Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Млади што го радуваат Јеховиното срце

Млади што го радуваат Јеховиното срце

Млади што го радуваат Јеховиното срце

Овие студиски статии се подготвени посебно за младите меѓу Јеховините сведоци. Затоа, ги охрабруваме младите внимателно да го проучат овој материјал и слободно да коментираат кога ќе се разгледува на собраниската студија на Стражарска кула.

„Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува [ме исмејува, NW]“ (ПОСЛОВИЦИ 27:11).

1, 2. а) Објасни дали само тоа што те привлекуваат работите во светот значи дека не си создаден за да бидеш христијанин (Римјаните 7:21). б) Што учиш од примерот на Асаф? (Види ја рамката на страница 13.)

 ЗАМИСЛИ СИ дека одиш да си купиш облека. Додека разгледуваш, ти паѓа в очи една облека што веднаш ти се допаѓа. Бојата и стилот изгледаат токму како за тебе, а од цената се гледа дека е многу евтино. Но, тогаш погледнуваш повнимателно. На твое големо изненадување, забележуваш дека материјалот е изресен на краевите и дека рабовите се прилично лошо сошиени. Иако облеката изгледа привлечно, таа не е квалитетно изработена. Дали би си ги дал парите за еден таков лош производ?

2 Спореди го ова со една ситуација со која би можел да се соочиш како христијански младинец. На прв поглед можеби работите од овој свет ти изгледаат многу привлечни — исто како таа облека. На пример, твоите школски другари можеби одат на возбудливи забави, се дрогираат, пијат, излегуваат со некого без да имаат сериозни намери и се впуштаат во предбрачен секс. Дали понекогаш те привлекува таквиот живот? Дали копнееш барем само малку да ја вкусиш нивната таканаречена слобода? Ако да, немој избрзано да заклучиш дека имаш лошо срце и дека едноставно не си создаден за да бидеш христијанин. Всушност, Библијата признава дека светот може да има заводлива моќ — дури и за лице што сака да му угоди на Бог (2. Тимотеј 4:10).

3. а) Зошто е бескорисно да се стремиш по работите во светот? б) На кој начин една христијанка ја опишува залудноста на световните стремежи?

3 Сега, те молиме да погледнеш повнимателно на работите, исто како што би погледнал некоја облека што си заинтересиран да ја купиш. Запрашај се: ‚Од каков квалитет е материјалот и изработката на овој систем на работи?‘ Библијата наведува дека „светот поминува“ (1. Јованово 2:17). Секое задоволство што може да се извлече од него, во најдобар случај, би било само привремено. Освен тоа, за безбожното однесување се плаќа висока цена. Тоа во никој случај не е евтино. Една христијанка, која морала да ги поднесува, како што кажува таа, „болките на една промашена младост“, вели: „Можеби светот изгледа блескаво и привлечно. И, тој сака да веруваш дека можеш да се забавуваш на негов начин без да искусиш болка. Но, тоа едноставно не е можно. Светот ќе те искористи и на крајот ќе те фрли“. a Зошто да си ја потрошиш младоста на таков лош начин на живот?

Заштита од „злобниот“

4, 5. а) Кратко пред својата смрт, што побарал Исус во молитва до Јехова? б) Зошто ова барање било на место?

4 Бидејќи сфаќаат дека овој систем на работи нема да понуди ништо квалитетно, младите меѓу Јеховините сведоци настојуваат да избегнуваат пријателство со овој свет (Јаков 4:4). Дали и ти си еден од тие верни млади? Ако да, тогаш си за пофалба. Точно, не е лесно да му одолееш на притисокот од врсниците и да се издвојуваш како поинаков, но сепак, ти имаш помош во тоа.

5 Кратко пред својата смрт, Исус го молел Јехова ‚да ги чува‘ неговите ученици „поради злобниот“ (Јован 17:15). Исус го побарал ова со добра причина. Тој знаел дека на неговите следбеници нема да им биде лесно да заземат правец на интегритет, без оглед на нивната возраст. Зошто? Една работа е тоа што, како што признал и Исус, неговите ученици ќе се соочеле со еден силен, невидлив непријател — „злобниот“, Сатана Ѓаволот. Библијата вели дека ова злобно духовно суштество „оди наоколу како разрикан лав, барајќи некого да проголта“ (1. Петрово 5:8).

6. Од каде знаеме дека Сатана нема сочувство кон младите луѓе?

