Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Останавме на нашата доделба

Останавме на нашата доделба

Животна приказна

Останавме на нашата доделба

РАСКАЖАЛ ХЕРМАН БРУДЕР

Мојот избор беше едноставен: да служам пет години во француската Легија на странци или да се соочам со заточеништво во марокански затвор. Дозволете ми да ви објаснам како се најдов во оваа тешка ситуација.

РОДЕН сум во Опенау, Германија, во 1911, само три години пред да избувне Првата светска војна. Моите родители, Јозеф и Фрида Брудер, имаа 17 синови и ќерки. Јас бев нивното тринаесетто дете.

Моите најрани спомени се од еден воен оркестар што маршираше по главната улица на нашиот град. Привлечен од живата мелодија на маршот, ги следев музичарите до станицата токму навреме за да видам како татко ми и други мажи, облечени во униформи, се качуваат во возот. Додека возот заминуваше, некои жени на перонот почнаа да плачат. Набрзо потоа, нашиот свештеник одржа една долга проповед во црквата и ги прочита имињата на четворица мажи што загинале бранејќи ја татковината. „Тие сега се на небото“, објасни тој. Една жена што стоеше близу до мене се онесвести.

Додека служеше на рускиот фронт, татко ми се разболе од тифусна треска. Пристигна дома ужасно изнемоштен и речиси веднаш беше примен во локалната болница. „Оди во капелата покрај гробиштата и кажи 50 Оче наш и 50 Аве Марија“, ме посоветува свештеникот. „Тогаш татко ти ќе оздрави.“ Јас го послушав неговиот совет, но татко ми умре следниот ден. Дури и за едно мало момче, војната беше многу болно нешто.

Како ја пронајдов вистината

Во Германија беше тешко да се најде работа помеѓу двете војни. Меѓутоа, откако го завршив училиштето во 1928, успеав да најдам работа како градинар во Базел, Швајцарија.

Како татко ми, и јас бев цврст католик. Мојата амбиција беше да служам како капуцински калуѓер во Индија. Кога брат ми Рихард, кој тогаш веќе беше Јеховин сведок, слушна за овие планови, специјално допатува во Швајцарија за да се обиде да ме разубеди. Ме предупреди за опасноста од тоа да се има доверба во луѓето, особено во свештенството, и ме охрабри да ја читам Библијата и да имам доверба само во неа. И покрај сомнежите, си набавив Нов завет и почнав да го читам. Малку по малку ми стана јасно дека многу од моите верувања не се во склад со библиските учења.

Една недела во 1933, додека бев кај Рихард во Германија, тој ме запозна со една брачна двојка Јеховини сведоци. Кога дознаа дека ја читам Библијата, ми дадоа примерок од џебната брошура со наслов The Crisis (Криза). * Беше скоро полноќ кога конечно ја оставив брошурата. Бев убеден дека ја најдов вистината!

Јеховините сведоци во Базел ми дадоа два тома од Studies in the Scriptures (Студии на Писмото) * заедно со списанија и други публикации. Воодушевен од она што го читав, стапив во контакт со локалниот свештеник и го замолив да го избрише моето име од црковниот регистар. Свештеникот многу се налути и ме предупреди дека сум во опасност да ја изгубам верата. Всушност, тоа беше далеку од вистината. За првпат во мојот живот, почнав да негувам вистинска вера.

Тој викенд, браќата во Базел планираа проповедничко патување преку границата, во Франција. Еден од браќата љубезно ми објасни дека јас не сум поканет зашто само од неодамна сум почнал да се дружам со собранието. Но, тоа не ме обесхрабри и му ја изразив својата цврста желба да почнам да проповедам. Откако се советуваше со еден друг старешина, ми додели подрачје во Швајцарија. Рано во недела наутро, со 4 книги, 28 списанија и 20 брошури во чантата за служба, тргнав со мојот велосипед кон едно мало село близу Базел. Кога пристигнав, повеќето од селаните беа в црква. И покрај тоа, до 11 часот, мојата чанта за служба беше празна.

Кога им кажав на браќата дека сакам да се крстам, тие сериозно разговараа со мене и ми поставуваа проникливи прашања во врска со вистината. Бев импресиониран од нивната ревност и лојалност кон Јехова и неговата организација. Бидејќи беше зима, браќата ме крстија во када во домот на еден старешина. Се сеќавам дека чувствував неопислива радост и голема внатрешна сила. Тоа беше во 1934.

