Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

‚Бидете храбри и силни!‘

‚Бидете храбри и силни!‘

‚Бидете храбри и силни!‘

„Бидете храбри! Јас го победив светот“ (ЈОВАН 16:33).

1. Какво охрабрување добиле Израелците со оглед на тоа што ги очекувало во Ханаан?

 ТОКМУ пред Израелците да ја преминат реката Јордан за да влезат во Ветената земја, Мојсеј им рекол: „Охрабрете се и бидете одлучни! Не бојте се и не плашете се од нив! Та Самиот Господ, твојот Бог, доаѓа со тебе“. Потоа Мојсеј го повикал Исус Навин, кој требало да ги воведе Израелците во Ханаан, и лично му го повторил советот да биде храбар (Второзаконие 31:6, 7). Подоцна, самиот Јехова го охрабрил Исус Навин со зборовите: „Биди храбар и силен . . . Само биди храбар и многу силен“ (Исус Навин 1:6, 7, 9NW). Тие зборови биле кажани во вистинско време. На Израелците ќе им требала храброст за да се соочат со моќните непријатели што ги чекале од другата страна на Јордан.

2. Во каква ситуација се наоѓаме ние денес и што ни е потребно?

2 Во денешно време, вистинските христијани наскоро ќе влезат во ветениот нов свет и, како Исус Навин, треба да бидат храбри (2. Петрово 3:13; Откровение 7:14). Но, нашата ситуација е поинаква од ситуацијата на Исус Навин. Исус Навин се борел со мечеви и копја. Ние водиме духовна борба и никогаш не земаме дословно оружје (Исаија 2:2—4; Ефешаните 6:11—17). Освен тоа, Исус Навин морал да води многу жестоки битки дури и откако влегол во Ветената земја. Но ние ги имаме нашите најжестоки борби сега — пред да влеземе во новиот свет. Да разгледаме некои ситуации што бараат храброст.

Зошто треба да се бориме?

3. Што открива Библијата за нашиот главен противник?

3 Апостол Јован напишал: „Знаеме дека потекнуваме од Бог, а целиот свет лежи во власта на злобниот“ (1. Јованово 5:19). Овие зборови покажуваат една основна причина зошто христијаните треба да се борат за да ја одржат својата вера. Кога еден христијанин ќе го задржи својот интегритет, во извесна мера тоа е пораз за Сатана Ѓаволот. Затоа, Сатана оди наоколу како „разрикан лав“ обидувајќи се да ги заплаши и проголта верните христијани (1. Петрово 5:8). Всушност, тој води војна против помазаните христијани и нивните придружници (Откровение 12:17). Во оваа војна тој користи луѓе што свесно или несвесно им служат на неговите цели. Потребна е храброст за да се застане цврсто против Сатана и сите негови застапници.

4. Какво предупредување дал Исус, но која особина ја покажале вистинските христијани?

4 Бидејќи Исус знаел дека Сатана и неговите застапници енергично ќе ѝ се спротивставуваат на добрата вест, Тој ги предупредил своите следбеници: „Ќе ве предадат на неволја и ќе ве убиваат, и ќе им бидете предмет на омраза на сите нации поради моето име“ (Матеј 24:9). Овие зборови се покажале вистинити во првиот век, а се покажуваат вистинити и денес. Всушност, прогонството што го поднеле некои денешни Јеховини сведоци било исто толку сурово колку и секое друго прогонство во историјата. Сепак, вистинските христијани се храбри и покрај таквиот притисок. Тие знаат дека „стравот му поставува стапица на човекот“ и не сакаат да бидат фатени во таа стапица (Пословици 29:25).

5, 6. а) Кои ситуации бараат храброст од нас? б) Како реагираат верните христијани кога нивната храброст е ставена на испит?

5 Освен прогонството, има и други предизвици што бараат да покажеме храброст. За некои е предизвик да зборуваат со непознати за добрата вест. Храброста на некои ученици е испитана кога од нив се бара да се заколнат на верност на земјата или на знамето. Бидејќи таквата заклетва е, всушност, религиозна изјава, децата на христијаните смело решаваат да постапат онака како што му е угодно на Бог, а нивото добро постапување ни го радува срцето.

