Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Добро искористи ја промената на околностите

Добро искористи ја промената на околностите

Добро искористи ја промената на околностите

Пум, Јан, Дрис и Ото, четворица христијански старешини што живеат во Холандија, имаат многу заеднички нешта. Сите четворица се оженети и имаат деца. Освен тоа, пред неколку години, сите имале световна работа со полно работно време и живееле во удобни домови. Меѓутоа, сите тие престанале со световната работа и почнале да го посветуваат сето свое време и сила во унапредувањето на интересите на Царството. Што им овозможило да ја направат оваа промена? Сите четворица добро ја искористиле промената на околностите.

КОГА ТОГАШ, повеќето од нас ќе доживеат промена на околностите. Многу промени, како што е да се стапи во брак, да се има деца или, пак, грижата за остарените родители носат додатни одговорности. Меѓутоа, некои од нив ни оставаат повеќе простор за да ја зголемиме нашата христијанска служба (Матеј 9:37, 38). На пример, нашите возрасни деца можеби ќе си заминат од дома или можеби ќе се пензионираме.

Освен тоа, иако е точно дека нашите околности можат да се променат сакале ние или не, некои христијани успеале да направат промени во своите околности, што им дало можност да го зголемат својот удел во службата. Пум, Јан, Дрис и Ото го направиле токму тоа. Како?

Кога децата ќе си заминат од дома

Пум работел како книговодител во една фармацевтска фирма. Тој и неговата сопруга, Ени, заедно со нивните две ќерки, често служеле како помошни пионери. Пум и Ени исто така правеле подготовки за опуштено дружење со други што биле во пионерска служба. „Тоа ни даде заштита од проблемите што другите видови дружење можеби ќе ги предизвикаа“, раскажуваат тие. Поттикнати од примерот на своите родители, и двете ќерки станале општи пионери откако завршиле средно училиште.

Кога нивните деца си заминале од дома, Пум и Ени сфатиле дека оваа промена на околностите им дава дополнителна слобода и финансии што можат да ги искористат за да патуваат на интересни места или да уживаат во некој друг вид рекреација. Меѓутоа, наместо тоа, овој брачен пар решил да ја искористи промената на околностите за да ја прошири својата христијанска служба. Па така, Пум го замолил својот работодавач да му дозволи да работи еден ден помалку секоја недела. Подоцна, Пум направил подготовки што му овозможиле да почне со работа во 7.00, а да заврши во 14.00 часот. Се разбира, тоа што работел помалку значело да се снаоѓаат со помали примања. Сепак успеале, и во 1991, Пум и неговата сопруга се приклучиле во редовите на општите пионери.

Потоа Пум бил замолен да се грижи за една Собирна сала на Јеховините сведоци. Таа покана значела дека мораат да го напуштат својот дом во кој живееле 30 години и да се преселат во стан на имотот на Собирната сала. И, се преселиле. Дали било тешко? Ени вели дека секогаш кога ќе почувствува носталгија, се прашува: ‚Зарем сум жената на Лот?‘ Таа одбила да ‚се обѕрне‘ (Битие 19:26; Лука 17:32).

Пум и Ени сметаат дека нивната одлука им донела многу благослови. Меѓу многуте други работи, уживаат во својата служба во Собирната сала, во активноста околу подготовките за обласните конгреси и контактот со покраинските надгледници (патувачки министри) што одржуваат говори во салата. Одвреме навреме посетуваат различни собранија кога Пум служи како заменик на покраинскиот надгледник.

Што му помогнало на овој брачен пар успешно да ја зголеми својата служба? Пум вели: „Кога животот ќе ти се промени од темел, мораш да бидеш решен да ги искористиш новите околности најдобро што можеш“.

Да се поедностави животот

Јан и неговата сопруга, Вот, имаат три деца. Како Пум и неговото семејство, и Јан мудро ја искористил промената на околностите. Со години Јан имал добро платена работа во банка и можел да му обезбеди удобен животен стил на своето семејство. Меѓутоа, чувствувал сѐ поголема желба да ја прошири својата служба. Тој објаснува: „Со текот на времето, мојата благодарност за вистината се продлабочуваше и мојата љубов кон Јехова растеше“. Па така, во 1986 Јан направил промена во своите околности. Тој вели: „Ја искористив реорганизацијата на работа и почнав да работам помалку часови. Моите запрепастени колеги ми дадоа прекар Диводо зашто работев само во динсдак (вторник), вонсдак (среда) и дондердак (четврток). Платата ми се намали за 40 проценти. Ја продадов куќата и купив чамец⁠-​куќа за да можеме да служиме таму каде што имаше поголема потреба од објавители на Царството. Подоцна, ја искористив можноста да заминам во предвремена пензија; приходот ми опадна за уште 20 проценти, но во 1993 можев да почнам да служам како општ пионер“.

Денес Јан е член на Одборот за контактирање со болниците и често служи како конгресен надгледник. И покрај лошото здравје, Вот одвреме навреме служи како помошен пионер. Сите три деца сега се во брак и, со своите брачни другари, се ревносни министри на Царството.

Како успеале Јан и Вот да се приспособат на понизок животен стандард? „Кога имавме многу“, одговара Јан, „водевме сметка да не се приврземе премногу за материјалните работи. Сега можеби е малку непријатно да мораш да чекаш за да набавиш нешто, но духовните благослови и привилегиите што ги добивме го покриваат сето тоа.“

Како Јан и Вот, и Дрис и неговата сопруга, Јени, донеле одлука да водат едноставен живот за да можат да одвојуваат повеќе време за интересите на Царството. Пред да станат родители, Дрис и Јени служеле како пионери. Потоа, за да се грижи за своето семејство, Дрис работел како управник во една голема фирма. Неговите работодавачи ја ценеле неговата работа и му понудиле унапредување. Меѓутоа, Дрис го одбил унапредувањето зашто ако го прифател, тоа ќе значело помалку време за христијанските активности.

