Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Јехова се грижи за обичните луѓе

Јехова се грижи за обичните луѓе

Јехова се грижи за обичните луѓе

ДАЛИ треба да бидеме на некој начин посебни или извонредни за Бог да нѐ забележи? Се цитира дека Абрахам Линколн, 16-от претседател на Соединетите Држави, рекол: „Господ повеќе сака обични луѓе. Затоа и прави толку многу такви“. Мнозина сметаат дека се обични луѓе што немаат да понудат ништо посебно. Да се биде обичен може да подразбира да се биде „сиромашен, подреден“. На сличен начин, зборот „обичен“ може да укажува на „недостиг на предност или посебен статус“, „да се биде под вообичаените стандарди“ или дури и „второкласен“. Со какви луѓе повеќе би сакал да бидеш опкружен? Со арогантни, наметливи, горди личности? Зарем не би сакал повеќе да бидеш со пријателски настроени, понизни, скромни луѓе што покажуваат искрен, срдечен интерес за другите?

Бидејќи денес емоционалното малтретирање и исмејување се вообичаени во светот, на некои им е тешко да веруваат дека Бог е лично заинтересиран за нив. „Доаѓам од семејство во кое не се покажуваше љубов. Ме омаловажуваа, ме задеваа и ми се потсмеваа. Така, рано во животот се почувствував безвреден“, напишал еден читател на ова списание. „Сѐ уште носам во себе длабоко вкоренети чувства од минатото што ме потиштуваат кога доживувам неволји.“ Сепак, има причини да се верува дека Бог е лично заинтересиран за обичните луѓе.

Божјиот интерес за обичните луѓе

„Господ е велик и достоен за секоја пофалба, Неговата величина е недостижна“, напишал цар Давид (Псалм 145:3). Меѓутоа, ова не го спречува Јехова да се грижи за нас на љубезен и сочувствителен начин (1. Петрово 5:7). На пример, псалмистот рекол: „Јехова е близу до оние кои се скршени во срцето; а ги спасува оние кои се здробени во духот“ (Псалм 34:18NW).

Работите што привлекуваат внимание во светот, како физичка убавина, престиж или богатство, не се она што Бог го смета за важно. Божјиот закон на Израел го покажувал неговиот сочувствителен интерес за сиромашните луѓе, сираците, вдовиците и странците. Бог им рекол на Израелците, кои и самите претрпеле сурово постапување во Египет: „Не го угнетувај придојденецот ниту му нанесувај неправда . . . Не ги расплакувајте вдовиците и сираците! Ако ги расцвилиш и тие извикаат кон Мене, задолжително ќе го послушам нивниот вик“ (Излез 22:21—24). Освен тоа, пророкот Исаија ја изразил својата увереност во Божјата грижа за сиромашните: „Зашто Ти си му заштита на сиромашниот; прибежиште на бедниот во неволја; прибежиште од пороен дожд и засолниште од припек, зашто силничкиот гнев е како зимски пороен дожд“ (Исаија 25:4).

Во текот на целата своја служба, Исус Христос, кој е „точен отпечаток“ на Бог, станал пример за своите ученици во покажувањето искрен интерес за обичните луѓе (Евреите 1:3). Кога ги видел мноштвата што биле „одрани и расеани како овци без пастир“, Исус „се сожалил на нив“ (Матеј 9:36).

Исто така, забележи какви луѓе избрал Исус за свои апостоли — мажи опишани како „неуки и обични“ (Дела 4:13). По смртта на Исус, неговите следбеници почнале да повикуваат луѓе од сите видови да ја слушаат Божјата реч. Апостол Павле напишал дека кој и да било „неверник или обичен човек“ можел да дојде во христијанското собрание и да стане верник (1. Коринќаните 14:24, 25). Наместо да ги избере само оние на кои луѓето, според светските мерила, им се восхитувале, Бог избрал многу едноставни, обични луѓе за својата служба. „Го гледате вашиот позив, браќа“, рекол апостол Павле, „дека не мнозина мудри во телесна смисла се повикани ниту, пак, мнозина моќни, ниту мнозина од благороден род; туку Бог го избра она што е безумно во светот за да ги посрами мудреците; и Бог го избра она што е слабо во светот за да го посрами она што е силно; и Бог го избра она што е неблагородно во светот и она на кое се гледа со презир, она што не е, за да го поништи она што е, за ниедно тело да не се фали пред очите на Бог“ (1. Коринќаните 1:26—29).