6 Исто така, потребна ни е храброст и тогаш кога противниците манипулираат со медиумите за тие да шират лоши извештаи за Божјите слуги или кога се обидуваат да го ограничат вистинското обожавање смислувајќи „неправда со помош на законот“ (Псалм 94:20). На пример, како треба да се чувствуваме кога во некој весник, на радио или на телевизија се шират извештаи за Јеховините сведоци што се извртувања или отворени лаги? Дали тоа треба да нѐ шокира? Не. Ние очекуваме такви работи (Псалм 109:2). Исто така, не сме изненадени кога некои веруваат во објавените лаги и извртувања, бидејќи „неискусниот верува на секој збор“ (Пословици 14:15NW). Сепак, лојалните христијани одбиваат да веруваат во која и да е изјава што е кажана против нивните браќа, и тие сигурно не дозволуваат лошиот публицитет да биде причина да ги пропуштаат христијаните состаноци, да забават во службата на теренот или да се поколебаат во својата вера. Напротив, тие ‚се препорачуваат како Божји министри преку слава и бесчестие, преку лош извештај и добар извештај; како измамници [според противниците], а сепак [всушност] вистинити‘ (2. Коринќаните 6:4, 8).

7. Кои длабоки прашања за преиспитување би можеле да си ги поставиме?

7 Кога Павле му пишувал на Тимотеј, рекол: „Бог не ни даде дух на плашливост, туку дух на сила . . . Затоа немој да се срамиш од сведоштвото за нашиот Господ“ (2. Тимотеј 1:7, 8; Марко 8:38). Откако ги прочитавме овие зборови, можеме да се запрашаме: ‚Дали се срамам од мојата вера или, пак, сум храбар? Онаму каде што работам (или одам на училиште), дали оние околу мене знаат дека сум Јеховин сведок или, пак, се обидувам да го скријам тоа? Дали се срамам да бидам поинаков од другите или, пак, сум горд што се издвојувам поради мојот однос со Јехова?‘ Ако некој има негативни чувства во врска со проповедањето на добрата вест или заземањето некој непопуларен став, нека се сети на Јеховиниот совет до Исус Навин: „Биди храбар и силен“. Никогаш не заборавај дека не е најважно мислењето на нашите колеги или соученици туку гледиштето на Јехова и Исус Христос (Галатите 1:10).

Како да се негува храброст

8, 9. а) Како била испитана храброста на раните христијани во една прилика? б) Како реагирале Петар и Јован кога се соочиле со закани, и што доживеале тие и нивните браќа?

8 Како можеме да негуваме таква храброст што ќе ни помогне да го зачуваме интегритетот во текот на овие тешки времиња? Па, како негувале храброст раните христијани? Размисли што се случило кога главните свештеници и старешините во Ерусалим им рекле на Петар и на Јован да престанат да проповедаат во Исусово име. Учениците одбиле да постапат така и, откако им биле упатени закани, биле пуштени. Тогаш им се придружиле на браќата и сите заедно се молеле, велејќи: „Јехова, обрни внимание на нивните закани, и дај им на своите слуги и понатаму со сета смелост да ја говорат твојата реч“ (Дела 4:13—29). Како одговор, Јехова ги зајакнал со свет дух и, како што подоцна посведочиле еврејските водачи, тие ‚го наполниле Ерусалим‘ со своето учење (Дела 5:28).

9 Да анализираме што се случило во таа прилика. Кога еврејските водачи им се заканиле на учениците, овие не ни помислувале да попуштат под притисокот. Наместо тоа, учениците се молеле за храброст да продолжат да проповедаат. Потоа постапувале во склад со својата молитва, а Јехова ги зајакнал со својот дух. Нивното искуство покажува дека она што Павле го напишал во друг контекст неколку години подоцна, важи и за христијаните кога тие се прогонувани. Павле рекол: „За сѐ имам сила со помош на оној кој ми дава моќ“ (Филипјаните 4:13).

10. Како им помага искуството на Еремија на оние што се срамежливи по природа?

10 Но, што ако некој е срамежлив по природа? Може ли и покрај тоа смело да му служи на Јехова наспроти противење? Се разбира! Сети се како реагирал Еремија кога Јехова го наименувал за пророк. Младичот рекол: „Дете сум“. Јасно, тој се чувствувал недораснат. Сепак, Јехова го охрабрил со овие зборови: „Не зборувај: ‚Дете сум!‘ Туку оди кај оние кај кои те праќам и речи им го сѐ она што ќе ти го наредам. Не бој се од нив: Зашто Јас Сум со тебе за да те избавам“ (Еремија 1:6—10). Еремија имал доверба во Јехова и, како резултат на тоа, со Јеховина сила ја совладал својата колебливост и станал извонредно храбар сведок во Израел.

