Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Не препуштај го срцето на твоето дете на случајноста!

Не препуштај го срцето на твоето дете на случајноста!

Не препуштај го срцето на твоето дете на случајноста!

ВО РАЦЕТЕ на вешт грнчар, една безвредна грутка глина може да биде преобразена во прекрасен сад. Малкумина занаетчии од толку малку прават толку многу. Со милениуми, општеството зависи од грнчарот за да има чаши, чинии, садови за готвење, ќупови и украсни вазни.

И родителите даваат непроценлив прилог за општеството со тоа што го обликуваат карактерот и личноста на своите деца. Библијата го споредува секој од нас со глина, а Бог им ја дал на родителите таа важна задача да ја обликуваат ‚глината‘ од своите деца (Јов 33:6; Битие 18:19). Исто како создавањето на некое прекрасно грнчарско дело, така и преобразувањето на едно дете во одговорен возрасен и урамнотежен човек не е лесна задача. Таквата преобразба не е чиста случајност.

Многу сили дејствуваат при обликувањето на срцата на нашите деца. За жал, некои од овие сили се разорни. Па така, наместо срцето на детето да ѝ го препушти на случајноста, мудриот родител ќе го воспитува детето „по неговиот пат“, со доверба дека „кога и ќе остари, нема да отстапи од него“ (Пословици 22:6).

За време на долгиот, возбудлив и значаен процес на подигање дете, мудрите христијански родители ќе мораат да посветат време на тоа да ги спречат негативните влијанија што му се закануваат на срцето на нивното дете. Нивната љубов ќе биде испитана на многу начини додека стрпливо му ја даваат на детето „поуката и исправката што припаѓаат на христијанското воспитување“ (Ефешаните 6:4The New English Bible). Задачата на родителите, се разбира, ќе биде многу полесна ако почнат рано.

Ран почеток

Грнчарите сакаат да работат со глина што е доволно мека за да се обликува, но сепак е доволно цврста за да ја задржи формата откако ќе биде обликувана. Откако ќе ја исчистат глината, тие претпочитаат да ја користат во рок од шест месеци. На сличен начин, најдобро време за родителите да почнат да го обликуваат срцето на своето дете е кога тоа е најприемливо и кога најлесно се обликува.

Експертите за деца велат дека до осмиот месец детето веќе научило да ги препознава звуците на својот мајчин јазик, има воспоставено блиска врска со своите родители, може да ги перцепира работите и почнува да го истражува светот околу себе. Идеално време да се започне со обликувањето на неговото срце е кога тоа сѐ уште е мало. Каква само предност ќе е за твоето дете ако, како Тимотеј, ‚од периодот на доење ги познава светите списи‘ (2. Тимотеј 3:15). *

Бебињата природно ги имитираат своите родители. Освен што ги имитираат звуците, изразите и гестовите, тие учат за љубовта, љубезноста и сочувството кога ќе видат како нивните родители ги покажуваат овие особини. Ако сакаме да го воспитаме своето дете според Јеховините закони, Божјите заповеди пред сѐ мора да бидат во нашето срце. Таквата благодарност од срце ќе ги поттикне родителите редовно да им зборуваат на своите деца за Јехова и за неговата Реч. ‚Зборувај за нив‘, поттикнува Библијата, „кога седиш дома во својата куќа и кога одиш патем; кога легнуваш и кога стануваш“ (Второзаконие 6:6, 7). Франсиско и Роса објаснуваат како тие го прават ова со своите две мали деца. *

„Освен секојдневните разговори, се обидуваме да зборуваме посебно со секое од децата барем 15 минути секој ден. Кога ќе забележиме некој проблем, поминуваме повеќе време — и навистина наидуваме на проблем. На пример, неодамна нашиот петгодишен син си дојде од училиште и ни рече дека не верува во Јехова. Изгледа некое од децата му се потсмевало и му рекло дека нема Бог.“

Овие родители сфатиле дека децата треба да развијат вера во својот Творец. Таквата вера може да се изгради врз нивната природна воодушевеност од творештвото на Бог. Колку само децата сакаат да допрат некое животно, да наберат полско цвеќе или да си играат во песокот крај морето! Родителите можат да им помогнат да видат како творештвото е поврзано со Творецот (Псалм 100:3; 104:24, 25). Страхопочитта и ценењето што ќе ги развијат за творештвото на Јехова можат да им останат цел живот (Псалм 111:2, 10). Освен таквото разбирање, детето може да развие желба да му угоди на Бог и страв да не го предизвика неговото незадоволство. Тоа ќе го мотивира да „отстапува од лошото“ (Пословици 16:6NW).

