Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Христијаните си требаат еден на друг

Христијаните си требаат еден на друг

Христијаните си требаат еден на друг

„[Ние] сме членови кои си припаѓаат еден на друг“ (ЕФЕШАНИТЕ 4:25).

1. Што вели една енциклопедија за човечкото тело?

 ЧОВЕЧКОТО тело е чудо на создавањето! The World Book Encyclopedia вели: „Понекогаш луѓето го нарекуваат човечкото тело машина — најчудесна што некогаш била направена. Се разбира, човечкото тело не е машина. Но, во многу погледи може да се спореди со машина. Исто како една машина, телото се состои од многу делови. Секој дел од телото, исто како секој дел од машината, извршува посебна работа. Но, сите делови работат заедно и така овозможуваат телото или машината да функционира без проблеми“.

2. Во кој поглед постои сличност помеѓу човечкото тело и христијанското собрание?

2 Да, човечкото тело има многу делови, односно членови, и секој од нив обезбедува нешто што е потребно. Ниту една вена, мускул или кој и да е друг член на телото не е без цел. Слично, секој член на христијанското собрание може да придонесе нешто за неговото духовно здравје и убавина (1. Коринќаните 12:14—26). Иако еден член на собранието не треба да се чувствува подобар од другите, никој не треба да се смета себеси ни за неважен (Римјаните 12:3).

3. Како ни покажува стихот од Ефешаните 4:25 дека христијаните си требаат еден на друг?

3 Како членови на човечкото тело што се меѓусебно зависни, и христијаните си требаат еден на друг. Апостол Павле им рекол на соверниците помазани со дух: „Сега кога сте ја отфрлиле лагата, зборувајте ја вистината секој со својот ближен, бидејќи сме членови кои си припаѓаат еден на друг“ (Ефешаните 4:25). Бидејќи „си припаѓаат еден на друг“, меѓу членовите на духовниот Израел — „Христовото тело“ — има вистинољубива комуникација и целосна соработка. Да, секој од нив им припаѓа на сите други (Ефешаните 4:11—13). Среќно обединети со нив се вистинољубиви, соработливи христијани што имаат земна надеж.

4. На кои начини може да им се помогне на новите?

4 Секоја година се крштаваат илјадници што се надеваат да живеат во земен рај. Другите членови на собранието радосно им помагаат ‚да се напрегаат кон зрелост‘ (Евреите 6:1—3). Оваа помош може да вклучува одговарање на библиски прашања или давање практична помош во службата. Можеме да им помогнеме на новите со тоа што ќе дадеме добар пример преку редовно учество на христијанските состаноци. Во време на неволја, можеме да ги охрабриме или можеби да ги утешиме (1. Солуњаните 5:14, 15). Треба да бараме начини да им помогнеме на другите да „одат во вистината“ (3. Јованово 4). Сеедно дали сме млади или стари, дали штотуку сме почнале да одиме во вистината или сме оделе во неа со години, ние можеме да ја унапредуваме духовната благосостојба на нашите соверници — и ним навистина сме им потребни.

Ја понудиле потребната помош

5. На кој начин Акила и Прискила му биле од помош на Павле?

5 Меѓу оние што наоѓаат задоволство во помагањето на соверниците има и христијански брачни двојки. На пример, Акила и неговата сопруга, Прискила (Приска), му помогнале на Павле. Го примиле во својот дом, работеле со него како изработувачи на шатори и му помогнале да го изградува новото собрание во Коринт (Дела 18:1—4). На некој начин што не ни е откриен, тие дури и ги ризикувале своите животи за Павле. Тие живееле во Рим кога на тамошните христијани Павле им рекол: „Пренесете им ги моите поздрави на Приска и Акила, моите соработници во Христос Исус, кои ги ризикуваа своите глави поради мојата душа, на кои им благодарам не само јас туку и сите собранија на нациите“ (Римјаните 16:3, 4). Како Акила и Прискила, некои денешни христијани ги изградуваат собранијата и им помагаат на сообожавателите на различни начини, понекогаш дури и ризикувајќи си го сопствениот живот за да не ги изложат другите Божји слуги на бруталност или смрт од рацете на прогонителите.

6. Каква помош примил Аполо?

