Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имај доверба во Јехова со сето свое срце

Имај доверба во Јехова со сето свое срце

Имај доверба во Јехова со сето свое срце

„Оние, кои го познаваат твоето име, ќе имаат доверба во тебе“ (ПСАЛМ 9:10NW).

1, 2. Кои се некои работи во кои луѓето напразно полагаат доверба за да најдат сигурност?

 ДЕНЕС, кога толку многу работи ја загрозуваат нашата благосостојба, сосе ма е природно да бараме некого или нешто што ќе ни даде сигурност. Некои мислат дека ако имаат повеќе пари, ќе имаат посигурна иднина но, всушност, парите се многу несигурно прибежиште. Библијата вели: „Кој се надева на богатството, пропаѓа“ (Пословици 11:28). Други полагаат надежи во човечки водачи, но дури и најдобрите од нив прават грешки. И, на крајот, сите тие умираат. Библијата мудро вели: „Не надевајте се на кнезовите, ниту во човечки син, од кого нема спасение!“ (Псалм 146:3). Тие инспирирани зборови нѐ опоменуваат да немаме доверба ни во сопствените независни напори. И ние сме само ‚човечки синови‘.

2 Пророкот Исаија им замерил на националните водачи на Израел од негово време поради тоа што имале доверба во ‚лагата како засолниште‘ (Исаија 28:15—17NW). Во својата потрага по сигурност, тие склучувале политички сојузи со соседните нации. Но, во таквите сојузи не можело да се положи доверба — тие биле лага. На сличен начин, и денес многу верски водачи одржуваат врски со политичките водачи. И тие сојузи ќе се покажат како ‚лага‘ (Откровение 17:16, 17). Нема да донесат трајна сигурност.

Добрите примери на Исус Навин и Халев

3, 4. На кој начин извештајот на Исус Навин и Халев се разликувал од извештајот на другите десет шпиони?

3 Тогаш, каде треба да бараме сигурност? На истото место каде што барале сигурност Исус Навин и Халев во времето на Мојсеј. Кратко по ослободувањето на Израел од Египет, нацијата била подготвена да влезе во Ханаан, Ветената земја. Биле испратени дванаесет луѓе за да ја извидат земјата, и по 40 дена се вратиле за да дадат извештај. Само двајца, Исус Навин и Халев, зборувале поволно за изгледите на Израел во Ханаан. Другите потврдиле дека земјата била пожелна, но рекле: „Силен е народот што живее во земјата, градовите се утврдени и многу се големи . . . Не можеме да одиме против оној народ, зашто е посилен од нас“ (Броеви 13:27, 28, 31).

4 Израелците ги послушале десетте шпиони и толку се уплашиле што почнале да мрморат против Мојсеј. На крајот, Исус Навин и Халев со голема возбуда рекле: „Земјата низ која поминавме за да ја согледаме е премногу добра. Ако ни биде Господ милостив, ќе нѐ доведе во таа земја, и ќе ни ја даде. Само, не бунете се против Господа! Не бојте се од народот на онаа земја“ (Броеви 14:6—9). Сепак, Израелците одбиле да послушаат и, како последица од тоа, во тоа време не им било дозволено да влезат во Ветената земја.

5. Зошто Исус Навин и Халев дале поволен извештај?

5 Зошто Исус Навин и Халев дале добар извештај, додека десетте шпиони дале лош извештај? Сите 12 ги виделе истите силни градови и постоечки нации. Десеттемина биле во право кога тврделе дека Израел не бил доволно силен за да ја освои таа земја. И Исус Навин и Халев го знаеле тоа. Меѓутоа, десеттемина гледале на работите од човечка гледна точка. Исус Навин и Халев, пак, имале доверба во Јехова. Тие ги виделе неговите моќни дела во Египет, кај Црвеното Море и во подножјето на планината Синај. Па, со децении подоцна дури и самите извештаи за тие дела биле доволни за да ја поттикнат Рава од Ерихон да го ризикува својот живот за Јеховиниот народ! (Исус Навин 2:1—24; 6:22—25). Исус Навин и Халев, очевидци на Јеховините дела, имале целосна доверба дека Бог и понатаму ќе се бори за својот народ. По четириесет години, нивната доверба била оправдана кога една нова генерација Израелци, под водство на Исус Навин, зачекорила во Ханаан и ја освоила таа земја.

Зошто треба да имаме безрезервна доверба во Јехова

6. Зошто христијаните денес се под притисок и каде треба да ја положат својата доверба?