Иако повеќето мали деца се љубопитни и брзо учат, можеби не се баш склони да бидат послушни (Псалм 51:5). Можеби понекогаш ќе настојуваат да си тераат по свое или да добијат сѐ што сакаат. На родителите им треба цврстина, стрпливост и дисциплина за да спречат тие ставови да се вкоренат (Ефешаните 6:4). Токму вакво искуство имале Филис и Пол, кои успешно одгледале пет деца.

Филис си спомнува: „Иако сите деца имаа различен карактер, секое од нив сакаше да си тера по свое. Беше тешко, но на крај го научија значењето на зборот ‚не‘“. Нејзиниот сопруг, Пол, забележува: „Честопати, ако беа доволно возрасни да разберат, им ја кажувавме причината за нашите одлуки. Иако секогаш се обидувавме да бидеме љубезни, ги научивме да го почитуваат нашиот авторитет даден од Бог“.

Иако раните години на едно дете можат да му донесат проблеми, повеќето родители сметаат дека најголемиот предизвик доаѓа во тинејџерските години, кога незрелото срце се соочува со многу нови испити.

Да се достигне срцето на еден тинејџер

Грнчарот мора да работи со глината пред таа да се исуши. За да добие на време, можеби ќе додава вода за глината да остане влажна и мека. На сличен начин, родителите мораат напорно да работат за да спречат срцето на нивниот тинејџер да се стврдне. Нивната главна алатка, се разбира, е Библијата, со која можат да ‚укоруваат, да ги исправаат работите, и да го опремат своето дете за секое добро дело‘ (2. Тимотеј 3:15—17).

Меѓутоа, еден тинејџер можеби нема толку спремно да прифати совет од родителите како кога бил помал. Тинејџерите можеби ќе почнат да обрнуваат повеќе внимание на своите врсници, така што отворената и спонтана комуникација со нивните родители можеби ќе ослабне. Тоа е време за поголема стрпливост и вештина, зашто улогата на родителот и на децата влегува во нова фаза. Тинејџерот мора да ги прифати и да се приспособи на физичките и емоционалните промени. Мора да почне да донесува одлуки и да си поставува цели што можат да влијаат на останатиот негов живот (2. Тимотеј 2:22). Во текот на овој тежок период, тој мора да се справи со една сила што може да има разорно влијание врз неговото срце — притисокот од врсниците.

Таквиот притисок ретко се манифестира во облик на само еден лесно препознатлив случај. Наместо тоа, обично се изразува во низа коментари или прилики што му ја поткопуваат верата. Тие го напаѓаат она што им е слаба точка на многумина— длабоко всадениот страв да не бидат отфрлени од другите млади луѓе. Борејќи се со негативни чувства во врска со тоа што мислат другите за него и сакајќи да биде прифатен, еден млад човек можеби ќе почне да го одобрува „она што е во светот“ и за што другите млади луѓе се застапуваат (1. Јованово 2:15—17; Римјаните 12:2).

Што е уште полошо, природните желби на несовршеното срце можат да им дадат поголема тежина на зборовите на неговите врсници. Поттикнувањата како „Уживај“ и „Прави што сакаш“, може да звучат многу привлечно. Марија си спомнува за своето искуство: „Ги слушав другите тинејџери кои мислеа дека младите имаат право да уживаат во сѐ, без оглед на последиците. Бидејќи сакав да го правам она што моите школски другари го правеа, за малку ќе западнев во тешка неволја“. Како родител, сакаш да му помогнеш на твојот тинејџер да му одолее на таквиот притисок, но како можеш да го направиш тоа?

Со твоите зборови и постапки постојано уверувај го дека се грижиш. Настојувај да откриеш како гледа на работите и обиди се да ги разбереш неговите проблеми, кои можеби се многу потешки од проблемите со кои ти си се соочувал на училиште. Особено во овој период, твоето дете треба да гледа на тебе како на некој на кого може да му се довери (Пословици 20:5). По говорот на телото и по неговото расположение можеби ќе го забележиш неговиот немир и збунетост. Одговори на неговите неми повици и ‚утеши го неговото срце‘ (Колошаните 2:2).

Се разбира, важно е да се биде одлучен за она што е исправно. Многу родители откриле дека понекогаш доаѓа до судир на мислења, но не можат да попуштат кога има добра основа за нивната одлука. Од друга страна, пак, увери се дека јасно ја разбираш ситуацијата пред да одлучиш дали да примениш љубезна дисциплина и како да го направиш тоа ако е потребно (Пословици 18:13).

