Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Тие извојувале победа над прогонството

Тие извојувале победа над прогонството

Тие извојувале победа над прогонството

ФРИДА Јес е родена во 1911 во Данска, од каде што со своите родители се преселила во Хусум, северна Германија. Со години подоцна, се вработила во Магдебург и во 1930 се крстила како Библиски студент, како што тогаш биле познати Јеховините сведоци. Хитлер дошол на власт во 1933 и овој настан за Фрида бил почеток на 23-годишно малтретирање од страна на, не една, туку две тоталитарни влади.

Во март 1933 германската влада распишала избори. Д⁠-​р Детлеф Гарбе, директор на Меморијалниот музеј во концентрациониот логор во Нојенгаме, близу Хамбург, објаснува: „Националсоцијалистите сакаа да ги принудат луѓето да гласаат за да добијат мнозинство гласови за нивниот канцелар и фирер, Адолф Хитлер“. Јеховините сведоци го следеле советот на Исус да останат политички неутрални и да ‚не бидат дел од светот‘, па затоа не гласале. Каков бил резултатот? Сведоците биле забранети (Јован 17:16).

Фрида продолжила да ги врши своите христијански активности во тајност, помагајќи дури и да се печати списанието Стражарска кула. „Некои од списанијата беа шверцувани во концентрационите логори за нашите соверници“, вели таа. Во 1940 била уапсена и испрашувана од Гестапо, по што поминала месеци во самица. Како истрајала? Таа вели: „Молитвата беше мое прибежиште. Почнував да се молам рано наутро и се молев неколку пати на ден. Молитвата ми даде сила и ми помогна да не станам тегобно загрижена“ (Филипјаните 4:6, 7).

Фрида била ослободена, но во 1944 Гестапо повторно ја уапсил. Овој пат била осудена на седум години во затворот Валдхајм. Фрида продолжува: „Стражарите ме ставија да работам заедно со некои други жени во тоалетите. Често бев со една затвореничка од Чехословачка, па така, ѝ зборував за Јехова и за мојата вера. Тие разговори ме одржуваа јака“.

Ослободена, но не за долго

Затворот Валдхајм бил ослободен од советските трупи во мај 1945 и Фрида била слободна да се врати во Магдебург и на својата јавна служба, но не за долго. Сведоците повторно станале мета на дискриминација, овој пат од властите во зоната под советска окупација. Гералд Хаке, од Институтот за истражување на тоталиратизмот во Хана⁠-​Ардент, пишува: „Јеховините сведоци беа една од малкуте општествени групи што речиси постојано беше прогонувана од двете диктатури на германско тло“.

Зошто одново дискриминација? Повторно, главно спорно прашање беше христијанската неутралност. Во 1948, во Источна Германија имаше плебисцит, директно гласање од страна на народот, и како што Хаке објаснува, „основната причина [за прогонството на Јеховините сведоци] беше тоа што тие не учествуваа во плебисцитот“. Во август 1950, Јеховините сведоци беа забранети во Источна Германија. Стотици беа уапсени, вклучувајќи ја и Фрида.

Фрида повторно се нашла на суд и била осудена на шест години затвор. „Овој пат бев со соверници и дружењето со нив беше од голема помош.“ Откако била пуштена во 1956, се преселила во Западна Германија. Сега, на 90-годишна возраст, Фрида живее во Хусум и сѐ уште му служи на вистинскиот Бог, Јехова.

Фрида преживеала 23 години прогонство под две диктатури. „Нацистите се обидоа да ме уништат физички; комунистите се обидоа да ми го скршат духот. Од каде најдов сила? Од добрите навики на проучување на Библијата додека уживав на слобода, постојаната молитва кога бев во изолација, дружењето со соверниците секогаш кога тоа беше можно и од споделувањето на моите верувања со другите во секоја прилика.“

Фашизмот во Унгарија

Друга земја каде што Јеховините сведоци трпеа дискриминација со децении беше Унгарија. Некои преживеаја прогонство, не од два туку од три тоталитарни режими. Еден пример е Адам Сингер. Адам е роден во Пакш (Унгарија), во 1922 и бил воспитан како протестант. Во 1937 некои Библиски студенти го посетиле домот на Адам и тој веднаш покажал интерес за нивната порака. Она што го научил од Библијата го уверило дека учењата на црквата не се библиски. Затоа ја напуштил Протестантската црква и им се придружил на Библиските студенти во нивната јавна служба.