6 Во овие ‚критични времиња со кои тешко се излегува на крај‘, и ние, исто како Израелците, се соочуваме со непријатели што се посилни од нас (2. Тимотеј 3:1). Се наоѓаме под притисок во морален, духовен и, во некои случаи, дури и во физички поглед. Оставени сами на себе, ние не можеме да ги издржиме тие притисоци бидејќи доаѓаат од натчовечки извор, Сатана Ѓаволот (Ефешаните 6:12; 1. Јованово 5:19). Тогаш, каде можеме да се обратиме? Во молитва до Јехова, еден верен човек од старо време рекол: „Оние што го познаваат твоето име, ќе имаат доверба во тебе“ (Псалм 9:10NW). Ако навистина го познаваме Јехова и разбираме што значи неговото име, ќе имаме исто толку сигурна доверба во него каква што имале Исус Навин и Халев (Јован 17:3).

7, 8. а) На кој начин творештвото ни дава причини за доверба во Јехова? б) Какви причини ни дава Библијата за да имаме доверба во Јехова?

7 Зошто треба да имаме доверба во Јехова? Со Исус Навин и Халев тоа било случај делумно затоа што ги виделе манифестациите на Неговата моќ. Истото го гледаме и ние. Да размислиме, на пример, за Јеховините дела на создавање, вклучувајќи го и универзумот со неговите милијарди галаксии. Огромните физички сили што ги контролира Јехова покажуваат дека тој навистина е Семоќниот. Додека размислуваме за чудата на создавањето, мораме да се согласиме со Јов, кој во врска со Јехова рекол: „Кој ќе Му го спречи тоа, и кој смее да Го праша: ‚Што си сторил?‘ “ (Јов 9:12). Всушност, ако Јехова е на наша страна, не треба да се плашиме од никого во целиот универзум (Римјаните 8:31).

8 Размисли и за Јеховината реч, Библијата. Овој неисцрпен извор на божествена мудрост може на многу моќен начин да ни помогне да ги надминеме лошите навики и да ги усогласиме своите животи со Јеховината волја (Евреите 4:12). Преку Библијата го запознаваме Јехова по име и гледаме што опфаќа неговото име (Излез 3:14). Сфаќаме дека, за да ги исполни своите намери, Јехова може да стане сѐ што ќе одлучи — Татко полн со љубов, праведен Судија, победнички Воин. Исто така, гледаме како неговата реч секогаш се исполнува. Додека ја проучуваме Божјата реч, поттикнати сме да ги повториме зборовите на псалмистот: „Имав доверба во твојата реч“ (Псалм 119:42NW; Исаија 40:8).

9. На кој начин откупнината и воскресението на Исус ја зајакнуваат нашата доверба во Јехова?

9 Откупнината е уште една причина за доверба во Јехова (Матеј 20:28). Колку само е прекрасно тоа што Бог го испратил токму својот Син да умре како откупнина за нас! А откупнината навистина има голема моќ. Таа ги покрива гревовите на целото човештво што се кае и што се свртува кон Јехова со искрено срце (Јован 3:16; Евреите 6:10; 1. Јованово 4:16, 19). Дел од постапката на плаќање на откупнината било воскресението на Исус. Тоа чудо, кое го потврдиле стотици очевидци, е уште една причина за доверба во Јехова. Тоа е гаранција дека нашите надежи нема да бидат изневерени (Дела 17:31; Римјаните 5:5; 1. Коринќаните 15:3—8).

10. Кои лични причини ги имаме за да покажуваме доверба во Јехова?

10 Ова се само неколку причини зошто можеме и зошто треба да имаме апсолутна доверба во Јехова. Има уште многу, а некои од нив се од лична природа. На пример, одвреме навреме сите се соочуваме со тешки околности во животот. Додека бараме Јеховино водство за да се справиме со нив, гледаме колку е практично тоа водство (Јаков 1:5—8). Колку повеќе се потпираме на Јехова во нашите секојдневни животи и ги гледаме добрите резултати од тоа, толку појака ќе биде нашата доверба во него.

Давид имал доверба во Јехова

11. И покрај кои околности Давид имал доверба во Јехова?

11 Давид од древниот Израел е човек што имал доверба во Јехова. Тој се соочил со заканата на цар Саул, кој сакал да го убие, и со моќната војска на Филистејците, кои се обидувале да го освојат Израел. Сепак, тој преживеал, па дури и бил победник. Зошто? Самиот Давид објаснува: „Господ ми е светлина и спасение, од кого да се плашам? Господ е штит на мојот живот, пред кого да треперам?“ (Псалм 27:1). И ние ќе бидеме успешни ако на сличен начин имаме доверба во Јехова.

12, 13. Како покажал Давид дека треба да имаме доверба во Јехова дури и кога противниците ги користат своите јазици како оружје против нас?

