Млади што ја сакаат вистината
Млади што ја сакаат вистината
„КАКО ќе го запази младиот човек чист својот пат?“, прашал еврејскиот псалмист пред повеќе од 2.400 години (Псалм 119:9). Ова прашање сѐ уште важи денес зашто младите луѓе во светот се соочуваат со многу проблеми. Промискуитетната сексуална активност изложила многу млади луѓе на СИДА, од кои околу половина биле инфицирани со оваа ужасна болест на возраст помеѓу 15 и 24 години. Употребата на дрога, исто така, предизвикува многу проблеми, скратувајќи некои млади животи. Расипаната музика; насилничките и неморални филмови, ТВ програми, и видеокасети; и порнографијата на Интернет вршат разорно влијание врз младите. Затоа, прашањето што го поставил псалмистот е од голем интерес за многу родители и млади денес.
Истиот псалмист си дал одговор на своето прашање: „Чувајќи ги твоите зборови“. Се разбира, Божјата реч, Библијата, содржи прекрасни упатства за младите луѓе, и следејќи ги тие упатства, многу млади имаат успешен живот (Псалм 119:105). Да разгледаме примери на некои млади што го сакаат Бог и што настојуваат да останат духовно јаки во свет кој тежнее по задоволства и материјализам.
Тие се благодарни за водството од родителите
Хакоб Емануел, пред да служи во канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Мексико, неколку години бил полновремен министер. Тој со благодарност се сеќава на тоа како се развила неговата љубов кон Божјата служба: „Најголемо влијание имаа моите родители, иако од голема помош беа и некои искусни духовни браќа со кои станав пријател. Тие ме мотивираа да го сакам проповедничкото дело. Нежно ме упатија по вистинскиот пат; никогаш не почувствував дека ме притискаат“.
Дејвид, кој веќе има поминато неколку години во полновремена служба, се сеќава колкав впечаток оставило на него тоа што неговите родители почнале да служат како специјални пионери кога тој и неговиот брат биле мали. Кога татко му починал, мајка му продолжила со специјалната пионерска служба. Освен проповедањето на добрата вест, се грижела и за нив. „Никогаш не ме присилија да бидам пионер“, вели Дејвид, „но како семејство толку многу уживавме во пионерењето што друштвото и средината ме поттикнаа да го сторам истото.“ Во врска со важноста на доброто упатство и внимание од родителите, Дејвид вели: „Секоја вечер мајка ми ни читаше приказни од книгата From Paradise Lost to Paradise Regained (Од изгубениот до повторно воспоставениот рај). a Начинот на кој ни ги раскажуваше ни помогна да сакаме да примаме духовна храна“.
Ценење за состаноците
На некои младинци им е тешко да ги ценат христијанските состаноци. Присуствуваат на нив затоа што родителите ги носат. Меѓутоа, ако продолжат да присуствуваат на состаноците, со текот на времето може да ги засакаат. Размисли за Алфредо, кој почнал
со полновремена служба кога имал 11 години. Тој признава дека кога имал околу пет години, пробал да избегнува да оди на состаноци зашто таму му се приспивало, но родителите не му дозволувале да спие за време на состаноците. Тој се сеќава: „Како што растев, малку по малку почнав повеќе да се интересирам за состаноците, особено откако научив да читам и да пишувам зашто тогаш почнав да коментирам со свои зборови“.Синтија, 17-годишна девојка која служи како општ пионер, кажува како доброто друштво одиграло голема улога за да развие љубов кон Божјата служба. Таа вели: „Добриот однос со браќата и редовното присуство на состаноците ми помогнаа да не ми недостигаат светските пријатели и активностите што се популарни кај младите, како што е одењето по дискотеки. Тоа што ги слушав коментарите и искуствата на состаноците создаде во мене желба да му дадам на Јехова сѐ што имам, а мислам дека најдоброто нешто што го имам е мојата младост. Затоа решив да ја искористам во неговата служба“.
Меѓутоа, таа признава: „Имаше време, пред да се крстам, кога ми беше лесно да ги пропуштам состаноците искористувајќи ги домашната работа или другите школски активности како изговор. Пропуштив неколку состаноци и тоа почна да се одразува на мојата духовност. Почнав да се дружам со едно момче што не ја проучуваше Библијата. Благодарение на Јехова, ги поправив работите навреме“.