Работа на фарма на Царството

Во 1936 слушнав дека Јеховините сведоци купиле некој имот во Швајцарија. Ги понудив моите услуги како градинар. На моја радост, бев поканет да работам на фармата на Царството во Штефисбург, околу 30 километри од Берн. Секогаш кога беше можно им помагав и на другите во нивната работа на фармата. Бетелот ме научи на тоа колку е важно да се има дух на соработка.

Врвен настан за време на моите години во Бетел беше кога, во 1936, фармата ја посети брат Ратерфорд. Кога виде колку се големи нашите домати и колку добра беше жетвата, се насмеа изразувајќи го своето задоволство. Колку мил брат беше тој!

Откако служев на фармата веќе нешто повеќе од три години, за време на појадокот беше прочитано едно писмо од седиштето на Јеховините сведоци во Соединетите Држави. Писмото ја нагласуваше итноста на проповедничкото дело и упатуваше покана до сите што сакаа да служат како пионери во странство. Се пријавив без двоумење. Во мај 1939, пристигна мојата доделба: Бразил!

Во тоа време, одев на состаноци во собранието Тун, близу фармата на Царството. Во неделите, една група од нас одеше да проповеда на Алпите, на два часа возење со велосипед од Тун. Во групата беше и Маргарита Штајнер. Одеднаш ми светна една мисла: Зарем Исус не ги праќал своите ученици во двојки? Кога лежерно ѝ спомнав на Маргарита дека сум доделен во Бразил, таа ја изрази својата желба да служи каде што има поголема потреба. Се венчавме на 31 јули 1939.

Неочекуван прекин на патувањето

На крајот на август 1939 отпловивме од Авр, Франција, кон Сантос, Бразил. Сите дупли легла беа зафатени, па моравме да патуваме во одделни кабини. За време на патувањето стигна вест дека Велика Британија и Франција ѝ објавиле војна на Германија. Една група од 30 германски патници на тоа реагираа така што почнаа да ја пеат германската химна. Тоа толку го изнервира капетанот што го смени курсот и доплови до пристаништето во Сафи, Мароко. Патниците со германски патни документи имаа пет минути да се симнат. Тука бевме вклучени и ние.

Нѐ држеа еден ден во полициската станица и потоа нѐ натрупаа во еден расклатен стар автобус и нѐ одведоа во затвор во Маракеш, на оддалеченост од околу 140 километри. Следеа тешки денови. Нашите ќелии беа пренатрупани и темни. Заедничкиот тоалет — една дупка во подот — беше постојано затнат. Секој од нас доби една валкана вреќа на која требаше да спие, а навечер стаорците ни ги гризеа потколениците. Ни даваа минимална порција храна двапати на ден во една ‘рѓосана конзерва.

Еден армиски офицер ми објасни дека ќе бидам ослободен ако се согласам да служам пет години во француската Легија на странци. Поради тоа што одбив, добив 24 часа во нешто што може да се опише само како црна дупка. Поголемиот дел од времето го поминав молејќи се.

По осум дена, затворските власти ми дозволија повторно да ја видам Маргарита. Беше ужасно слаба, и неконтролирано плачеше. Направив сѐ што можев за да ја охрабрам. Нѐ испитуваа и со воз нѐ префрлија во Казабланка, каде што ја пуштија Маргарита. Јас бев пратен во еден заробенички логор во Порт Лијоти (сега Кентира), оддалечен околу 180 километри. Швајцарскиот конзул ја посоветува Маргарита да се врати во Швајцарија, но таа лојално одби да замине без мене. Во текот на двата месеца колку што останав во Порт Лијоти, таа патуваше од Казабланка секој ден за да ме посети и да ми донесе храна.

Една година пред тоа, Јеховините сведоци издадоа книга со наслов Kreuzzug gegen das Christentum (Движење против христијанството) со цел да го привлечат вниманието на јавноста во врска со невмешаноста на Сведоците во нацистичкиот режим. Додека бев во заробеничкиот логор, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци во Берн им пишала на француските власти, приложувајќи и примерок од книгата во обид да докаже дека не сме нацисти. И Маргарита заврши одлична работа посетувајќи ги владините службеници и обидувајќи се да ги убеди дека сме невини. Конечно, на крајот од 1939, добивме дозвола да си заминеме од Мароко.

Само што повторно се качивме на брод за Бразил, дознавме дека германските подморници ги напаѓаат бродските линии во Атлантикот и дека ние бевме главна мета. Иако трговски, нашиот брод, Жамајк, имаше поставено топови на клунот и на крмата. Во текот на денот, капетанот задржа цик-цак курс и постојано испукуваше гранати. Навечер пловевме без светло за да не бидеме откриени од Германците. Колку ни олесна кога конечно стигнавме во пристаништето на Сантос, Бразил, на 6 февруари 1940, по повеќе од пет месеци по заминувањето од Европа!

