Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Оние што го поддржуваат вистинското обожавање — тогаш и сега

Оние што го поддржуваат вистинското обожавање — тогаш и сега

Оние што го поддржуваат вистинското обожавање — тогаш и сега

СЕ СЕЌАВАШ ли на името на човекот што го оплакал древниот град Ерусалим? ‚Исус‘, можеби ќе речеш — и, да, Исус навистина го направил тоа (Лука 19:28, 41). Меѓутоа, со векови пред Исус да живее на Земјата, еден друг верен слуга на Бог на сличен начин го оплакувал Ерусалим. Неговото име е Неемија (Неемија 1:3, 4).

Што направило Неемија да биде толку тажен за да го оплакува Ерусалим? Што направил тој за доброто на градот и на неговите жители? И, што можеме да научиме од неговиот пример? За да одговориме, да разгледаме некои настани од негово време.

Човек од чувства и од акција

Неемија бил наименуван за управител на Ерусалим, но пред тоа бил висок службеник на персискиот двор во градот Суза. Сепак, удобниот живот не ја намалил неговата грижа за доброто на неговите еврејски браќа во далечниот Ерусалим. Всушност, првото нешто што го направил кога една еврејска делегација од Ерусалим дошла да ја посети Суза било да ‚ги праша за Евреите — за Остатокот, што се спасил од пленство, и за Ерусалим‘ (Неемија 1:2). Кога посетителите одговориле дека луѓето во Ерусалим биле „во голема неволја“ и дека градскиот ѕид бил „разурнат сиот“, Неемија ‚седнал и заплакал. Тажел повеќе денови‘. Потоа, ги искажал своите чувства на тага во искрена молитва до Јехова (Неемија 1:3—11). Зошто Неемија бил толку тажен? Затоа што Ерусалим бил центарот на Јеховиното обожавање на Земјата, а тоа било запоставено (1. Цареви 1:36). Освен тоа, жалосната состојба на градот била одраз на лошата духовна состојба на неговите жители (Неемија 1:6, 7).

Загриженоста на Неемија за Ерусалим и неговото сожалување за Евреите што живееле таму го поттикнале да се даде себеси. Веднаш штом персискиот цар му дозволил да земе отсуство од своите обврски, Неемија почнал да го планира долгото патување до Ерусалим (Неемија 2:5, 6). Тој сакал да ги даде својата сила, време и вештини како поддршка на поправките што биле потребни. Само неколку дена откако пристигнал, веќе имал готов план за поправка на целиот ерусалимски ѕид (Неемија 2:11—18).

Неемија ја поделил огромната задача за поправка на ѕидот на многу семејства, и сите тие работеле рамо до рамо. * На повеќе од 40 различни групи им било доделено секоја од нив да поправи по еден „дел“. Каков бил резултатот? Со толку многу работници — вклучувајќи и родители придружени од нивните деца — што ги давале своето време и енергија, навидум невозможната задача станала изводлива (Неемија 3:11, 12, 19, 20). За два месеца исполнети со акција, целиот ѕид бил поправен! Неемија напишал дека дури и оние што се противеле на поправањето биле принудени да признаат дека „нашиот Бог го направи тоа дело“ (Неемија 6:15, 16).

Пример што треба да се памти

Неемија приложил повеќе отколку своето време и организациски вештини. Тој, исто така, ги употребил и своите материјални средства за да го поддржи вистинското обожавање. Ги употребил сопствените пари за да ги откупи своите еврејски браќа од ропство. Давал пари на заем без камата. Никогаш не ‚ги угнетувал‘ Евреите на тој начин што како управител би барал паричен надомест, нешто на што имал право. Наместо тоа, неговата куќа секогаш била отворена за да нахрани ‚сто и педесет од нив на број, освен оние кои доаѓаа кај нас од околните народи‘. Секој ден обезбедувал „едно говедо, шест одбрани овци и птици“ за своите гости. Освен тоа, на секои десет дена им нудел „изобилно вино“ — сѐ на негов трошок (Неемија 5:8, 10, 14—18).

