Да се бара најнапред Царството — сигурен и среќен живот
Животна приказна
Да се бара најнапред Царството — сигурен и среќен живот
РАСКАЖАЛА ЏЕТА СУНАЛ
По појадокот го слушнавме известувањето на радио: „Јеховините сведоци се незаконски и нивното дело е забрането“.
БЕШЕ 1950 и ние, четири жени во своите 20-ти години, служевме како мисионери на Јеховините сведоци во Доминиканската Република. Пристигнавме таму една година пред тоа.
Мисионерската служба не беше отсекогаш моја цел во животот. Точно, како дете одев в црква. Но, татко ми престана да оди в црква за време на Првата светска војна. На денот на моето зачленување во Епископалната црква во 1933, бискупот прочита само еден стих од Библијата и потоа почна да зборува за политика. Мајка ми толку се вознемири што повеќе не се врати во црквата.
Нашиот начин на живот се смени
Моите родители, Вилијам Карл и Мери Адамс, имаа пет деца. Момчињата се викаа Дон, Џоел и Карл. Сестра ми, Џој, беше најмалото, а јас најголемото дете. Сигурно имав 13-тина години кога еден ден откако се вратив од училиште ја најдов мајка ми како чита една џебна брошура издадена од Јеховините сведоци. Беше со наслов The Kingdom, the Hope of the World (Царството, надежта на светот). „Ова е вистината“, ми рече таа.
Мајка ми зборуваше со сите нас за работите што ги учеше од Библијата. Со збор и со пример, ја всади во нас важноста на Исусовиот совет: ‚Барајте го најнапред царството и Неговата праведност‘ (Матеј 6:33).
Не ја слушав секогаш со ценење. Еднаш ѝ реков: „Мамо, престани да ми проповедаш или нема веќе да ти ги бришам садовите“. Но, таа тактично истраја и продолжи
да ни зборува. Редовно нѐ носеше со себе сите нас, децата, на библиските студии што се одржуваа во куќата на Клара Рајан, која живееше недалеку од нашата куќа во Елмхерст, Илиноис (САД).Клара даваше и часови по пијано. Кога нејзините ученици настапуваа на годишните рецитали, таа користеше прилика да зборува за Божјето Царство и за надежта за воскресение. Бидејќи учев да свирам виолина и бев заинтересирана за музика, го слушав она што Клара го кажуваше.
Наскоро ние децата почнавме да одиме со мајка ми на собраниските состаноци во западниот дел од Чикаго. Патот со автобус и трамвај беше долг, но тоа беше дел од нашето рано воспитание за тоа што значи најнапред да го бараш Царството. Во 1938, три години откако мајка ми се крсти, отидов со неа на еден конгрес на Јеховините сведоци во Чикаго. Ова беше еден од 50-те градови што за таа прилика беа поврзани со радиотелефонска врска. Она што го чув таму ме допре до срце.
Сепак, и љубовта кон музиката ме влечеше. Матурирав во средно училиште во 1938 и татко ми среди да студирам на Американскиот музички конзерваториум во Чикаго. Па така, наредните две години студирав музика, свирев во два оркестра и размислував за кариера на тоа поле.
Мојот учител по виолина, Херберт Батлер, ја напуштил Европа за да живее во Соединетите Држави. Затоа му ја дадов џебната брошура Refugees (Бегалци) a‚ мислејќи дека можеби ќе ја прочита. И, ја прочита, а по часот наредната недела ми рече: „Џета, убаво свириш и ако продолжиш со студиите можеш да најдеш работа во радио-оркестар или да предаваш музика. Но“, додаде тој додека ја врткаше во рацете брошурата што му ја дадов, „мислам дека ова ти е во срцето. Зошто не го направиш ова своја кариера?“
Сериозно размислив за тоа. Наместо да продолжам на конзерваториумот, ја прифатив поканата на мајка ми во јули 1940 да одам на конгресот на Јеховините сведоци во Детроит, Мичиген. Бевме сместени во шатори во кампот со приколки што беше како еден мал град. Се разбира, мојата виолина патуваше со мене, и свирев во конгресниот
оркестар. Но, во кампот запознав многу пионери (полновремени евангелизатори). Сите беа толку среќни. Одлучив да се крстам и да дадам молба за пионерска служба. Му се молев на Јехова да ми помогне да останам цел живот во полновремена служба.Почнав со пионерска служба во мојот роден град. Подоцна служев во Чикаго. Во 1943 се преселив во Кентаки. Тоа лето, баш пред обласниот конгрес, добив покана да присуствувам на вториот клас во школата Гилеад, каде што ќе добиев обука за мисионерското дело. Класот требаше да почне во септември 1943.
