Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Животот во камп за бегалци

Животот во камп за бегалци

Животот во камп за бегалци

НА ШТО помислуваш кога ќе го чуеш изразот „камп за бегалци“? Си посетил ли некогаш некој таков камп? Како, всушност, изгледа еден таков камп?

Кога го пишувавме ова, во западниот дел на Танзанија имаше формирано 13 различни кампови за бегалци. Владата на Танзанија, во соработка со Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), им помага на околу 500.000 бегалци од другите африкански земји, кои се раселени поради граѓански војни. Каков е животот во еден камп?

Пристигнуваме во кампот

Една тинејџерка по име Кандида објаснува што се случило кога таа и нејзиното семејство пристигнале пред неколку години: „Ни дадоа бонови за храна и број за идентификација, и нашето семејство беше доделено во кампот за бегалци во Њаругусу. Таму добивме број на парцела и улица. Ни покажаа каде можеме да сечеме дрва и да собираме трева за да си ја изградиме нашата мала куќичка. Направивме цигли од кал. УНХЦР ни даде големи церади за покривот. Работата беше напорна, но бевме среќни кога нашиот скромен дом беше готов“.

Бонови за храна се користат секоја втора среда. „Да, ќе се наредиме пред кантината за да ги земеме основните прехрамбени артикли што УНХЦР ги дели“, продолжува Кандида.

Какво е дневното мени на едно лице?

„Секој од нас добива околу 3 шолји пченкарно брашно, една шолја грашок, 20 грама соја, 2 лажици масло за готвење и 10 грама сол. Понекогаш добиваме и еден сапун што треба да ни трае цел месец.“

Што е со чистата вода? Дали е достапна? Една млада жена по име Ризики вели: „Да, преку доводни цевки водата се испумпува од блиската река до големи резервоари. Водата се хлорира пред да биде испумпана во секој камп до многуте места каде што може да се наполни. Сѐ уште се обидуваме да ја превриеме водата пред да ја пиеме за да не се разболиме. Честопати сме зафатени од утро до мрак собирајќи вода и перејќи ја нашата облека на овие места. Можеме да добиеме само една и пол кофа вода на ден“.

Ако возиш низ еден од овие кампови, можеби ќе забележиш претшколски установи, основни и средни училишта. Во кампот може да има дури и образование за возрасни. Една полициска станица и владина канцеларија што се веднаш до кампот се грижат тој да биде сигурен и безбеден. Може да се види еден голем пазар со многу мали продавници каде што бегалците можат да најдат зеленчук, овошје, риба, пилешко и други основни прехрамбени производи. Некои од локалното население доаѓаат на пазарот за да тргуваат. Но, од каде наоѓаат бегалците пари за да купат нешто? Некои обработуваат мала бавча и ги продаваат производите на пазарот. Други можеби продаваат дел од брашното или грашокот што го добиваат, користејќи го тоа како начин да добијат малку месо или овошје. Да, кампот може повеќе да личи на големо село отколку на камп. Вообичаено е да се види како некои на пазарот се смеат и убаво си поминуваат, исто како што би правеле и во својата земја.

Ако запреш кај болницата, еден од докторите можеби ќе ти каже дека има неколку амбуланти во кампот каде што се лекуваат вообичаените случаи; итните и тешките случаи се упатуваат во болницата. Се разбира, важен дел од болницата се породилниот оддел и собата за пораѓање, кога ќе се земе предвид дека во камп со 48.000 бегалци може да има околу 250 породувања месечно.

Добро духовно нахранети

Ширум светот, Јеховините сведоци можеби се прашуваат за своите духовни браќа што живеат во камповите во Танзанија. Вкупно има околу 1.200 Сведоци, организирани во 14 собранија и 3 групи. Како се тие?

Меѓу првите работи што овие оддадени христијани ги направија кога стигнаа во камповите беше да побараат парцела на која ќе изградат Сала на Царството. Тоа му помогна на бегалското население да знае каде да ги најде Сведоците и каде може да присуствува на нивните неделни состаноци. Во кампот Лугуфу има 7 собранија со вкупно 659 активни христијани. На состаноците во недела, овие 7 собранија заедно обично имаат околу 1.700 присутни.

