Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Што значи за тебе Господовата вечера?

Што значи за тебе Господовата вечера?

Што значи за тебе Господовата вечера?

„Секој кој недостојно го јаде лебот и ја пие чашата Господова, ќе биде виновен во поглед на телото и крвта на Господ“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 11:27).

1. Кој е најважниот настан планиран за 2003 година, и какво е неговото потекло?

НАЈВАЖНИОТ настан планиран за 2003 година ќе се одржи на 16 април, по зајдисонце. Тогаш Јеховините сведоци ќе се состанат за да го одбележат Меморијалот на смртта на Исус Христос. Како што беше покажано во претходната статија, Исус ја вовел оваа прослава, наречена и Господова вечера, откако тој и неговите апостоли ја прославиле Пасхата на 14 нисан 33 н.е. Симболите на Меморијалот, бесквасниот леб и црвеното вино, го симболизираат Христовото безгрешно тело и неговата пролеана крв — единствената жртва што може да го искупи човештвото од наследениот грев и смрт (Римјаните 5:12; 6:23).

2. Која опомена е запишана во 1. Коринќаните 11:27?

2 Оние што земаат од симболите на Меморијалот мораат да го прават тоа достојно. Апостол Павле јасно го кажал ова кога им напишал на христијаните во древниот Коринт, каде што Господовата вечера не се одбележувала на исправен начин (1. Коринќаните 11:20—22). Павле напишал: „Секој кој недостојно го јаде лебот или ја пие чашата Господова, ќе биде виновен во поглед на телото и крвта на Господ“ (1. Коринќаните 11:27). Какво е значењето на овие зборови?

Некои го одбележувале недостојно

3. Како се однесувале многу коринтски христијани на прославите на Господовата вечера?

3 Многу коринтски христијани недостојно учествувале на Меморијалот. Имало поделби меѓу нив и, барем некое време, некои си носеле вечера и ја јаделе пред или за време на состанокот, при што честопати се прејадувале или премногу пиеле. Тие не биле будни ниту во мислите ниту духовно. Затоа биле ‚виновни во поглед на телото и крвта на Господ‘. Оние што не понеле вечера биле гладни и им било одвлечено вниманието. Да, мнозина учествувале без почит и без потполно да ја сфатат сериозноста на тој настан. Не е ни чудо што си навлекле осуда! (1. Коринќаните 11:27—34).

4, 5. Зошто е неопходно лично преиспитување од страна на оние што редовно земаат од симболите на Меморијалот?

4 Како што наближува Меморијалот секоја година, неопходно е лично преиспитување од страна на оние што имаат обичај да земаат од симболите. За да учествуваат како што треба во овој заеднички оброк, мораат да бидат во здрава духовна состојба. Секој што покажува непочитување, па дури и презир кон Исусовата жртва, ќе биде во опасност да биде ‚истребен од својот народ‘, исто како некој Израелец што учествувал во заедничкиот оброк додека бил нечист (Левит 7:20; Евреите 10:28—31).

5 Павле го споредил Меморијалот со заедничкиот оброк во древниот Израел. Тој зборувал за учесниците што имаат дел заедно со Христос и потоа рекол: „Не можете да ја пиете чашата Јеховина и чашата на демоните; не можете да учествувате на ‚трпезата на Јехова‘ и на трпезата на демоните“ (1. Коринќаните 10:16—21). Ако некој што обично зема од симболите на Меморијалот направи сериозен грев, треба да му го признае тоа на Јехова и да бара духовна помош од старешините во собранието (Пословици 28:13; Јаков 5:13—16). Ако вистински се кае и донесува плодови што прилегаат на покајание, нема да учествува недостојно (Лука 3:8).

Присуствување како набљудувачи со почит

6. Само за кого Бог ја зачувал предноста да учествува на Господовата вечера?

6 Дали оние што денес му прават добро на остатокот од 144.000 Христови браќа учествуваат во Господовата вечера? (Матеј 25:31—40; Откровение 14:1). Не. Бог ја зачувал таа предност само за поединците што ги помазал со свет дух за да бидат „сонаследници со Христос“ (Римјаните 8:14—18; 1. Јованово 2:20). Според тоа, каква е улогата на оние што се надеваат да живеат вечно во еден глобален рај под владата на Царството? (Лука 23:43; Откровение 21:3, 4). Бидејќи не се Исусови сонаследници со небесна надеж, тие присуствуваат на Меморијалот како набљудувачи полни со почит (Римјаните 6:3—5).

7. Зошто христијаните од првиот век знаеле дека треба да земаат од симболите на Меморијалот?