Денес, Бог на сличен начин е искрено заинтересиран и за нас. Божја волја е „сите видови луѓе да се спасат и да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:4). Ако Бог толку многу го љубел светот што го испратил својот Син на земјата да умре за нас, тогаш немаме никаква причина да се чувствуваме несакани или безвредни (Јован 3:16). Исус Христос им покажал на своите следбеници колку е важно да постапуваат дури и со најнезначајниот од неговите духовни браќа како да прават нешто лично за Исус. Тој рекол: „Онолку колку што му го направивте тоа на еден од најмалите од овие мои браќа, мене ми го направивте“ (Матеј 25:40). Без оглед на тоа како гледа светот на нас, ако ја сакаме вистината, ние сме посебни во Божји очи.

Токму така се чувствувал Франсиско, a едно бразилско момче без татко, откако развил личен однос со Бог. Тој објаснува: „Тоа што го запознав Јехова и неговата организација ми помогна да се справам со своите чувства на несигурност и срамежливост. Научив дека Јехова е лично заинтересиран за секој од нас“. За Франсиско, Јехова станал вистински Татко.

Грижа за младите

Јехова е искрено заинтересиран за младите, не само како група туку и како поединци. Се разбира, било млади или стари, ние никогаш не би сакале да мислиме превисоко за себе. Сепак, можеби имаме таленти или особини што Бог може да ги искористи во иднина. Јехова знае какво пречистување и обука ни се потребни за најдобро да го искористи нашиот потенцијал. На пример, разгледај го извештајот од 1. Самоил 16. поглавје. Затоа што другите можни кандидати за цар на Израел му изгледале поквалификувани на пророкот Самоил, Јехова ги објаснил Своите причини зошто го избрал Давид, најмладиот син на Есеј, како иден цар на Израел: „Не гледај на неговата надворешност, ни на неговиот висок раст, зашто го отфрлив [постариот брат на Давид]. Бог не гледа како што гледа човекот: човекот гледа на лице, а Господ гледа што е во срцето“ (1. Самоил 16:7).

Можат ли младите денес да бидат сигурни дека Јехова покажува искрен интерес за нив? Размисли за Ана, една млада Бразилка. Како што е случај со многу други млади, таа била вознемирена од корупцијата и неправдата што ги гледала. Тогаш татко ѝ почнал да ги води неа и сестра ѝ на христијанските состаноци. Со текот на времето, почнала да ужива во она што го учела за Божјата реч. Ана почнала да ја чита Библијата заедно со христијанските публикации и да му се моли на Јехова Бог. Постепено почнала да развива близок однос со Бог. Таа објаснува: „Уживав да одам со велосипедот до еден рид близу нашиот дом од каде што можев да ги набљудувам прекрасните залези. Му се молев на Јехова и му благодарев за неговата љубезност и дарежливост, обидувајќи се да му кажам колку многу го сакам. Тоа што го запознав Јехова Бог и неговите намери ми дава мир и чувство на сигурност“. Дали и ти се обидуваш да одвоиш време за длабоко да размислуваш за Јеховината љубезна грижа?

Мора да признаеме, нашата заднина може да претставува пречка за да уживаме близок однос со Јехова. Разгледај го примерот на Лидија. Кога му се доверила на татка ѝ за некоја работа што лично длабоко ја загрижувала, тој едноставно ја одбил велејќи: „Глупости“. Иако разбрала дека татко ѝ сакал таа да заборави на проблемот, Лидија вели: „Проучувањето на Библијата ми даде сѐ што сакав, дури и многу повеќе. Привлечната личност на Јехова направи да ми биде најдобар пријател. Сега имам љубезен Татко полн со разбирање на кого можам да му ги излеам своите чувства и своите најдлабоки стравови. Можам да поминам часови разговарајќи со најважната Личност во универзумот, сигурна дека ќе ме ислуша“. Библиските стихови како што е Филипјаните 4:6, 7 ѝ помогнале да ја почувствува Јеховината љубезна грижа. Во овие стихови се вели: „Не бидете тегобно загрижени за ништо, туку во сѐ со молитва и преколнување заедно со благодарење објавете му ги своите молби на Бог; и мирот Божји кој надминува секоја мисла, ќе ги чува вашите срца и вашите умствени сили преку Христос Исус“.