6 Низ историјата, на Сатана му причинувало садистичко задоволство да им нанесува најсвирепи ѕверства на луѓето. Размисли за ужасните несреќи што Сатана му ги нанел на Јов и неговото семејство (Јов 1:13—19; 2:7). Можеби можеш да се сетиш на некои настани од вестите во текот на твојот живот што имаат печат на Сатановиот насилнички дух. Ѓаволот демне и, додека бара да проголта некого, нема никаква милост кон младите. На пример, во почетокот на првиот век н.е., Ирод скроил план да ги убие сите машки деца во Витлеем од две години па надолу (Матеј 2:16). Веројатно Сатана бил тој што го мотивирал Ирод — само за да го уништи детето што еден ден ќе станело Божјиот ветен Месија и ќе го извршело Божјиот суд врз Сатана! (Битие 3:15). Јасно, Сатана не е сентиментален кон младите. Негова единствена намера е да проголта колку што е можно повеќе луѓе. Тоа е особено случај денес, бидејќи Сатана е исфрлен од небото долу на земјата и има „голем гнев, знаејќи дека има кратко време“ (Откровение 12:9, 12).

7. а) Како е Јехова чиста спротивност на Сатана? б) Дали Јехова сака да уживаш во животот?

7 Како чиста спротивност на Сатана, кој има „голем гнев“, Јехова има ‚нежно сочувство‘ (Лука 1:78). Тој е самото олицетворение на љубовта. Всушност, оваа величествена особина е толку големо обележје на нашиот Творец што Библијата вели: „Бог е љубов“ (1. Јованово 4:8). Колкава само разлика помеѓу богот на овој систем на работи и Богот што имаш предност да го обожаваш! Додека Сатана настојува да проголта некого, Јехова „не сака никој да биде уништен“ (2. Петрово 3:9). За него е скапоцен животот на секој човек — вклучувајќи го и твојот. Кога во својата Реч Јехова те поттикнува да не бидеш дел од светот, тој не се обидува да те спречи да уживаш во животот или да ја ограничи твојата слобода (Јован 15:19). Напротив, тој внимава на тебе поради злобниот. Твојот небесен Татко сака да имаш нешто многу подобро отколку краткотрајните задоволства на овој свет. Има желба да го добиеш „вистинскиот живот“ — вечен живот на рајска земја (1. Тимотеј 6:17—19). Јехова сака да успееш и тој те охрабрува да ја постигнеш таа цел (1. Тимотеј 2:4). Освен тоа, Јехова ти упатува една посебна покана. Која е таа?

„Зарадувај ми го срцето“

8, 9. а) Каков подарок можеш да му дадеш на Јехова? б) На кој начин Сатана го исмејува Јехова, како што е илустрирано во случајот со Јов?

8 Дали некогаш си купил подарок за некој близок пријател и потоа си гледал како неговото лице светнува од изненадување и благодарност кога го добива подарокот? Веројатно долго и напорно си размислувал каков подарок би одговарал за таа личност. Сега, размисли за ова прашање: Каков подарок можеш да му понудиш на твојот Творец, Јехова Бог? Во почетокот можеби дури и самата помисла ќе ти звучи апсурдно. Што му треба на Семоќниот од еден обичен човек? Зарем би можел да му дадеш нешто што тој веќе го нема? Библијата дава одговор во Пословици 27:11: „Биди мудар, сине мој, и зарадувај ми го срцето, за да можам да му одговорам на оној, кој ме укорува [ме исмејува, NW]“.

9 Како што веројатно знаеш од твоето проучување на Библијата, Сатана Ѓаволот е тој што го исмејува Јехова. Тој тврди дека сите што му служат на Бог не го прават тоа од љубов туку од себични причини. Ако ги оставиш да трпат тешкотии, тврди Сатана, тие брзо ќе го напуштат вистинското обожавање. На пример, да видиме што му рекол Сатана на Јехова во врска со праведниот човек Јов: „Зар не ги загради него, неговиот дом и сиот негов имот? Го благослови делот на неговите раце, имотот му се умножи на земјата. Ама испружи ја еднаш раката и допри во сѐ што има, ќе Те проколне во лице!“ (Јов 1:10, 11).

10. а) Од каде знаеме дека Сатана не го довел во прашање само интегритетот на Јов? б) Како си вклучен и ти во спорното прашање за суверенитетот?