12 Во една прилика Давид се молел: „Послушај го, Боже, гласот на мојата желба, чувај ми го животот од страшен непријател! Штити ме од множество лукави, скриј ме од бесот на злодејците. Кои ги острат јазиците како мечеви, исфрлаат отровни зборови како стрели, за да го ранат потајно невиниот“ (Псалм 64:1—4). Не знаеме со сигурност што го навело Давид да ги запише овие зборови. Но, знаеме дека и денес противниците на сличен начин „ги острат јазиците“ користејќи го говорот како воено оружје. Тие ‚ги рануваат‘ беспрекорните христијани, користејќи изговорени или пишани зборови како „стрели“ за да нѐ прикажат погрешно. Ако имаме непоколеблива доверба во Јехова, каков ќе биде резултатот?

13 Понатаму, Давид вели: „Бог ги ранува со стрела, одненадеж ги прекриваат рани. Сопствениот јазик ќе ги сопне . . . Праведникот се весели во Господа, на него се надева“ (Псалм 64:7—10). Да, иако непријателите го острат својот јазик против нас, на крајот „сопствениот јазик ќе ги сопне“. Со текот на времето, Јехова им дава позитивен исход на работите, така што оние што имале доверба во него можат да се радуваат во него.

Довербата на Езекија оправдана

14. а) Наспроти која сериозна ситуација Езекија покажал доверба во Јехова? б) Како покажал Езекија дека не верува во лагите на Асирецот?

14 Царот Езекија бил уште една личност чија доверба во Јехова била оправдана. За време на владеењето на Езекија, на Ерусалим му се заканувала моќната асирска војска. Таа војска поразила многу други нации. Ги освојувала дури и градовите на Јуда сѐ додека не останал слободен само Ерусалим, а Сенахирим се фалел дека ќе го освои и тој град. Преку Раб Шак изјавил дека довербата за помош од Египет ќе биде бесполезна — и имал право. Сепак, потоа рекол: „Нека не те измамува Твојот Бог, во Кого се надеваш [имаш доверба, NW], велејќи ти: ‚Ерусалим нема да падне во рацете на асирскиот цар‘ “ (Исаија 37:10). Меѓутоа, Езекија знаел дека Јехова не е измамник. Затоа, се молел со зборовите: „Господи, Боже наш, избави нѐ од [асирската] рака, за да сознаат сите царства на земјата дека си Ти, Господи, Единствен бог“ (Исаија 37:20). Јехова ја послушал молитвата на Езекија. Само во една ноќ, еден ангел убил 185.000 асирски војници. Ерусалим бил поштеден, а Сенахирим заминал од територијата на Јуда. Сите оние што чуле за тој настан дознале за Јеховината величественост.

15. Единствено што ќе ни помогне да бидеме подготвени за која и да е тешка околност во која би можеле да се најдеме во овој нестабилен свет?

15 Исто како Езекија, и ние денес се наоѓаме во една ситуација слична на војна. Во нашиот случај станува збор за духовна војна. Сепак, како духовни војници ние треба да негуваме вештини што се потребни за преживување. Треба однапред да очекуваме напади и да се подготвуваме за да можеме да ги одбиеме (Ефешаните 6:11, 12, 17). Во овој нестабилен свет, ситуациите можат одеднаш да се променат. Неочекувано може да дојде до граѓански немири. Земјите што се познати по религиозна толеранција можат да станат нетолерантни. Само ако ние, исто како Езекија, се подготвиме на тој начин што ќе негуваме непоколеблива доверба во Јехова, ќе бидеме спремни за сѐ што би можело да се случи.

Што значи тоа да се има доверба во Јехова?

16, 17. Како покажуваме дека имаме доверба во Јехова?

16 Довербата во Јехова не се искажува само со зборови. Таа го вклучува нашето срце и ја покажуваме со нашите постапки. Ако имаме доверба во Јехова, ќе имаме целосна доверба во неговата Реч, Библијата. Ќе ја читаме секојдневно, ќе медитираме за неа и ќе дозволиме таа да нѐ води во животот (Псалм 119:105). Довербата во Јехова вклучува да имаме доверба и во моќта на светиот дух. Со помош на светиот дух можеме да негуваме плодови што му се угодни на Јехова и можеме да совладаме вкоренети лоши навики (1. Коринќаните 6:11; Галатите 5:22—24). Така, со помош на светиот дух, мнозина успеале да престанат да пушат или да земаат дрога. Други се откажале од неморален животен стил. Да, ако имаме доверба во Јехова, постапуваме со негова, а не со сопствена сила (Ефешаните 3:14—18).