Каков прекрасен пример на гостољубивост дал Неемија за сите Божји слуги тогаш и сега! Овој храбар слуга на Бог дарежливо и спремно ги користел своите материјални средства за да ги поддржи работниците и на тој начин да го унапреди вистинското обожавање. Со право можел да го замоли Јехова: „Спомни си, Боже мој, за мое добро заради сѐ што му сторив на овој народ“ (Неемија 5:19). Јехова сигурно ќе го направи токму тоа (Евреите 6:10).

Примерот на Неемија се следи денес

Тоа што може да се види дека Јеховиниот народ денес на сличен начин покажува срдечни чувства, спремност да дејствува и самопожртвуван став во корист на вистинското обожавање, навистина го грее срцето. Длабоко сме загрижени за доброто на соверниците кога слушаме дека трпат неволји (Римјаните 12:15). Како Неемија, му се обраќаме на Јехова во молитва за поддршка на нашите браќа во верата што се мачат, молејќи го: „Твоето уво нека биде внимателно кон молитвата на Твоите слуги, кои се подготвени да се бојат од Твоето Име“ (Неемија 1:11; Колошаните 4:2).

Меѓутоа, нашата грижа за духовното и физичкото добро на нашите христијански браќа и за напредокот на вистинското обожавање не ги погодува само нашите чувства. Таа, исто така, нѐ поттикнува на акција. Оние на кои околностите им дозволуваат, од љубов силно се подбудени да ја остават релативната удобност на својот дом и, како Неемија, да се преселат на друго место за да им помогнат на другите што имаат потреба. Без да бидат спречени од понеудобните услови со кои што таквите доброволци можат да се соочат во некои делови на светот, тие го поддржуваат напредокот на вистинското обожавање таму, служејќи рамо до рамо со своите христијански браќа. Самопожртвуваниот дух што тие го покажуваат навистина е за пофалба.

Да го правиме својот дел во нашата средина

Се разбира, повеќето од нас не се во состојба да се преселат на друго место. Ние го поддржуваме вистинското обожавање во нашата средина. Тоа е илустрирано и во книгата Неемија. Забележи го детаљот што Неемија го додава во врска со некои верни семејства кои учествувале во поправањето. Тој напишал: „Поправаше Едај, Арумафовиот син, пред својата куќа . . . поправаа Венјамин и Асув, спроти своите куќи. По нив поправаше Азариј, синот Аманиев, син Масиев, спроти својата куќа“ (Неемија 3:10, 23, 28—30). Тие мажи и нивните семејства многу придонеле за напредокот на вистинското обожавање со тоа што го правеле својот дел работејќи на поправките во нивната средина.

Денес многумина од нас го поддржуваат вистинското обожавање на различни начини во рамките на своите заедници. Имаме удел во проектите за изградба на Сали на Царството, во акциите за помош при несреќи и, најважно од сѐ, во делото на проповедање на Царството. Освен тоа, сеедно дали можеме лично да учествуваме во делото на изградба или помош или не, сите ние имаме искрена желба да го поддржуваме вистинското обожавање со нашите материјални средства, исто како што Неемија толку дарежливо го поддржувал во неговото време (Види ја рамката „Карактеристики на доброволното давање“).

Понекогаш може да се чини невозможно да се најдат потребните пари за да се финансираат нашите сѐ поголеми активности на печатење, акции за помош и други бројни служби што се вршат ширум Земјата. Меѓутоа, сети се дека и поправката на огромниот ерусалимски ѕид изгледала невозможна (Неемија 4:10). Сепак, затоа што задачата била поделена на повеќе семејства, работата била завршена. На сличен начин и денес ќе биде можно да се најдат значителни средства за да се вршат нашите активности ширум светот ако секој од нас продолжи да се грижи за некој дел од работата.

Рамката „Начини на кои некои избираат да даваат“ покажува неколку начини на кои може финансиски да се поддржува делото на Царството. Во текот на изминатите години, мнозина од Божјиот народ дале таква подршка, и Водечкото тело на Јеховините сведоци сака да ја искористи оваа прилика за да ја изрази својата длабока благодарност на сите кои што срцето ги подбудило да учествуваат во ова доброволно давање. Пред сѐ, му благодариме на Јехова за неговиот богат благослов врз сесрдните напори на неговиот народ во унапредувањето на вистинското обожавање низ целиот свет. Да, кога размислуваме за тоа како Јеховината рака нѐ води во изминативе години, поттикнати сме да ги повториме зборовите на Неемија, кој со благодарност рекол: „Добрата рака на мојот Бог беше над мене“ (Неемија 2:18).

