Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Негувај послушност додека се приближува крајот

Негувај послушност додека се приближува крајот

Негувај послушност додека се приближува крајот

„Нему [на Шило] ќе му припаѓа послушноста на народите“ (БИТИЕ 49:10NW).

1. а) Што вклучувала честопати послушноста кон Јехова во минатото? б) Кое пророштво во врска со послушноста го дал Јаков?

 ПОСЛУШНОСТА кон Јехова честопати вклучувала послушност кон неговите претставници. Во нив спаѓале ангели, патријарси, судии, свештеници, пророци и цареви. Дури и престолот на царевите на Израел бил наречен Јеховин престол (1. Летописи 29:23). Но, за жал, многу владетели на Израел не му биле послушни на Бог, а со тоа си нанеле неволја себеси и на своите поданици. Сепак, Јехова не ги оставил своите лојални без надеж; тој ги утешил со ветување дека ќе постави еден нераспадлив Цар, кому праведните со радост ќе му бидат послушни (Исаија 9:6, 7). Пред својата смрт, патријархот Јаков пророкувал за овој иден владетел, велејќи: „Скиптарот нема да се отстрани од Јуда ниту заповедничката палка од местото меѓу неговите нозе, додека не дојде Шило; и нему ќе му припаѓа послушноста на народите“ (Битие 49:10NW).

2. Што значи „Шило“ и што ќе опфаќа неговото царско владеење?

2 „Шило“ е хебрејски термин што значи „Оној чие е“ или „Оној кому му припаѓа“. Да, Шило нема да наследи ништо помалку од правото да владее, кое е симболизирано со скиптар, и моќта да заповеда, која е претставена со заповедничката палка. Освен тоа, неговото царско владеење нема да ги опфаќа само потомците на Јаков туку сите ‚народи‘. Ова е во склад со Јеховиното ветување на Авраам: „Твоите потомци [Твоето семе, NW] ќе ги освојуваат вратите на своите непријатели . . . Сите народи на земјата ќе бидат благословени преку твоето потомство [семе, NW]“ (Битие 22:17, 18). Јехова го потврдил идентитетот на ова „семе“ во 29 н.е., кога го помазал Исус од Назарет со свет дух (Лука 3:21—23, 34; Галатите 3:16).

Исусовото прво Царство

3. Какво владетелство примил Исус кога се вознел на небото?

3 Кога Исус се вознел на небото, не го зел веднаш скиптарот на владетелство над народите во светот (Псалм 110:1). Меѓутоа, тој примил ‚царство‘ со поданици што му биле послушни. Апостол Павле го идентификувал тоа царство кога напишал: „[Бог] нѐ избави [со дух помазаните христијани] од власта на темнината и нѐ пренесе во царството на Синот на својата љубов“ (Колошаните 1:13). Ова избавување започнало на Пентекост 33 н.е., кога светиот дух бил излеан врз Исусовите верни следбеници (Дела 2:1—4; 1. Петрово 2:9).

4. На кои начини Исусовите рани ученици ја покажувале својата послушност и како ги идентификувал Исус како група?

4 Како „пратеници кои го застапуваат Христос“, учениците помазани со дух послушно започнале да собираат други што ќе станат „сограѓани“ во тоа духовно царство (2. Коринќаните 5:20; Ефешаните 2:19; Дела 1:8). Освен тоа, тие морале да останат „соодветно обединети во ист ум и во ист правец на размислување“ за да имаат одобрување од нивниот цар Исус Христос (1. Коринќаните 1:10). Како група, тие сочинувале еден ‚верен и разборит роб‘ или класа на верен настојник (Матеј 24:45; Лука 12:42).

Благословени затоа што го слушале Божјиот „настојник“

5. Уште од древни времиња, како го поучувал Јехова својот народ?

5 Јехова отсекогаш му обезбедувал учители на својот народ. На пример, откако Евреите се вратиле од Вавилон, Езра и извесен број други квалификувани мажи не само што му го читале Божјиот закон на народот туку ‚го објаснувале‘ (NW) тој закон, ‚разјаснувајќи ја смислата за да може народот да разбере што се чита‘ (Неемија 8:8).

6, 7. Како класата на робот дала навремена духовна храна преку Водечкото тело, и зошто е соодветна подложноста на класата на робот?

