Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кога проповедањето е особено вредно за паметење

Кога проповедањето е особено вредно за паметење

Кога проповедањето е особено вредно за паметење

“Сонцето пече. Планинската патека изгледа како да е без крај. По големиот број совладани пречки конечно стигнуваме до нашата цел: најоддалеченото село. Уморот се претвора во радост кога тропнуваме на првата врата и наидуваме на гостољубивост. До крајот на денот, ја дадовме целата литература што ја понесовме со нас и започнавме неколку библиски студии. Луѓето се желни да учат. Сега мораме да заминеме, но ветуваме дека ќе се вратиме.“

ВАКВИ искуства се вообичаени за една група пионери во Мексико. Тие се решени ревносно да учествуваат во исполнувањето на налогот што Исус Христос им го дал на своите ученици: „Ќе ми бидете сведоци . . . до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8). Во Мексико се организираат посебни проповеднички кампањи — наречени пионерски обиколки — со цел да се достигнат подрачја што не се доделени на ниедно собрание и кои затоа не ја добиваат редовно добрата вест за Божјето Царство. Обично, тоа се зафрлени и тешко достапни подрачја. Исто така, им се помага и на изолираните собранија кои покриваат големо подрачје.

За да одреди кои области од земјата ќе бидат опфатени со пионерските обиколки, канцеларијата на подружницата на Јеховините сведоци ги испитува потребите на подрачјето. a Откако ќе се направи тоа, групи со специјални пионери се доделени да го обработат подрачјето. Тие се обезбедени со возила погодни за карпестите, неасфалтирани патишта. Возилата исто така служат и како складишта за литература и како места за спиење кога е тоа потребно.

Спремно се оѕвиваат

Од октомври 1996, беа канети и други објавители на добрата вест да учествуваат во оваа активност, придружувајќи им се на специјалните пионери. Објавителите на царството, како и општите пионери што се спремни да служат таму каде што има поголема потреба, се приклучуваат на кампањата во различни фази. Некои се доделени во собранија што ги опфаќа обиколката за да се грижат за подрачјето и да го негуваат интересот. Многу млади објавители и пионери ги прифатија овие покани и беа збогатени со многу охрабрувачки искуства.

На пример, Абимаел, млад христијанин што имал добро платена работа во една компанија за мобилни телефони, решил да учествува во проповедничката активност во тие зафрлени предели. Кога неговите работодавци дознале дека ќе ја напушти работата, му понудиле унапредување и покачување на платата. Колегите му вршеле притисок, тврдејќи дека тоа е единствена шанса и дека би било глупаво да ја одбие. Меѓутоа, Абимаел бил решен да ја поддржува оваа посебна проповедничка кампања три месеци. Откако уживал во службата, Абимаел решил да остане на неодредено време во едно изолирано собрание каде што имало голема потреба за објавители на Царството. Сега има скромна работа и научил да го поедностави својот живот.

Во еден друг случај, Хулиса морала да патува 22 часа со автобус за да стигне до својата доделба. Во последниот дел од патувањето, го испуштила последниот автобус за тој ден. Меѓутоа, таму имало еден камионет што превезувал работници. Хулиса собрала храброст и ги замолила да ја земат со нив. Разбирливо, била исплашена, затоа што била единствена жена меѓу толку мажи. Кога почнала да му проповеда на еден млад човек, сфатила дека тој бил Јеховин сведок! „Освен тоа“, си спомнува Хулиса, „излезе дека возачот на камионетот е старешина во собранието во кое бев доделена!“

Учествуваат и постарите

Меѓутоа, оваа активност не е само за младите. Адела, една постара сестра, отсекогаш сакала да посвети повеќе време на проповедничкото дело. За тоа се појавила прилика кога добила покана да учествува во оваа посебна проповедничка активност. Таа раскажува: „Толку многу уживав во мојата доделба што ги замолив старешините во собранието да ми дозволат да останам на неодредено време. Среќна сум зашто и покрај тоа што сум постара, сѐ уште можам да му бидам од корист на Јехова“.