За време на конгресот тоа лето бев сместена кај една сестра Сведок која ми понуди да земам сѐ што сакав од облеката на ќерка ѝ. Ќерка ѝ отишла во војска и ѝ рекла на мајка си да ги раздаде сите нејзини работи. За мене овие работи беа исполнување на Исусовото ветување: „Така, продолжете да го барате најнапред царството и Неговата праведност, а сите овие други работи ќе ви се додадат“ (Матеј 6:33). Петте месеци во Гилеад поминаа брзо и по дипломирањето, на 31 јануари 1944, желно очекував да почнам со мисионерската служба.
И тие избраа полновремена служба
Мајка ми стапи во пионерска служба во 1942. Во тоа време, моите тројца браќа и сестра ми сѐ уште одеа на училиште. Мајка ми често ќе ги пречекаше по часовите и ќе ги носеше во служба на теренот. Исто така, ги учеше да ѝ помагаат во домашните работи. И самата таа честопати остануваше до доцна да пегла и да се грижи за другите неопходни работи за да може да оди во служба наредниот ден.
Во јануари 1943, додека пионерев во Кентаки, и брат ми Дон почна со пионерска служба. Ова го разочара татко ми, кој се надеваше дека сите негови деца ќе имаат универзитетско образование, како што имаа тој и мајка ми. Откако пионереше речиси две години, Дон беше поканет да продолжи со полновремена служба како член на персоналот во главното седиште на Јеховините сведоци во Бруклин, Њујорк.
Џоел почна со пионерска служба во јуни 1943 додека живееше дома. Во тој период се обиде, но не успеа да го убеди татко ми да дојде на конгрес. Меѓутоа, откако Џоел се обиде, но не успеа да започне некоја домашна библиска студија на тоа подрачје, татко ми се согласи да му дозволи да води студија со него со книгата “The Truth Shall Make You Free” („Вистината ќе ве ослободи“). Лесно одговараше на прашањата, но го тераше Џоел да му даде доказ од Библијата за она што беше кажано во книгата. Тоа му помогна на Џоел да ја направи библиската вистина своја сопственост.
Џоел се надеваше дека Изборната комисија за служба што му дозволи на Дон изземање од воена служба како на министер, ќе го направи истото и за него. Но, кога комисијата виде колку млад изгледаше Џоел, одби да го класифицира како министер и му испрати писмо да се јави за воена служба. Кога тој одби да се пријави за регрутација, беше издаден налог за апсење. Откако ФБИ го најде, тој помина три дена во окружниот затвор Кук.
Татко ми го заложи нашиот дом како кауција. Потоа, го направи истото и за други млади Сведоци што се соочуваа со слична ситуација. Неправдата околу ова го разлути татко ми и тој отиде заедно со Џоел во Вашингтон (Д. К.), да видат дали може да се поднесе жалба. На крај, Џоел ја доби својата класификација како министер и случајот беше затворен. Татко ми ми пиша на мојата мисионерска доделба:
„Претпоставувам дека заслугата за оваа победа треба да му ја припишеме на Јехова!“ При крајот на август 1946, и Џоел беше поканет да служи како член на персоналот во седиштето во Бруклин.Карл пионереше за време на училишниот распуст неколку пати пред да го заврши средното училиште во почетокот на 1947 и почна со општа пионерска служба. Здравјето на татко ми се влошуваше, па Карл му помогна некое време со работата пред да замине на пионерска доделба на друго место. При крајот на 1947, Карл почна да служи заедно со Дон и Џоел како член на бетелската фамилија во седиштето во Бруклин.
