Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како можеме да ги направиме нашите денови вредни пред Јехова?

Како можеме да ги направиме нашите денови вредни пред Јехова?

Како можеме да ги направиме нашите денови вредни пред Јехова?

„Изгубени вчера, некаде помеѓу изгрејсонце и зајдисонце, два златни часа, секој украсен со шеесет дијамантски минути. Не е понудена никаква награда, зашто се изгубени засекогаш!“ (Лидија Х. Сигурни, американска авторка, 1791 — 1865).

ДЕНОВИТЕ на нашиот живот изгледаат малку и како да летаат. Псалмистот Давид размислувал за тоа колку е краток животот и бил поттикнат да се моли: „Кажи ми го, Господи, мојот крај, и колкав е бројот на моите денови, за да знам колку сум ништожен. Ете, со педа ми ги измери деновите, и векот мој е како ништо пред Тебе“. Она за што бил заинтересиран Давид било да живее на начин што ќе го задоволи Бог, како со говорот така и со постапките. Изразувајќи ја својата зависност од Бог, тој вели: „Мојата надеж е во Тебе“ (Псалм 39:4, 5, 7). Јехова го послушал. Тој навистина ги измерил активностите на Давид и го наградил според нив.

Лесно е да се биде зафатен секоја минута од денот, фатен во живот со брзо темпо кој е исполнет со активности. Ова може во нас да предизвика тегобна грижа, особено кога имаме толку малку време, а толку многу да направиме и да доживееме. Дали сме заинтересирани за истото она за што бил и Давид — да го живееме животот на таков начин што ќе ни донесе одобрување од Бог? Факт е дека Јехова навистина нѐ набљудува и внимателно нѐ испитува сите нас. Јов, човек што се плашел од Бог, признал пред околу 3.600 години дека Јехова ги видел неговите патишта и ги избројал сите негови чекори. Јов поставил едно реторичко прашање: „Што ќе одговорам кога ќе побара сметка?“ (Јов 31:4—6, 14). Можеме да ги направиме нашите денови вредни пред Бог така што ќе си поставиме духовни приоритети, ќе ги слушаме неговите заповеди и мудро ќе го користиме своето време. Да ги разгледаме одблизу овие три работи.

Да ги направиме духовните работи првенствена грижа

Инспирираното Писмо со право нѐ поттикнува да си поставуваме духовни приоритети кога вели: ‚Уверете се во поважните работи‘. Кои се тие важни работи? Одговорот вклучува ‚точно спознание и полна проникливост‘ (Филипјаните 1:9, 10). Стекнувањето спознание за Јеховините намери бара мудро да го користиме своето време. Меѓутоа, тоа што ќе ги направиме духовните работи првенствена грижа ќе ни гарантира живот што е наградувачки и задоволувачки.

Апостол Павле нѐ потсетува да ‚се уверуваме што е прифатливо за Господ‘. Уверувањето мора да вклучува самоиспитување на нашите мотиви и желби на срцето. Апостолот продолжува: „И понатаму согледувајте која е Јеховината волја“ (Ефешаните 5:10, 17). Па, што е тоа што Јехова го смета за прифатливо? Библиската пословица го дава одговорот: „Најважната работа е мудроста. Стекнувај мудрост; и со сѐ што стекнуваш, стекнувај разбирање. Цени ја многу и таа ќе те возвиши“ (Пословици 4:7, 8NW). Јехова се радува кога некое лице стекнува и практикува божествена мудрост (Пословици 23:15). Убавината на таквата мудрост е во тоа што таа не може да биде одземена ниту уништена. Всушност, таа ќе нѐ пази и ќе нѐ чува од ‚лош пат и од измамлив човек‘ (Пословици 2:10—15).

Тогаш, колку е само мудро да се спротивставиме на секоја склоност да усвоиме површен пристап кон духовните работи! Треба да негуваме став на благодарност за Јеховините зборови и здрав страв од него (Пословици 23:17, 18). Иако ваквата умствена настроеност може да се стекне во секое време од животот, најдобро е тој исправен образец да се утврди и библиските начела да се всадат во нашата личност за време на младоста. „Спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост“, вели мудриот цар Соломон (Проповедник 12:1).