6 Во првиот век, кога се покренало спорното прашање за обрежувањето во 49 н.е., водечкото тело на таа рана класа на робот под молитва ја разгледало работата и дошло до библиски заклучок. Кога ја објавиле својата одлука преку едно писмо, собранијата го послушале водството што им било дадено и уживале богат благослов од Бог (Дела 15:6—15, 22—29; 16:4, 5). И во денешни времиња, верниот роб преку своето Водечко тело разјаснил важни спорни прашања како што се христијанската неутралност, светоста на крвта и употребата на дрога и тутун (Исаија 2:4; Дела 21:25; 2. Коринќаните 7:1). Јехова го благословил својот народ затоа што бил послушен на неговата Реч и на верниот роб.

7 Подложувајќи се на класата на робот, Божјиот народ ја покажува и својата подложност на Господарот, Исус Христос. Таквата подложност добила додатно значење во денешно време поради Исусовата зголемена власт, како што е претскажано во пророштвото што го кажал Јаков на смртната постела.

Шило станува законски владетел на Земјата

8. Како и кога била проширена Христовата власт?

8 Пророштвото на Јаков претскажало дека Шило ќе располага со „послушноста на народите“. Јасно, Христовото владетелство ќе оди подалеку од духовниот Израел. Што ќе опфаќа тоа? Откровение 11:15 дава одговор: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на неговиот Христос, и тој ќе владее како цар во сета вечност“. Библијата открива дека Исус ја добил оваа власт на крајот на проречените „седум времиња“ — „одредените времиња на нациите“ — во 1914 a (Даниел 4:16, 17; Лука 21:24). Таа година започнала Христовата невидлива „присутност“ како месијански Цар, како и времето ‚да владее среде своите непријатели‘ (Матеј 24:3; Псалм 110:2).

9. Што направил Исус кога го добил своето Царство, и каков индиректен ефект имало ова врз човештвото, особено врз неговите ученици?

9 Првото нешто што го направил Исус откако добил царска моќ било тоа што го исфрлил „долу на земјата“ оној што е олицетворение на непослушноста — Сатана — заедно со неговите демони. Оттогаш, овие злобни духови подбуцнувале невидени неволји за човештвото, освен тоа што унапредувале средина што прави послушноста кон Јехова да биде предизвик (Откровение 12:7—12; 2. Тимотеј 3:1—5). Всушност, главна мета на Сатановата духовна војна се Јеховините помазаници, „кои ги држат заповедите Божји и го имаат делото на сведочење за Исус“, и нивните придружници, ‚другите овци‘ (Откровение 12:17; Јован 10:16).

10. Исполнувањето на кои библиски пророштва го гарантира неуспехот на Сатановата војна против вистинските христијани?

10 Меѓутоа, Сатана е осуден на неуспех затоа што ова е „Господовиот ден“ и ништо не може да го спречи Исус „да ја доврши својата победа“ (Откровение 1:10; 6:2). На пример, тој ќе го осигура конечното запечатување на 144.000 духовни Израелци. Исто така, тој ќе заштити ‚едно големо мноштво, коешто ниеден човек не може да го изброи, од сите нации и племиња и народи и јазици‘ (Откровение 7:1—4, 9, 14—16). Меѓутоа, за разлика од нивните помазани придружници, овие ќе станат Исусови послушни поданици на Земјата (Даниел 7:13, 14). Самото нивно појавување на светската сцена веќе дава опиплив доказ дека Шило навистина е Владетел над „царството на светот“ (Откровение 11:15).

Сега е време да ‚ја послушаме добрата вест‘

11, 12. а) Само кој ќе го преживее крајот на сегашниов систем на работи? б) Какви карактерни особини се развиваат кај оние што го усвојуваат „духот на светот“?

11 Сите што сакаат вечен живот мораат да се научат на послушност, бидејќи Библијата јасно наведува дека ‚оние кои не го познаваат Бог и оние кои не се послушни на добрата вест за нашиот Господ Исус‘ нема да го преживеат Божјиот ден на одмазда (2. Солуњаните 1:8). Меѓутоа, сегашнава злобна средина и нејзиниот дух на побуна против библиските закони и начела прават послушноста на добрата вест да биде предизвик.

12 Библијата го опишува овој дух што му пркоси на Бог како „духот на светот“ (1. Коринќаните 2:12). Објаснувајќи го неговото влијание врз луѓето, апостол Павле им напишал на ефешките христијани од првиот век, велејќи: „Некогаш одевте според системот на работи на овој свет, според владетелот на власта на воздухот, духот кој сега дејствува во синовите на непослушноста. Да, меѓу нив сите ние некогаш се однесувавме според желбите на своето тело, правејќи го она што го сакаа телото и мислите, и по природа бевме деца на гневот како и останатите“ (Ефешаните 2:2, 3).

13. Како можат христијаните делотворно да му се спротивстават на духот на светот и со какви корисни резултати?