6 Акила и Прискила исто така му помогнале на речитиот христијанин Аполо, кој ги поучувал за Исус Христос жителите на Ефес. Во тоа време, Аполо знаел само за крштавањето што го извршувал Јован како симбол на покајание за гревовите против сојузот на Законот. Увидувајќи дека на Аполо му треба помош, Акила и Прискила ‚поточно му го образложиле Божјиот пат‘. Многу веројатно тие објасниле дека христијанското крштавање вклучувало потопување под вода и примање на излевањето на светиот дух. Аполо добро научил. Подоцна, во Ахаја, ‚многу им помогнал на оние кои верувале поради Божјата незаслужена љубезност; зашто со жар јавно и темелно докажувал дека Евреите не се во право, со тоа што на темел на Писмото покажувал дека Исус е Христос‘ (Дела 18:24—28). Коментарите што ги даваат сообожавателите честопати можат да ни помогнат да го зголемиме нашето разбирање на Божјата реч. И во овој поглед си требаме еден на друг.

Давање материјална помош

7. Како реагирале филипјаните кога на сохристијаните им била потребна материјална помош?

7 Членовите на христијанското собрание во Филипи многу го сакале Павле и му испратиле материјални работи додека престојувал во Солун (Филипјаните 4:15, 16). Кога на браќата во Ерусалим им била потребна материјална помош, филипјаните покажале спремност да приложат дури и повеќе од она што го имале. Павле толку го ценел добриот дух на своите браќа и сестри во Филипи што им ги навел како пример на другите верници (2. Коринќаните 8:1—6).

8. Каков дух покажал Епафродит?

8 Кога Павле бил во затворски пранги, филипјаните не само што му пратиле материјални подароци туку испратиле и свој личен пратеник, Епафродит. „Заради Господовото дело [Епафродит] беше многу близу до смрт, изложувајќи ја својата душа на опасност“, рекол Павле, „за потполно да го надомести тоа што вие не сте тука за да ми послужите лично“ (Филипјаните 2:25—30; 4:18). Не ни е кажано дали Епафродит бил старешина или слуга помошник. Сепак, тој бил самопожртвуван христијанин што сакал да помогне, а на Павле навистина му бил потребен. Дали во твоето собрание има некој како Епафродит?

Тие биле „зајакнувачка помош“

9. Каков пример имаме во Аристарх?

9 Љубезните браќа и сестри, како што биле Акила, Прискила и Епафродит, се многу ценети во секое собрание. Некои од нашите сообожаватели можеби се многу слични на еден христијанин од првиот век, Аристарх. Тој и други биле „зајакнувачка помош“, можеби извор на утеха или помош во основните, практични работи (Колошаните 4:10, 11). Со тоа што му помогнал на Павле, Аристарх се покажал како вистински пријател во време на потреба. Тој бил онаква личност каква што се спомнува во Пословици 17:17: „Пријателот љуби во секое време, а во неволја станува и брат“. Зарем не треба сите да настојуваме да им бидеме „зајакнувачка помош“ на сохристијаните? Особено треба да им помагаме на оние што доживуваат неволја.

10. Каков пример дал Петар за христијанските старешини?

10 Особено христијанските старешини мораат да им бидат зајакнувачка помош на своите духовни браќа и сестри. Христос му рекол на апостол Петар: „Зајакни ги своите браќа“ (Лука 22:32). Петар можел да го стори тоа затоа што покажал особини цврсти како карпа, особено по воскресението на Исус. Старешини, без двоумење настојувајте да го правите истото спремно и нежно, затоа што вие сте им потребни на вашите соверници (Дела 20:28—30; 1. Петрово 5:2, 3).

11. Каква корист можеме да имаме ако размислуваме за духот на Тимотеј?

11 Павловиот придружник во патувањата, Тимотеј, бил старешина што бил многу загрижен за другите христијани. Иако имал извесни здравствени проблеми, Тимотеј покажал непоколеблива вера и ‚робувал со Павле за унапредување на добрата вест‘. Затоа апостолот можел да им рече на филипјаните: „Немам никој друг со настроеност како неговата, кој вистински ќе се грижи за вашите работи“ (Филипјаните 2:20, 22; 1. Тимотеј 5:23; 2. Тимотеј 1:5). Ние можеме да бидеме благослов за сообожавателите на Јехова со тоа што ќе покажуваме дух како оној на Тимотеј. Точно, мораме да се бориме со нашите сопствени човечки слабости и со различни испити, но и ние можеме и треба да покажуваме силна вера и љубезна грижа за нашите духовни браќа и сестри. Секогаш треба да мислиме на тоа дека сме им потребни.

