Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Олтар — кое е неговото место во обожавањето?

Олтар — кое е неговото место во обожавањето?

Олтар — кое е неговото место во обожавањето?

СМЕТАШ ли дека олтарот е неопходен дел од твоето обожавање? За многумина што одат во црквите на христијанскиот свет, олтарот можеби зазема централно место. Си размислувал ли некогаш што открива Библијата за користењето на олтари, за кои се смета дека имаат корен во користењето на жртвеници?

Првиот олтар, или жртвеник, спомнат во Библијата е оној што го изградил Ное за да принесе животинска жртва кога по Потопот излегол од арката на спасението (Битие 8:20). *

По збрката со јазиците во Вавилон, човештвото се раширило по целата земја (Битие 11:1—9). Поради нивното вродено чувство за обожавање, луѓето сакале да му се приближат на Бог, со кого биле помалку или повеќе запознати, сакајќи, како некој слеп, „некако да го напипаат“ (Дела 17:27; Римјаните 2:14, 15). Од времето на Ное па наваму многу народи им граделе олтари на своите божества. Религиите и луѓето користеле олтари во лажното обожавање. Отуѓени од Бог, некои користеле олтари за ужасни обреди што вклучувале човечки жртви, дури и деца. Кога го напуштиле Јехова, некои цареви на Израел подигнале олтари на пагански богови, како Ваал (1. Цареви 16:29—32). Но, што е со користењето на олтари во вистинското обожавање?

Олтарите и вистинското обожавање во Израел

По Ное, и други верни мажи граделе олтари што ги користеле во своето обожавање на вистинскиот Бог, Јехова. Авраам изградил олтари во Сихем, на едно место близу Ветил, во Хеврон и на планината Морија, каде што наместо Исак жртвувал овен што го обезбедил Бог. Подоцна, Исак, Јаков и Мојсеј спонтано изградиле олтари што ги користеле во своето обожавање (Битие 12:6—8; 13:3, 18; 22:9—13; 26:23—25; 33:18—20; 35:1, 3, 7; Излез 17:15, 16; 24:4—8).

Кога им го дал на Израелците својот Закон, Бог им заповедал да го подигнат табернакулот — пренослив шатор — исто така наречен и „Шаторот на средбата“, како централно обележје во подготовката за пристап до него (Излез 39:32, 40). Табернакулот, или шаторот, имал два олтара, односно жртвеника. Тој што бил за жртви паленици, направен од багремово дрво и опкован со бронза, бил сместен пред влезот и се користел за принесување животински жртви (Излез 27:1—8; 39:39; 40:6, 29). Жртвеникот за палење темјан, исто така направен од багремово дрво, но опкован со злато, бил сместен во табернакулот, пред завесата на Најсветата Светиња (Излез 30:1—6; 39:38; 40:5, 26, 27). Врз него се кадел посебен темјан двапати на ден, наутро и навечер (Излез 30:7—9). Храмот што го изградил цар Соломон како цврста градба го следел планот на табернакулот со тоа што имал два жртвеника.

„Вистинскиот шатор“ и симболичниот олтар

Кога му го дал Законот на Израел, Јехова не дал само правила со кои ќе управува со животот на својот народ и со нивниот пристап до него преку жртва и молитва. Многу од неговите подготовки го сочинувале она што апостол Павле го нарекол „симболична претстава“, „илустрација“ или „сенка на небесните работи“ (Евреите 8:3—5; 9:9; 10:1; Колошаните 2:17). Со други зборови, многу аспекти од Законот не само што ги воделе Израелците до доаѓањето на Христос туку претставувале и претслика на Божјата намера што требала да се исполни преку Исус Христос (Галатите 3:24). Да, аспектите на Законот имале пророчко значење. На пример, пасхалното јагне, чија крв се користела како знак за спасението на Израелците, го предочувало Исус Христос. Тој е „Божјето Јагне, кое го отстранува гревот на светот“, чијашто крв била пролеана за да нѐ ослободи од гревот (Јован 1:29; Ефешаните 1:7).

Многу работи што се поврзани со табернакулот и со храмската служба претставувале духовни стварности (Евреите 8:5; 9:23). Всушност, Павле пишува за ‚вистинскиот шатор што го подигнал Јехова, а не човек‘. Тој продолжува: „Христос дојде како првосвештеник на добрите работи кои се случија, тој преку поголемиот и посовршениот шатор, кој не е направен со раце, односно не е од ова создание“ (Евреите 8:2; 9:11). „Поголемиот и посовршениот шатор“ бил големиот духовен храм кој е Јеховино уредување. Јазикот користен во Писмото укажува дека големиот духовен храм е уредување преку кое луѓето можат да му пристапат на Јехова на темел на жртвата помирница на Исус Христос (Евреите 9:2—10, 23—28).

Тоа што од Божјата реч научивме дека некои од подготовките и нормите од Законот претставуваат поголеми, позначајни духовни стварности, сигурно ја изградува верата во инспирираноста на Библијата. Тоа исто така го зајакнува нашето ценење за божествената мудрост што на уникатен начин е покажана во Писмото (Римјаните 11:33; 2. Тимотеј 3:16).