Кога го заврши средното училиште, Џој почна да служи како пионер. Потоа, во 1951 им се придружи на своите браќа во Бетел. Таа работеше на одржување на домаќинството и во одделот за претплати. Во 1955 се омажи за Роџер Морган, исто така член на бетелската фамилија. Неколку години подоцна, избирајќи да имаат семејство, го напуштија Бетел. Со текот на времето, подигнаа две деца што исто така му служат на Јехова.
Кога сите деца беа во полновремена служба, мајка ми му ја даде потребната поддршка на татко ми, па така и тој му го предаде својот живот на Јехова и се крсти во 1952. Петнаесет години, сѐ до својата смрт, тој се покажа многу снаодлив изнаоѓајќи начини да ја споделува вистината за Царството со другите, иако болеста му наметнуваше ограничувања.
По краток прекин поради болеста на татко ми, мајка ми продолжи со пионерската служба сѐ до својата смрт. Таа никогаш немаше автомобил; ниту, пак, возеше велосипед. Малечка по раст, таа пешачеше насекаде, честопати далеку во внатрешноста, за да води библиски студии.
На мисионерското подрачје
Откако дипломиравме на школата Гилеад, една група во која бев и јас пионереше во северен Њујорк Сити цела година додека ги добивме потребните документи за патување. Конечно, во 1945 заминавме на нашата доделба, Куба, каде што постепено се привикнувавме на новиот начин на живот. Одѕивот на нашето проповедање беше добар и наскоро сите водевме многу библиски студии. Таму служевме неколку години. Потоа бевме доделени во Доминиканската Република. Еден ден сретнав една жена што искрено ме замоли да се видам со некоја нејзина клиентка, некоја Французинка по име Сузан Енфруа, која бараше помош за да ја разбере Библијата.
Сузан беше Еврејка, и кога Хитлер ја нападнал Франција нејзиниот сопруг го преселил семејството во друга земја. Наскоро, Сузан почна да го споделува со другите она што го учеше. Прво зборуваше со жената што ме замоли да ја посетам, потоа со Бланш, пријателка од Франција. И двете напредуваа до крштавање.
„Што можам да направам за да им помогнам на моите деца?“, ме праша Сузан.
Син ѝ студираше медицина, а ќерка ѝ студираше балет, надевајќи се дека ќе игра во музичката сала Радио Сити во Њујорк. Сузан им испрати претплати на Стражарска кула и Разбудете се! Како резултат на ова, синот на Сузан, неговата сопруга и нејзината сестра близначка станаа Сведоци. Сопругот на Сузан, Луј, беше загрижен поради интересот на неговата сопруга за Јеховините сведоци зашто владата на Доминиканската Република дотогаш веќе го имаше забрането нашето дело. Но, откако целото семејство се пресели во Соединетите Држави, на крај и тој стана Сведок.Под забрана, но уште служиме
Иако делото на Јеховините сведоци беше забрането во Доминиканската Република набрзо откако бевме доделени таму во 1949, бевме решени повеќе да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето (Дела 5:29). Продолживме најнапред да го бараме Божјето Царство така што ја објавувавме добрата вест за него, токму како што Исус ги упатил своите следбеници да прават (Матеј 24:14). Меѓутоа, додека продолжувавме со своето проповедничко дело, научивме да бидеме „претпазливи како змии, а сепак невини како гулаби“ (Матеј 10:16). На пример, мојата виолина се покажа од голема помош. Ја носев со мене кога водев библиски студии. Моите студенти не станаа виолинисти, но неколку семејства станаа Јеховини слуги!