Дури и во собранието

Еден земјен сад може да изгледа готов, но ако не е испечен во печка може да биде оштетен од течностите што треба да се чуваат во него. Библијата ги споредува испитите и проблемите со таков процес на печење зашто тие покажуваат какви луѓе навистина сме. Се разбира, Библијата зборува особено за испити на нашата вера, но општо гледано, ова важи и за други испити (Јаков 1:2—4). Изненадува тоа што некои тешки испити со кои младите се соочуваат можат да дојдат во самото собрание.

Иако изгледа дека твојот тинејџер има добро духовно здравје, однатре можеби се бори со поделено срце (1. Цареви 18:21). На пример, Меган се соочила со световни идеи што потекнувале од другите млади кои доаѓале во Салата на Царството:

„Потпаднав под влијание на една група млади што сметаа дека христијанството е досадно и дека заради него не можат да се забавуваат. Велеа: ‚Штом ќе наполнам 18 години, ќе ја напуштам вистината‘, или ‚Одвај чекам да излезам‘. Ги избегнуваа младите што ќе кажеа нешто спротивно на тоа, нарекувајќи ги светци“.

Потребно е само еден или двајца со лош став за да ги подбуцнат и останатите. Поединци во групата обично го прават она што го прават повеќето. Глупоста и перчењето можат да ги згазат мудроста и пристојноста. Во многу земји, имало жалосни случаи на христијански младинци што западнале во неволја затоа што го следеле мноштвото.

Се разбира, на тинејџерите им треба одредена мера на пријатно дружење. Како ти, како родител, можеш да им го обезбедиш тоа? Размислувај сериозно за нивната забава и планирај интересни активности со семејството или со мешана група од млади и возрасни. Запознај ги пријателите на твоето дете. Покани ги на оброк или помини некоја вечер со нив (Римјаните 12:13). Охрабри го твоето дете да се стреми по здрави активности како, на пример, да научи да свири некој музички инструмент или да научи друг јазик или занает. Во голема мера, можеби ќе може да го прави тоа во сигурноста на домот.

Школувањето може да биде заштита

Школувањето, исто така, може да му помогне на еден тинејџер да ја држи забавата на исправно место. Лоли, која 20 години е управник во едно големо училиште, вели: „Сум видела многу млади Сведоци што го завршиле училиштето. Многумина заслужуваа пофалба за нивното однесување, но некои не се разликуваа од другите ученици. Добри примери секогаш беа оние што беа заинтересирани за она што го учеа. Јас силно би им препорачала на родителите активно да се интересираат за академскиот успех на своите деца, да ги запознаат нивните наставници и да ги уверат своите деца дека добрите оценки се важни. Некои ќе бидат одлични, но сите можат да достигнат задоволителен успех и да стекнат почит од своите наставници“.

Таквото школување може да им помогне на тинејџерите и духовно да напредуваат. Може да ги научи на добри навики на проучување, на умствена дисциплина и на чувство на одговорност. Нивната способност добро да читаат и да ги сфатат мислите без сомнение ќе ги охрабри подобро да проучуваат и да поучуваат за Божјата реч (Неемија 8:8). Она што нивната домашна работа и нивното духовно проучување го бара од нив ќе им помогне да ја стават рекреацијата на исправно место.

Чест за тебе и за Јехова

Во древна Грција на многу вазни стоел потписот и на грнчарот и на декораторот. На сличен начин, во семејството обично има двајца што учествуваат во обликувањето на децата. И таткото и мајката учествуваат во обликувањето на срцето на детето, и на симболичен начин на вашето дете стојат двата „потписа“. Како еден успешен грнчар и/или декоратор, и ти можеш да бидеш горд на својата работа со која си обликувал една скапоцена и убава млада личност (Пословици 23:24, 25).

Успехот на овој голем потфат многу ќе зависи од тоа во колкава мера си го обликувал срцето на твоето дете. Се надеваме, ќе можеш да речеш: „Божјиот закон му е во срцето, неговите чекори не се колебаат“ (Псалм 37:31). Состојбата на срцето на едно дете е премногу важна за да се препушти на случајноста.

[Фусноти]

^ пас. 8 Некои родители му ја читаат Библијата на своето новородено бебе. Смирувачкиот глас и тоа пријатно искуство можат да поттикнат детето да ужива во читањето во целиот негов живот.

^ пас. 9 Некои имиња се променети.