Лична одлука
Кога ќе го прашаат Пабло, друг младинец кој полновремено му служи на Јехова, што мисли дека е клучот за да се развие љубов кон вистината од Божјата реч, тој вели: „Мислам дека има две работи: редовна лична студија и ревност за проповедничкото дело. Благодарен сум им на моите родители што ме научија за вистината за Јехова и сметам дека тоа е најдоброто нешто што можеа да ми го дадат. Меѓутоа, треба лично да се уверам зошто го сакам Јехова. За таа цел е потребно да се знае ‚ширината и длабочината‘ на библиската вистина. Само на тој начин почнуваме да чувствуваме копнеж по Јеховината реч, која создава во нас „распламенет оган“ да им зборуваме на другите за неа. Таа ревност за проповедничкото дело ќе ја држи жива нашата благодарност за вистината (Ефешаните 3:18; Еремија 20:9).
Хакоб Емануел, спомнат претходно, исто така се сеќава на важноста на тоа да се направи личен избор да се служи на Јехова. Тој вели дека неговите родители никогаш не настојувале да се крсти. „Верувам дека тоа беше најдобро зашто ги гледам добрите резултати. На пример, некои младинци со кои доста се дружев, донесоа одлука да се крстат заедно. Иако ова беше во ред, можев да видам дека некои го направија тоа само од емотивност, и набрзо потоа, нивната ревност за активностите на Царството спласна. Во мојот случај, моите родители не вршеа притисок да одлучам да се предадам на Јехова. Тоа беше лична одлука“.
Улогата на собранието
Некои млади луѓе сами ја дознале вистината од Божјата реч, без помош од родителите. Секако претставува предизвик во такви околности да научиш да го правиш она што е исправно и да истраеш во тоа.
Ное си спомнува колку многу му користела вистината. Уште од рана возраст тој бил склон кон гнев и насилство. Кога на 14-годишна возраст почнал да ја проучува Библијата, неговиот темперамент почнал да се подобрува, за што неговите родители, кои во тоа време не биле заинтересирани за Библијата, биле многу благодарни. Како што напредувал духовно, Ное сакал да го користи својот живот поцелосно во службата за Бог. Сега е во полновремена служба.
На сличен начин, Алехандро почнал да се интересира за христијанската вистина кога бил многу млад, иако неговите родители не биле заинтересирани. Изразувајќи го своето ценење за вистината, тој вели: „Бев воспитан во традиционален католички дом. Но, почнаа да растат моите симпатии кон комунистичкиот атеизам зашто црквата не ми даде одговори на прашањата што ме вознемируваа уште од мал. Јеховината организација ми помогна да го стекнам спознанието за Бог. Тоа буквално ми го спаси животот, зашто ако не ја проучував Библијата сигурно ќе бев вплеткан во неморал, алкохол или дрога. Можеби ќе станев и член на некоја револуционерна група, што ќе имаше жалосни последици.
Како може еден младинец да истрае во својата потрага по вистината и да се држи за неа без поддршка од родителите? Очигледно, старешините и другите во собранието играат многу важна улога. Ное си спомнува: „Никогаш не се почувствував осамен, зашто Јехова секогаш беше многу близу до мене. Исто така, ја имав поддршката на многу љубезни браќа и сестри што станаа мои духовни татковци, мајки и браќа“. Тој сега служи во Бетел и го користи своето време во службата за Бог. На сличен начин, Алехандро раскажува: „Нешто за што секогаш ќе бидам благодарен е тоа што бев благословен да бидам во собрание со тело на старешини кои покажаа интерес полн со љубов за мене како личност. Особено сум благодарен за тоа зашто кога почнав да ја проучувам Библијата на 16-годишна возраст, немирот што е вообичаен меѓу младите влијаеше и на мене. Семејствата во собранието никогаш не ме напуштија. Секогаш имаше некој што ќе ме примеше гостољубиво и што ќе ги споделеше со мене не само својот дом и храна туку и своето срце“. Алехандро е во полновремена служба веќе преку 13 години.
Некои луѓе мислат дека религијата е само за постарите. Меѓутоа, многу млади луѓе ја дознале библиската вистина и го засакале Јехова на рана возраст, и му остануваат верни. На овие младинци може да се применат зборовите на Давид запишани во Псалм 110:3 [NW]: „Твојот народ спремно ќе се понуди на денот на твојата воена сила. Во сјајот на светоста, од утробата на зората, го имаш друштвото на млади мажи како капки роса“.
За младите луѓе е предизвик да ја научат вистината и да се држат за неа. Каква само радост е да се види дека мнозина остануваат близу до Јеховината организација, редовно присуствувајќи на состаноците и марливо проучувајќи ја Библијата. На тој начин можат да развијат вистинска љубов кон Божјата реч и кон неговата служба (Псалм 119:15, 16).
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци во 1958; сега веќе не е во печат.