Откако забраната беше наметната, ние, четири девојки — Мари Ањол, Софија Совијак, Едит Морган и јас — бевме преселени од мисионерскиот дом во Сан Франсиско де Макорис во друг дом што беше во склоп на подружницата во главниот град Санто Доминго. Но, секој месец патував до нашата првобитна доделба за да одржам час по музика. Тоа ми овозможуваше во кутијата за виолина да носам духовна храна за нашите христијански браќа и да се вратам со извештаите од нивната активност на сведочење.
Кога браќата од Сан Франсиско де Макорис беа ставени в затвор во Сантијаго поради својот христијански став на неутралност, бев замолена да им однесам пари и, ако е можно, Библии и да им донесам вести на нивните семејства. Во затворот во Сантијаго, кога стражарите ми ја видоа кутијата за виолина под рака, ме прашаа: „Зошто ти е тоа?“ „Да ги забавувам“, одговорив.
Меѓу песните што ги свирев беше една напишана од еден Сведок додека бил во нацистички концентрационен логор. Таа песна е сега број 29 во песнарката на Јеховините сведоци. Ја свирев за да можат нашите затворени браќа да научат да ја пеат.
Дознав дека многу од Сведоците биле префрлени на една фарма што му припаѓаше на Трухилјо, претседателот на владата. Ми кажаа дека била близу до автобуската линија. Па така, околу пладне се симнав од автобусот и прашав како да стигнам до фармата. Сопственикот на една мала продавница покажа зад венецот
планини и ми го понуди својот коњ и едно момче да ме води ако ја оставам мојата виолина како гаранција.Зад тие ридови моравме да преминеме една река, двајцата седнати на коњот додека тој пливаше. Таму видовме јато папагали што блескаа на сонцето со своите зелени и сини пердуви што се прелеваа. Каква само прекрасна глетка! Се молев: „Фала ти Јехова што си ги направил толку убави“. Конечно, во четири часот попладне стигнавме на фармата. Војникот што беше на должност љубезно ме пушти да разговарам со браќата и ми дозволи да им ги дадам сите работи што им ги донесов, дури и една мала Библија.
На враќање, цел пат се молев, зашто сега беше темно. Стигнавме во продавницата накиснати од дождот. Бидејќи последниот автобус тој ден веќе беше заминат, го замолив сопственикот на продавницата да запре некој камион на поминување. Смеев ли да се качам во камион со двајца мажи? Еден од нив ме праша: „Ја познаваш ли Софи? Таа проучуваше со сестра ми“. Заклучив дека тоа беше Јеховин одговор на мојата молитва! Тие безбедно ме однесоа до Санто Доминго.
Во 1953, бев меѓу оние од Доминиканската Република што присуствуваа на меѓународниот конгрес на Јеховините сведоци на стадионот Јенки во Њујорк. Таму беше целото мое семејство, вклучувајќи го и татко ми. По извештајот за тоа како напредува делото на проповедање во Доминиканската Република, мојата партнерка во мисионерската служба, Мари Ањол и јас имавме мала точка во програмата за да прикажеме како проповедаме под забрана.
Посебна радост во патувачкото дело
Тоа лето го запознав Рудолф Сунал, кој наредната година ми стана сопруг. Членовите на неговото семејство станале Сведоци во Алегени (Пенсилванија) набрзо по Првата светска војна. Откако за време на Втората светска војна лежел в затвор поради својата христијанска неутралност, прифатил бетелска служба во Бруклин (Њујорк). Набрзо откако се венчавме беше поканет да ги посетува собранијата како патувачки надгледник. Наредните 18 години го придружував во покраинското дело.
Нашата служба, меѓу другите места, нѐ однесе и во Пенсилванија, Западна Вирџинија, Њу Хемпшир и Масачусетс. Обично бевме сместени во домовите на нашите христијански браќа. Беше посебна радост што ги запознававме подобро и му служевме на Јехова заедно со нив. Љубовта и гостољубивоста што ни ја покажаа беа секогаш срдечни и искрени. Откако Џоел се ожени со мојата поранешна партнерка во мисионерското дело, Мари Ањол, тие поминаа три години во патувачкото дело, посетувајќи ги собранијата во Пенсилванија и Мичиген. Потоа, во 1958, Џоел беше повикан повторно да стане член на бетелската фамилија, овој пат со Мари.