Помош за да се грижиш за своите потреби

Јехова ја покажува својата грижа за неговите слуги поединечно како и за неговото светско собрание. И ние можеме да ја покажеме својата љубов кон нашиот небесен Татко така што ќе одвојуваме време да разговараме со него. Никогаш не треба да го земеме здраво за готово својот однос со него. Давид постојано бил свесен за својот однос со Јехова. Тој рекол: „Покажи ми ги, Господе, Твоите патишта, научи ме на Твоите патеки! Води ме во Твојата вистина и научи ме, зашто Ти си Бог на моето спасение; на Тебе се надевам секој ден“ (Псалм 25:4, 5).

Идејата да се има близок однос со Бог можеби е нова за тебе. Какви и да се твоите проблеми, секогаш можеш да бидеш сигурен дека Севишниот ќе може да ти помогне, во склад со неговата волја (1. Јованово 5:14, 15). Затоа научи да ги направиш своите молитви конкретни, земајќи ги предвид своите околности и потреби.

Колку е важно да ги препознаеме своите потреби е нагласено во молитвата што цар Соломон ја упатил при инаугурацијата на храмот: „Кога во земјата ќе завладеат глад, помор, суша и гламница, кога ќе навалат скакулци и гасеници, кога непријателот на овој народ ќе притисне некоја од неговите врати, или кога ќе удри некоја друга неволја или болест, чуј ја секоја молитва, секој извик од кој и да е човек, или од целиот Твој Израелски народ; ако секој почувствува болка во срцето [зашто секој си ја знае својата неволја и болка, NW] . . . Послушај им ги молитвата и нивниот повик во небото . . . и, прости, и дај му секому според неговите патишта“ (2. Летописи 6:28—30). Навистина, само ти ‚си ја знаеш својата неволја и болка‘. Тогаш, колку е само важно да ги препознаеш своите вистински потреби и желби. Ако го сториш тоа, „[Јехова] ќе ги исполни желбите на твоето срце“ (Псалм 37:4).

Зајакни го својот однос со Јехова

На Јехова му е мило да им дозволи на обичните луѓе да имаат близок однос со него. Неговата Реч нѐ уверува: „ ,Ќе ви бидам татко, а вие ќе ми бидете синови и ќерки‘, вели Јехова Семоќниот“ (2. Коринќаните 6:18). Навистина, Јехова и неговиот Син сакаат да успееме и да добиеме вечен живот. Колку е охрабрувачки што знаеме дека Јехова ќе ни помогне да се грижиме за своите одговорности во семејството, на работа и во христијанското собрание!

Сепак, сите ние се соочуваме со критични времиња. Лошото здравје, семејните проблеми, ниските примања или нешто друго може да ни нанесат болка. Можеби не знаеме како да се справиме со некој испит или искушение. Сѐ поголемите притисоци, било директно или индиректно, ни ги наметнува злобниот обвинител, Сатана Ѓаволот, кој води духовна војна против Божјиот народ. Меѓутоа, има некој што нѐ сфаќа и ни помага да задржиме добар однос со Јехова. Тоа не е никој друг туку Исус Христос на неговата возвишена положба на небото. Читаме: „За првосвештеник немаме некој кој не може да сочувствува со нашите слабости, туку таков кој во секој поглед е испитан како и ние, но без грев. Затоа, да пристапуваме со слобода на говорот кон престолот на незаслужената љубезност за да добиеме милосрдие и да најдеме незаслужена љубезност за помош во право време“ (Евреите 4:15, 16).

Колку е охрабрувачки што знаеме дека не мора да бидеме славни или богати за да ја уживаме Божјата наклоност! Дури и кога си во некоја многу вознемирувачка ситуација, биди како псалмистот, кој се молел: „Јас сум беден и ништожен, но Господ се грижи за мене. Ти си моја помош и мој спасител“ (Псалм 31:9—14; 40:17). Биди уверен дека Јехова ги сака понизните, обични луѓе. Навистина, ‚можеме сета своја тегобна грижа да ја фрлиме на него зашто тој се грижи за нас‘ (1. Петрово 5:7).

[Фуснота]

a Некои имиња се променети.

[Слики на страница 29]

Многу од следбениците на Исус биле неуки и обични

[Слика на страница 30]

Христијаните се стремат да имаат силна вера

[Слики на страница 31]

Не мора да бидеме некои истакнати личности за да ја уживаме Божјата наклоност