Жени што се грижеле за другите

12. Што можеме да научиме од примерот на Дорка?

12 Една од побожните жени што се грижеле за другите била Дорка. Кога умрела, учениците го повикале Петар и го одвеле во една горна соба. Таму ‚сите вдовици му пристапиле плачејќи и покажувајќи му ги многуте долни и горни облеки што ги правела Дорка додека била со нив‘. Дорка била вратена во живот и несомнено продолжила ‚да изобилува со добри дела и со дарови на милосрдие‘. Во денешното христијанско собрание има жени како Дорка што можеби прават облеки или прават други љубезни работи за оние што имаат потреба. Се разбира, нивните добри дела првенствено се поврзани со унапредување на интересите на Царството и учеството во делото на правење ученици (Дела 9:36—42; Матеј 6:33; 28:19, 20).

13. Како покажала Лидија грижа за сохристијаните?

13 Една богобојазлива жена по име Лидија се грижела за другите. Родена во Тијатира, живеела во Филипи кога Павле проповедал таму, некаде во 50 н.е. Лидија веројатно била еврејски прозелит, но во Филипи можеби имало само малку Евреи и немало синагога. Таа и други побожни жени биле собрани за обожавање покрај една река кога апостолот им ја објавил добрата вест. Извештајот вели: „Јехова ширум ѝ го отвори срцето [на Лидија] да обрне внимание на она што го зборуваше Павле. Кога се крстија таа и нејзиниот дом, таа рече молејќи: ‚Ако сте просудиле дека сум верна на Јехова, влезете во мојата куќа и останете‘. И напросто нѐ натера да дојдеме“ (Дела 16:12—15). Бидејќи Лидија сакала да прави добри работи за другите, ги убедила Павле и неговите придружници да останат кај неа. Колку само цениме кога љубезните христијани денес покажуваат слична гостољубивост! (Римјаните 12:13; 1. Петрово 4:9).

Потребни сте ни и Вие, млади

14. Како постапувал Исус Христос со младите?

14 Христијанското собрание го основал љубезниот, срдечен Божји Син, Исус Христос. Луѓето се чувствувале пријатно покрај него затоа што бил полн со љубов и сочувствителен. Во една прилика, кога некои почнале да ги носат своите мали деца кај Исус, неговите ученици се обиделе да ги одвратат од тоа. Но, Исус рекол: „Пуштете ги дечињата да доаѓаат кај мене; не обидувајте се да ги запрете, зашто на таквите им припаѓа Божјето царство. Навистина ви велам: Кој не го прима Божјето царство како мало дете, никако нема да влезе во него“ (Марко 10:13—15). За да ги добиеме благословите на Царството, мораме да бидеме понизни и поучливи како малите деца. Исус ја покажал својата љубов кон малечките земајќи ги во своите раце и благословувајќи ги (Марко 10:16). Како е со вас, млади, денес? Бидете уверени дека вие сте сакани и потребни во собранието.

15. Кои факти за Исусовиот живот се запишани во Лука 2:40—52, и каков пример им дал Исус на младите?

15 Додека Исус бил сѐ уште млада личност, покажал љубов кон Бог и кон Писмото. Кога имал 12 години, тој и неговите родители, Јосиф и Марија, патувале од нивниот град Назарет во Ерусалим за да ја прослават Пасхата. На патот за назад, Исусовите родители откриле дека тој не бил во групата со која патувале заедно. На крајот го нашле како седи во една од просториите на храмот, слушајќи ги еврејските учители и поставувајќи им прашања. Изненаден што Јосиф и Марија не знаеле каде да го најдат, Исус прашал: „Зарем не знаевте дека морам да бидам во домот на мојот Татко?“ Се вратил дома со своите родители, им останал подложен и продолжил да напредува во мудроста и во физичкиот раст (Лука 2:40—52). Колку само добар пример им дал Исус на нашите млади! Секако дека тие треба да им бидат послушни на своите родители и да бидат заинтересирани да учат за духовните работи (Второзаконие 5:16; Ефешаните 6:1—3).

16. а) Што извикнувале некои момчиња кога Исус сведочел во храмот? б) Каква предност имаат младите христијани денес?