Карл служеше во Бетел околу седум години кога на неколку месеци беше доделен
во покраинското дело за да стекне дополнително искуство. Потоа стана инструктор во школата Гилеад. Во 1963 се ожени со Боби, која верно служеше во Бетел сѐ до својата смрт во октомври 2002.Во текот на многуте години во Бетел, Дон одвреме навреме патуваше во други земји да им служи на оние што работеа во канцелариите на подружниците и на мисионерското подрачје. Неговите доделби го однесоа на Исток, во Африка, Европа и во различни делови од двете Америки. Лојалната сопруга на Дон, Долорес, често патуваше со него.
Нашите околности се менуваат
Татко ми почина по долго боледување, но пред тоа ми кажа дека бил многу среќен што сме избрале да му служиме на Јехова Бог. Рече дека сме примиле многу повеќе благослови отколку што би добиле ако се одлучевме за универзитетското образование што тој го имаше на ум за нас. Откако ѝ помогнав на мајка ми да се пресели поблизу до сестра ми Џој, мојот сопруг и јас прифативме неколку пионерски доделби во Нова Англија за да можеме да бидеме поблиску до мајка му, на која тогаш ѝ беше потребна нашата помош. Откако умре мајка му, мајка ми помина 13 години со нас. Потоа, на 18 јануари 1987, таа ја заврши својата земна доделба на 93-годишна возраст.
Честопати, кога пријателите ќе ја пофалеа што ги подигнала сите свои деца да го сакаат Јехова и да му служат, мајка ми скромно одговараше: „Само ми се погоди да имам добра ‚почва‘ за работа“ (Матеј 13:23). Каков само благослов беше што имавме богобојазливи родители кои ни оставија прекрасен пример на ревност и понизност!
Царството сѐ уште е на прво место
Продолживме да го ставаме Божјето Царство на прво место во својот живот и се обидовме да го применуваме советот на Исус во врска со делењето со другите (Лука 6:38; 14:12—14). Јехова, за возврат, дарежливо се грижеше за нашите потреби. Водевме еден безбеден и среќен живот.
Руди и јас не ја изгубивме нашата љубов кон музиката. Имаме прекрасни моменти кога во нашиот дом ќе дојдат други што ја делат таа љубов и кога заедно свириме на нашите инструменти. Но, музиката не е мојата кариера. Таа е додатно задоволство во животот. Сега мојот сопруг и јас уживаме кога ги гледаме плодовите на нашата пионерска служба, луѓето на кои сме им помогнале низ годините.
И покрај сегашниве здравствени проблеми, можам да речам дека нашиот живот беше многу среќен и безбеден во овие повеќе од 60 години полновремена служба. Секое утро кога се будам му благодарам на Јехова што ми одговори на молитвата кога стапив во полновремената служба пред толку многу години и си помислувам: ‚Добро, ајде да видиме како можам денес најнапред да го барам Царството?‘
[Фуснота]
a Издадена од Јеховините сведоци, но повеќе не се печати.
[Слика на страница 24]
Нашето семејство во 1948 (одлево надесно): Џој, Дон, мајка ми, Џоел, Карл, јас и татко ми
[Слика на страница 25]
Мајка ми остави ревносен пример за службата
[Слика на страница 26]
Карл, Дон, Џоел, Џој и јас денес, речиси 50 години подоцна
[Слика на страница 27]
Одлево надесно: јас, Мари Ањол, Софија Совијак и Едит Морган како мисионерки во Доминиканската Република
[Слика на страница 28]
Со Мари (лево) на стадионот Јенки, 1953
[Слика на страница 29]
Со мојот сопруг кога беше во покраинското дело