Да не го напуштаме заедничкото состанување
Да не го напуштаме заедничкото состанување
„Да не го напуштаме заедничкото состанување, како што некои имаат обичај да прават“, вели Писмото, „туку да се охрабруваме еден со друг, и тоа толку повеќе, колку што гледате дека наближува Денот“ (Евреите 10:25, New International Version). Јасно е дека со цел да ‚обрнуваат внимание еден на друг и за да се поттикнуваат кон љубов и извонредни дела‘, вистинските обожаватели треба да се соберат заедно на место за обожавање (Евреите 10:24).
КОГА апостол Павле ги напишал овие зборови, во првиот век од нашата ера, како место за обожавање на Евреите служел еден импресивен храм во Ерусалим. Исто така, имало и синагоги. Исус ‚поучувал во синагогите и во храмот каде што се собирале сите Евреи‘ (Јован 18:20).
На каков вид места за состанување мислел Павле кога ги советувал христијаните да се собираат за да се храбрат еден со друг? Дали религиозните зданија на христијанскиот свет имаат каков и да било претходник во храмското уредување во Ерусалим? Кога се започнало со масивните религиозни градби за оние што се исповедувале како христијани?
‚Дом на името на Бог‘
Првите упатства во врска со место за обожавање на Бог се наоѓаат во библиската книга Излез. Јехова Бог му дал упатства на својот избран народ — Израелците — да изградат „табернакул“ Излез, поглавја 25—27; 40:33—38, NW). Библијата, исто така, на овој шатор се осврнува како на „Господовиот [Јеховиниот, NW] Храм“ и „Господовиот [Јеховиниот, NW] Дом“ (1. Самоил 1:9, 24).
или ‚Шатор на средбата‘. Таму требало да се чуваат ковчегот на заветот и разни свети садови. Кога бил завршен во 1512 пр.н.е., ‚Јеховината слава го исполнила табернакулот‘. Тој пренослив шатор служел повеќе од четири века како централно обележје на Божјата подготовка за пристап до него (Подоцна, кога бил цар во Ерусалим, Давид изразил силна желба да изгради траен дом на Јеховината слава. Меѓутоа, бидејќи Давид бил воин, Јехова му рекол: „Не ќе му изградиш ти Дом на Моето Име“. Наместо тоа, избрал Давидовиот син Соломон да го изгради храмот (1. Летописи 22:6—10). Соломон свечено го отворил храмот во 1026 пр.н.е., по изградбата што траела седум и пол години. Јехова го одобрил овој објект, велејќи: „Го посветив овој Дом, што го градеше за да престојува во него Моето Име довека; Моите очи и Моето срце ќе бидат тука секогаш“ (1. Цареви 9:3). Сѐ додека Израелците останеле верни, Јехова ќе ја искажувал својата наклоност кон тој дом. Меѓутоа, ако се одврателе од она што било исправно, Јехова ќе ја отстранел својата наклоност од тоа место, и ‚тој дом ќе станел куп урнатини‘ (1. Цареви 9:4—9, NW ; 2. Летописи 7:16, 19, 20).
Со текот на времето, Израелците навистина се одвратиле од вистинското обожавање (2. Цареви 21:1—5). „[Јехова] го доведе против нив халдејскиот цар . . . Го изгореа Божјиот Дом и го соборија ерусалимскиот ѕид, и ги уништија сите негови скапоцености. Оние кои му избегаа на мечот на Навуходоносор, ги одведе во ропство во Вавилон. Им станаа робови нему и на неговите синови.“ Според Библијата, ова се случило во 607 пр.н.е. (2. Летописи 36:15—21; Еремија 52:12—14).
Како што било претскажано од пророкот Исаија, Бог го подигнал персискиот цар Кир за да ги ослободи Евреите од моќта на Вавилон (Исаија 45:1). Во 537 пр.н.е., по 70-годишно изгнанство, тие се вратиле во Ерусалим за повторно да го изградат храмот (Езра 1:1—6; 2:1, 2; Еремија 29:10). И покрај застоите во изградбата, храмот конечно бил завршен во 515 пр.н.е., и чистото обожавање на Бог било обновено. Иако не била толку величествена како храмот на Соломон, таа градба останала да постои речиси 600 години. Меѓутоа, и овој храм станал запуштен затоа што Израелците го занемариле обожавањето на Јехова. Кога Исус Христос се појавил на земната сцена, храмот бил постепено обновуван од страна на цар Ирод. Што го чекало овој храм?