На сличен начин, поттикната од благодарност кон Јехова и од љубов кон другите, 60-годишната Марта се ставила на располагање да учествува во кампањата. Забележувајќи дека далечините и непогодниот терен на подрачјето ја спречувале нејзината група да стигне до сите луѓе, купила автомобил што ќе го користат пионерите. Прилогот на оваа сестра овозможил да се обработи поголемо подрачје и да се сподели библиската вистина со повеќе луѓе.

Одѕив што го радува срцето

Целта на оние што учествуваат во овие посебни проповеднички кампањи е да ‚прават ученици‘. Во овој поглед, беа постигнати одлични резултати. Изолираните луѓе ги добија животоспасувачките вистини од Библијата (Матеј 28:19, 20). Беа започнати многу библиски студии. Нив ги водат објавители од таа област или евангелизаторите што останаа на подрачјето. Во некои случаи беа организирани групи со објавители, а во други беа формирани дури и мали собранија.

Магдалено и неговите пријатели користеле јавен превоз за да стигнат на изолираното подрачје на кое биле доделени. По пат, ја искористиле приликата да му проповедаат на возачот. „Овој човек ни кажа дека една седмица пред тоа, додека тој не бил дома, неговиот дом го посетиле некои Сведоци. Кога се вратил, неговото семејство му ги повторило работите што ги слушнале. Му кажавме дека не сме од тоа место туку дека сме дојдени од неколку држави од земјата за да ја поддржиме оваа посебна проповедничка кампања и дека сите ние сами си ги плаќаме трошоците. Импресиониран, возачот рече дека истата недела ќе почне да ја проучува Библијата заедно со своето семејство. Дури даде и прилог за делото така што не ни наплати за патувањето.“

Магдалено бил исто така многу импресиониран со одѕивот на луѓето што живеат во планините Чијапас. „Јас и мојата сопруга го имавме искуството да ја споделиме пораката за Царството со група од 26 млади луѓе што одат во Презвитеријанската црква. Сите слушаа внимателно 30 минути. Ги извадија своите Библии и можевме да дадеме темелно сведоштво за Јеховините намери. Повеќето од луѓето имаат свои Библии на јазикот целтал.“ Беа започнати голем број библиски студии.

Противењето омекна

Извесна заедница во Чијапас не била посетена со библиската порака повеќе од две години поради противењето на некои луѓе. Тереза, полновремен евангелизатор, забележала дека некои Сведоци се плашеле да проповедаат во тоа село. „На изненадување на сите, луѓето беа спремни да слушаат. Кога завршивме со проповедањето, почна многу силно да врне. Барајќи засолниште, дојдовме до домот на еден гостољубив човек по име Себастијан, кој ни дозволи да влеземе и да се засолниме од дождот. Штом влеговме, го прашав дали веќе бил посетен. Кога рече дека не бил, почнав да му сведочам и започнав библиска студија со книгата Спознание кое води до вечен живот. b Кога завршивме, Себастијан со солзи на очите нѐ молеше пак да се вратиме да проучуваме со него.“

Една друга група пионери што го посети Чијапас извести: „Благодарение на Јехова, имавме добри резултати. Првата седмица започнавме 27 студии; втората, ги поканивме луѓето да ја гледаат нашата видеокасета Библијата — нејзината моќ во твојот живот. Присуствуваа 60 луѓе. На сите многу им се допадна. На крајот, предложивме да започнеме групна студија на Библијата. Нѐ изненади тоа што во ова село беа формирани две групи за проучување.

Откако ги завршивме доделените подрачја, се вративме да го посетиме селото за да ги зајакнеме заинтересираните лица и да видиме како им одеше на организираните групи за проучување на Библијата. Ги поканивме на состанок за јавност и на студија на Стражарска кула. Меѓутоа, немаше доволно големо место за да се одржуваат состаноци. Човекот што ѝ го понуди својот дом на групата покажа кон дворот зад неговата куќа и рече: ‚Состаноците можат да се одржуваат назад во дворот‘ “.