13 За среќа, ефешките христијани не останале робови на тој дух на непослушност. Наместо тоа, тие станале послушни деца на Бог подложувајќи се на неговиот дух и жнеејќи ги неговите изобилни и здрави плодови (Галатите 5:22, 23). Исто и денес, Божјиот дух — најмоќната сила во универзумот — им помага на милиони да станат послушни на Јехова, а како резултат на тоа можат да бидат „потполно сигурни во надежта сѐ до крајот“ (Евреите 6:11; Захарија 4:6).

14. Како ги освестил Исус сите христијани што живеат во последните денови на конкретни работи што ќе ја испитаат нивната послушност?

14 Исто така, имај на ум дека ја имаме силната поддршка на Шило, кој заедно со својот Татко нема да дозволи ниеден непријател — демонски или човечки — да ја испита нашата послушност повеќе од она што можеме да го поднесеме (1. Коринќаните 10:13). Всушност, за да ни помогне во нашата духовна војна, Исус опишал некои конкретни проблеми со кои ќе се соочиме во овие последни денови. Тоа го сторил со седум писма, кои му ги дал на апостол Јован во визија (Откровение 1:10, 11). Без сомнение тие содржеле битни совети за христијаните во тоа време, но нивната главна примена е во „Господовиот ден“, од 1914. Затоа, колку само е на место да им обрнеме внимание на овие пораки! b

Избегнувај апатија, неморал, материјализам

15. Зошто мораме да се чуваме од проблемот што го погодил собранието во Ефес, и како можеме да го сториме тоа? (2. Петрово 1:5—8).

15 Првото Исусово писмо било до собранието во Ефес. Откако го пофалил собранието за неговата истрајност, Исус навел: „Сепак, ова го имам против тебе, што ја остави љубовта што ја имаше во почетокот“ (Откровение 2:1—4). И денес, некои христијани што некогаш биле ревносни ја изгубиле својата горлива љубов што некогаш ја имале за Бог. Таквата загуба може да ослабне нечиј однос со Бог и мора итно да обрнеме внимание на тоа. Како може повторно да оживее таквата љубов? Со редовна библиска студија, присуство на состаноците, молитва и медитирање (1. Јованово 5:3). Точно, за тоа е потребен „сесрден труд“, но тој сигурно вреди да се вложи (2. Петрово 1:5—8). Ако искреното преиспитување открие дека твојата љубов се оладила, тогаш веднаш поправи ја ситуацијата, со што ќе бидеш послушен на Исусовата опомена: „Сети се од што си паднал, и покај се и прави ги поранешните дела“ (Откровение 2:5).

16. Кои духовно опасни влијанија постоеле во собранијата во Пергам и Тијатира и зошто Исусовите зборови до нив се прикладни денес?

16 Христијаните во Пергам и Тијатира биле пофалени за нивниот интегритет, истрајност и ревност (Откровение 2:12, 13, 18, 19). Сепак, врз нив влијаеле извесни лица што го покажувале злобниот дух на Валаам и Језавела, кои преку сексуален неморал и обожавање на Ваал дејствувале како расипувачки влијанија во древниот Израел (Броеви 31:16; 1. Цареви 16:30, 31; Откровение 2:14, 16, 20—23). Но, како е во нашево време — во „Господовиот ден“? Дали се очигледни истите злобни влијанија? Да, бидејќи неморалот е водечка причина за исклучување кај Божјиот народ. Затоа, колку е само важно да избегнуваме дружење со сите поединци — во и надвор од собранието — што претставуваат морално расипувачко влијание! (1. Коринќаните 5:9—11; 15:33). Оние што сакаат да му бидат послушни поданици на Шило исто така ќе избегнуваат сомнителна забава и порнографија во печатен облик и на Интернет (Амос 5:15; Матеј 5:28, 29).

17. Какви биле гледиштето и ставот на оние во Сард и Лаодикија во споредба со Исусовото гледиште за нивната духовна состојба?

17 Со исклучок на неколку поединци, собранието во Сард не добило никаква пофалба. Тоа имало „име“, односно надворешен изглед, дека е живо, но духовната апатија толку го обзела што за Исус тоа било ‚мртво‘. Послушноста на добрата вест била некако механичка. Какво обвинение! (Откровение 3:1—3). Собранието во Лаодикија било во слична состојба. Се фалело со материјално богатство, велејќи „Богат сум“, но сепак за Христос тоа било ‚бедно и за сожалување и сиромашно и слепо и голо‘ (Откровение 3:14—17).

18. Како можеме да избегнеме да станеме духовно млаки во Божји очи?