Пак в затвор

Нашата прва проповедничка доделба беше Монтенегро, град во јужната бразилска држава Рио Гранде до Сул. Црковните власти очигледно беа информирани за нашето доаѓање. По само два часа проповедање, полицијата нѐ уапси и ни ги зеде збирката со фонографски плочи што содржеа библиски проповеди, целата наша литература, па дури и чантите за служба од кожа од камила што ги купивме во Мароко. Во полициската станица нѐ чекаа еден свештеник и еден министер што зборуваше германски. Тие слушаа еден од говорите на брат Ратерфорд што шефот на полицијата го пушти на нашиот грамофон, што исто така го конфискуваше. Брат Ратерфорд сигурно не вртеше како лисица околу стапица! Кога дојде делот во кој беше спомнат Ватикан, свештеникот поцрвене и истрча надвор како фурија.

На барање на бискупот во Санта Марија, полицијата нѐ префрли во Порто Алегре, главниот град на државата. Маргарита наскоро беше ослободена и побара помош од швајцарскиот конзулат. Конзулот ѝ предложи да се врати во Швајцарија. Таа уште еднаш одби да ме напушти. Маргарита секогаш беше многу лојален придружник. Триесет дена подоцна бев испитан и ослободен. Полицијата ни даде избор: да ја напуштиме државата во рок од десет дена или да ги „сносиме последиците“. На предлог од главното седиште, заминавме во Рио де Жанеиро.

„Ве молам, прочитајте ја оваа картичка“

И покрај ова неповолно запознавање со бразилското подрачје, колку само бевме радосни! На крајот на краиштата, бевме живи, нашите чанти пак беа полни со литература и го имавме цел Рио де Жанеиро за проповедање. Но, како ќе проповедаме со нашето ограничено познавање на португалскиот јазик? Со помош на картичка за сведочење. „Пор фавор, ле ест картау“ („Ве молам, прочитајте ја оваа картичка“) беше првиот португалски израз што научивме да го користиме во проповедничкото дело. И, каков само успех имаше таа картичка! Само за еден месец дистрибуиравме повеќе од 1.000 книги. Многумина што ја примија нашата библиска литература подоцна ја прифатија вистината. Да бидам искрен, нашите публикации дадоа многу поделотворно сведоштво отколку што ние некогаш можевме да дадеме. Ова ја нагласи во мене важноста на тоа нашите публикации да стигнат во рацете на заинтересираните лица.

Во тоа време Рио де Жанеиро беше главен град на Бразил и нашата порака беше особено добро примена во владините објекти. Јас имав предност лично да му сведочам на министерот за финансии и на министерот на оружените сили. Во тие прилики видов јасен доказ за Јеховиниот дух на дело.

Еднаш, додека проповедав на еден плоштад во центарот на Рио, влегов во Палатата на правдата. Некако се најдов во една соба полна со мажи во црно, среде нешто што изгледаше како погребна церемонија. Му пристапив на еден човек што изгледаше како многу значајна личност и му ја пружив мојата картичка за сведочење. Не беше погреб. Всушност, јас сум прекинал некое судење и му зборував на судијата. Смеејќи се, тој им даде знак на стражарите да се опуштат. Тој љубезно прими примерок од книгата Children (Деца) * и даде доброволен прилог. На излегување, еден од стражарите покажа на една лесно забележлива опомена на вратата: Проибида а ентрада де песоас естрањас (Забранет влез за неовластени лица).

Друго плодно подрачје беше пристаништето. Во една прилика, запознав еден морнар кој зеде публикации пред да се врати на море. Подоцна го сретнавме на еден конгрес. Целото негово семејство ја прифатило вистината, а и самиот тој добро напредуваше. Тоа многу нѐ израдува.

Меѓутоа, не одеше сѐ како подмачкано. Нашата шестмесечна виза истече и бевме соочени со изгледот да бидеме депортирани. Откако пишавме до главното седиште во врска со нашата ситуација, добивме едно љубезно писмо од брат Ратерфорд, во кое нѐ охрабруваше да истраеме и ни даде предлози како да продолжиме. Наша желба беше да останеме во Бразил и, со помош на адвокат, во 1945 конечно успеавме да добиеме трајна виза.