11. Што им помага на христијаните денес да бидат како Еремија?

11 Налогот на помазаните христијани денес е сличен на налогот на Еремија и, со поддршка на ‚големото мноштво‘ од „други овци“, тие продолжуваат да ги објавуваат Јеховините намери, дури и наспроти апатија, исмејување и прогонство (Откровение 7:9; Јован 10:16). Тие се охрабрени од Јеховините зборови до Еремија: „Не бој се“. Никогаш не забораваат дека имаат налог од Бог и дека проповедаат негова порака (2. Коринќаните 2:17).

Примери на храброст вредни за имитирање

12. Кој одличен пример на храброст го дал Исус и како ги охрабрил своите следбеници?

12 Можеме да добиеме помош во нашите напори да развиеме храброст ако медитираме за примерите на други личности кои, како Еремија, постапувале храбро (Псалм 77:12). На пример, додека ја испитуваме Исусовата служба, импресионирани сме од неговата смелост кога бил искушуван од Сатана и кога се соочил со одлучно противење од еврејските водачи (Лука 4:1—13; 20:19—47). Со Јеховина сила, Исус бил непоколеблив и кратко пред својата смрт им рекол на своите ученици: „Во светот имате неволја, но бидете храбри! Јас го победив светот“ (Јован 16:33; 17:16). Ако Исусовите апостоли го следеле неговиот пример, и тие ќе биле победници (1. Јованово 2:6; Откровение 2:7, 11, 17, 26). Но, требало да ‚бидат храбри‘.

13. Какво охрабрување им дал Павле на филипјаните?

13 Неколку години по Исусовата смрт, Павле и Сила биле фрлени в затвор во Филипи. Подоцна, Павле го охрабрил собранието во Филипи да продолжи да ‚стои цврсто во еден дух, еднодушно борејќи се рамо до рамо за верата на добрата вест и во никој поглед да не се плаши од своите противници‘. За да ги зајакне во тоа, Павле рекол: „Токму тоа [прогонството на христијаните] за нив [прогонителите] е доказ за уништување, а вам за спасение; и тој знак е од Бог, бидејќи вам ви е дадена предноста за Христос, не само да верувате во него туку и да трпите заради него“ (Филипјаните 1:27—29).

14. Што произлегло во Рим од смелоста на Павле?

14 Кога Павле му пишал на собранието во Филипи, повторно се наоѓал в затвор, овој пат во Рим. Сепак, тој продолжил смело да им проповеда на другите. Со каков резултат? Тој напишал: „Моите окови станаа јавно познати во врска со Христос меѓу целата Преторијанска гарда и меѓу сите останати; и повеќето браќа во Господ, чувствувајќи доверба поради моите затворски окови, покажуваат сѐ поголема храброст бестрашно да ја зборуваат речта Божја“ (Филипјаните 1:13, 14).

15. Каде можеме да најдеме добри примери на вера што ќе ја зајакнат нашата одлучност да бидеме храбри?

15 Примерот на Павле нѐ охрабрува. Нѐ охрабруваат и добрите примери што ги даваат денешните христијани кои поднеле прогонство во земји каде што постоела диктатура или каде што со власта управувало свештенството. Приказните на многу од нив се изнесени во списанијата Стражарска кула и Разбудете се! и во Годишник на Јеховините сведоци. Додека ги читаш тие извештаи, сети се дека луѓето чии приказни се раскажани биле обични луѓе како нас; но кога се наоѓале во многу тешки околности, Јехова им дал сила над она што е нормално и тие истрајале. Можеме да бидеме сигурни дека ќе го стори истото и за нас ако тоа го бараат околностите.

Нашиот храбар став му угодува и му оддава чест на Јехова

16, 17. Како можеме ние денес да развиеме храбар став?

16 Ако некој стои цврсто за вистината и праведноста, тој е храбар. Ако некој го прави тоа и покрај тоа што во себе се плаши, тој е уште похрабар. Всушност, секој христијанин може да биде храбар ако навистина сака да ја извршува Јеховината волја, ако е одлучен да остане верен, ако постојано се потпира на Бог и ако секогаш мисли на тоа дека Јехова претходно зајакнал безброј поединци како него. Освен тоа, кога ќе сфатиме дека нашиот храбар став му угодува и му оддава чест на Јехова, стануваме уште поодлучни да не ослабнеме. Подготвени сме да поднесеме подбивање или нешто уште полошо затоа што имаме длабока љубов кон него (1. Јованово 2:5; 4:18).

