Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Утеха во точното спознание за Бог

Утеха во точното спознание за Бог

Утеха во точното спознание за Бог

ЗА НЕКОИ луѓе, она што Библијата го кажува за Божјата љубов и милост покренува вознемирувачки прашања. Тие прашуваат: „Ако Бог сака да го отстрани злото, знае како да го направи тоа и има моќ да го направи тоа, зошто злото продолжува да изобилува?“ За нив проблемот е да усогласат три изјави: 1) Бог е семоќен; 2) Бог е полн со љубов и е добар; и 3) и понатаму се случуваат несреќни настани. Тие мислат дека штом последнава изјава е непобитна вистина, тогаш барем една од другите две мора да не е точна. За нив, Бог или не е способен да му стави крај на злото или е рамнодушен.

Неколку дена по уништувањето на Светскиот трговски центар во Њујорк, еден истакнат верски водач во Соединетите Држави рекол: „Ме прашале . . . стопати во животот зошто Бог допушта несреќи и страдање. Морам да признаам дека навистина не го знам целосниот одговор, дури ни колку лично јас да бидам задоволен“.

Како реакција на овој коментар, еден професор по теологија напишал дека бил трогнат од „добрата теологија“ што овој религиозен водач ја проповедал. Исто така, го поддржал гледиштето на еден изучувач кој напишал: „Неспособноста да се сфати страдањето е дел од неспособноста да се сфати Бог“. Но, дали навистина е невозможно да се сфати зошто Бог го допушта злото?

Потеклото на злото

За разлика од она што можеби го кажуваат верските водачи, Библијата не го прикажува допуштањето на злото од страна на Бог како несфатливо. Клучна точка за да се сфати прашањето за злото е да се признае дека Јехова не создал злобен свет. Тој ја создал првата човечка двојка совршена, без грев. Јехова погледнал на своето творечко дело и видел дека било „многу добро“ (Битие 1:26, 31). Негова намера било Адам и Ева да го прошират рајот од Еден по целата Земја и да го населат со среќни луѓе под заштита на неговиот суверенитет полн со љубов (Исаија 45:18).

Злото започнало со едно духовно суштество што иако првобитно било верно на Бог, развило желба да биде обожавано (Јаков 1:14, 15). Неговата побуна дошла до израз на Земјата кога тоа влијаело врз првата човечка двојка со цел таа да му се придружи во побуната против Бог. Наместо да се подложат на Божјето јасно упатство да не го јадат ниту да го допираат плодот од дрвото за познавање на доброто и на злото, Адам и Ева зеле и јаделе од него (Битие 3:1—6). Со тоа, не само што не го послушале Бог туку и посакале независност од него.

Било покренато морално прашање

Оваа побуна во Еден покренала едно морално прашање, предизвик од универзална важност. Човечките бунтовници го довеле во прашање тоа дали Јехова исправно го спроведува своето владетелство над неговите суштества. Дали Творецот има право да бара потполна послушност од луѓето? Може ли на луѓето да им биде подобро кога би постапувале независно?

Јехова се справил со овој предизвик на неговото владеење на начин што ја покажал неговата совршена рамнотежа помеѓу љубовта, правдата, мудроста и моќта. Тој можел да ја употреби својата моќ за веднаш да ѝ стави крај на побуната. Можеби тоа ќе изгледало праведно, зашто имал право да го стори тоа. Но, ова немало да даде одговор на моралното прашање што било покренато. Од друга страна, пак, Бог можел едноставно да помине преку гревот. Таквата постапка на некои денес може да им изгледа како избор полн со љубов. Сепак, ни тоа не би дало одговор на тврдењето на Сатана дека на луѓето ќе им биде подобро ако самите си владеат. Освен тоа, зарем таквата постапка не би охрабрила и други да отстапат од Јеховиниот пат? Резултатот би бил бескрајно страдање.

Во својата мудрост, Јехова им дозволил на луѓето некое време да одат по својот пат. Иако ова значело да му се дозволи на злото привремено да постои, луѓето сепак имале шанса да покажат дали можат самите успешно да владеат независно од Бог, живеејќи според свои сопствени мерила за тоа што е добро а што зло. Каков е резултатот? Постојана карактеристика на човечката историја се војни, неправда, угнетување и страдање. Конечниот неуспех на побуната против Јехова еднаш засекогаш ќе ги реши спорните прашања покренати во Еден.

Во меѓувреме, Бог ја покажал својата љубов така што го дал Синот, Исус Христос, кој го положил својот човечки живот како откупна жртва. Тоа овозможува послушните луѓе да бидат ослободени од осудата на грев и смрт која е резултат на непослушноста на Адам. Откупнината го отворила патот за вечен живот за сите оние што практикуваат вера во Исус (Јован 3:16).

Го имаме Јеховиното утешително уверување дека човечкото страдање е привремено. „Уште малку и ќе го снема безбожникот [злобниот, NW]“, напишал псалмистот. „Ќе го бараш неговото место, а него веќе ќе го нема. Кротките ќе ја наследат земјата, тие ќе уживаат во изобилен мир“ (Псалм 37:10, 11).

Иднина на безбедност и среќа

Исполнувањето на библиските пророштва покажува дека времето кога Бог ќе им стави крај на болеста, тагата и смртта е близу. Забележи каква прекрасна најава на работите што треба да дојдат му била дадена на апостол Јован во визија. Тој напишал: „Видов ново небо и нова земја; зашто поранешното небо и поранешната земја поминаа, и морето го нема веќе . . . И самиот Бог ќе биде со [човештвото]. И тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“. Во една изјава која ја нагласува веродостојноста на овие ветувања, на Јован му било кажано: „Напиши, зашто овие зборови се верни и вистинити“ (Откровение 21:1—5).

Што е со милијардите невини луѓе што умреле по побуната во Еден? Јехова ветил дека ќе ги врати во живот луѓето што сега спијат во смрт. Апостол Павле рекол: „Имам надеж во Бог . . . дека ќе има воскресение и на праведните и на неправедните“ (Дела 24:15). Тие ќе имаат изглед да живеат во свет во кој „ќе престојува праведност“ (2. Петрово 3:13).

Како што еден татко полн со љубов ќе дозволи неговото дете да биде подложено на болна операција ако знае дека таа ќе донесе трајни користи, така и Јехова им дозволил на луѓето да го искусат привременото постоење на злото на Земјата. Сепак, оние што настојуваат да ја извршуваат Божјата волја ги очекува вечност со благослови. Павле објаснил: „Зашто созданието беше подложено на ништожност, не по своја волја, туку преку оној кој го подложи, на темел на надежта дека самото создание ќе биде ослободено од ропството на распадливоста и дека ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:20, 21).

Ова навистина е вест — не како вестите што ги гледаме на телевизија или за кои читаме во весниците, туку добра вест. Тоа е најдобрата вест од „Богот на секоја утеха“, кој навистина се грижи за нас (2. Коринќаните 1:3).

[Слики на страница 6]

Времето покажало дека човештвото не може успешно да владее независно од Бог

[Извори на слики]

Сомалиско семејство: Фотографија на UN 159849/М. ГРАНТ; атомска бомба: Фотографија на USAF; концентрационен логор: Фотографија на U.S. National Archives