можеби се бориш со ниска самопочит. Можеби се напрегаш да престанеш со некоја лоша навика или можеби сметаш дека не си способен да се соочиш со притисокот од другите во соседството, на работа или на училиште. Какви и да се твоите околности, никогаш не заборавај дека Јехова ги разбира твоите проблеми подобро отколку кој и да е друг — вклучувајќи те и тебе! Како загрижен тренер, ако му се приближиш тој е секогаш тука да ти помогне (Јаков 4:8).

Древните тренери „можеле да распознаат истоштеност или слабост што не произлегувала од вежбите туку од други, психолошки причини, лошо расположение, депресија и така натаму . . . Надлежноста на [тренерите] била толку голема што дури го следеле и приватниот живот на атлетичарите и се мешале таму каде што мислеле дека е потребно“.

Дали понекогаш се чувствуваш исцрпен или слаб поради непопустливите притисоци и искушенија од овој свет? Како твој тренер, Јехова е длабоко заинтересиран за тебе (1. Петрово 5:7). Тој брзо забележува кај тебе секаков знак на духовна слабост или умор. Иако Јехова ја почитува нашата слободна волја и личен избор, од грижа за нашето вечно добро, тој обезбедува обилна помош и исправки кога е потребно (Исаија 30:21). Како? Преку Библијата и библиски темелените публикации, духовните старешини во собранието и нашето братство полно со љубов.

„Самосовладување во сѐ“

Се разбира, за да се успее било потребно повеќе отколку само добар тренер. Многу зависело од самиот атлетичар и од неговата посветеност на строгиот тренинг. Режимот бил строг, зашто тренингот вклучувал и строго воздржување и диета. Хорациј, поет од првиот век пр.н.е, рекол дека натпреварувачите „се воздржувале од жени и вино“ за да „ја постигнат посакуваната цел“. А, според библискиот изучувач Ф. Ч. Кук, учесниците во игрите морале да се подложат на „самоконтрола [и] ограничена исхрана . . . десет месеци“.

Павле ја искористил оваа споредба кога им пишал на христијаните во Коринт, град на кој му биле доста познати Истамските игри што се одржувале недалеку оттаму: „Секој кој учествува во натпревар, покажува самосовладување во сѐ“ (1. Коринќаните 9:25). Вистинските христијани го избегнуваат материјалистичкиот, неморален и нечист животен стил на светот (Ефешаните 5:3—5; 1. Јованово 2:15—17). Исто така, мораме да ги соблечеме и безбожните и небиблиски карактеристики и да ги замениме со особини слични на Христовите (Колошаните 3:9, 10, 12).

Како може да го сториме тоа? Како прво, забележи го одговорот на Павле со помош на една силна илустрација: „Го бијам своето тело и го водам како роб, за откако сум им проповедал на другите, на некој начин самиот да не се најдам неодобрен“ (1. Коринќаните 9:27).

Колку само силна мисла изнел Павле! Тој не препорачувал физичко мачење на телото. Наместо тоа, признал дека и самиот тој имал внатрешни конфликти. Понекогаш правел работи што не сакал да ги прави, а не правел работи што посакувал да ги прави. Но, се борел за никогаш да не дозволи неговите слабости да имаат контрола над него. Тој ‚го биел своето тело‘, силно совладувајќи ги телесните желби и карактеристики (Римјаните 7:21—25).

Сите христијани треба да го прават истото. Павле зборувал за промените што ги направиле некои во Коринт кои порано се впуштале во блуд, идолопоклонство, хомосексуалност, кражба итн. Што ги оспособило да се променат? Моќта на Божјата реч и светиот дух заедно со нивната решеност да му се подложат. „Но се исправте“, рекол Павле, „но се осветивте, но прогласени сте за праведни во името на нашиот Господ Исус Христос и со духот на нашиот Бог“ (1. Коринќаните 6:9—11). Петар напишал нешто слично за оние што ги оставиле таквите лоши навики. Како христијани, сите тие направиле вистински промени (1. Петрово 4:3, 4).

Добро насочени напори

Павле ги илустрирал својата цврста устременост и јасен фокус во стремењето кон духовни цели, велејќи: „Своите удари не ги насочувам така како да го удирам воздухот“ (1. Коринќаните 9:26). Како би ги упатил своите удари или напади еден натпреварувач? Книгата The Life of the Greeks and Romans (Животот на Грците и Римјаните) го дава одговорот: „Не се барала само сурова сила туку и остро око за да се откријат слабите точки на противникот. Не помалку корисни биле и одредени вешти удари што ги научил во школите за борење како и брзина за да се надитри противникот“.

Нашето несовршено тело е еден од нашите противници. Сме ги откриле ли нашите лични „слаби точки“? Спремни ли сме да гледаме на себе како што другите нѐ гледаат — особено како што можеби Сатана нѐ гледа? Тоа бара чесна самоанализа и самопроценка и волја да правиме промени. Многу е лесно да се самозалажуваме (Јаков 1:22). Колку е лесно да си најдеме изговор за некој немудар правец на постапување! (1. Самоил 15:13—15, 20, 21). Тоа е исто како и ‚удирање во воздух‘.

Во овие последни денови, оние што сакаат да му угодат на Јехова и да добијат живот не можат да си дозволат да се двоумат во изборот помеѓу исправното и погрешното, помеѓу Божјето собрание и расипаниот свет. Мораат да избегнат да се тетерават, да бидат ‚неодлучни, неутврдени на сите свои патишта‘ (Јаков 1:8). Не треба да ги трошат залудно своите напори по бесплодни тежнеења. Кога некој го следи овој директен правец со цврста устременост, ќе биде среќен и неговиот ‚напредок ќе им биде видлив на сите‘ (1. Тимотеј 4:15).

Да, христијанската трка продолжува. Јехова — нашиот Голем Тренер — со љубов ни ги дава упатствата и помошта што ни се потребни за да истраеме и за конечна победа (Исаија 48:17). Како атлетичарите од старо време, и ние треба да негуваме самодисциплина, самоконтрола и цврста устременост во нашата борба за верата. Нашите добро насочени напори ќе бидат богато наградени (Евреите 11:6).

[Рамка на страница 31]

‚Нека го помазаат со масло‘

Дел од атлетскиот тренинг во древна Грција вршел помазувачот. Неговата работа била да ги помаза со масло телата на мажите што требало да вежбаат. Тренерите „приметиле дека вештата масажа на мускулите пред тренингот имала корисни ефекти, а исто така и внимателната, нежна масажа помагала при процесот на опуштање и опоравување на атлетичарот што завршил еден долг период на тренинг“, забележува Олимписките игри во древна Грција.

Како што нанесувањето на дословното масло на нечие тело може да биде смирувачко, терапевтско и исцелително, така и нанесувањето на Божјата реч на некој уморен христијански „атлетичар“ може да го исправи, да го утеши и да го излечи. Затоа, под водство на Јехова, постарите мажи во собранието се советувани да се молат за таквиот човек, фигуративно „помазувајќи го со масло во името на Јехова“, една неопходна мерка за да се постигне духовно опоравување (Јаков 5:13—15; Псалм 141:5).

[Слика на страница 31]

Откако ќе принеле жртва, атлетичарите се заколнувале дека тренирале десет месеци

[Извор на слика]

Musèe du Louvre, Париз

[Извор на слика на страница 29]

Copyright British Museum