17 Никогаш не заборавај дека, кога страдаме за нашата вера, тоа не значи дека сме направиле нешто погрешно (1. Петрово 3:17). Ние страдаме затоа што го поддржуваме Јеховиниот суверенитет, затоа што правиме добро и затоа што не сме дел од светот. Во врска со ова, апостол Петар рекол: „Ако трпите затоа што правите добро и поднесувате, тоа му е допадливо на Бог“. Петар исто така рекол: „Оние кои страдаат во склад со Божјата волја, нека му ги доверуваат своите души на верниот Создател додека прават добро“ (1. Петрово 2:20; 4:19). Да, нашата вера му угодува и му оддава чест на нашиот Бог полн со љубов, Јехова. Колку само силна причина имаме да бидеме храбри!

Зборување со властите

18, 19. Кога ќе заземеме храбар став пред некој судија, каква порака пренесуваме, всушност?

18 Кога Исус им рекол на своите следбеници дека ќе бидат прогонувани, тој исто така рекол: „[Луѓето] ќе ве предаваат на месните судови, и ќе ве камшикуваат во нивните синагоги. Да, поради мене ќе ве довлекуваат пред управители и цареви за сведоштво на нив и на нациите“ (Матеј 10:17, 18). Потребна е храброст за да се излезе пред некој судија или владетел поради лажни обвиненија. Сепак, кога смело ги користиме тие прилики за да им сведочиме на таквите поединци, тешката ситуација ја претвораме во прилика да постигнеме нешто важно. Всушност, на оние што ни судат ние им ги пренесуваме Јеховините зборови, запишани во вториот Псалм: „Вразумете се сега, вие цареви; научете се земски судии! Служете Му на Господа со страв“ (Псалм 2:10, 11). Честопати, кога Јеховините сведоци биле лажно обвинувани на суд, судиите ја поддржале слободата на обожавање и ние го цениме тоа. Меѓутоа, некои судии дозволиле врз нив да влијаат противниците. За таквите, Писмото вели: „Научете се“.

19 Судиите треба да се свесни дека највисокиот суд е судот на Јехова Бог. Треба да запомнат дека сите луѓе, вклучувајќи ги и судиите, се одговорни пред Јехова Бог и Исус Христос (Римјаните 14:10). Што се однесува до нас, сеедно дали добиваме правда од рацете на некој човечки судија или не, ја имаме секоја причина да бидеме храбри затоа што Јехова нѐ поддржува. Библијата вели: „Блажени се сите кои се засолнуваат при Него“ (Псалм 2:12).

20. Зошто можеме да бидеме среќни ако треба да поднесеме прогонство и клеветење?

20 Во Проповедта на гората, Исус рекол: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас. Радувајте се и потскокнувајте од радост, бидејќи голема е вашата награда на небесата; зашто така ги прогонуваа пророците пред вас“ (Матеј 5:11, 12). Се разбира, самото прогонство не е пријатно, но тоа што ќе стоиме цврсто наспроти прогонство, вклучувајќи и клеветнички извештаи во медиумите, е причина за радост. Тоа значи дека му угодуваме на Јехова и дека ќе добиеме награда. Нашиот храбар став покажува дека имаме вистинска вера и нѐ уверува дека имаме Божје одобрување. Всушност, покажува дека имаме целосна доверба во Јехова. Таквата вера е од пресудна важност за еден христијанин, како што ќе покаже следната статија.

Што научи?

• Кои ситуации денес бараат храброст?

• Како можеме да ја негуваме особината храброст?

• Кои се некои добри примери на храброст?

• Зошто имаме желба да постапуваме со храброст?

[Прашања]

[Слики на страница 9]

Симоне Арнолд (сега Либстер) во Германија, Видас Мадона во Малави, и Лидија и Олексиј Курдас во Украина покажале храброст и му се спротивставиле на злобниот

[Слики на страница 10]

Ние не се срамиме од добрата вест

[Слика на страница 11]

Храброста на Павле додека бил в затвор направила многу за добрата вест

[Слика на страница 12]

Ако храбро го објасниме нашиот библиски став пред некој судија, ние пренесуваме важна порака