Најважен начин да негуваш благодарност кон Јехова е преку лична молитва до него секој ден. Давид сфатил колку е важно да се има доверба во Јехова, зашто се молел: „Послушај ја, о Господи, мојата молитва, послушај ги моите повици, не премолчувај на моите солзи“ (Псалм 39:12). Дали длабочината на нашата блискост со Бог понекогаш ги трогнува нашите чувства до тој степен што нѐ доведува до солзи? Навистина, колку повеќе комуницираме со Јехова за интимните работи на срцето и медитираме за неговата Реч толку повеќе тој се приближува до нас (Јаков 4:8).

Научи послушност

Мојсеј бил уште еден човек од вера кој ја признал својата зависност од Бог. Како Давид, и Мојсеј можел да види дека животот е исполнет со проблеми. Затоа го молел Бог да му покаже како ‚да ги брои своите денови за да придобие мудро срце‘ (Псалм 90:10—12). Мудро срце ќе добиеме само ако учиме и живееме во склад со Јеховините закони и начела. Мојсеј го знаел ова и потоа се трудел да ја вреже таа животоважна вистина во израелската нација повторувајќи им ги Божјите закони и уредби пред да ја заземат Ветената земја. Секој човечки цар што подоцна Јехова ќе го изберел да владее над Израел требало да си направи сопствен примерок од Законот и да го чита во секое време од својот живот. Зошто? За да може да научи да се плаши од Бог. Тоа би било испит на послушноста на царот. Ова ќе го заштитувало да не се издигне со срцето над своите браќа и, исто така, ќе ги продолжело деновите на неговото царување (Второзаконие 17:18—20). Ова ветување било повторено кога Јехова му рекол на Давидовиот син Соломон: „Ако одиш по Моите патишта и ако ги пазиш Моите закони и заповеди, како што правеше твојот татко Давид, ќе ги умножам твоите денови“ (1. Цареви 3:10—14).

Послушноста е сериозна работа за Бог. Ако потценуваме одредени аспекти од Јеховините барања и заповеди како тие да се неважни, тој сигурно ќе го забележи таквиот став (Пословици 15:3). Знаејќи го ова, треба да бидеме поттикнати да задржиме високо ценење за сите Јеховини упатства, иако тоа можеби не е секогаш лесно. Сатана прави сѐ што може за да „ни го пресече патот“ додека настојуваме да внимаваме на Божјите закони и заповеди (1. Солуњаните 2:18).

Особено е важно да се подложуваме на библискиот совет да се состануваме заедно за обожавање и за дружење (Второзаконие 31:12, 13; Евреите 10:24, 25). Затоа е добро да се запрашаме: ‚Дали ја имам потребната решеност и истрајност да го правам она што е навистина вредно?‘ Нашиот однос со Јехова ќе ослабне ако, обидувајќи се да си обезбедиме финансиска сигурност, ги запоставиме дружењето и поуките на христијанските состаноци. Апостол Павле напишал: „Вашиот начин на живот нека биде ослободен од љубовта кон парите, и бидете задоволни со она што го имате сега. Зашто [Јехова] рекол: ‚Никако нема да те оставам и воопшто нема да те напуштам‘“ (Евреите 13:5). Со спремната послушност на Јеховините заповеди покажуваме апсолутна доверба дека тој ќе се грижи за нас.

Исус се научил на послушност и извлекол корист од тоа. Можеме и ние (Евреите 5:8). Колку повеќе негуваме послушност толку полесно ќе ни биде да бидеме послушни, дури и во ситни работи. Вистина е дека поради нашиот интегритет можеби ќе треба да се справиме со непријатно, па дури и со грубо однесување од другите. Ова особено може да биде случај на работното место, на училиште или во религиозно разделен дом. Сепак, наоѓаме утеха во изјавата што им била кажана на Израелците, дека ако ‚го сакале Господа, својот Бог, ако го слушале гласот Негов и ако се приврзеле кон Него, тој ќе бил нивен живот и долгоденствие‘ (Второзаконие 30:20ПСП). Истото ова ветување важи и за нас.