10 Како што ни открива библискиот извештај, Сатана не ја довел во прашање само лојалноста на Јов туку и лојалноста на сите други што му служат на Бог — вклучувајќи те и тебе. Всушност, зборувајќи за луѓето воопшто, Сатана му рекол на Јехова: „Кожа за кожа! Човекот [не само Јов туку и секој друг човек] ќе даде сѐ што има во животот“ (Јов 2:4). Дали ја гледаш својата улога во ова важно спорно прашање? Како што е укажано во Пословици 27:11, Јехова вели дека има нешто што ти можеш да му го дадеш — основа да му даде одговор на оној што му се исмејува, Сатана. Замисли си — Универзалниот Суверен те повикува и ти да имаш удел во најголемото спорно прашање на сите времиња. Колку само извонредна одговорност и предност имаш! Можеш ли да го исполниш она што Јехова го бара од тебе? Јов го сторил тоа (Јов 2:9, 10). Истото било случај и со Исус, како и со безброј други личности во текот на историјата, вклучувајќи и многу млади (Филипјаните 2:8; Откровение 6:9). Тоа можеш да го направиш и ти. Но, немој да се залажуваш — во оваа работа нема неутралност. Со својот правец на постапување ќе покажеш дека го поддржуваш или исмејувањето на Сатана или одговорот на Јехова. Кое од овие две ќе го избереш?

Јехова се грижи за тебе!

11, 12. Дали на Јехова му е важно дали ќе избереш да му служиш или не? Објасни.

11 Дали на Јехова навистина му е важен твојот избор? Зарем не му останале верни веќе доволно луѓе за тој да му даде соодветен одговор на Сатана? Точно, Ѓаволот тврдел дека никој не му служи на Јехова од љубов — обвинение што веќе е докажано како лажно. Сепак, Јехова сака и ти да застанеш на негова страна во спорното прашање за суверенитетот затоа што се грижи за тебе како поединец. Исус рекол: „Мојот Татко, кој е на небото, не сака да загине ниедно од малечкиве“ (Матеј 18:14).

12 Јасно, Јехова е заинтересиран за правецот што ќе го избереш. Што е уште поважно, тој е засегнат од тоа. Библијата јасно покажува дека Јехова има длабоки чувства врз кои влијаат добрите или лошите постапки на луѓето. На пример, кога Израелците постојано се бунеле, на Јехова ‚му нанесувале болка‘ (Псалм 78:40, 41NW). Пред Потопот во времето на Ное, кога ‚злобата на човекот била изобилна‘, Јехова ‚го здоболело во срцето‘ (Битие 6:5, 6NW). Само помисли што значи тоа. Кога би зазел погрешен правец, би можел да му предизвикаш болка на твојот Творец. Тоа не значи дека Бог е слаб или дека е воден од емоции. Всушност, тој те сака и се грижи за твоето добро. Од друга страна, пак, кога го правиш она што е исправно, Јеховиното срце се радува. Тој е среќен не само затоа што има уште еден одговор што ќе му го даде на Сатана туку и затоа што тогаш ќе може да те награди. Исто така, тој сака да го стори тоа (Евреите 11:6). Каков само Татко полн со љубов имаш во Јехова Бог!

Богати благослови сега

13. На кој начин служењето на Јехова носи благослови уште сега?

13 Благословите што доаѓаат од служењето на Јехова нема да се доживеат само во иднина. Многу млади меѓу Јеховините сведоци се благословени со радост и задоволство токму сега, и тоа со добра причина. „Господовите повелби се праведни — го веселат срцето“, напишал псалмистот (Псалм 19:8). Јехова знае што е добро за нас подобро од кој и да е човек. Преку пророкот Исаија, Јехова изјавил: „Јас, Господ, твојот Бог, те учам за твое добро, те водам по патот по кој треба да одиш. О, да внимаваше на Моите заповеди, твојот мир ќе беше како река, а твојата правда како морски бранови“ (Исаија 48:17, 18).

14. Како можат да ти помогнат библиските начела да ја избегнеш болката од запаѓањето во долг?

14 Тоа што ќе постапуваш во склад со библиските начела ќе ти помогне да избегнеш голема болка и јад. На пример, Библијата вели дека оние што развиле љубов кон парите „се испроболе со многу болки“ (1. Тимотеј 6:9, 10). Дали некој од твоите врсници ја искусил суровата вистинитост на овој стих? Некои млади мажи и жени се заглавени во големи долгови затоа што мораат да ја имаат најмодерната облека од познати марки и најновите технички апарати. Навистина е болен облик на ропство да се натовариш со долгорочни исплати со високи камати поради работи што, всушност, не можеш да си ги дозволиш! (Пословици 22:7).

15. На кои начини те штитат библиските начела од болката што ја предизвикува сексуалниот неморал?