16 Како млада личност, можеби сведочиш за Јехова на училиште и од куќа до куќа заедно со твоите родители (Исаија 43:10—12; Дела 20:20, 21). Кога Исус сведочел и лекувал луѓе во храмот кратко пред да умре, некои момчиња извикнале: „Спаси го, те молиме, Синот Давидов!“ Налутени поради ова, главните свештеници и книжниците протестирале: „Слушаш ли што велат овие?“ „Да“, одговорил Исус. „Зарем никогаш не сте го читале ова: ‚Од устата на бебињата и доенчињата си прибави фалба‘?“ (Матеј 21:15—17). Исто како тие деца, вие млади во собранието имате голема предност да го фалите Бог и неговиот Син. Ве сакаме и потребни сте ни да бидете покрај нас како објавители на Царството.

Кога ќе погоди неволја

17, 18. а) Зошто Павле организирал собирање прилози за христијаните во Јудеа? б) Како влијаеле доброволните донации за верниците во Јудеа врз еврејските и нееврејските христијани?

17 Какви и да се нашите околности, љубовта нѐ поттикнува да им помагаме на сохристијаните што се во оскудица (Јован 13:34, 35; Јаков 2:14—17). Љубовта кон неговите браќа и сестри во Јудеја го поттикнала Павле да организира да се собираат прилози за нив во собранијата во Ахаја, Галатија, Македонија и областа Азија. Прогонството, граѓанските немири и гладот што го доживувале учениците во Ерусалим можеби воделе до она што Павле го нарекол „страдања“, „неволји“ и ‚разграбување на нивниот имот‘ (Евреите 10:32—34; Дела 11:27—12:1). Затоа надгледувал еден фонд за сиромашните христијани во Јудеа (1. Коринќаните 16:1—3; 2. Коринќаните 8:1—4, 13—15; 9:1, 2, 7).

18 Доброволните донации за светите во Јудеа покажале дека помеѓу еврејските и нееврејските обожаватели на Јехова постоела една посебна врска на братство. Доставувањето на прилозите исто така им овозможило на нееврејските христијани да им покажат на своите јудејски сообожаватели благодарност за духовното богатство што го добиле од нив. Значи, имало делење што било и од материјална и од духовна природа (Римјаните 15:26, 27). Прилозите за денешните соверници што се во оскудица исто така се доброволни и мотивирани од љубов (Марко 12:28—31). И во овој поглед си требаме еден на друг за да има изедначување ‚и кој имал малку, да нема премалку‘ (2. Коринќаните 8:15).

19, 20. Дај пример што покажува како Јеховиниот народ дава помош кога ќе се случат катастрофи.

19 Свесни дека христијаните си требаат еден на друг, брзо им притрчуваме на помош на нашите браќа и сестри во верата. На пример, размисли што се случило кога во почетокот на 2001 Ел Салвадор го погодија разорни земјотреси и лизгања на теренот. Еден извештај навел: „Браќата во сите делови на Ел Салвадор преземаа акции за да помогнат. Групи браќа од Гватемала, Соединетите Држави и Канада дојдоа да ни помогнат . . . За кратко време беа подигнати повеќе од 500 куќи и 3 убави Сали на Царството. Со напорната работа и соработка на овие самопожртвувани браќа беше дадено големо сведоштво“.

20 Еден извештај од Јужна Африка гласел: „Страшните поплави што уништија големи делови од Мозамбик погодија и многу наши христијански браќа. Подружницата во Мозамбик направи подготовка да се поведе грижа за повеќето нивни потреби. Но, побараа од нас да им испратиме на браќата што се во оскудица користена облека што е во добра состојба. Собравме доволно облека за да испратиме еден контејнер долг 12 метра полн со облека за нашите браќа во Мозамбик“. Да, и на овие начини си требаме еден на друг.

21. Што ќе биде разгледано во следната статија?

21 Како што беше забележано претходно, сите делови на човечкото тело се важни. Сигурно дека истото важи и за христијанското собрание. Сите негови членови си требаат еден на друг. Исто така, тие треба да продолжат да служат обединето. Во следната статија ќе бидат разгледани некои фактори што го овозможуваат ова.

Како би одговорил?

• Каква сличност постои помеѓу човечкото тело и христијанското собрание?

• Како реагирале раните христијани кога на соверниците им била потребна помош?

• Кои се некои библиски примери што покажуваат дека христијаните си требаат и си помагаат еден на друг?

[Прашања]

[Слика на страница 10]

Акила и Прискила се грижеле за другите

[Слики на страница 12]

Јеховиниот народ си помага еден на друг и на другите кога ќе погоди неволја