Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Духовни вредности — каде одат?

Духовни вредности — каде одат?

Духовни вредности — каде одат?

„Петнаесет двојки присуствуваат на еден [католички] вечерен состанок за предбрачно советување. Од 30 присутни, само 3 тврдат дека имаат вера во Бог.“ La Croix, француски дневен католички весник.

РЕЛИГИОЗНИТЕ вредности се во криза. На насловната страница во бројот од 12 јули 1999, меѓународното издание на Newsweek го постави прашањето: „Дали е Бог мртов?“ Според списанието, за западна Европа се чини дека одговорот е ‚да‘. Известувајќи за католичкиот црковен синод што беше одржан во Рим во октомври истата година, францускиот весник Le Monde забележа: „На црквата ѝ е сѐ потешко да ја пренесе својата порака на една култура што станала ‚алергична‘ на нешто такво . . . Во Италија, католицизмот повеќе не е еден обединет блок . . . Во Германија, расправијата во врска со советувалиштата за абортус го проширува јазот помеѓу папата и демократијата која повеќе не е спремна да трпи некој да ѝ диктира. Смелиот став на Холандија за моралот и еутаназијата некои набљудувачи веќе го припишуваат на нејзината ненадејна дехристијанизација“.

Ситуацијата е речиси иста и на други места. Во 1999, надбискупот од Кантербери, Џорџ Кери, предупреди дека на Англиканската црква ѝ останува „уште една генерација пред да изумре“. Во една статија со наслов „Крајот на христијанска Европа“, францускиот весник Le Figaro рече: „Истата шема може да се види насекаде . . . Луѓето систематски ги доведуваат во прашање етичките и доктринарните гледишта“.

Помала вклученост во религијата

Во Европа, има голем пад во посетеноста на црквите. Помалку од 10 проценти од француските католици секоја недела одат на миса, додека само 3 до 4 проценти од париските католици редовно одат в црква. Слична или уште помала посетеност е забележана во Обединетото Кралство, Германија и во скандинавските земји.

Религиозните авторитети се сериозно загрижени поради недостигот од кандидати за свештеници. За помалку од еден век, бројот на свештеници во Франција драстично опадна, од 14 свештеници на 10.000 жители тогаш на 1 свештеник на 10.000 жители денес. Низ цела Европа, просечната старост на свештениците се зголемува, а недостигот од свештеници се чувствува дури и во земји како Ирска и Белгија. Во исто време, опаѓа бројот на деца што се запишани на часовите по катехизам што ги зголемува сериозните сомневања околу способноста на католичката црква да ја осигура својата обнова.

Кога станува збор за религијата, се чини дека довербата е минато. Само 6 проценти од Французите веруваат дека „вистината може да се најде само во една религија“, за разлика од 15-те проценти во 1981 и 50-те проценти во 1952. Се шири религиозна апатија. Бројот на луѓе што велат дека немаат никаква верска припадност се зголеми од 26 проценти во 1980 на 42 проценти во 2000 (Les valeurs des Français​—Èvolutions de 1980 à 2000 [Француски вредности — развојот од 1980 до 2000]).

Потрес во моралните вредности

Кризата во вредностите е очигледна и во поглед на моралот. Како што беше спомнато претходно, многу од луѓето што одат в црква одбиваат да ги прифатат моралните одредби на својата црква. Тие не се согласуваат со идејата дека верските водачи го имаат правото да поставуваат мерила на однесување. Истите толпи што го одобруваат гледиштето на папата во врска со човековите права одбиваат да го следат кога неговите зборови чепкаат во нивниот приватен живот. На пример, неговото гледиште за контрацепцијата нашироко се игнорира, дури и од многу католички двојки.

Ваквиот став влијае како на религиозните така и на нерелигиозните луѓе, на сите општествени нивоа. Се толерираат практики што Светото Писмо јасно ги осудува. Пред дваесет години, 45 проценти од Французите не ја одобруваа хомосексуалноста. Денес, 80 проценти ја сметаат за прифатлива. Иако мнозинството се за верност во бракот, само 36 проценти ги осудуваат вонбрачните врски како нешто што никогаш не е оправдано (Римјаните 1:26, 27; 1. Коринќаните 6:9, 10; Евреите 13:4).

Религиозна мешаница

Во западното општество се развива една религија ‚направи сам‘, во која секој си зема за право да си ги избира своите верувања. Одредени догми се прифаќаат, додека други се отфрлаат. Некои се нарекуваат себеси христијани а веруваат во реинкарнација, други не се колебаат да следат неколку религиозни уверувања истовремено (Проповедник 9:5, 10; Езекиел 18:4, 20; Матеј 7:21; Ефешаните 4:5, 6). Книгата Француски вредности јасно покажа дека многу верници денес неповратно застрануваат од патиштата воспоставени од црквата.

Меѓутоа, овој тренд за поголем религиозен индивидуализам не е без опасности. Жан Делумо, верски историчар и член на Institut de France, смета дека не е можно човек сам да си создаде своја религија независно од некој воспоставен систем. „Верата не може да живее доколку не е вкоренета во цврстината на некоја конкретна вероисповед.“ Здравите духовни вредности и религиозни практики мораат да бидат дел од една поврзана целина. Каде може да се најде таква поврзаност во едно општество распарчено од промени?

На своите страници, Библијата нѐ потсетува дека Бог е тој што воспоставува прифатливи норми на однесување и морал, иако им дава слобода на луѓето да ги следат или не. Милиони ширум светот признаваат дека оваа долгопочитувана книга е од практична вредност денес и дека е ‚светилка на нивните нозе и светлина на нивната патека‘ (Псалм 119:105). Како дошле до тој заклучок? Тоа ќе биде дискутирано во следната статија.