„Нема да биде оставен ниту камен на камен“
Укажувајќи на храмот во Ерусалим, Исус им рекол на своите ученици: „Овде никако нема да биде оставен ниту камен на камен што нема да биде урнат“ (Матеј 24:1, 2). Верно на овие зборови, местото што со векови било признато како центар на обожавањето на Бог било уништено во 70 н.е. од страна на римските трупи што дошле да го задушат востанието на Евреите. a Тој храм никогаш не бил повторно изграден. Во седмиот век било подигнато муслиманско светилиште познато како Куполата на карпата, кое до ден-денес стои на местото на поранешното еврејско место за обожавање.
Каква требало да биде подготовката за обожавање за следбениците на Исус? Дали раните христијани од еврејско потекло ќе продолжеле да го обожаваат Бог во храмот што наскоро требало да биде уништен? Каде ќе го обожавале Бог нееврејските христијани? Дали религиозните градби на христијанскиот свет требало да служат како замена за храмот? Разговорот на Исус со една Самарјанка дава увид во оваа работа.
Самарјаните со векови го обожавале Бог во еден голем храм на планината Гаризим во Самарија. „Нашите татковци обожаваа на оваа гора“, му рекла Самарјанката на Исус, „а вие велите дека во Ерусалим е местото каде што треба да се обожава.“ Исус ѝ одговорил: „Верувај ми, жено: Доаѓа часот кога Таткото нема да се обожава ниту на оваа гора ниту во Ерусалим“. Во обожавањето на Јехова повеќе немало да биде потребен материјален храм, зашто Исус објаснил: „Бог е Дух, и оние кои го обожаваат, мораат да го обожаваат со дух и со вистина“ (Јован 4:20, 21, 24). Подоцна апостол Павле им рекол на атињаните: „Богот кој го создаде светот и сѐ што е на него, Овој кој е Господар на небото и на земјата, не живее во храмови изградени со рака“ (Дела 17:24).
Очигледно, религиозните објекти на христијанскиот свет немаат никаква врска со храмското уредување од претхристијанската ера. И, христијаните од првиот век немале никаква причина да подигаат такви места. Меѓутоа, по смртта на апостолите, се појавило прореченото застранување од вистинските учења — отпадништвото (Дела 20:29, 30). Со години пред римскиот император Константин да биде наводно преобратен во христијанин во 313 н.е., оние што се исповедувале како христијани почнале да застрануваат од она за што поучувал Исус.
Константин придонел за спојувањето на „христијанството“ со паганската римска религија. The Encyclopædia Britannica вели: „Самиот Константин дал налог за изградба на три огромни христијански базилики во Рим: Св. Петар, Св. Павле надвор од ѕидините (S. Paolo Fuori le Mura) и Св. Јован Латерански (S. Giovanni in Laterano). Тој . . . го направил планот во облик на крст што станал норма за црквите во западна Европа во средниот век“. Реконструираната базилика на Св. Петар во Рим сѐ уште се смета за центар на римокатоличката црква.
„Црквата презела некои верски обичаи и облици на обожавање што биле вообичаени во претхристијанскиот [пагански] Рим“, вели историчарот Вил Дјурант. Ова ја вклучувало и „архитектурата на базиликата“. Од 10 до 15 век, изградбата на цркви и катедрали доживеала брз процут, при што бил ставен голем нагласок на архитектурата. Тоа е времето кога биле создадени многу од зданијата на христијанскиот свет што сега се сметаат за уметнички споменици.
Дали луѓето секогаш наоѓаат духовно освежување и охрабрување во обожавањето в црква? „За мене црквата почна да претставува сѐ што е здодевно и заморно во религијата“, вели Франсиско од Бразил. „Мисата беше бесмислена, повторлива церемонија што со ништо не ги задоволуваше моите вистински потреби. Ми олеснуваше кога ќе завршеше.“ Сепак, на вистинските верници им е заповедано да се состануваат заедно. Која подготовка за состанување треба да ја следат?
„Собранието кое е во нивната куќа“
Образецот за христијанскиот начин на заедничко собирање станува очигледен ако испитаме како се состанувале верниците од првиот век. Писмото укажува на тоа дека тие обично се собирале заедно во приватни домови. На пример, апостол Павле напишал: „Пренесете им ги моите поздрави на Приска и Акила, моите соработници во Христос Исус . . . и поздравете го собранието кое е во нивната куќа“ (Римјаните 16:3, 5; Колошаните 4:15; Филимон 2). Грчкиот збор за „собрание“ (еклесиа), е преведен со „црква“ во некои македонски преводи, како што е преводот на Д-р/Д-р Душан Х. Константинов. Но, изразот не се однесува на некој објект туку на група луѓе што се собрани заедно за заедничка цел (Дела 8:1; 13:1). За обожавањето што го практикуваат вистинските христијани не се потребни украсени религиозни објекти.