17 Освен тоа, да се има доверба во Јехова значи да се има доверба во оние во кои има доверба тој. На пример, Јехова направил подготовка „верниот и разборит роб“ да се грижи за земните интереси на Царството (Матеј 24:45—47). Не се обидуваме да постапуваме независно и не го игнорираме тоа наименување, бидејќи имаме доверба во Јеховината подготовка. Освен тоа, старешините служат во локалното христијанско собрание и, според апостол Павле, наименувани се со светиот дух (Дела 20:28). Исто така, со тоа што ќе соработуваме со старешинското уредување во собранието, ние покажуваме дека имаме доверба во Јехова (Евреите 13:17).

Следи го примерот на Павле

18. На кој начин христијаните денес го следат примерот на Павле, но во што не ја полагаат својата доверба?

18 Апостол Павле се соочил со многу притисоци во својата служба, исто како што се соочуваме и ние. Во негово време христијанството било погрешно прикажувано пред властите, и тој понекогаш настојувал да ги исправи тие погрешни впечатоци или законски да го утврди проповедничкото дело (Дела 28:19—22; Филипјаните 1:7). И денес христијаните го следат неговиот пример. Секаде каде што е можно им помагаме на другите да бидат информирани за нашето дело, користејќи ги сите средства што стојат на располагање. Исто така, работиме на тоа да ја браниме и законски да ја утврдиме добрата вест. Меѓутоа, ние не ја полагаме нашата целосна доверба во таквите напори, бидејќи не сметаме дека успехот или неуспехот зависат од тоа дали ќе добиваме судски случаи или ќе имаме поволен публицитет. Наместо тоа, ние имаме доверба во Јехова. Си спомнуваме како тој го охрабрил древниот Израел: „Во смирена надеж е вашата сила“ (Исаија 30:15).

19. Како била оправдана довербата во Јехова што ја покажале нашите браќа кога биле изложени на прогонство?

19 Понекогаш, во текот на нашата современа историја, нашето дело било забранувано или ограничувано во Источна и Западна Европа, во делови од Азија и Африка и во некои земји на Јужна и Северна Америка. Дали тоа значи дека нашата доверба во Јехова била ставена на погрешно место? Не. Иако понекогаш Јехова имал добри причини што дозволил сурово прогонство, тој со љубов ги зајакнал оние што биле на удар на тоа прогонство. Под прогонството многу христијани стекнале добар глас на вера и доверба во Бог.

20. Иако можеби ни користат законските слободи, во кој поглед нема никогаш да направиме компромис?

20 Од друга страна, пак, во повеќето земји имаме законско признание и понекогаш добиваме поволен публицитет во медиумите. Благодарни сме за тоа и признаваме дека и ова оди во прилог на Јеховината намера. Со негов благослов ја користиме поголемата слобода за да му служиме на Јехова отворено и потполно, а не за да го подобриме нашиот личен животен стил. Меѓутоа, ние никогаш нема да ја компромитираме нашата неутралност, нема да ја намалиме нашата проповедничка активност ниту на некој друг начин да ја ослабнеме нашата служба за Јехова само за властите да мислат добро за нас. Ние сме поданици на месијанското царство и стоиме цврсто на страна на Јеховиниот суверенитет. Нашата надеж не е во овој систем на работи туку во новиот свет, каде што небесното месијанско царство ќе биде единствената влада што ќе владее над оваа земја. Ниту бомби, ниту куршуми, па дури ни нуклеарни напади не можат да ја разнишаат таа влада ниту да ја соборат од небото. Таа е непобедлива и ќе го исполни она што Јехова го наумил за неа (Даниел 2:44; Евреите 12:28; Откровение 6:2).

21. Кој правец сме одлучни да го следиме?

21 Павле вели: „Ние не сме од оние кои се повлекуваат за уништување, туку од оние кои имаат вера за сочувување на душата во живот“ (Евреите 10:39). Затоа, сите верно да му служиме на Јехова сѐ до крајот. Ја имаме секоја причина да ја положиме нашата целосна доверба во Јехова сега и засекогаш (Псалм 37:3; 125:1NW).

Што научи?

• Зошто Исус Навин и Халев донеле поволен извештај?

• Наведи некои причини зошто треба да имаме безрезервна доверба во Јехова.

• Што значи тоа да се има доверба во Јехова?

• Имајќи доверба во Јехова, каков став сме одлучни да заземеме?

[Прашања]

[Слика на страница 15]

Зошто Исус Навин и Халев дале поволен извештај?

[Слики на страница 16]

Творештвото ни дава цврста причина за доверба во Јехова

[Извор на слика]

Сите три слики: Со љубезна дозвола на Англоавстралијанската опсерваторија, фотографија на Дејвид Малин

[Слика на страница 18]

Да се има доверба во Јехова значи да се има доверба во оние во кои има доверба тој