7 Вистинските христијани во првиот век биле помазани со свет дух. Многу од нив можеле да користат еден или повеќе чудесни дарови на духот, како што било зборувањето јазици. Затоа, на таквите поединци не им било тешко да знаат дека биле помазани со дух и дека требало да земаат од симболите на Меморијалот. Меѓутоа, во наше време, тоа може да се одреди врз основа на такви инспирирани зборови како овие: „Сите кои се водени од Божјиот дух, тие се Божји синови. Зашто вие не примивте дух на ропство, кој повторно предизвикува страв, туку примивте дух на посинување, дух преку кој извикуваме: ‚Ава, Татко!‘“ (Римјаните 8:14, 15).

8. Кои се претставени со „пченицата“ и „плевелот“ спомнати во Матеј, 13. поглавје?

8 Низ вековите, вистинските помазаници растеле како ‚пченица‘ на поле со ‚плевел‘, односно лажни христијани (Матеј 13:24—30, 36—43). Од 1870-тите, „пченицата“ почнала да станува сѐ поочигледна и повеќе години подоцна на помазаните христијански надгледници им било речено: „Старешините . . . треба да им ги постават на оние што се собираат [за Меморијалот] овие услови — 1) вера во крвта [на Христос]; и 2) посветеност на Господ и на неговата служба, дури до самата смрт. Тогаш треба да ги повикаат сите што се со такви мисли и со таква посветеност да се придружат во прославувањето на Господовата смрт“ (Studies in the Scriptures, серија VI, The New Creation, страница 473). *

Барање на ‚другите овци‘

9. Како бил разјаснет идентитетот на ‚големото мноштво‘ во 1935, и како влијаело тоа врз некои што земале од симболите на Меморијалот?

9 Со текот на времето, Јеховината организација почнала да го сосредоточува вниманието и на други освен на Христовите помазани следбеници. До значаен развој на настаните во овој правец дошло во средината на 1930-тите. Пред тоа, Божјиот народ го гледал ‚големото мноштво‘ од Откровение 7:9 како второстепена духовна класа што ќе им се придружи на 144.000 воскреснати помазаници на небото — како деверици или придружнички на Христовата невеста (Псалм 45:14, 15; Откровение 7:4; 21:2, 9). Но, на 31 мај 1935, во едно јавно предавање одржано на еден конгрес на Јеховините сведоци во Вашингтон (Д.К., САД), со помош на Писмото беше објаснето дека ‚големото мноштво‘ се однесува на ‚другите овци‘ што живеат во времето на крајот (Јован 10:16). По тој конгрес, некои од оние што претходно земале од симболите на Меморијалот престанале да земаат затоа што сфатиле дека нивната надеж е земна, а не небесна.

10. Како би ја опишал надежта и одговорностите на денешните ‚други овци‘?

10 Особено од 1935 се бараат оние што стануваат „други овци“, кои имаат вера во откупнината, му се предаваат на Бог и го поддржуваат помазаното „мало стадо“ во активноста на проповедање за Царството (Лука 12:32). Овие други овци се надеваат да живеат на земјата засекогаш, но во секој друг поглед тие личат на денешниот остаток од наследници на Царството. Исто како странците во древниот Израел што го обожавале Јехова и се подложувале на Законот, денешните други овци ги прифаќаат христијанските одговорности, како што е проповедањето на добрата вест заедно со членовите на духовниот Израел (Галатите 6:16). Меѓутоа, исто како што ниеден странец не можел да стане цар или свештеник, така и ниедна од овие овци не може да владее во небесното Царство или да служи како свештеник (Второзаконие 17:15).

11. Зошто би можел датумот на нечие предание да влијае врз неговата надеж?

11 Значи, во 1930-тите постепено станувало јасно дека, во глобала, небесната класа е избрана. Веќе со децении се бараат други овци, кои имаат земна надеж. Ако некој помазаник се покаже неверен, најверојатно некој што долго време му служел верно на Бог како еден од другите овци ќе биде повикан за да го пополни празното место што се појавило меѓу 144.000-те.

Зошто погрешни претпоставки

12. Под кои околности треба едно лице да престане да зема од симболите на Меморијалот, и зошто?