[Фуснота]

^ пас. 7 Неемија 3:5 забележува дека некои истакнати Евреи, „племенски главатари“, одбиле да учествуваат во работата, но тие биле исклучок. Луѓе со различна заднина — свештеници, златари, билјари, главатари, трговци — сите го поддржале проектот (Стихови 1, 8, 9, 32).

[Рамка/слики на страници 28 и 29]

Начини на кои некои избираат да даваат

ПРИЛОЗИ ЗА ДЕЛОТО ШИРУМ СВЕТОТ

Мнозина ставаат настрана или, пак, планираат некој износ од својот буџет кој го пуштаат во кутиите за прилози со натпис „Прилози за делото ширум светот — Матеј 24:14“.

Секој месец, собранијата го испраќаат овој износ до канцеларијата на локалната подружница. Доброволните парични донации можат да се испратат и директно до канцеларијата на подружницата која ја опслужува твојата земја. Може да се дарува и накит или, пак, други скапоцености. Таквите прилози треба да бидат проследени со едно кратко писмо во кое се наведува дека се работи за целосен подарок.

СПОГОДБА ЗА УСЛОВНА ДОНАЦИЈА

Можат да се донираат пари со една специјална спогодба според која, доколку донаторот има лична потреба, донацијата ќе му се врати. За повеќе информации, те молиме контактирај со локалната канцеларија на подружницата.

ДОБРОТВОРНО ПЛАНИРАЊЕ

Освен подароците и условните парични донации, постојат и други методи на давање во корист на службата за Царството ширум светот. Тие вклучуваат:

Осигурување: Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да биде именувана како корисник на полиса за животно или пензиско осигурување.

Банковни сметки: Кај Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница можат да се дадат банковни сметки, уверенија за депозити или поединечни пензиски сметки како депонирани или, пак, да се направат наплатливи по смртта, во согласност со локалните банкарски барања.

Вредносни хартии и обврзници: Вредносни хартии и обврзници можат да се подарат на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница како целосен подарок.

Недвижен имот: На Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница може да се подари недвижен имот што може да се продаде, било како целосен подарок или, пак, да се задржи на доживотно користење од страна на донаторот, кој може и понатаму да живее во него до крајот на својот живот. Контактирај со канцеларијата на подружницата во твојата земја пред да ѝ пренесеш каков и да било недвижен имот.

Тестаменти и полномоштија: Имот или пари можат да бидат завештани на Јеховини сведоци — Христијанска верска заедница со законски верифициран тестамент или, пак, Заедницата може да биде именувана како корисник на договор за ополномоштување. Полномоштието во корист на религиозна организација може да обезбеди извесни даночни погодности.

Ако си заинтересиран за некоја од овие подготовки за добротворно планирање, треба да пишеш на соодветната адреса на страница 2.

[Рамка на страница 30]

Карактеристики на доброволното давање

Во своето писмо до Коринќаните, апостол Павле спомнал три важни карактеристики на доброволното давање. 1) Кога пишувал за собирање пари, Павле советувал: „Секој прв ден од седмицата секој од вас во својата куќа нека става нешто настрана“ (1. Коринќаните 16:2а). Според тоа, давањето треба да се планира однапред, и треба да се прави систематски. 2) Павле исто така напишал дека секој треба да дава „според она што го заработил“ (1. Коринќаните 16:2б, New International Version). Со други зборови, еден човек што сака да учествува во доброволното давање може да го прави тоа пропорционално. Дури и ако некој христијанин заработува само малку, малата сума што можеби ќе ја приложи е ценета од Јехова (Лука 21:1—4). 3) Павле понатаму напишал: „Секој нека прави како што решил во своето срце, не безволно ниту под принуда, зашто Бог љуби весел дарител“ (2. Коринќаните 9:7). Искрените христијани даваат од срце — весело.

[Слики на страница 26]

Неемија бил човек од чувства и од акција

[Слики на страница 30]

Со доброволните прилози се поддржуваат активности на печатење, акции за помош, изградба на Сали на Царството и други корисни служби ширум Земјата