Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Пасете го Божјето стадо“

„Пасете го Божјето стадо“

„Дојдете кај мене . . . и јас ќе ве освежам“

„Пасете го Божјето стадо“

„Секогаш сте тука да нѐ сослушате и да споделите зборови од Библијата што ни го подигаат духот“ (Памела).

„Ви благодарам за сѐ што правите за сите нас. Тоа навистина многу ни значи“ (Роберт).

ПАМЕЛА и Роберт биле поттикнати да ги напишат овие зборови на благодарност до христијанските старешини во нивните собранија. И други од Божјите слуги во светот се благодарни за постојаната поддршка и грижа што ги добиваат од оние што го ‚пасат Божјето стадо‘ (1. Петрово 5:2). Навистина, Јеховиниот народ е благодарен за многуте работи што старешините ги прават за нив како и за начинот на кој ги прават.

„Обилно вработени“

На христијанските старешини им се доверени многубројни должности (Лука 12:48). Тие подготвуваат говори за собраниските состаноци и учествуваат во јавното проповедање на добрата вест за Божјето Царство. Нивните должности вклучуваат и правење пастирски посети кај соверниците. Старешините им посветуваат време на оние на кои им треба посебно внимание — на постарите и на другите — и сето тоа без да ја запостават духовната и материјалната грижа за своите семејства (Јов 29:12—15; 1. Тимотеј 3:4, 5; 5:8). Некои старешини помагаат во изградбата на Сали на Царството. Други служат во Одбори за контактирање со болниците или се членови на Групи за посетување на пациенти. И, мнозина од нив вршат доброволна работа на собирите и конгресите. Да, старешините се „обилно вработени во делото Господово“ (1. Коринќаните 15:58). Не е ни чудо што таквите старешини кои работат напорно се длабоко ценети од оние што се доверени на нивна грижа! (1. Солуњаните 5:12, 13).

Старешините што редовно ги посетуваат сохристијаните во нивните домови или на некои други места со цел да ги зајакнат духовно се извор на охрабрување. „Да не беше љубезната поддршка и охрабрувањето од старешините“, вели Томас, кој пораснал без татко, „не верувам дека сега ќе му служев на Јехова како полновремен министер.“ Многу млади луѓе подигнати во семејства со еден родител признаваат дека вниманието што го добиле од старешините им помогнало да развијат личен однос со Бог.

Пастирските посети се, исто така, многу ценети од постарите во собранието. Откако двајца старешини посетиле една мисионерска двојка што била во средните 80-ти, таа напишала: „Сакаме да го изразиме нашето ценење за вашата многу добредојдена посета. Откако си отидовте, повторно ги прочитавме стиховите што ги разгледавте со нас. Никогаш нема да ги заборавиме вашите зборови на охрабрување“. Една 70-годишна вдовица им напишала на старешините: „Му се молев на Јехова за помош и тој ве испрати вас, браќа, во мојот дом. Вашата посета беше благослов од Јехова!“ Дали во скоро време си извлекол корист од посета што ја направиле старешините од твоето собрание? Се разбира, сите ние ги цениме нивните напори во пасењето на стадото за кое се грижат!

Пастири што ги имитираат Бог и Христос

Јехова е Пастир полн со љубов (Псалм 23:1—4; Еремија 31:10; 1. Петрово 2:25). И Исус Христос е извонреден духовен Пастир. Всушност, тој е наречен „добриот пастир“, „големиот пастир“ и „главниот пастир“ (Јован 10:11; Евреите 13:20; 1. Петрово 5:4). Како постапувал Исус со оние што сакале да станат негови ученици? Им ја упатил срдечната покана: „Дојдете кај мене сите кои се измачувате и кои сте оптоварени, и јас ќе ве освежам“ (Матеј 11:28).

Денес старешините на сличен начин се трудат да бидат извор на освежување и заштита за стадото. Таквите мажи ‚се покажуваат како скривалиште од ветар и засолниште од невреме, како потоци со вода во безводна земја, како сенка од голема карпа во исцрпена земја‘ (Исаија 32:2NW). Ваквите љубезни заштитници донесуваат освежување, се здобиваат со почитта од стадото и го стекнуваат Божјето одобрување (Филипјаните 2:29; 1. Тимотеј 5:17).

Скапоцена поддршка од нивните сопруги

Божјиот народ е благодарен за христијанските старешини и за љубезната поддршка што овие мажи ја добиваат од своите сопруги. Тоа што се полни со поддршка честопати бара жртви од страна на тие жени. Понекогаш тие се дома додека нивните сопрузи се грижат за собраниски работи или прават пастирски посети. Другпат, пак, внимателно направените лични планови мораат да се стават настрана зашто се појавил некој итен проблем во собранието. „Дури и тогаш“, вели Мишел, „кога ќе видам колку е зафатен мојот сопруг подготвувајќи се за состаноците или правејќи пастирски посети, задржувам на ум дека тој го врши Јеховиното дело, и се обидувам колку што можам да му дадам полна поддршка.“

Шерил, исто така мажена за старешина, изјавила: „Знам дека на браќата и сестрите во собранието им требаат старешини со кои ќе разговараат, и сакам да чувствуваат дека можат да дојдат кај мојот сопруг секогаш кога им треба“. Жените полни со поддршка, како што се Мишел и Шерил, спремно прават жртви за нивните сопрузи да можат да се грижат за Божјите овци. Сопругите на старешините се ценети поради нивниот дух полн со поддршка.

Сепак, еден зафатен старешина не смее да ги занемари духовните и другите потреби на сопругата и децата. Еден оженет старешина мора да биде „без обвинение, маж на една жена, кој има деца кои веруваат а не [се] под оптужба за разузданост ниту непокорни“ (Тит 1:6). Мора да се грижи за своето семејство на побожен начин, како што Писмото бара од христијанските надгледници (1. Тимотеј 3:1—7).

За еден зафатен старешина, сопругата полна со поддршка е бесценета! Така се чувствуваат обѕирните оженети старешини! Тоа е токму како што вели Библијата: „Кој нашол добра жена, ја нашол среќата“ (Пословици 18:22). Таквите старешини им покажуваат на своите сопруги искрено ценење и со збор и на дело. Освен заедничката искрена молитва и заедничката пријатна студија, овие христијански брачни двојки одвојуваат време да уживаат во работи како што се прошетка на плажа, во шума или низ парк. Да, старешините уживаат да покажуваат љубезна грижа кон своите сопруги (1. Петрово 3:7).

Старешините што несебично го пасат Божјето стадо се извор на духовно освежување за Јеховиниот народ. Тие навистина се „дарови во облик на луѓе“, благослов за собранието! (Ефешаните 4:8, 11—13).