12 Помазаните христијани се апсолутно сигурни дека имаат небесен повик. Но, што ако некои поединци што немаат ваков повик земаат од симболите на Меморијалот? Штом сфатиле дека никогаш немале небесна надеж, сигурно дека нивната совест ќе ги поттикне да престанат да земаат. Бог не би гледал со наклоност на некого што се претставува како личност повикана да биде небесен цар и свештеник кога знаел дека тој, всушност, нема таков повик (Римјаните 9:16; Откровение 20:6). Јехова го погубил Левитот Кореј поради тоа што дрско го барал аронското свештенство (Излез 28:1; Броеви 16:4—11, 31—35). Ако некој христијанин сфати дека не било исправно што земал од симболите на Меморијалот, тој или таа треба да престане да зема и понизно да моли за Јеховино простување (Псалм 19:13).

13, 14. Зошто би можеле некои погрешно да претпоставуваат дека имаат небесен повик?

13 Зошто би можеле некои погрешно да претпостават дека имаат небесен повик? Смртта на сопружникот или некоја друга трагедија може да биде причина да изгубат интерес за животот на земјата. Или, пак, можеби ја посакуваат истата судбина како некој близок пријател што изјавува дека е помазан христијанин. Се разбира, Бог не назначил некој да „регрутира“ други за оваа предност. Исто така, тој не помазува наследници на Царството на тој начин што предизвикува тие да слушаат гласови со пораки за да им го потврди тоа.

14 Некои би можеле да бидат наведени да мислат дека имаат небесен повик поради погрешната религиозна идеја дека сите добри луѓе одат на небото. Затоа, треба да внимаваме на тоа да не бидеме под влијание на минатите погрешни гледишта или други фактори. На пример, некои би можеле да се запрашаат: ‚Дали користам лекови што влијаат врз моите емоции? Дали сум склон да имам длабоки емоции што би можел погрешно да ги просудам?‘

15, 16. Зошто некои би можеле погрешно да заклучат дека се помазани?

15 Некои би можеле да се запрашаат: ‚Дали сакам да се истакнувам? Дали имам амбиции за власт сега или како иден сонаследник со Христос?‘ Кога во првиот век биле повикани наследници на Царството, сите немале одговорни положби во собранието. А оние што имаат небесен повик не бараат да се истакнуваат ниту, пак, се фалат со тоа што се помазани. Тие покажуваат понизност каква што се очекува од оние што го имаат „умот на Христос“ (1. Коринќаните 2:16).

16 Некои можеби заклучиле дека имаат небесен повик затоа што се здобиле со прилично големо библиско спознание. Но, духовното помазување не донесува некое посебно разбирање, бидејќи Павле морал да поучува и да советува извесни помазаници (1. Коринќаните 3:1—3; Евреите 5:11—14). Бог има подготовка за да обезбеди духовна храна за целиот свој народ (Матеј 24:45—47). Затоа, никој не треба да мисли дека тоа што е помазан христијанин му дава поголема мудрост од онаа што ја имаат оние со земна надеж. Духовното помазување не се покажува со вештина во одговарањето на прашања од Писмото, сведочењето или држењето библиски говори. И христијаните со земна надеж се добри на тие полиња.

17. Од што и од кого зависи помазувањето со дух?

17 Ако некој соверник се распрашува за небесниот повик, некој старешина или друг зрел христијанин може да разговара со него за таа работа. Меѓутоа, никој не може да ја донесе оваа одлука за некој друг. Оној што навистина го има овој повик не мора да ги прашува другите дали има таква надеж. На помазаниците ‚им е дадено ново раѓање, не преку распадливо, туку преку нераспадливо плодно семе, преку речта на Бог кој живее и останува‘ (1. Петрово 1:23). Со својот дух и со својата Реч, Бог го засадува ‚семето‘ што го прави поединецот „ново создание“, кое има небесна надеж (2. Коринќаните 5:17). Исто така, изборот го прави Јехова. Помазувањето „не зависи од оној кој сака ниту од оној кој трча, туку од Бог кој се смилува“ (Римјаните 9:16). Според тоа, како може некој да биде сигурен дека има небесен повик?

Зошто се сигурни

18. На кој начин Божјиот дух му сведочи на духот на помазаниците?

18 Сведоштвото на Божјиот дух ги уверува помазаните христијани дека имаат небесни изгледи. „Примивте дух на посинување“, напишал Павле, „преку кој извикуваме: ‚Ава, Татко!‘ Самиот дух сведочи со нашиот дух дека сме Божји деца. Значи, ако сме деца, и наследници сме: имено, наследници Божји, а сонаследници со Христос, под услов да страдаме со него за да се прославиме со него“ (Римјаните 8:15—17). Под влијание на светиот дух, духот на помазаниците, односно нивниот доминантен став, ги наведува да го применат врз себе она што го вели Писмото за Јеховините духовни деца (1. Јованово 3:2). Божјиот дух предизвикува кај нив чувство на синовство во однос на него и создава во нив уникатна надеж (Галатите 4:6, 7). Да, вечниот живот на земјата како совршени луѓе опкружени со членовите на семејството и со пријателите ќе биде прекрасен, но Бог не им дал таква надеж. Преку својот дух, Бог создал во нив толку силна небесна надеж што тие се спремни да ги жртвуваат сите земни врски и изгледи (2. Коринќаните 5:1—5, 8; 2. Петрово 1:13, 14).