Подигањето на семејството — како и грижата за болната мајка на Јени — барало многу време и енергија од овој брачен пар. Сепак, тие продолжиле да негуваат пионерски дух. Што им помогнало во тоа? Јени објаснува: „Кај нас живееја пионери, каневме пионери на оброци и нудевме сместување за покраинските надгледници“. Дрис додава: „Водевме едноставен живот и избегнувавме да се задолжуваме. Донесовме одлука никогаш да не се зафаќаме со некои големи потфати или да купиме куќа, за во иднина таквите работи да не нѐ врзуваат“.

Одлуката на Дрис и Јени да ги средат околностите така што ќе имаат повеќе време за интересите на Царството вродила со наградувачки резултати. Нивните два сина служат како старешини, а еден од нив е пионер заедно со својата сопруга. Дрис и Јени служеле како специјални пионери, а подоцна Јени го придружувала Дрис во покраинското дело. Сега се доброволци во Бетел, каде што Дрис служи како член на Одборот на подружницата.

Предвремена пензија

Слично на Дрис и Јени, Ото и неговата сопруга, Џуди, биле пионери пред да се родат нивните две ќерки. Кога Џуди била бремена со првото дете, Ото нашол работа како учител.

Додека децата растеле, Ото и Џуди често канеле пионери на гости во својот дом за да можат нивните ќерки да ја видат радоста на полновремените христијански работници. Со текот на времето, постарата ќерка стапила во пионерска служба. Подоцна, присуствувала на школата Гилеад и, заедно со својот сопруг, сега служи како мисионер во една африканска земја. Нивната помлада ќерка почнала да служи како пионер во 1987, а Џуди ѝ се придружила.

Кога промените во околностите му дозволиле да работи помалку часови во училиштето, Ото го искористил дополнителното време за да служи како пионер. На крај, сосема ја напуштил работата. Денес, во патувачкото дело, Ото ја користи својата способност како учител за духовно да ги зајакне собранијата.

Каков е советот на Ото за оние што предвреме се пенизионираат од својата световна работа? „Кога ќе се пензионирате, немојте да решите да се опуштите за година или две. Не е тешко да се навикнеш ‚да се опушташ‘. И пред да си свесен, ќе заборавиш на пионерењето. Наместо тоа, веднаш почни со зголемена активност во службата.“

Животното искуство на дело

Се разбира, браќата како Пум, Јан, Дрис и Ото сега немаат сила и издржливост како кога биле помлади. Но, тие имаат поголема зрелост, искуство и мудрост (Пословици 20:29). Тие знаат што значи да си татко, и од соработката со своите сопруги имаат претстава колку многу е вклучено во тоа да се биде мајка. Со своите сопруги, се справиле со семејни проблеми и поставиле теократски цели за своите деца. Ото вели: „Кога како покраински надгледник давам совет во врска со семејни работи, ми помага тоа што и самиот подигнав семејство“. На сличен начин, искуството на Дрис како татко сега е од голема корист за бетелската фамилија и за многуте млади работници во неа.

Да, познавањето на работите од прва рака им помага на ваквите браќа да се грижат за различните потреби на собранијата. Нивното искуство, така да се каже, ги изострило алатките со кои ракуваат, така што својата сила ја користат за добро на сите (Проповедник 10:10). Всушност, понекогаш, тие честопати можат да постигнат повеќе отколку оние што се физички посилни, но понеискусни.

Таквите браќа, заедно со нивните сопруги, се одлични примери за младите меѓу Јеховиниот народ. Младите луѓе гледаат дека брачните парови како овие лично доживеале многу од предизвиците и благословите за кои се известува во нашите христијански публикации. Охрабрувачки е да се видат мажи и жени што покажуваат дух како оној на Халев кој, иако во поодмината старост, побарал предизвикувачка задача (Исус Навин 14:10—12).

Имитирај ја нивната вера

Би можел ли да ја имитираш верата и постапките на брачните парови што беа спомнати во оваа статија? Запамти, тие ја направиле вистината свој начин на живот. Тие развиле во своите деца желба да бидат пионери. Го направиле тоа, како што Јан вели, ‚така што биле пример за љубов кон Јехова и неговата организација, правеле подготовки за добро дружење и ги учеле децата самите да се издржуваат‘. Исто така, работеле и се забавувале заедно како семејство. „За време на одморите“, си спомнува Пум, „обично целото семејство одеше во делото на проповедање наутро и уживаше во заедничката разонода попладне.“

Освен тоа, овие христијани планирале однапред, така што кога нивните околности се промениле, биле спремни да ја искористат новата ситуација. Си поставиле цели, и донеле одлуки што го забрзале постигнувањето на нивните цели. Барале начини да ја намалат световната работа и биле спремни да се снајдат со помали примања (Филипјаните 1:10). Сопругите им дале целосна поддршка на своите сопрузи. Заедно, тие имале силна желба да влезат низ ‚големата врата која води во активност‘ и како резултат на тоа, уживаат богати благослови од Јехова (1. Коринќаните 16:9; Пословици 10:22).

Имаш ли и ти желба да го зголемиш својот удел во службата? Ако да, тоа што добро ќе ги искористиш промените на околностите можеби ќе се покаже како клуч за да го направиш токму ова.

[Слика на страница 20]

Пум и Ени се грижат за Собирната сала

[Слика на страница 20]

Јан и Вот учествуваат во проповедничкото дело

[Слика на страница 21]

Дрис и Јени служат во Бетел

[Слика на страница 21]

Ото и Џуди се подготвуваат да го посетат следното собрание