Како се одржувале состаноците во раните христијански собранија? За да укаже на христијанските состаноци, ученикот Јаков користи облик на грчкиот збор синагоге (Јаков 2:2). Овој грчки збор значи „соединување“ и се користи наизменично со еклесиа. Меѓутоа, со текот на времето изразот „синагога“ добил значење на место или објект каде што се одржувал собир. Првите еврејски христијани биле запознати со она што се одвивало во една синагога. b
Иако Евреите се состанувале во храмот во Ерусалим за време на своите годишни празници, синагогите служеле како локални места каде што се учело за Јехова и каде што се стекнувало образование за Законот. Разните служби што се одржувале во синагогите изгледа се состоеле од молитва и читање на Писмото, како и од давање објаснување и охрабрување. Кога Павле и другите со него отишле во синагогата во Антиохија, ‚претседавачките службеници на синагогата ги повикале, велејќи: „Мажи, браќа ако имате некаков збор на охрабрување за народот, кажете го“‘ (Дела 13:15). Кога првите еврејски христијани се собирале заедно во приватни домови, несомнено следеле сличен образец, правејќи ги своите состаноци библиски поучни и духовно изградувачки.
Собранија за изградување
Исто како раните христијани, и Јеховините сведоци денес се собираат заедно во едноставни места за обожавање за да добијат упатства од Библијата и за да уживаат во изградувачко друштво. Долги години се состануваа само во приватни домови, а на некои места сѐ уште го прават тоа. Но, сега бројот на собранијата порасна на повеќе од 90.000, а нивните главни места за состаноци се викаат Сали на Царството. Овие објекти не се ниту раскошни ниту, пак, личат на цркви. Тоа се практични и скромни градби што им овозможуваат на собранијата составени од 100 до 200 луѓе да се состануваат за седмичните состаноци со цел да слушаат и да учат од Божјата реч.
Повеќето собранија на Јеховините сведоци се состануваат трипати во седмицата. Еден од состаноците е јавно предавање на тема од актуелен интерес. По него следи студија темелена на некоја библиска тема или пророштво, при што како изворен материјал се користи списанието Стражарска кула. Друг состанок е школата наменета да обезбеди обука во изнесувањето на библиската порака. По него следи состанок посветен особено на давање практични предлози за христијанската служба. Исто така, еднаш седмично Сведоците се состануваат во приватни домови, во помали групи, за да ја проучуваат Библијата. Сите овие состаноци се отворени за јавност. На нив никогаш нема собирање прилози.
Франсиско, спомнат претходно, открил дека состаноците во Салата на Царството се од голема корист. Тој вели: „Првото место за состаноци што го посетив беше една пријатна зграда во центарот на градот, и си заминав од салата со мошне поволен впечаток. Присутните беа пријателски настроени, и можев да ја почувствувам љубовта меѓу нив. Одвај чекав да одам пак. Всушност, не сум испуштил ни еден состанок оттогаш. Овие христијански состаноци се интересни и ги задоволуваат моите духовни потреби. Дури и кога од некоја причина се чувствувам обесхрабрен, одам во Салата на Царството уверен дека дома ќе се вратам охрабрен“.
На христијанските состаноци на Јеховините сведоци, и тебе те очекува библиско образование, изградувачко друштво и можност да го фалиш Бог. Срдечно те покануваме да присуствуваш во Салата на Царството што е најблизу до твојот дом. Ќе ти биде мило ако го сториш тоа.
[Фусноти]
a Храмот бил целосно разурнат од Римјаните. Ѕидот на плачот, на кој што многу Евреи доаѓаат од далеку за да се молат, не е дел од тој храм. Тој е само дел од ѕидот на дворот на храмот.
b Веројатно синагогите биле востановени за време на 70-годишното изгнанство во Вавилон кога немало храм, или кратко по враќањето од изгнанство, додека храмот бил во обнова. До првиот век, секој град во Палестина имал своја синагога, а поголемите градови имале и повеќе од една.
[Слики на страници 4 и 5]
Табернакулот, а подоцна и храмовите служеле како извонредни места за обожавање на Јехова
[Слика на страница 6]
Базиликата Св. Петар во Рим
[Слика на страница 7]
Раните христијани се собирале заедно во приватни домови
[Слики на страници 8 и 9]
Јеховините сведоци одржуваат христијански состаноци во приватни домови и во Сали на Царството