И жртвеникот за жртви паленици има пророчко значење. Тој изгледа ја претставува Божјата „волја“, или неговата спремност да ја прифати Исусовата совршена човечка жртва (Евреите 10:1—10).

Нешто понатаму во книгата до Евреите, Павле го дава овој интересен коментар: „Имаме олтар од кој оние кои во шаторот извршуваат света служба, не се овластени да јадат“ (Евреите 13:10). На кој олтар се осврнува тој?

Многу католички толкувачи тврдат дека олтарот спомнат во Евреите 13:10 е оној што се користи за евхаристија, „причесна“ преку која се вели дека Христовата жртва се обновува за време на мисата. Но, од контекстот може да се види дека олтарот за кој дискутирал Павле е симболичен. Неколку изучувачи му припишуваат фигуративно значење на изразот „олтар“ во овој стих. За Џузепе Бонсирвен, језуит, „ова е совршено во склад со целиот симболизам на писмото [до Евреите]“. Тој забележува: „Во христијанскиот јазик, зборот ‚олтар‘ во почетокот се користел во духовна смисла и дури по Иренеј, а особено по Тертулијан и Св. Кипријан, почнал да се однесува на причесната и особено на масата за причесна“.

Како што беше изнесено во едно католичко списание, употребата на олтарот се раширила во „времето на Константин“ со „изградбата на базилики“. Во Rivista di Archeologia Cristiana (Преглед на христијанската археологија) било забележано: „Сигурно е дека во првите два века не може да се зборува за постојано место за обожавање туку за литургиски собири што се одржувале во соби во приватни домови . . . соби што на крајот на обредот веднаш се враќале на својата првобитна употреба“.

Користењето на олтарот во христијанскиот свет

„Олтарот“, вели католичкиот весник La Civiltà Cattolica „е централната точка не само во зградата на црквата туку и во живата Црква.“ Сепак, Исус Христос не воспоставил ниту еден религиозен обред што требало да се изврши на олтар; ниту, пак, им заповедал на своите ученици да вршат обреди користејќи олтар. Олтарот што Исус го спомнал во Матеј 5:23, 24 и на други места се однесува на религиозните обичаи што преовладувале меѓу Евреите, но тој не укажува дека неговите следбеници требало да го обожаваат Бог користејќи олтар.

Американскиот историчар Џорџ Фут Мур (1851—1931), напишал: „Главните обележја на христијанското обожавање отсекогаш биле исти но, со текот на времето, едноставните обреди што во средината на вториот век ги опишал Јустинијан биле усложнети во величествени култови“. Католичките обреди и јавните религиозни церемонии се толку многу и толку сложени што претставуваат предмет на проучување — литургија — во католичките семинарии. Мур продолжил: „Оваа тенденција, својствена за сите ритуали, била во голема мера унапредена под влијание на Стариот завет кога христијанското свештенство почнало да се смета како наследник на свештенството од претходниот религиозен систем. Сјајната одежда на првосвештеникот, церемонијалните облеки на другите свештеници, свечените процесии, хоровите од левитски пејачи што пееле псалми, облаците темјан од кадилниците што ги нишале — сѐ изгледало како божествен пример на религиозно обожавање, што на црквата ѝ било оправдание за обидите да го надмине раскошот на древните култови“.

Можеби ќе бидеш запрепастен кога ќе дознаеш дека многу обреди, церемонии, облеки и други работи што се користат во обожавањето на различни цркви не ги следат христијанските учења од евангелијата туку обичаите и обредите на Евреите и паганите. Една енциклопедија изјавува дека католицизмот „ја наследил употребата на олтарот од јудаизмот и делумно од паганството“ (Enciclopedia Cattolica). Мунициј Феликс, апологет од третиот век н.е., напишал дека христијаните немале ‚ни храмови ни олтари‘. Енциклопедискиот речник Religioni e Miti (Религии и митови) изјавува нешто слично: „Раните христијани ја отфрлиле употребата на олтарот за да се разликуваат од еврејското и од паганското обожавање“.

Затоа што христијанството пред сѐ се темелело на начелата што треба да се прифатат и применат во секојдневниот живот во секоја земја, повеќе немало никаква потреба од еден свет град на земјата ниту од некој дословен храм со олтари ниту, пак, за свештеници од посебен ред облечени во карактеристични облеки. „Доаѓа часот“, рекол Исус, „кога Таткото нема да се обожава ниту на оваа гора ниту во Ерусалим . . . Вистинските обожаватели ќе го обожаваат Таткото со дух и со вистина“ (Јован 4:21, 23). Сложените ритуали и употребата на олтари од страна на многу цркви го занемаруваат она што Исус го рекол за начинот на кој треба да се обожава вистинскиот Бог.

[Фуснота]

^ пас. 3 Пред тоа, Каин и Авел можеби му ги принеле своите жртви на Јехова користејќи олтари (Битие 4:3, 4).