Треба ли да бидеш лежерен?
Треба ли да бидеш лежерен?
ПОВЕЌЕТО луѓе веројатно би сметале дека е комплимент да ги сметаат за лежерни личности, со опуштена, мирна, толерантна природа. Меѓутоа, лежерноста има уште една страна. Библијата вели: „Лежерноста на глупавите е она што ќе ги уништи“ (Пословици 1:32, NW). Што значи ова?
Други верзии на Библијата го преведуваат оригиналниот хебрејски збор со изрази како „негрижа“ (Свето писмо — издание на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква), „самоувереност“ (Радосна Вест) и „самозадоволство“ (The New English Bible). Во оваа смисла, лежерноста е поврзана со мрзливоста и негрижата, а оттука и со глупавоста или со лекоумноста.
Во првиот век, христијаните во собранието во Лаодикија биле безгрижно несвесни или задоволни со своите духовни недостатоци. Тие самоуверено се фалеле дека ‚ништо повеќе не им треба‘. Исус Христос ги укорил, повикувајќи ги повторно да ја оживеат својата христијанска ревност (Откровение 3:14—19).
Лежерното самозадоволство било карактеристика и на луѓето во времето на Ное. Тие биле преокупирани со секојдневните работи во животот, ‚јаделе и пиеле, мажите се женеле и жените се мажеле . . . и не обрнале внимание додека не дошол потопот и ги однел сите‘. Исус потоа додал: „Таква ќе биде и присутноста на Синот човечки“ (Матеј 24:37-39).
Исполнетите библиски пророштва укажуваат на тоа дека живееме во време на „присутноста на Синот човечки“, Исус Христос. Никогаш да не станеме самозадоволни, безгрижни, самоуверени — лежерни во негативна смисла (Лука 21:29—36).