19. Каква улога игра новиот завет во животот на еден помазан христијанин?

19 Помазаните христијани се сигурни дека имаат небесна надеж, дека се земени во новиот сојуз. Исус го спомнал тоа кога го вовел Меморијалот и рекол: „Оваа чаша значи новиот сојуз на темел на мојата крв, која треба да се пролее во ваша корист“ (Лука 22:20). Учесници во новиот сојуз се Бог и помазаниците (Еремија 31:31—34; Евреите 12:22—24). Исус е посредникот. Стапувајќи на сила преку Христовата пролеана крв, новиот сојуз не зел само од Евреите туку и од нациите народ за Јеховиното име и го направил дел од Авраамовото „семе“ (Галатите 3:26—29; Дела 15:14). Овој ‚вечен сојуз‘ овозможува сите духовни Израелци да бидат воскреснати во бесмртен живот на небото (Евреите 13:20).

20. Во кој сојуз со Христос се земени помазаниците?

20 Помазаниците се сигурни во својата надеж. Тие се земени во дополнителен сојуз, сојуз за Царството. Во врска со нивното заедништво со Христос, Исус рекол: „Вие сте тие кои останавте со мене во моите искушенија; и јас склучувам со вас сојуз, како што мојот Татко склучи сојуз со мене, за царство“ (Лука 22:28—30). Овој сојуз помеѓу Христос и неговите придружни цареви останува на сила засекогаш (Откровение 22:5).

Сезоната на Меморијалот — време на радост

21. Како можеме да извлечеме голема корист од сезоната на Меморијалот?

21 Сезоната на Меморијалот носи многу радости. Можеме да извлечеме корист од читањето на Библијата што е планирано за овој период. Исто така, тоа е особено погодно време за молитва, за медитирање за Исусовиот живот на земјата и за неговата смрт, како и за учество во делото на проповедање за Царството (Псалм 77:12; Филипјаните 4:6, 7). Самата прослава нѐ потсетува на љубовта што ја покажале Бог и Христос преку Исусовата откупна жртва (Матеј 20:28; Јован 3:16). Оваа подготовка ни дава надеж и утеха и треба да ја зајакне нашата одлучност да се стремиме по правец како Христовиот (Излез 34:6; Евреите 12:3). Исто така, Меморијалот треба да нѐ зајакне да го исполниме нашето предание како Божји слуги и да бидеме лојални следбеници на неговиот драг Син.

22. Кој е најголемиот дар што му го дал Бог на човештвото, и кој е еден начин да покажеме ценење за него?

22 Колку само добри дарови ни дава Јехова! (Јаков 1:17). Го имаме водството од неговата Реч, помошта од неговиот дух и надежта за вечен живот. Најголемиот Божји дар е Исусовата жртва за гревовите на помазаниците и за сите други што практикуваат вера (1. Јованово 2:1, 2). Според тоа, колку ти значи Исусовата смрт? Ќе бидеш ли меѓу оние што покажуваат благодарност за неа со тоа што ќе дојдеш на собирот на 16 април 2003 по зајдисонце за да ја одбележиш Господовата вечера?

[Фуснота]

^ пас. 8 Издадена од Јеховините сведоци, но сега не е во печат.

Како гласат твоите одговори?

• Кој треба да зема од симболите на Меморијалот?

• Зошто ‚другите овци‘ присуствуваат на Господовата вечера само како набљудувачи полни со почит?

• Како знаат помазаните христијани дека треба да земат од лебот и виното на Меморијалот на Христовата смрт?

• За што е добра прилика сезоната на Меморијалот?

[Прашања]

[Графикон/слики на страница 18]

(Види во публикацијата)

Присутни на Меморијалот

МИЛИОНИ

15,597,746

15

14

13,147,201

13

12

11

10

 9

 8

 7

 6

 5

4,925,643

 4

 3

 2

 1

878,303

63,146

1935 1955 1975 1995 2002

[Слика на страница 18]

Ќе бидеш ли присутен на Господовата вечера оваа година?

[Слики на страница 21]

Сезоната на Меморијалот е добра прилика за зголемено читање на Библијата и учество во делото на проповедање за Царството