Влијанието на фашизмот во Унгарија станувало сѐ поголемо. Повеќе пати, жандармите го набљудувале Адам како проповеда од куќа до куќа и го приведувале да го испрашуваат. Притисокот врз Сведоците се засилил и во 1939 нивните активности биле забранети. Во 1942 Адам бил уапсен, одведен в затвор и сурово тепан. Што му помогнало на 19-годишна возраст да ги поднесе страдањето и месеците в затвор? „Додека сѐ уште бев дома, внимателно ја проучував Библијата и стекнав темелно разбирање за Јеховините намери.“ Дури откако бил пуштен од затвор, Адам конечно се крстил како сведок на Јехова. Тоа било една темна ноќ во август 1942, во една река близу до неговиот дом.

Затвор во Унгарија, работен логор во Србија

Во меѓувреме, во текот на Втората светска војна, Унгарија ѝ се придружила на Германија против Советскиот Сојуз, и во есента 1942, Адам бил повикан на регрутација за воена служба. Тој вели: „Изјавив дека не можам да служам војска поради она што го бев научил од Библијата. Го објаснив мојот неутрален став“. Бил осуден на 11 години затвор. Но, Адам не поминал долго време во Унгарија.

Во 1943, околу 160 Јеховини сведоци биле собрани, натоварени на товарни бродови и по реката Дунав биле транспортирани во Србија. Меѓу нив бил и Адам. Во Србија овие затвореници сега биле под контрола на Третиот рајх на Хитлер. Биле затворени во работниот логор во Бор и принудени да работат во рудник за бакар. Околу една година подоцна, биле повторно транспортирани во Унгарија, каде што Адам бил ослободен од Советските трупи во пролетта 1945.

Унгарија под комунистичка контрола

Но, слободата не траела долго. При крајот на 1940-те, комунистичките власти во Унгарија ги ограничиле активностите на Јеховините сведоци, исто како што направиле и фашистите пред војната. Во 1952, Адам, кој сега имал 29 години, бил оженет и имал две деца, бил уапсен и осуден кога повторно одбил воена служба. Адам му објаснил на судот: „Ова не е првпат што одбивам воена служба. За време на војната бев в затвор и бев депортиран во Србија од истата причина. Одбивам да одам во војска поради мојата совест. Јас сум сведок на Јехова и останувам политички неутрален“. Казната на Адам била осум години затвор, подоцна намалена на четири.

Адам продолжил да трпи дискриминација до средината на 1970-те, повеќе од 35 години откако Библиските студенти првпат дошле во домот на неговите родители. Во тој период, од шест судови бил осуден на 23 години затвор, бил затворен во најмалку десет затвори и логори. Поднел прогонство од три режими едноподруго — од фашистите во предвоена Унгарија, од германските националсоцијалисти во Србија и од комунистите во Унгарија во периодот на Студената војна.

Адам сѐ уште живее во својот роден град Пакш, служејќи му лојално на Бог. Дали тој има некои извонредни способности што го оспособиле да ги поднесе неволјите и да излезе како победник? Не. Тој објаснува:

„Од огромна важност беа проучувањето на Библијата, молитвата и дружењето со соверниците. Но, би сакал да истакнам уште две работи. Прво, Јехова е Изворот на сила. Моето јаже за спасување беше блискиот однос со него. И второ, го имав на ум 12 поглавје од Римјаните, каде што се вели: ‚Не одмаздувајте се самите‘. Па така, никогаш не држев лутина. Неколку пати имав прилика да им вратам на оние што ме прогонуваа, но никогаш не го направив тоа. Не треба да ја користиме силата што Јехова ни ја дава за да вратиме зло за зло“.

Крај на секое прогонство

Фрида и Адам сега можат непречено да го обожаваат Јехова. Меѓутоа, што откриваат ваквите искуства во врска со религиозното прогонство? Дека таквото прогонство не успева — барем кога им се нанесува на вистинските христијани. Иако за прогонството на Јеховините сведоци се потрошиле многу средства и тоа предизвикало сурово страдање, не успеало да ја постигне својата цел. Денес, во Европа, каде што некогаш владееле две силни диктатури, Јеховините сведоци напредуваат.

Како реагирале Сведоците на прогонството? Како што покажуваат извештаите на Фрида и Адам, тие го примениле библискиот совет: „Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладувај го злото со добро“ (Римјаните 12:21). Може ли доброто навистина да го победи злото? Да, кога е придружено со цврста вера во Бог. Победата што Јеховините сведоци ја извојуваа над прогонството во Европа беше победа на Божјиот дух, показател на силата на доброто што доаѓа од верата која светиот дух ја создава во понизните христијани (Галатите 5:22, 23). Во денешниов насилен свет, тоа е лекција што сите ние можеме да ја земеме при срце.

[Слики на страница 5]

Фрида Јес (сега Тиле) во времето кога била уапсена и сега

[Слики на страница 7]

Адам Сингер во времето кога бил в затвор и сега