Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали е погрешно да се обложуваш ако се вклучени само мали суми пари?

Божјата реч не дискутира за коцкањето во детали, но кажува доволно за да покаже дека ниеден вид коцкање не е спојлив со библиските начела. * На пример, нашироко е познато дека коцкањето поттикнува алчност. Самиот овој факт е важна работа за размислување за христијаните бидејќи Библијата кажува дека ‚алчните‘ нема да го наследат Божјето Царство, и ја вбројува лакомоста во идолопоклонство (1. Коринќаните 6:9, 10; Колошаните 3:5).

Коцкањето, исто така, поттикнува егоизам и нездрав натпреварувачки дух, силна желба да се победи. Апостол Павле предупредил против тие работи кога напишал: „Да не стануваме егоистични, предизвикувајќи натпреварување еден со друг, завидувајќи си еден на друг“ (Галатите 5:26). Понатаму, коцкањето кај некои поттикнува суеверна верба во среќа. Коцкарите разработуваат секакви видови суеверија, надевајќи се дека ќе влијаат врз среќата на своја корист. Тие нѐ потсетуваат на неверните Израелци кои ‚поставувале трпеза за богот на Среќата и полнеле мешано вино за богот на Судбината‘ (Исаија 65:11NW).

Некои можеби размислуваат дека обложувањето на мали суми пари кога играат пријателска игра со карти или со табла со роднини или блиски пријатели не е ништо повеќе од невина забава. Точно, некој што се обложува на мала сума пари можеби не се смета себеси за алчен, егоистичен, со натпреварувачки дух или суеверен. Сепак, каков ефект може да има неговото коцкање врз оние со кои се коцка? Многу хронични коцкари почнале со ситни облози, ‚само за забава‘ (Лука 16:10). Во нивниот случај, една навидум невина разонода станала нешто многу позлокобно.

Ова е особено точно кога станува збор за деца. Многу деца ја почувствувале возбудата од тоа да добијат некој мал облог и биле искушани да одат на поголеми суми (1. Тимотеј 6:10). Една долгогодишна студија, издадена во Соединетите Држави од Советот за хронично коцкање на Аризона, потврдува дека многу зависни коцкари почнале на рана возраст „така што ставале мали облози на спортски настани или при играње карти со пријатели или роднини“. Еден друг извештај вели дека „децата почнуваат да се коцкаат дома, обично играјќи карти со членовите на семејството или со пријатели“. Извештајот додава дека „триесет проценти од децата што се коцкале започнале со тоа пред да наполнат единаесет години“. Според студијата Why Do People Gamble Too Much—Pathological and Problem Gambling (Зошто луѓето премногу се коцкаат— патолошко и проблематично коцкање), многу коцкари тинејџери ја финансираат својата зависност со криминал или неморал. Колку трагични последици од нешто што на почетокот можеби изгледало безопасно!

Бидејќи и онака живееме во свет во којшто веќе има премногу стапици и искушенија, зошто непотребно да се изложуваме на уште една? (Пословици 27:12). Коцкањето — сеедно дали децата се присутни или не, и сеедно дали е на големи суми или не — ја загрозува духовноста и треба да се избегнува. Би било препорачливо христијаните кои како рекреација уживаат во игри со табла или со карти или да го запишуваат резултатот или да ја играат играта едноставно заради забава без да го бележат резултатот. Мудрите христијани што се грижат како за својата така и за духовноста на своите пријатели и членови на семејството ја избегнуваат практиката на коцкање — дури и на мали суми пари.

[Фуснота]

^ пас. 3 World Book Encyclopedia го дефинира коцкањето како „обложување за исходот на некоја игра, настан или случајност“. Понатаму кажува дека „коцкарите или играчите обично се обложуваат на пари на . . . такви игри на среќа како што се лотарии, игри со карти и коцки“.