18 И денес, некои христијани што некогаш биле верни западнале во истиот образец на непослушност. Можеби дозволиле духот на светот да го истисне чувството на итност од нивниот живот и со тоа да развијат духовно млак став кон библиската студија, молитвата, христијанските состаноци и службата (2. Петрово 3: 3, 4, 11, 12). Колку само е важно таквите да го слушаат Христос инвестирајќи во духовно богатство — да, ‚од [Христос] да купат злато прочистено со оган‘! (Откровение 3:18). Таквото вистинско богатство вклучува да бидеме ‚богати во добри дела, дарежливи, спремни да делиме‘. Инвестирајќи во овие навистина скапоцени поседи, ние ‚сигурно си собираме извонреден темел за иднината, за цврсто да го зграпчиме вистинскиот живот‘ (1. Тимотеј 6:17—19).

Пофалени за нивната послушност

19. Какви пофалби и силни опомени им дал Исус на христијаните во Смирна и Филаделфија?

19 Собранијата во Смирна и Филаделфија се истакнуваат како примери на послушност, бидејќи Исусовите писма до нив не содржеле никаков прекор. На оние во Смирна им рекол: „Ја знам твојата неволја и сиромаштво — но ти си богат“ (Откровение 2:9). Колкава спротивност од оние во Лаодикија, кои се фалеле со световно богатство но, всушност, биле осиромашени! Се разбира, Ѓаволот не бил задоволен кога видел некој што покажувал верност и послушност на Христос. Затоа, Исус опоменал: „Не плаши се од она што ќе го претрпиш. Гледај! Ѓаволот ќе фрла некои од вас во затвор за да бидете потполно искушани, и ќе имате неволја десет дена. Покажи се верен до самата смрт, и ќе ти ја дадам круната на животот“ (Откровение 2:10). На сличен начин, Исус ги пофалил и оние во Филаделфија, велејќи: „Ја држеше мојата реч [односно, ме послуша] и не се одрече од моето име. Доаѓам брзо. Цврсто држи се и понатаму за она што го имаш, за никој да не ти ја земе круната“ (Откровение 3:8, 11).

20. Како милиони денес ја држеле Исусовата реч, и наспроти какви околности?

20 Во „Господовиот ден“, кој започнал во 1914, еден верен остаток и нивните придружници други овци, кои сега бројат милиони, исто така ја држеле Исусовата реч со тоа што ревносно учествувале во службата и цврсто се држеле за својот интегритет. Исто како нивните браќа од првиот век, некои страдале поради нивната послушност на Христос, дури и биле фрлани во затвори и во концентрациони логори. Други ја држеле Исусовата реч одржувајќи ‚едноставно око‘ и покрај тоа што околу нив имало богатство и алчност (Матеј 6:22, 23). Да, во секоја средина и во сите околности, вистинските христијани продолжуваат да го радуваат Јеховиното срце со својата послушност (Пословици 27:11).

21. а) Која духовна обврска ќе продолжи да ја исполнува класата на робот? б) Како можеме да покажеме дека навистина сакаме да му бидеме послушни на Шило?

21 Додека се приближува големата неволја, ‚верниот и разборит роб‘ останува одлучен да не ја компромитира својата послушност на Господарот, Христос. Тоа вклучува подготовка на навремена духовна храна за Божјето домаќинство. Затоа, да продолжиме да ја цениме Јеховината прекрасна теократска организација и она што го обезбедува таа. На тој начин ја покажуваме нашата подложност на Шило, кој ќе ги награди со вечен живот сите свои послушни поданици (Матеј 24:45—47; 25:40; Јован 5:22—24).

[Фусноти]

a За објаснување на ‚седумте времиња‘, види го 10. поглавје од книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.

b За детална дискусија за сите седум писма, те молиме види ја книгата Откривење — близу је величанствени врхунац!, издадена од Јеховините сведоци, почнувајќи од 33. страница.

Се сеќаваш ли?

• Каква улога требало да игра Исус, како што претскажал Јаков во пророштвото на смртната постела?

• Како го признаваме Исус како Шило и каков дух мораме да избегнуваме?

• Кои соодветни совети за нашето време се содржани во писмата до седумте собранија од Откровение?

• На кои начини можеме да ги имитираме оние во собранијата во древните Смирна и Филаделфија?

[Прашања]

[Слики на страница 18]

Јехова го благословува својот народ за послушноста кон верниот „настојник“

[Слика на страница 19]

Влијанието на Сатана прави послушноста кон Бог да биде предизвик

[Слики на страница 21]

Цврстиот однос со Јехова ни помага да му бидеме послушни