Сведоците во сите кампови извлекуваат корист и од поголемите христијански собири и конгреси. Кога во кампот Лугуфу се одржа првиот обласен конгрес, имаше 2.363 присутни. Сведоците направија базен за крштавање веднаш до местото на конгресот. Базенот беше една голема дупка во земјата, обложена со најлон за да ја задржува водата. Браќата со велосипед пренесуваа вода од реката што беше оддалечена околу два километра. Бидејќи можеа да носат само дваесет литри на едно возење, тоа значеше многу возења. Кандидатите за крштавање, облечени во скромна облека, застанаа во ред за крштавање. Вкупно 56 лица беа крстени со целосно потопување во вода. Еден полновремен министер што беше интервјуиран на конгресот објасни дека води библиски студии со 40 лица. Четворица од неговите студенти се крстија на тој конгрес.

Канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци организираше да има редовни посети од покраинските надгледници. Еден од нив вели: „Нашите браќа се ревносни во службата. Имаат големо подрачје за проповедање, и во едно собрание секој Сведок поминува околу 34 часа месечно во служба. Многу од нив водат по пет или повеќе библиски студии со заинтересирани лица. Една пионерка [полновремен министер] рече дека не може да помисли да има подобро подрачје. Луѓето во камповите уживаат во нашите публикации“.

Како стигнува библиската литература во камповите? Подружницата ја праќа со воз до Кигома, град на источниот брег на езерото Танганика. Таму браќата ги добиваат публикациите и организираат да бидат пренесени до собранијата. Понекогаш изнајмуваат камионет и самите ја носат литературата до сите кампови. За ова се потребни околу три до четири дена патување по многу лоши патишта.

Материјална помош

Јеховините сведоци во Франција, Белгија и Швајцарија многу помогнаа обезбедувајќи помош за бегалците во овие кампови. Некои, со одобрение од Министерството за внатрешни работи и УНХЦР, ги посетија камповите во Танзанија. Сведоците во Европа собраа тони млеко од соја, облека, чевли, учебници и сапун. Овие работи беа подарени за да им бидат дистрибуирани на сите бегалци, во склад со библиското начело: „Сѐ додека имаме погодно време за тоа, да им правиме добро на сите, а особено на оние кои ни се сродни по верата“ (Галатите 6:10).

Овие хуманитарни напори донесоа многу добри резултати, и им беше помогнато на многу бегалци. Одборот на заедницата на бегалците во еден од камповите изрази благодарност со следниве зборови: „Во името на целата наша заедница, имаме чест да ви се заблагодариме за вашиот хуманитарен гест што вашата организација го покажа трипати . . . Облеката им послужи на 12.654 мажи, жени и деца што имаа потреба, како и на новороденчиња . . . Моментално, во кампот за бегалци Мујовози има 37.000 жители. Им беше помогнато на вкупно 12.654 луѓе, или на 34,2 проценти од населението“.

Во еден друг камп, на 12.382 бегалци им беа дадени по три парчиња облека, а во друг камп добија илјадници учебници за средните и основните училишта и градинките. Службеникот за логистика на УНХЦР во еден од регионите коментираше: „Многу сме благодарни за добиената донација [која задоволува] големи потреби на населението во камповите за бегалци. Последната пратка што ја добивме содржеше 5 сандаци книги, кои нашите општински служби ги дистрибуираа меѓу бегалците . . . Многу ви благодариме“.

Дури и локалните весници коментираа за укажаната помош. Еден наслов во Sunday News од 20 мај 2001, гласеше: „Доаѓа облека за бегалците во Танзанија“. Изданието од 10 февруари 2002 коментираше: „Заедницата на бегалците ја цени донацијата зашто некои од децата што мораа да го напуштат училиштето затоа што немаа облека, сега повторно редовно одат на часови“.

Притеснети, но не без излез

На повеќето бегалци им треба околу една година за да се привикнат на новиот начин на живот во кампот. Тие живеат едноставен живот. Јеховините сведоци во овие кампови го користат поголемиот дел од своето време за да ја споделуваат со другите бегалци утешната добра вест од Божјата реч, Библијата. Тие зборуваат за еден нов свет, каде што сите „своите мечеви ќе ги исковаат во паличници, а своите копја во српови. Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна“. Тогаш сите ‚ќе седат мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе ги плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските‘. Секако, со благослов од Бог тоа ќе биде свет без кампови за бегалци (Михеј 4:3, 4; Псалм 46:9).

[Слика на страница 8]

Куќи во кампот Ндута

[Слики на страница 10]

Салата на Царството во Луколе (десно). Крштавање во Лугуфу (долу)

[Слика на страница 10]

Обласен конгрес во кампот Лугуфу