15 Размисли малку и за сексуалниот неморал. Секоја година во целиот свет забременуваат безброј невенчани тинејџерки. Некои раѓаат дете кое немаат ниту желба ниту способност да го подигнат. Други абортираат и ја плаќаат цената за тоа со измачувана совест. Исто така, има млади мажи и жени што се заразуваат со некоја сексуално пренослива болест, како што е СИДА-та. Се разбира, за оној што го познава Јехова, најголема последица би била нарушениот однос со Него b (Галатите 5:19—21). Со добра причина Библијата вели: „Бегајте од блуд“ (1. Коринќаните 6:18).

Да му се служи на „среќниот Бог“

16. а) Од каде знаеме дека Јехова сака да уживаш во младоста? б) Зошто Јехова дал упатства што треба да ги следиш?

16 Библијата го опишува Јехова како „среќниот Бог“ (1. Тимотеј 1:11). Тој сака и ти да бидеш среќен. Всушност, самата негова Реч вели: „Момче, уживај додека си младо, нека ти се радува срцето во младоста твоја“ (Проповедник 11:9, Радосна вест). Но, Јехова гледа зад сегашноста и може да ги согледа долгорочните последици и на доброто и на лошото однесување. Затоа те опоменува: „Спомнувај си за својот Создател во деновите на својата младост, пред да дојдат лоши денови и пред да пристигнат годините, кога ќе речеш: ‚Не ми се милеат‘ “ (Проповедник 12:1).

17, 18. На кој начин една млада христијанка ја изразила својата радост што му служи на Јехова, и како можеш и ти да најдеш иста таква радост?

17 Многу млади денес се пресреќни што му служат на Јехова. На пример, 15-годишната Лина вели: „Можам да одам со крената глава. Имам здраво тело затоа што не пушам и не се дрогирам. Имам скапоцено водство што ми се дава преку собранието и што ми помага да се борам со страшниот притисок од Сатана. Моето лице зрачи од среќа поради изградувачкото дружење во Салата на Царството. А што е најважно, го имам неспоредливиот изглед за вечен живот на земјата“.

18 Исто како Лина, многу христијански младинци водат тешка борба за верата, и тоа им носи радост. Тие сфаќаат дека нивниот живот — иако понекогаш е полн со предизвици — има вистинска цел и вистинска иднина. Затоа, продолжи да му служиш на Богот што од сѐ срце ти го посакува најдоброто. Израдувај го неговото срце, а тој ќе те израдува тебе сега и во вечноста! (Псалм 5:11).

[Фусноти]

a Види ја статијата „Вистината ме врати во живот“, што излезе во изданието на Разбудете се! од 8 февруари 1997.

b Утешно е да се знае дека, кога некој се кае, престанува да прави лошо и ги признава своите гревови, Јехова ‚го умножува опростувањето‘ (Исаија 55:7).

Се сеќаваш ли?

• Со каква опасност се соочуваш од „злобниот“, Сатана?

• Како можеш да го израдуваш Јеховиното срце?

• Како покажува Библијата дека Јехова се грижи за тебе?

• Кои се некои благослови што доаѓаат од служењето на Јехова?

[Прашања]

[Рамка/слика на страница 13]

Еден праведен човек за малку ќе се спрепнел

Асаф бил истакнат левитски музичар во Јеховиниот храм во древниот Израел. Тој дури и составувал песни што се користеле во јавното обожавање. Но, и покрај неговите несекојдневни предности, едно време Асаф го привлекло безбожното однесување на оние околу него, кои изгледало дека неказнето ги кршат Божјите закони. „За малку, ќе ми се сопнеа нозете, за малку ќе ми се лизнеа чекорите“, подоцна признал Асаф. „Им завидев на злочинците, набљудувајќи го напредокот на грешниците“ (Псалм 73:2, 3).

Подоцна Асаф отишол во Божјето светилиште и се молел во врска со таа работа. Со обновена духовна визија, тој сфатил дека Јехова го мрази лошото и дека, со текот на времето, и злобните и праведните ќе го пожнеат она што го сееле (Псалм 73:17—20; Галатите 6:7, 8). Навистина, злобните се на лизгава патека. На крајот, тие ќе паднат кога Јехова ќе го уништи овој безбожен систем (Откровение 21:8).

[Слики на страница 15]

Јехова од сѐ срце ти го посакува најдоброто, додека целта на Сатана е да те проголта

[Слика на страница 16]

Многу млади наоѓаат најголема среќа служејќи му на Јехова заедно со сохристијаните