Религиозно прогонство — зошто?
Религиозно прогонство — зошто?
СМЕТАШ ли дека луѓето треба да бидат прогонувани поради нивната религија? Веројатно не — барем додека не газат врз правата на другите. Сепак, религиозното прогонство има долга историја и тоа сѐ уште постои. На пример, на многу Јеховини сведоци во Европа и во други делови на светот честопати им беа ускратени нивните права и беа сурово малтретирани во текот на 20 век.
Во тој период, Јеховините сведоци претрпеа ѕверско, систематско и долготрајно прогонство и под двата главни тоталитарни режима во Европа. Што учиме од нивното искуство во врска со религиозното прогонство? И, што можеме да научиме од начинот на кој тие реагирале на страдањето?
„Не се дел од светот“
Јеховините сведоци настојуваат да бидат послушни на законот, мирољубиви и морално чесни луѓе. Тие не им се спротивставуваат на владите ниту влегуваат во конфликти со нив ниту, пак, самите си навлекуваат прогонство затоа што сакаат да бидат маченици. Овие христијани се политички неутрални. Ова е во склад со зборовите на Исус: „[Моите следбеници] не се дел од светот, како што ни јас не сум дел од светот“ (Јован 17:16). Повеќето влади го прифаќаат неутралниот став на Сведоците. Но, тоталитарните владетели имаат мала почит кон библиското барање христијаните да не бидат дел од светот.
Причината за ова беше објаснета во текот на една конференција на Универзитетот во Хајделберг (Германија), во ноември 2000. Темата на конференцијата беше „Репресија и агресија: Јеховините сведоци под националсоцијалистичката и комунистичката диктатура“. Д-р Клеменс Фолнхалс од Институтот за истражување на тоталитаризмот во Хана Ардент, забележа: „Тоталитарните режими не ги ограничуваат своите активности на политиката. Тие сакаат да ја поседуваат целата личност“.
Вистинските христијани не можат да ја предадат ‚целата своја личност‘ на некоја човечка влада, зашто тие му се заколнале дека ќе му бидат апсолутно лојални само на Јехова Бог. Сведоците што живееле под тоталитаристички диктатури увиделе дека она што го бара државата и барањата на нивната вера понекогаш се во конфликт. Што направиле кога се соочиле со такви конфликти? Низ историјата Јеховините сведоци го применувале во својот живот начелото изнесено од учениците на Исус Христос: „Повеќе мораме да го слушаме Бог како владетел отколку луѓето“ (Дела 5:29).
Илјадници Сведоци останале лојални на својата вера и останале неутрални во политичките работи, дури и под најсурово прогонство. Како можеле да истрајат? Од каде нашле сила да го направат тоа? Нека одговорат самите тие. И, да разгледаме што може секој, Сведок или не, да научи од нивното искуство.
[Истакната мисла на страница 4]
Јеховините сведоци во Германија претрпеа ѕверско и долготрајно прогонство под двата тоталитарни режима во 20 век
[Истакната мисла на страница 4]
„Тоталитарните режими не ги ограничуваат своите активности на политиката. Тие сакаат да ја поседуваат целата личност“ Д-р Клеменс Фолнхалс
[Слика на страница 4]
Семејството Кусеров било лишено од слобода затоа што не ја компромитирало својата вера
[Слика на страница 4]
Јоханес Хармс бил погубен во нацистички затвор поради своите верувања