Користи го времето мудро

И мудрото користење на времето ќе ни помогне да ги направиме нашите денови вредни пред Јехова. За разлика од парите што можат да се заштедат, времето мора да се потроши, или ќе биде изгубено. Секој поминат час е изгубен засекогаш. Бидејќи секогаш имаме да направиме повеќе отколку што можеме, дали го трошиме своето време во согласност со нашите цели во животот? Главна цел на сите христијани треба да биде редовното учество во делото на проповедање на Царството и на правење ученици (Матеј 24:14; 28:19, 20).

Мудро го користиме своето време само кога сме длабоко свесни за неговата вредност. Ефешаните 5:16 соодветно нѐ поттикнува да ‚си откупуваме поволно време‘, откажувајќи се од помалку важните работи. Тоа значи помалку да стремиме по работи што ни го трошат времето. Гледањето премногу телевизија или сурфањето на Интернет, читањето некорисен световен материјал или претераното тежнеење по рекреација и забава можат да нѐ истоштат. Освен тоа, прекумерното трупање материјални работи може да ни го проголта времето што ни е потребно за да стекнеме мудро срце.

Застапниците на внимателното организирање на времето велат: „Невозможно е добро да го искористиш своето време без да си поставиш јасни и конкретни цели“. Тие предлагаат пет критериуми за поставување цели: конкретни, мерливи, достижни, реалистични и добро темпирани.

Една цел што се исплаќа е да се подобриме во читањето на Библијата. Првиот чекор е да ја направиме нашата цел конкретна — да ја прочитаме целата Библија. Следниот чекор е да ја направиме целта мерлива. На тој начин ќе можеме да го следиме својот напредок. Целите треба да нѐ поттикнат да дадеме сѐ од себе и да растеме. Исто така, целите треба да бидат достижни и реалистични. Мораат да се земат предвид личните способности, вештини и времето што ни е на располагање. На некои можеби ќе им треба повеќе време за да ја постигнат целта. И конечно, нашата цел треба да биде добро темпирана. Поставувањето датум за постигнување на целта понекогаш може да ја зголеми мотивацијата да го сториме тоа.

Сите членови на глобалното бетелско семејство, што служат во светското седиште на Јеховините сведоци или во некоја од подружниците ширум светот, имаат конкретна цел да ја прочитаат целата Библија во текот на својата прва година во Бетел. Тие сфаќаат дека полезното читање на Библијата придонесува за нивниот духовен раст и за поблизок однос со Јехова, кој ги учи за нивна корист (Исаија 48:17). Можеме ли и ние да го направиме редовното читање на Библијата наша цел?

Користи од тоа што ги правиме нашите денови вредни

Како резултат на тоа што им обрнуваме најголемо внимание на духовните работи ќе добиеме безбројни благослови. Едно е сигурно, тоа придонесува да имаме посилно чувство дека сме постигнале нешто и дека имаме смисла во животот. Редовната комуникација со Јехова во искрена молитва нѐ приближува до него. Самиот чин на молење ја покажува нашата доверба во него. Секојдневното читање на Библијата и на библиски темелените публикации што ги обезбедува „верниот и разборит роб“ ја покажува нашата спремност да го слушаме Бог кога тој ни зборува (Матеј 24:45—47). Ова ни помага да стекнеме мудро срце за да донесуваме мудри одлуки и да правиме мудри избори во животот (Псалм 1:1—3).

Ние со радост ги слушаме Јеховините заповеди, зашто тоа не е тешко (1. Јованово 5:3). Додека го правиме секој ден вреден пред Јехова, го зајакнуваме нашиот однос со него. Исто така, стануваме вистинска духовна поддршка за сохристијаните. Таквите постапки го радуваат Јехова Бог (Пословици 27:11). И, нема поголема награда од тоа да го уживаме Јеховиното одобрување сега и засекогаш!

[Слика на страница 21]

Христијаните гледаат сериозно на духовните работи

[Слики на страница 22]

Дали мудро го користиш своето време?

[Слика на страница 23]

Го зајакнуваме својот однос со Јехова додека го правиме секој ден вреден пред него