Тој викенд, и пионерите што дојдоа во посета и заинтересираните луѓе воодушевено помогнаа да се подготви дворот за да може да се користи за состаноци. На првиот состанок имаше 103 присутни. Сега во тоа село се водат 40 библиски студии.

„Прекрасно искуство“

Освен што имаа одлични резултати во проповедничкото дело, оние што учествуваа во оваа активност на евангелизирање и самите извлекоа голема корист. Марија, една млада пионерка што учествуваше во една од овие кампањи, ги изразува своите чувства вака: „Тоа беше прекрасно искуство од две причини. Се зголеми мојата радост во проповедничкото дело, и мојот однос со Јехова стана поблизок. Еднаш, додека се искачувавме на една планина, се чувствувавме изморени. Откако побаравме помош од Јехова, го доживеавме она што го вели Исаија 40:29—31: „На оние кои се надеваат во Господа, силата се обновува“. Така, стигнавме таму и водевме студии со луѓето што нѐ примија многу гостољубиво“.

Една друга млада пионерка, 17-годишната Клаудија, ни вели: „Извлеков многу корист. Научив да бидам повешта во службата, што ми носи голема радост, а ова водеше до тоа да си поставам духовни цели. Исто така созреав духовно. Дома мајка ми правеше сѐ за мене. Сега, со повеќе искуство, станав поодговорна. На пример, порано многу пребирав што ќе јадам. Но сега, откако се приспособив на различни околности, повеќе не се жалам на храната. Овој облик на служба ми помогна да негувам многу добри пријателства. Делиме сѐ што имаме и си помагаме еден на друг“.

Радосна жетва

Кои се резултатите од овој посебен напор? До почетокот на 2002, околу 28.300 пионери учествуваа во овие пионерски обиколки. Тие водеа повеќе од 140.000 библиски студии, посветувајќи повеќе од два милиони часови во проповедничкото дело. За да им помогнат на луѓето да ја научат библиската вистина, тие дадоа речиси 121.000 книги и околу 730.000 списанија. Не е невообичаено некои пионери да водат по 20 или повеќе библиски студии.

Оние што ја примаат оваа љубезност длабоко се благодарни за дополнителниот напор што беше вложен за библиската порака да стигне до нив. И покрај нивната сиромаштија, мнозина инсистираат објавителите да прифатат доброволни прилози. Една сиромашна 70-годишна жена секогаш им понудува нешто на пионерите што ја посетуваат. Ако одбијат, таа плаче. Едно сиромашно семејство им вели на полновремените евангелизатори дека кокошката снела неколку јајца баш за нив и ги тера да ги земат јајцата.

Што е уште поважно, овие искрени луѓе покажуваат искрено ценење за духовните работи. На пример, една млада жена сама пешачи три и пол часа за да присуствува на христијанските состаноци, не испуштајќи ниеден од нив. И покрај тоа што има проблеми со колената, една постара заинтересирана жена патувала два часа за да прими упатства од Библијата кога патувачкиот надгледник бил во посета. Некои што биле неписмени сакале да научат да читаат и да пишуваат за да можат да извлечат поголема корист од библиското образование. Нивните напори биле богато наградени.

Во книгата Дела, Лука опишува една визија што ја видел апостол Павле: „Еден Македонец стоеше и го молеше велејќи: ‚Прејди во Македонија и помогни ни‘ “. Павле спремно се оѕвал. Денес, во оддалечените места на Мексико, многумина се со ист таков дух, ставајќи се на располагање да ја објавуваат добрата вест „до најоддалечениот дел од земјата“ (Дела 1:8; 16:9, 10).

[Фусноти]

a Во една од изминативе години, повеќе од 8 проценти од подрачјето во Мексико не беше редовно обработувано од собранијата на Јеховините сведоци. Тоа значи дека има повеќе од 8.200.000 луѓе што живеат во изолирани области каде што проповедањето е ограничено.

b Издадена од Јеховините сведоци.

[Слика на страница 9]

Многу Сведоци во Мексико учествуваат во посебни проповеднички кампањи