Долгорочна доделба

Меѓутоа, пред тоа, во 1941, се роди нашиот син, Јонатан, во 1943 Рут, а во 1945 Естер. За да се грижам за потребите на нашето сѐ поголемо семејство, морав да прифатам световна работа. Маргарита продолжи со полновремената проповедничка активност сѐ до раѓањето на нашето трето дете.

Од почетокот, работевме заедно како семејство во делото на проповедање на градските плоштади, на железничките станици, на улиците и на деловните подрачја. Во сабота навечер заедно дистрибуиравме Стражарска кула и Разбудете се!, и тоа беа особено радосни прилики.

Дома, секое дете си имаше секојдневни задачи што мораше да ги изврши. Јонатан беше одговорен за чистењето на шпоретот и на кујната. Девојчињата го чистеа фрижидерот, го метеа дворот и ги чистеа чевлите. Ова им помогна да научат да бидат организирани и да преземаат иницијатива. Денес, нашите деца се марливи работници кои добро се грижат за своите домови и поседи, што многу нѐ радува мене и Маргарита.

Исто така, очекувавме децата да бидат мирни на состаноците. Пред да почне програмата, пиеја чаша вода и одеа во тоалет. За време на состанокот Јонатан седеше од мојата лева страна, Рут од десната, до неа Маргарита и од нејзината десна страна Естер. Ова им помогна да се концентрираат и да примаат духовна храна од рана возраст.

Јехова ги благослови нашите напори. Сите наши деца продолжуваат да му служат верно на Јехова и со радост да учествуваат во делото на проповедање. Јонатан моментално служи како старешина во собранието Ново Меир во Рио де Жанеиро.

До 1970, сите наши деца беа во брак и заминати од дома, па јас и Маргарита решивме да се преселиме и да служиме таму каде што имаше поголема потреба. Наша прва станица беше Посус ди Калдас, во државата Минас Гераис, каде што во тоа време имаше една мала група од 19 објавители на Царството. Бев запрепастен кога првпат го видов местото каде што се состануваа — една подрумска просторија без прозорци на која очајно ѝ требаа поправки. Веднаш почнавме да бараме посоодветна Сала на Царството и наскоро најдовме една привлечна зграда што беше на одлично место. Каква само разлика! Четири и пол години подоцна, бројот на објавителите се зголеми на 155. Во 1989 се преселивме во Араруама, во државата Рио де Жанеиро, каде што служевме девет години. За тоа време бевме сведоци на формирањето на две нови собранија.

Наградени затоа што останавме на нашата доделба

Во 1998, здравствените проблеми и желбата да бидеме поблизу до нашите деца нѐ поттикнаа да се преселиме во Сау Гонсалу, во државата Рио де Жанеиро. Сѐ уште служам таму како собраниски старешина. Правиме сѐ што можеме редовно да учествуваме во делото на проповедање. Маргарита ужива да им сведочи на луѓето во блискиот супермаркет, а собранието љубезно одвои за нас подрачје близу до нашиот дом, што ни олеснува да проповедаме толку колку што ни дозволува здравјето.

Маргарита и јас сме предадени слуги на Јехова повеќе од 60 години. Лично искусивме дека ‚ниту владите, ниту она што е сега, ниту она што ќе дојде, ниту силите, ниту височината, ниту длабочината, ниту кое и да е друго создание може да нѐ одвои од Божјата љубов која е во Христос Исус, нашиот Господ‘ (Римјаните 8:38, 39). И какво само задоволство е да се биде сведок на собирањето на ‚другите овци‘ кои имаат прекрасна надеж за вечен живот на совршена Земја, опкружени со Божјите прекрасни творештва! (Јован 10:16). Кога пристигнавме, во 1940, во Рио де Жанеиро имаше само едно собрание со 28 објавители. Денес таму има повеќе од 250 собранија и повеќе од 20.000 објавители на Царството.

Имаше прилики кога можевме да се вратиме кај нашите семејства во Европа. Но, нашата доделба од Јехова е овде во Бразил. Колку сме само радосни што останавме!

[Фусноти]

^ пас. 11 Издадена од Јеховините сведоци, веќе не се печати.

^ пас. 12 Издадена од Јеховините сведоци, веќе не се печати.

^ пас. 33 Издадена од Јеховините сведоци, веќе не се печати.

[Слика на страница 21]

На фармата на Царството во Штефисбург, Швајцарија, во доцните 1930-ти (јас сум на крајот лево)

[Слика на страница 23]

Кратко пред нашето венчавање, 1939

[Слика на страница 23]

Казабланка во 1940-те

[Слика на страница 23]

Проповедаме како семејство

[Слика на страница 24]

Редовно учествуваме во службата денес